Monday, 20 November 2017

Кога ќе ни ги вратат украдените артефакти?

Артефакти за кои се докажани нелегалното ископување и изнесување од земјава ќе бидат вратени, според убедувањето на полициските служби, многу поскоро пред кратерот од Демиркаписко, за кој е почнат редовен процес на реституција. Станува збор за бронзи лоцирани во неколку аукциски куќи и приватни збирки во европски градови, кои се очекува да бидат вратени „многу скоро“.

Со хемиска анализа, пак, на микрочестици од земја, кои остануваат и на најдобро исчистените артефакти, ќе биде утврдено потеклото на кратерот од Демиркаписко, за кој Македонија, исто така, очекува да биде вратен, но на подолги рокови.

Тоа ќе биде клучниот аргумент во процесот на реституција на вредниот артефакт, кој е диво ископан и криминално изнесен и продаден во САД.

Ова, практично, ја објаснува сигурноста на Љупчо Тодоровски, директор на Бирото за јавна безбедност, кој пред неколку дена во ТВ-интервју суверено изјави дека артефактот што сега е во сопственост на американското семејство Шелби ќе биде реституиран во матичната земја.

Анализата, како што најавуваат од Бирото за јавна безбедност, ќе се изврши во независна странска лабораторија, со што ќе се обезбеди дополнителен кредибилитет на севкупната постапка на потврдување на македонското потекло на вредниот картер од Корешница, Демир Капија.

– На локалитетот кај што е диво ископан кратерот се извршени дополнителни истражувања и откриени се предмети со помал ексклузивитет. Но со нивна анализа и особено со анализа на микрочестиците земја, кои секогаш остануваат дури и на најдобро исчистените артефакти, ќе може да се потврди дека кратерот потекнува од ист локалитет како и подоцна откриените придружни артефакти – вели Илчо Бојчевски, инспектор специјализиран за проблематиката на културното наследство.

Ќе можеме ли да ја платиме експертизата со оглед на намалениот, ребалансиран буџет?

– Таа постапка не е толку скапа, за да не можеме да си ја овозможиме, а враќањето на артефактот не може да се мери во пари – вели Бојчевски.

Постојат два начина за докажување на потеклото, кои претставуваат здрава основа за судски процес во кој ќе биде докажано потеклото на илегално ископаните и раселени артефакти.

Прво, во случај на ископување на уште некој дел од украдениот предмет, земјата во која е пронајдено парчето има вредност на факт или судски аргумент, со кој земјата што бара реституција ќе докаже дека предметот е нејзин.

Вториот начин бара сведок, присутен на кражбата, кој ќе потврди дека предметот е диво ископан и нелегално изнесен од земјата.

Во случајот со кратерот од Демиркаписко ќе биде применет првиот начин.

– Знаеме кој го ископал кратерот, знаеме кога и каде е ископан, знаеме каде се наоѓа сега, а анализата ќе докаже дека потекнува од Македонија – вели Бојчевски.

Двата начина и долгорочната соработка со службите од други земји ќе овозможат реституција и на други артефакти од ексклузивен карактер, на кои во меѓувреме им е влезено во трага.

– Соработка со службите од други земји, на оперативно и на институционално ниво, овозможи да откриеме вредни предмети одземени нелегално од Македонија, кои сега се наоѓаат во странски аукциски куќи или, пак, во приватни збирки. Со голема веројатност можеме да тврдиме дека ќе бидат вратени – вели Бојчевски.

Нова Македонија, 201-