Tuesday, 19 September 2017

За љубомората

Љубомората е психичка болест, која може сите да ги нападне. Љубомората е ужасно чувство, таа понекогаш може да го доведе човека на работ на подносливото, а не така ретко и до злосторство

Оваа состојба на тотална изгубеност на контролата врз себе може да отиде толку далеку што едноставно не може да се најде патот назад до повторното хармонизирање на душевните сили и до враќање на мирот, без кој сите наши обиди за нормално и продуктивно живеење се неможни. Љубомората е психичка болест, која може сите да ги нападне. Тие напади обично се случуваат ненајавено, во контекст на собитијата што се случиле крајно непредвидено кои удриле со сета своја сила по нашето чувство за самодоволност или достоинство, по нашето его, по нашата волја за контрола на работите кои се одвиваат во рамките на нашите најдлабоки интереси, оние интереси, кои се во најтесна врска со емоционалните длабини на животот. Љубомората е ужасно чувство, таа понекогаш може да го доведе човека на работ на подносливото, а не така ретко и до злосторство. Често пати сме сведоци на убиства, сторени во афект. Љубомората скоро секогаш се појавува како демонска сила која стои зад овие ужасни дејства.

Во уметноста, која скоро редовно партиципира во експликацијата на сите силни и драматични чувства, љубомората се појавува во најразлични форми и констелации.

На фасцинантен начин славниот норвешки експресионист Едвард Мунк ја насликал оваа неподнослива состојба на душата. Тој на платното „Љубомора“, од 1907 година, на кое има три лика, насликани со силни бои и динамична гестови ја портретираат самата љубомора: зеленото лице на фронталната машка фигура и, контрапункт, црвено насликаната жена во заднината, која се протега во триумфално самозадоволство. Љубомората е, всушност, силна завист на нечија супериорност, која директно влијае на нашата несигурност и страв од загуба. Таа загуба треба да има незаменлив карактер и, секако, да биде објект на нашиот константен копнеж. Љубомората талка наоколу и безмилосно ги бара своите жртви. Некогаш возвишени и достоинствени, сега гледаме личности, загубени во одвратен бес и јарост, без стил и такт, деградирани до ниво на изиритирани животни. Ретко некој не бил жртва на оваа одвратна илузорност на егоизмот во животот, исполнет со непредвидливости и искушенија. Уште поретко некој успева да му се спротивстави на овој страстен излив и да го приведе во зоната на спокојот и емпатијата или барем до една поетска тага, што ќе ја резвеат ветриштата на времето.

Анри Бек, францускиот драмски писател (1837-1899), вели: „Да ви го кажам мислењето на познатиот економист, за љубомората – љубомората е само доказ дека сте осиромашиле. Ништо повеќе“. И навистина, љубомората ве фрла на питачкиот стап, што се однесува до достоинството и шармот. Рускиот книжевник Иван Алексеевич Буњин (1870-1953), по овој повод, ќе рече: „Љубомората е недостаток на почит кон личноста која ја сакаме“. Без сомнение, недостатокот на почит оди и кон оној што ја манифестира оваа одвратна напаст. Маестралниот српски поет Јован Дучиќ, пак, сведочи: „Љубоморен е оној што сака да биде сакан повеќе отколку што самиот сака“. И токму тука е клучот на стравотниот егоизам, кој секогаш постои зад манифестацијата на љубомората. Хенри Елис, англискиот писател и лекар (1859–1939), за овој уништувачки феномен на душевната состојба ќе истакне: „Љубомора – тој ѕвер, што ја убива љубовта, под изговор дека ја одржува во живот“.

Оправдувањата за љубомората се неодржливи, обидот да се најде алиби е само продолжување на суетата и самољубието. Затоа што во љубомората секогаш има повеќе самољубие отколку љубов. Вака барем промислува Франсоа Ларош Фуко. А познатиот американски книжевник Џек Лондон, во согласност со неговиот восхит кон природата и нејзината стихиска сила, ќе рече: „Немаше сомнеж. Бев љубоморен значи – сакав“. Без сомнение дека нема љубомора без љубов, но вистинската љубов ја надминува и игнорира љубомората, барем во обид.

Ингениозниот италијански книжевник Курцио Малапарте вели: „Диктатурата е најсовршениот тип љубомора“.

Чувствата можат да експандираат и од персонални да станат колективни. Сепак, типичната љубомора останува лична и индивидуалистичка. На оваа линија е и Томас Пејн, англиски филозоф и писател, кој вели: „Љубоморните се неволја за останатите, но мачење за себе самите“. Затоа илузијата на љубомората е чувство, кое најмногу му штети на оној што го емитира, иако нејзиниот ’напад‘ е секогаш насочен кон објектот на љубомората, како кон некој што западнал во аморал и грев. Така, љубомората прави инверзија на вистинските проблеми и под превезот на правичноста го втемелува гревот на судењето во љубоморната личност.

„Љубомората е во секој случај една од последиците на љубовта. Може да ви се допаѓа или не, како ви е драго, но таа е тука“. Вака размислува за феноменот на љубомората Роберт Луис Стивенсон, англиски писател (1850–1894). А неговиот сонародник, романтичарот Лордот Гордон Бајрон (1788–1824), вели: „Љубомората не сака светот да знае за неа“. Без сомнение, сите сме помалку или повеќе свесни за срамното чувство што го носи со себе љубомората.

„Секој напад на љубомора е единствен и го носи печатот на оној што го предизвикал“, вели Марсел Пруст. Но, неговата сонародничка, Франсоа Саган, писателка (1935–2004), додава: „За љубомората ништо не е пострашно од смеата“. На овој начин се отвора една суптилна надеж за едно чудесно терапевтско дејствување наспроти љубомората.

„Човекот кој не сака не е способен да ја почувствува величината на туѓата љубов, ниту силата на љубомората, ниту, пак, опасноста која се крие во неа“, ќе каже Иво Андриќ во една пригода на луцидност. Неговото искуство и мудрост прецизно ја претставува поврзаноста помеѓу силните емоции, и уште посилните реакции. А Душко Радовиќ, српски писател и публицист, ќе поентира: „Не бидете љубоморни едни на други, туку на својот брак. Чувајте го и бранете го од сите искушенија. Гледајте го како скапоцен за својата судбина и среќа“.

Помалку дидактички и моралистички, но без сомнение, ова е добро предупредување за многубројните стапици кои демнат на сечиј животен пат, а чија ултимативна цел е токму состојбата на љубоморност.