Monday, 25 September 2017

Гоце се колебал, а Ѓорче бил против грабнувањето на Мис Стон

„Уште од Петровден се мислевме како да дојдеме до пари. Имавме план за еден бег во Џумаја, Сулејман-бег, но ниту тогаш, ниту во текот на јули не успеавме да го заробиме. Кога на 17 август минав во Бугарија, Чернопеев веќе се наоѓаше во Банско, а планот за киднапирање на мис Стон беше подготвен и се чекаше преку мене да бидат прашани Делчев и Ѓорче што ќе кажат за тоа – да се киднапира мис Стон или не. Делчев и Ѓорче не веруваа дека ќе добиеме големи суми за мис Стон и затоа Ѓорче не беше согласен да се изврши киднапирањето, беше против. Јас заминав на 17 август со Крсто Асенов и неколку момчиња, отидовме во Банско и им соопштивме дека Делчев се колеба“, раскажувал гевгелискиот војвода Сава Михајлов во своите сеќавања за подготовките за една од најславните акции на ВМРО – киднапирањето на американската мисионерка Елена Стон и нејзината придружничка Катерина Цилка. Гоце Делчев и Ѓорче Петров во принцип не биле против таквите акции, но од сведочењето на Михајлов се заклучува дека тие се сомневале во успехот на акцијата и во висината на откупот што може да се добие за една таква личност. Сомнежот во способноста на четата да изведе една таква акција доаѓа од дотогашните не многу успешни обиди на организација да се извршат грабнувања или да се минираат пруги и мостови. Ѓорче подоцна вака ја опишал подготвеноста на организацијата за вакви акции:

„Под тоа влијание (на Гоце Делчев, н.з.) тогаш тргнаа неколку чети со експлозивни материјали. По Делчевата чета, друга тргна за Одринско, тргна и Савовата чета (Сава Михајлов, н.з.), а таа на Пушкаров во Скопско. И се случија неколку обиди, колку да докажеме дека не сме способни за оваа работа. Огромно беше количеството на внесениот материјал од динамит и бомби, а резултатите никакви.

Едноставно се покажавме некадарни“.

Бег што седи дома

Впрочем, за тоа сведочел и неуспешниот обид да биде киднапиран Сулејман-бег. Тој настан, Јане Сандански вака го видел:

„Одев во Дупница и се мислевме со Чернопеев да заробиме еден бег – Сулејман-бег, син на пашата од Џумаја. Двајцата се преоблековме, отидовме во Џумаја за да ги запознаеме улиците и кафеаните каде што минуваше или седеше бегот. Решивме да го грабнеме од кафеана. Но случајно, бегот два дена не излезе од куќата. Бевме со 20 души, од кои четворица селани од селата со пушки. Мислевме да употребиме и бомби. Не можевме долго време во градот да ги држиме 20-те луѓе и ги испративме во селата и останавме со Чернопеев и со Крсто Асенов…“

Така пропаднала идејата за киднапирање на бегот поради тоа што тој два дена останал дома. Судбината сакала киднапирањето да биде извршено, но жртва да биде Американката. Ѓорче негира дека знаел за тоа.

„Аферата мис Стон веќе беше станала. Нејзиното киднапирање се случи без наше знаење. Ние знаевме дека се крои план за друго лице во долноџумајскиот панаѓур“, вели Ѓорче. Тогаш настанале проблеми, па Ѓорче бил испратен да ги среди работите. „Ја завршиле работата, па понатаму не знаеле што да прават… Кроевме план да се сретнам со нив, со Сандански, да им дадам напатствија“, се сеќавал Ѓорче.

Самото грабнување се случило кај месноста Потпрена Скала, на еден свиок од патот, не поширок од три метри. Од една страна на патот се издигаат стрмни карпи, а на другата страна е бездна. Самиот терен покажува зошто тоа место било избрано: конвојот со Елена Стон, откако бил запрен, едноставно немал каде да побегне, а во случај на престрелка, шансите на евентуалните вооружени придружници на конвојот против комитите биле минимални.

„Чекавме цел ден и вечерта околу пет часот се приближија. Бевме облечени во турски алишта. Ги заробивме“, раскажувал Сандански.

Според турските документи за настанот, објавени своевремено од д-р Драги Ѓоргиев, повеќето од грабнувачите носеле фесови, двајца имале капи, а главите целосно им биле покриени со марами.

„Тројца биле облечени во османлиска воена униформа и, иако сите зборувале турски, од начинот на зборувањето се дознало дека тие не го знаеле добро турскиот јазик. До властите во сите локални места, како и до сите одговорни, биле испратени упатства за фаќање на разбојниците, живи или мртви“, се вели во телеграмата испратена на 6 септември 1901 година од Солунскиот вилает и потпишана од валијата Тефик.

При грабнувањето, според известувањето на министерот за надворешни работи на Османската Империја до големиот везир од 15 септември истата година, бил убиен еден Албанец (Сандански зборува за Турчин) што имал несреќа случајно да помине на тој дел од патот токму во тие моменти. Станува збор за албански управник на чифлик, по име Ибрахим бин Мешкар Али од селото Бабјак, Разлошко, кој при обидот од комитите да биде запрен пукал лесно ранувајќи еден од нив. Бил заробен и веднаш ликвидиран.

Сто килограми пари

„Беше убав септемвриски ден – третиот во месецот – јасен, топол и сончев, така што расположението ни се поправи… Бевме точно тринаесет души – фатален број… Извесно време внимателно се провлекувавме ни стрмиот кривулест пат. Стигнавме до една карпа позната како Потпрена Скала – гол планински камен што на тоа место е издаден напред и го принудува потокот да тече настрана. На тоа место патеката води надолу кон реката, така што патниците треба да ги преведат коњите низ брзата вода, да ја заобиколат карпата и одново да излезат на патот од другата страна. Прекрасно место за заседа… Одеднаш нé пресече силен глас, турска команда: Стој! Видов како г-ѓа Ушева, која тогаш беше на средина на потокот, тргна наназад во обид да го сврти коњот настрана. До неа однекаде се најде вооружен човек со крената пушка, кој сакаше да ја собори од седлото со удар. Таа се сврте кон мене со ужасен поглед, а потоа се заниша. Помислив дека ќе падне. Додека се свестивме, околу нас од сите страни се создадоа вооружени луѓе, кои излегоа од заседата. Грубо ни заповедаа да се симнеме од коњите“, го опишувала моментот на грабнувањето по враќањето во САД, Елена Стон.

Така почнува оваа афера што и создаде многу меѓународни проблеми на Османската Империја. Денес во САД оваа афера се квалификува како прва заложничка криза што државата ја имала во модерното време. Од почетокот турските власти сметале дека зад грабнувањето стои Борис Сарафов, за дури подоцна вината да биде префрлена на Сандански. Во секој случај, тоа е почеток на оваа шестмесечна епопеја во екот на која грабната придружничка на мис Стон, Катерина Цилка, ќе ја роди малата Елена. Целиот настан ќе заврши во февруари 1902 година, со неверојатен успех за организацијата, која добила 14.500 турски лири или, како што сведочи Сава Михајлов, пари тешки околу 80 оки (околу 96 килограми). Парите биле распоредени кај сигурни луѓе на чување, а за тоа одлучувал лично Делчев. Без него, никој не смеел ни да помисли да ги распоредува на еден или на друг начин. Според сведочењето на Ѓорче Петров во неговите спомени, најголем дел од тие пари биле потрошени за борбата против врховистите. Еден дел (околу 200 лири) им бил даден и на солунските атентатори, а тоа го сториле Делчев и Сарафов, наспроти Иван Гарванов (претседател на ЦК на Организацијата во време на атентатите) и Даме Груев (кој непосредно пред атентатите во 1903 година ја имал последната средба со Делчев по прашањето за Илинденското востание), кои решително биле против нивните намери. Според некои податоци, 14.500 лири, колку што биле добиени како откуп за Стон и Цилка, во тоа време вределе околу 72.500 американски долари. Постојат повеќе методологии и начини за пресметување на денешната вредност на тогашните американски долари, а според таа што ја дава најниската вредност, денес тие пари би биле еквивалент на близу два милиони долари. Тоа е огромна сума за тоа време, кога организацијата ликвидирала луѓе за проневера и на само неколку лири.

Разгледница на која се прикажани заробените мис Стон и Катерина Цилка

Судбината на Елена и на Манданата

Судбината воопшто не ја галела малата Елена Цилка, родена на Пирин Планина, во декември 1901 (односно јануари 1902 година според новиот календар). Не само што се родила и првите денови од животот ги минала во невозможни услови, туку подоцна починала во Тирана, во 1924 година, на возраст од само 22 години.

Многу подолго не живеел ни четникот што најмногу бил приврзан за неа и кој бил задолжен за бебето во тие зимски денови – Стефан Мандалов-Манданата, чија улога во македонскиот филм за овој настан ја глумеше Петре Прличко. Манданата загинал во 1903 година, кога имал само 27 години, година и пол откако безбедно ги однел жените и бебето до првото село по исплатениот откуп. Зад себе ги оставил сопругата и четирите деца. Загинал на 6 септември 1903 година, за време на силна планинска бура во Кочанско, во инцидент кога без поголема потреба Манданата сакал да нападнат една кула со турска војници. Бил ранет, а Манданата испуштил болен крик.

Кирил Прличев, кој бил сведок на настанот, запишал: „Веднаш потрчавме кон него, но тој веќе беше паднат. Докторе, што се случи, свикавме. Оставете ме, лошо ме ранија, одговори. Го кренавме. Помина уште 30-40 чекори. За да му е полесно, ги зедовме пушката, револверот, но не можеше да издржи и падна. Побара од нас да го убиеме, но ние не можевме да го сториме тоа, зашто гледавме дека му наближува последниот час. Се простивме од него и го оставивме.“

Дарко Јаневски, Нова Македонија