Monday, 23 October 2017

Во слава на сликарството

Новиот и (не)познатиот Чемерски
или: Во слава на сликарството

Златко Теодосиевски

1.

Чинам дека не случајно Phillipe Davett, ликовниот критичар на угледниот “Le Mond”, пишувајќи за македонската изложба „Дијалози: македонската уметност денес“ во Париз 2003 година, меѓу сликарите посебно го издвои / „го препозна“ Глигор Чемерски и неговиот експресионизам како актуелен европски израз[1]. Зашто уметноста на Чемерски веќе полни четири децении наликува на „… една авантура чија цел била да ги премости навидум несовладливите бездни на раздалечените простори и времиња, кои – како што покажува творештвото на овој сликар – не се несовладливи за духот“ (Влада Урошевиќ).

    Творештвото на Глигор Чемерски објективно е единствено и неповторено во ликовната уметност кај нас. Иако во пројавниот слој децидно експресионистичко, неговото сликарство, сепак, како да „се извлекува“ од премногу тесните типизирани одредници на класичните ликовни поделби на „експресионизам“ / „надреализам“ / „симболизам“ итн. Уметниците од мајсторскиот сој на Чемерски, по правило, појасно се согледуваат вон стереотипите, во пошироки филозофски / културолошки опфати. А, во еден таков широк контекст, неговото сликарство, денес, слободно можеме да го акцентираме како предвесник на постмодернизмот кај нас, а Чемерски како „сликар кој азбуката на постмодернизмот ја носел директно во гените многу години пред таа да се ‘појави’ на европската сцена“[2]! Поточно, творечките рефлекси кај Чемерски „… истражуваат, испитуваат, толкуваат, преработуваат … ликовни искуства на величествени епохи, на големи поединци, на анонимни мајстори. Впрочем, тоа, од една страна, е негов природен хабитус – антиката, Стоби, сатирите, митологијата … и културно наследство – македонската варијанта на византискиот живопис, Курбиново, Света Софија …, за да, од друга страна, никогаш не остане вклештен само во националното и традицијата, туку сосема отворено да бара дијалог и со Цивилизацијата во најшироката смисла на зборот – јужноамериканската култура, Ел Греко и шпанските мајстори, Делакроа, Пикасо …“[3]! Или, како што вели и самиот Чемерски, „античките пасторали, библиските драми, радоста, плодноста и изобилието се живи и сега. И страдањето, исто така. Подеднакво сум инспириран да сликам од сè што ме весели или ме мачи (…) Во мене ги носам и рицарот и змијата, принцезата, сирените и жените јаболкниците како потомство на Ева“[4].

2.

Велат дека, вообичаено, кај повеќето уметници, творечкиот жар опаѓа со физичката зрелост. Кај Чемерски овој „принцип“, ако воопшто постои, е обратно пропорционален. Последниве години – во годините на физичката (и творечката) зрелост – Чемерски како да работи најмногу! Како да е под константна „творечка температура“ која што не се симнува со регуларни, овоземни и, за просечни луѓе, средства. Но, не само во активното сликање, туку и во секојдневната вообичаена комуникација Чемерски (сè уште, или уште повеќе!) се внесува целиот во разговорите за уметноста, во опишувањето / објаснувањето на неговата и на уметноста во целина. Но, и тоа секако е некаков вид Божја дарба – привилегија на одбраните.

    И во овој контекст, сликарскиот жар и творечкиот опус на Чемерски, не само денешниот туку согледан во целина, е веројатно најплодниот во повоената македонска ликовна уметност. Еднаков со оној на Мартиноски и Мазев – силен, страстен, херојски, магичен … Или, како што многу порано заклучи големиот Петре М. Андреевски, „ретки се фантастите од сојот на Глигор Чемерски кој толку ревносно и со толкаво количество страст му го отстапил својот живот на сликарството“[5]. Денешниот, пак, творечки ритам и опус на Чемерски е толку тензичен што безмалу тешко може да се следи. Практично – секоја минута преточена во сликарство!

3.

Токму во ваков контекст се јавува оваа изложба на Чемерски, која што е повеќезначна и (би) треба(ло) да потенцира неколку битни аспекти.

    Пред сè, ова е изложба на еден (не)познат Чемерски, односно изложба на дела веќе претставувани ширум светот, но не и во Скопје, односно Македонија. Голем дел од нив се и создадени вон Македонија (во САД, Франција и др.), за време на неговите работни престои во тие земји. И тие се интересни по многу нешта. На пример, да се види како функционира „ликовната логика“ на Чемерски вон „сончевата Македонија“; или, многу слично, да се види што и како еманираат другите средини, другите потенцијални инспиративни изворишта во творештвото на уметникот; дали јаболкниците се еднакво впечатливи во преспанско и на Bald Head Island и дали, на пример, и сирените од овие простори се слични со охридските; како во далечните светови функционираат апокрифите и рицарите во нивната вечна борба со змиите[6] итн.

    Од друга страна, оваа изложба паралелно прикажува два (нај)битни сегменти во ликовното творештво[7] на Глигор Чемерски: сликарството и цртежот. Колку и да се различни во (условно) третманот, тие кај Чемерски безмалку идеално се надополнуваат, се преплетуваат, се дообјаснуваат …, при што цртежот не е „само почеток“ или „скица за …“ туку полнокрвно, автономно / автохтоно ликовно дело.

    На крајот, и оваа изложба на Глигор Чемерски треба дефинитивно да нè потсети / да ни укаже дека ни е неопходна посериозна, попродлабочена, културна политика (не само) во ликовната уметност. И оваа изложба, по кој знае кој пат, би требало да ни сугерира дека ни се неопходни репрезентативни, монографски, ретроспективни, луксузни … изданија / монографии за македонските уметници од форматот на Чемерски (и, се разбира, редица други!). Тоа не е обврска на уметникот туку долг на општеството, на државата кон него и кон неговата уметност! Само така Македонија ќе може да пледира на некакво место меѓу сериозните европски / светски културни држави!

4.

Се разбира, покрај сето друго, она што во конкретниот случај е можеби најбитно е фактот дека пред нас гледаме еден навистина комплексен, енергичен, свеж, дури, на мигови, еуфоричен Чемерски. Неговото сликарство (а, тука мислам и на цртежот!) како да е во полна младешка сила – снажно и егзалтирано, искусно, но и истражувачко, рапсодиски звучно и колористички експлозивно – „една мошне строго контролирана бура во секогаш препознатлив ликовен ракопис“[8]. Како што велел Писаро, како на светот да му ја раскажува тајната на сопственото творештво, а тој, светот, подготвено и очекувано се отвора за вистината.

    Поделбата на изложбата на (условно) два блока – слики и цртежи – не прејудицира ништо, но може да сугерира „нешто“. Може, на пример, да сугерира предизвик паралелно да се „оценуваат“, согледуваат, компарираат … обата медиуми. Или – да се согледуваат сосема изолирано, независно еден од друг. Се разбира, малку од ова навистина е можно зашто кај Чемерски цртежот е слика – сликата е цртеж! Не дека потписникот на овие редови не ги уважува разликите и не дека уметникот не ги знае и не ги почитува стојностите и спецификите на обете ликовни дисциплини. Но, сепак, овде, но и отсекогаш кај Чемерски, станува(ло) збор за уметност независно во која дисциплина / медиум е презентирана.

    Кај Чемерски, особено, овие разлики се безмалу незначителни, минимални. И повторно – кај Чемерски сликата е цртеж, а цртежот слика! Зашто многу слични (или исти) се елементарниот поттик и инспирацијата, внатрешната тензија и надворешното ехо, магијата на потегот и звукот на бојата. Впрочем, (работно) насловувајќи ја оваа изложба со „Раката гледа“, мислам дека Чемерски повторно ја сугерира токму таа врска внатре-надвор, поттик-реализација, импулс/мисла-потег итн. Зашто, во случајов, раката „ќе види“ сè што и душата, ќе изреагира на секој внатрешен импулс, ќе ја регистрира и потоа понатаму ќе ја пренесе (врз платното или хартијата, сеедно) возбудата на мислата или чувството, пленетоста од глетката или треперењето од доживеалицата! И токму таа рака на Чемерски во серии „ги гледа“: расцутените плодородни македонски јаболкници и во нив / низ нив подеднакво плодни еротизирани Еви; реминисценциите / синтезите од мозаичниот свет на Хераклеа Линкестис и во нив чудните, магични птици или црвениот Кербер, други диви животни или морската фауна; длабоко личните и често иронични доживувања на саканиот Охрид, охриѓаните / охриѓанките и охридските сирени; последниве години омилената тема на Св. Ѓорѓи и ламјата, односно Рицарот и Змијата, како можна персонификација на многу лични, но и колективни состојби, вечните теми на Доброто и Злото … итн. Всушност, темите се подеднакво застапени, подеднакво присутни и во сликите и во цртежите. Нема ексклузивитети, туку како да има примарно чувство, некаков вид искра која што блеснува во мигот на создавањето и се пренесува во медиумот – платното или хартијата. Оттука, забележливо е дека една тема / серија некако логично започнува во цртежот, па подоцна се трансформира, се шири и во сликата, но, и обратно – многу чест е случајот одделна тема / серија да биде иницирана прво во сликарството, па потоа истата да се појави третирана и во цртежот. Тоа уште еднаш ја потврдува тезата дека Чемерски не инсистира на примат на едната дисциплина пред другата, ниту, пак, може да стане збор за преферирање на сликарството пред цртежот, и обратно. Впрочем, историјата на уметноста потврдува дека тоа е така кај големите мајстори!

5.

Сосема за крај, а нескриено восхитен од творечката енергија на уметникот, потписникот на овие редови смета дека е зрело времето за сериозно преиспитување на некои генерални ставови за повоената македонска ликовна уметност токму врз творештвото на уметници од рангот на Глигор Чемерски. Едновремено и за генерално преиспитување на односот на државата кон нивното творештво. Зашто „делото на Глигор Чемерски е единствено според личноста на авторот, според идеите и естетиката, според обемот и според моќта на творечкиот зафат“[9]. И во таа насока, Чемерски е еден од малкуте, веќе денес високо вгнезден на самите врвови на историскиот контекст на македонската ликовна уметност, вистински македонски бард чие што творештво може да ни служи како естетски репер за повоеното македонско сликарство.

превземено од БЛЕСОК

_____________________________________

1. Philippe Davet, L’art macedonien, ou l’echo violentdes soubresauts historiques, Le Monde, 04.04.2003
2. Златко Теодосиевски, Вистински постмодернист, ЗУМ, 2002, Скопје
3. Исто
4. Alex Krtov, The Fever Overcome, (каталог Gligor Čemerski & His No Boundaries Friends), Gral Advertising, Skopje, 2005
5. Петре М. Андреевски, Големиот сонувач, предговор во каталог: Чемерски, Струшки вечери на поезијата, 1992

_____________________________________

6. На пример на изложбата во Музејот на уметноста во Фајетвил (Fayetville), САД, Чемерски изложил цели серии дела на темите: сирени од Bald Head Island, Рицарот и змијата, Apocrypha итн.
7. Не треба да се заборави дека Чемерски е сликар, цртач, графичар, мозаичар … есеист, естетичар, критичар…
8. Петре М. Андреевски, Големиот сонувач, предговор во каталог: Чемерски, Струшки вечери на поезијата, 1992
9. Д-р Кирил Темков, Творец на волшебни дела, (предговор во каталог) Чемерски, Музеј-Галерија Кавадарци, 2006, стр. 19