Monday, 23 October 2017

Во затворот

Солунскиот атентат и заточениците во Фезан

(седма глава)

Завршија веќе сите формалности, завршија продолжителните испитувања, што имаа за цел да ја докажат нашата вина и да ги покажат претходните планови за организирањето и извршувањето на солунскиот атентат во м. април 1903 г. Разбрав, дека власта не научи ништо суштествено, а судиите се задоволија со нашите „признанија”, и зедоа да ги превртуваат страниците на кривичниот законик. Пресудата беше однапред определена, неа ја знаеја и судиите, и судените, и љубопитните. Преостануваше само таа да биде свечено изречена, за успокојување на исплашените и застрашените.

На 24 мај 1903 г. изутрината не извадија оо подземјата на привремениот политички затвор во Солун – Беас-куле, каде во текот на месец и половина живеевме во услови во какви живеат ноќните животни – бувовите и кукумјавките. Впрочем, ние брзо се навикнавме, затоа што за ваквите подземја доброволно бевме запознаени уште пред да преминеме преку затворскиот праг. Кога ги напуштивме темните и влажни подземја, ходниците беа преполнети со војници и полициски агенти. Излеговме еден по еден од влезните врати на тврдината, и моментално едно одделение војници, сите облечени во парадни униформи, не заобиколија од сите страни, и тргнавме да одиме накај зградата на воениот суд. Процесија што беше трогателна, но истовремено величествена. Ќе се решава судбата на неколку лица, што одамна веќе се беа помириле со својата судба, и беа готови најладнокрвно да пречекаат сe – затвор, вериги, бесилка, смрт.

Салата во која заседаваше судот беше преполна со избрана публика – сите највисоки граѓански и воени чиновници, претставници од сите европски влади, претставници на различни монетарни институции, трговци, индустријалци. Судиите, сите воени судии, во парадна униформа, седеа на две канабиња сред салага, а спроти нив беше командантот на третиот воен корпус, Едип паша, во својство на претседател. Откако беше прочитан обвинителниот акт, врз основа на чл. 54, 56 и 58 од турскиот кривичен законик, нe осудија на смрт. По прочитувањето на пресудата не одведоа пак во подземјата (карцерите), за да ја пречекаме императорската санкција. Карцерите беа веќе преуредени; леглата беа извадени, вратите отворени, и пред секоја врата се наоѓаше не како порано по еден, туку по двајца војници со голи штикови и по еден офицер. Ги исчекувавме последните минути, за да се простиме со божјиот свет. Утредента, т.е. по едно деноноќие, излеговме од карцерите: нe одведоа во солунскиот централен затвор Еди-куле.

По претходниот претрес, што го направија стражарите, во присуство на директорот и неколку офицери, влеговме во затворот. Претресот беше сторен грижливо, да не ни останало уште некое парче од страшниот за Турците динамит, материјал со чиј глас и миризма тие уште не беа навикнале. Ние поминавме низ седум мали – очекувавме девет – дрвени железни врати, преминавме во еден двор, а оттаму во една долга и широка сала. Таа беше преполнета со затвореници, повеќето Бугари од сите општествени слоеви: свештеници, учители, трговци, работници, земјоделци. Погледите од сите нив беа устремени кон нас. Нe разгледуваа од глава до петици. Се чинеше, сакаа да согледаат во нас нешто, со што сосем се разликуваме. Попусто… и ние бевме луѓе како нив, па и пресудата, со која нe осудија, не се разликуваше од онаа на мнозина во солунскиот централен затвор. А пак ние, зарадувани што по еден месец и половина пак успеавме да се собереме заедно, почнавме да си разговараме како блиски, како и секогаш. Тема на нашите разговори беше атентатот, другарите загинати во борбата, и бескрајните и бесмислени испитувања, на кои бевме подложени пред воениот суд. Во текот на тоа време мнозина од затворениците продолжуваа уште да се загледуваат во нас. Мнозина – од уште неосудените – не смееја дури ни да зборуваат со нас, а осудените спокојно доаѓаа за да си поприкажеме. Истата судба ги прави луѓето да се чувствуваат блиски, пријатели, бидејќи истиот интерес на иста категорија луѓе ги тера да бидат солидарни, пријатели, роднини. Власта во затворот се посомнева во нашите интимни разговори, и по еден ден пак не разделија еден од друг. Не одведоа во различни простории, со други затворници, и во текот на неколку месеци ние можевме само оддалеку да се гледаме.

Во тоа време, востанието во Македонија беше во потполн разгор, а солунскиот ценграл. затвор, преполнет со затвореници. Во него имаше повеќе од 1800 мина, од кои повеќе од 1300 Бугари, сите осудени или обвинети за политички престапи. Секојдневно присгигнуваа сe нови и нови групи од сите краишта на вилаетот, од Серско, Кукушко, Гевгелиско, Струмичко и другаде.

Во м. април 1904 г. како резултат на една општа политичка амнестија, речиси сите политички престапници беа ослободени. Ние бевме исклучени од таа амнестија, и останавме да ги крепиме ѕидовите на затворот. Во текот на неколку месеци поминавме низ долги тревоги и измачувања, бидејќи бевме принудени да живееме заедно со расипани злосторници, убијци, крадци, разбојници, луѓе од разни народности: Турци, Бугари, Грци, Власи, Евреи, Курди, Ерменци и др. Секојдневни расправии, тепачки по расни, религиозни и национални прашања. Подложени на физички и морални маки, окови, карцери, камшици – воопшто на сe она што го поништува секое човечко достоинство. Во текот иа три години живеевме меѓу четирите ѕида на затворот, исчекувајќи го својот последен миг – смртта. Таа ни беше гарантирана од законот, меѓутоа „логиката”, а можебн особените околности, во кои се одвиваа настаните, ја укинаа. Ако има нешто што е посилно од законот, каков и да е тој, тогаш тоа е животот, борбата, стварноста.

Годините и месеците поминуваа брзо, ние не ни забележувавме како поминуваат, но деновите, часовите, минутите и премногу добро ги чувствувавме. Тие беа „долги како векови“. Ние ги преживувавме со трепет, издивки и надежи – единствената утеха на затвореникот. И наспроти сите палијативни мерки со кои меродавните сметаа оти ќе ја смират земјата, духот во народот, идејата за слобода и еднаквост, не стивнаа дури ни привремено. Борбата продолжуваше, се умножуваше бројот на борците, а затворите се преполнуваа. Во почетокот на м. април една група осудени за политички престапи, на чело со револуционерите д-р Петар Кушев и Т. Лазаров, пристигнаа од Скопје, во солунскиот централен ззтвор. По нив од битолскиот централен затвор пристигна втора група, сите со тешки пресуди, на чело со неколку војводи, оргзнизатори и раководители на неколку револуционерни реони, а имено: Алексо Г. Џорлев, Б. Симеонов, Сим. Д. Шишков, Ив. Битраков и др. Во затворот се чувствуваше голема живост од луѓе, што жестоко го испитале на своја кожа турскиот автократски режим. И наспроти тоа, какви весели прикажувања, каквн шеги, каква врева! Бугарите, преследувани, угнетувани надвор, се чувствуваа „намира” само во затворите. Луѓе што беа познати меѓу себе, пријатели од детство, другари по идеи и борба, разделени од животот, се среќаваа во овие епрувети. На тој начин затворите беа места каде Бугарите можеа „слободно” да се сретнуваат, да разменуваат мисли, да се крепат еден со друг во своите надежи, со еден збор, тие беа места каде што поскоро се одеше на поклонение, одошто за поправка, како што им се чинеше на официјалните лица.

Турската власт, за да може да ја здроби националната свест на Бугаринот, за да ја заполти разбунтуваната општествена совест, побара „ефикасни” средства. Најнапред се обиде со јатаганот, туку, бидејќи не успеа, прибегна кон бесилки, н најпосле кон заточенија. Чудна илузија. со која се задоволуваа реакционерите. Колку повеќе страда и колку повеќе се оддалечува од својата родна земја некој човек, тој уште повеќе се приврзува спрема неа, и уште повеќе ја сака Му преостанува само тагата, во замена на која тој ја има моралната утеха, дека страда за правината, за вистината. Задоволен дека продолжува да трае каузата, тој заборава за сите маки, измачувања, и дури во мигови кога ги поднесува, ја игнорира својата личност и самнот станува набљудувач.

Првите (1895 год.) и вторите (1901 год.) македонски заточеници поминаа тивко, едните на Родос, а другите во Подрум, за да го покажат патот „кон Голгота”. По нивното враќање последуваа трети заточеници, што беа одвлечкани уште подалеку во внатрешноста на Мала Азија – во Дијар-Бекир (19ОЗ г.). Но, штотуку стасани во Македонија, сред општата замајаност од „убавите” реформи и уште поубавите европски реформатори, Бугаринот пак си ја пееше својата песна. Затворите се полнеа, а заточувањата продолжуваа.

Еден убав пролетен ден на 23 април 1906 година, во затворот настапи растревоженост. Нe известија дека ќе тргнеме на заточение. Почнаа да тропкаат железата – нe оковаа. Стражата чека готовна, а ние двајца по двајца, откако се збогувавме со другите другари, ја напуштивме последната неподвижна решетка на затвореничката врата, за да влеземе во друга, направена од пушки, сабји и штикови.