Saturday, 19 August 2017

ВМРО забранета, апсењата не престанаа

По забраната на ВМРО од страна на бугарската влада во 1934 година, која беше инсталирана по државниот удар изведен од поголема група офицери зад кои стоеше царот, Иван (Ванчо) Михајлов и неговата сопруга Менче Карничу избегаа во Турција. Бегството во Истанбул за Михајлов беше единствено можно во тоа време, затоа што односите на Бугарија и Турција беа многу лоши, па можеше да се надева на некаква политичка заштита од турските власти. Михајлови потоа пребегнаа во Италија каде што ги чекаше засолниште во Рим, организирано од неговите поддржувачи и финансиски помагачи од фашистичката влада.

Во наредните години не прекинаа акциите на бугарската влада против ВМРО и нејзините членови, иако таа формално беше распуштена, а нејзиниот имот конфискуван. „Њујорк тајмс“ известува за апсењата, како и за нападите на членовите на ВМРО врз официјални лица на бугарската политика и армија, како и за нападите што се извршувале во Вардарска Македонија против претставници на југословенските власти, но и врз оние за кои сметале дека се поддржувачи на политиката на Белград.

Интересот на „Њујорк тајмс“ за активностите на Иван Михајлов и за времето кога тој го водеше ВМРО не прекина и во наредните децении. Кога Михајлов почина во 1990 година, „Њујорк тајмс“, според обичаите на американскиот журнализам, објави омаж за неговата улога во македонското револуционерно движење, за тоа дека ВМРО под негово водство убило 3.500 противници, за егзекуциите на Александар Протоѓеров и Тодор Александров. Овој омаж, во кој весникот ги користи своите хроники од 1920-тите и 1930-тите години, го објавуваме во целост.

29 Јуни 1936

Фатен напаѓач на ВМРО

БЕЛГРАД, 28 јуни – Македонската револуционерна организација, ВМРО, не е мртва. Тоа беше докажано минатата ноќ кога Асен Киколов, познат разбојник на организацијата, се обиде да разнесе воз кој превезуваше бугарски спортисти на конгрес на „Словенските соколи“, националистички гимнастички здруженија, во Белград. ВМРО е против договор меѓу Бугарија и Југославија.

Обидот беше направен на југословенска територија во близина на Пирот, за да се компромитира Југославија. Полицајците кои ја штитеа пругата го откриле Киколов, кој отворил оган на нив, убивајќи еден полицаец и еден случаен минувач пред да биде тешко ранет и уапсен.

Киколов беше прогонуван од 1933 година, кога му даде бомба на курир да ја достави до Офицерскиот клуб во Белград. Бомбата експлодираше на влезот, при што загинаа курирот и чистачка, а многу други беа тешко повредени.

18 Јуни 1935

Демонстрираат 40.000 Македонци

СОФИЈА, 17 јуни – Четириесет илјади Македонци денес го прославуваат вториот ден од Духовден. Во говорите лидерите побараа права за македонските малцинства во другите земји. Во Софија, две ривалски македонски организации одржаа одделни манифестации. Кога неколку илјади следбеници на прогонетиот револуционерен лидер, Иван Михајлов се собраа пред црквата, тие беа учтиво растерани.

30 ноември 1934

Фатени 100 Македонци

Бугарија изврши нови апсења по ослободувањето на притворените групи

СОФИЈА, 29 ноември – Бугарскиот министер за внатрешни работи денес ги информираше новинарите дека повеќето Македонци кои беа притворени пред два месеца во мали села во Бугарија, неодамна беа ослободени и им беше дозволено да се вратат во нивните домови.

Исклучоци беа некои докажани непријатели на владата и генерал Георгиев и полковник Гурбанов.

Полицијата денес изврши нови рации, барајќи други македонски револуционери. Повеќе од 100 лица беа уапсени, меѓу кои неколку озлогласени македонски екстремисти.

6 септември 1990

Иван Михајлов почина во Рим на 94 години

Во 1920-тите и почетокот на 1930-тите години, кога вршеше терористички напади врз силите на бугарската влада од планинско засолниште, Михајлов беше познат како „крал на разбојниците“ на Македонија. За неговата Внатрешна македонска револуционерна организација, или ВМРО, се велеше дека убила 3.500 од нејзините непријатели во 12-годишната борба, во која имаше фракциски борби меѓу противничките македонски револуционери.

Меѓу убиствата беше и она во 1925 година на Тодор Паница, сонароднички македонски лидер, од страна на сопругата на Михајлов, Менче Карничу, во Виена. Михајлов сам призна дека го наредил погубувањето на Александар Протоѓеров во 1928 година во Софија. Жртва беше друг македонски водач, кој се сметаше одговорен за убиството на Тодор Александров, главниот лидер на револуционерите, четири години претходно.

Михајловистите тврдеа дека многу од убиствата за кои беше обвинувана нивната организација, всушност, биле извршени од страна на Срби и Бугари кои сакаа да го задушат движењето за независност на Македонија. Михајлови, прогласени за одметници од страна на Бугарија, побегнаа во Турција во 1934 година.

Турција, тогаш во судир со Бугарија, одби да ги екстрадира Михајлови, кои остатокот од својот живот го поминаа залагајќи се за ослободувањето на Македонија од странство. Сопругата на Михајлов почина во 1950-тите години. По Втората светска војна, тој ја продолжи својата борба за македонска независност, но безуспешно. Побара помош за својата кауза од лидери на држави и од Ватикан, а напиша и книга, „Слободна и независна Македонија – Швајцарија на Балканот“.

Тој, исто така, напиша четири тома од автобиографијата и работеше на петтиот кога почина. Михајлов е надживеан од неговиот брат Атанас, во Софија, Бугарија.

14 октомври 1938

Бугарија претресува домови; многу апсења

СОФИЈА, 13 октомври – Утринава, кога граѓаните на Софија се обидоа да излезат од нивните домови, открија дека улиците се окупирани од единици кои им наредуваа на луѓето веднаш да влезат внатре. Целиот главен град беше под воена власт од рано изутрина до вечерта.

Сите продавници, кафулиња и многу канцеларии беа затворени; железничкиот сообраќај и телефонските и телеграфските комуникации беа прекинати; весниците не беа отпечатени; патроли претресуваа многу куќи. Слични мерки се спроведуваа во многу провинциски центри.

Целта, како што официјално се укажуваше, беше „репресија на субверзивни елементи“.

Вечерва беше официјално соопштено дека во текот на денот биле извршени многу апсења. Во приватните извештаи се укажуваше дека биле затворени повеќе илјади македонски комити и многу приврзаници на починатиот полковник Дамјан Велчев.

Општа претпоставка е дека сите тие мерки се поврзани со убиството на генерал-мајор Јордан Пеев, началник на генералштабот, од страна на Македонец. Се потсетува дека слични мерки биле преземени во јуни 1933 година, за истата цел – да се заузди македонскиот тероризам. Вечерва Софија се врати во вообичаената состојба, а толпи луѓе се туркаа низ булеварите и дискутираа за ситуацијата.

Вчерашната смрт на Стоил Киров, атентаторот на генерал-мајор Јордан Пеев, беше објавена доцна вечерва. Беше објавено дека Киров, кој се застрелал откако го убил генералот, признал дека користел пиштоли обезбедени од македонската револуционерна организација ВМРО и дека му било наложено да го убие кралот, премиерот или некој од Министерството за војна.