Saturday, 20 October 2998

Бугарија да го запре теророт врз Македонците

Под притисок од државите, наредено е апсење на расистичкиот лидер Михајлов

По убиствата на Тодор Александров, Петар Чаулев, Тодор Паница, Александар Протоѓеров… Иван (Ванчо) Михајлов ја подреди целата револуционерна организација ВМРО на своите цели – да биде неприкосновен господар во Пиринска Македонија, од кого треба да се плашат владите во Софија и Белград. Во голема мера тоа и му успеваше. Пресметката со протоѓеровистите, безмилосна и крвава, се одвиваше секој ден. Тројките што Михајлов ги испраќаше за да убијат некого за кој тој мислеше дека му е непријател, беа извонредно ефикасни. Речиси сите атентати завршуваа со смртен крај.

Излетите на вмровските чети во Вардарска Македонија ја вклучија сирената за тревога во Белград, кој мораше да се справува со уште еден проблем, освен со отпорот на Македонците за насилна србизација.

Едно од убиствата што особено ја погоди македонската емиграција во Бугарија и тамошните Македонци беше егзекуцијата на Васил Пундев (роден во Дупница) поранешен комита во четата на Васил Чакаларов, кој подоцна стана новинар и писател. За време на убиството на Протоѓеров во 1928 година Пундев бил дел од редакцијата на весникот „Македонија“, но го напуштил поради протест за акцијата на михајловистите. Подоцна го издава весникот „Вардар“ и отворено застанува зад протоѓеровистите. Со тоа си потпишал смртна пресуда.

Неговото убиство во 1930 година бил еден од клучните настани во тоа време кој ги подели Македонците и македонската револуционерна организација. Петар Шанданов во своите спомени напиша: „Со ова убиство Иван Михајлов ископа меѓу нас и меѓу него уште поголем амбис“. Неговото убиство ги натера големите сили да ја притиснат владата на Андреј Љапчев да ја смири ситуацијата во Бугарија и да го заузда меѓумакедонскиот терор.

Што пишува за овие настани „Њујорк тајмс“ преку анализата на репортерот Валтер Литлфилд.
Под притисок од Велика Британија, Франција и Италија, владата на Бугарија на Љапчев, реорганизирана во мај минатата година, издаде налог за апсење на Иван Михајлов, лидерот на ВМРО, обвинувајќи го дека го иницирал убиството на Васил Пундев (припадник на групата на протоѓеровистите, н.з.). Исто така, нареди истрага за убиството на генерал Александар Протоѓеров, кој беше смртно ранет во јули 1928 година. Таа решителна акција на владата, исто така, се должи на напорите на еден од членовите, поранешниот премиер Цанков, кој го држеше портфељот за образование и чиј државен удар пролетта 1923 година беше материјално помогнат од генерал Протоѓеров. Налогот беше издаден со објава на 18 јули, а истрагата беше наредена на 11 август.

Илегалната македонска организација, позната како ВМРО, десет години користеше револвери и бомби за да ја спречи Југославија да ја посрби Македонија и случајно помогна да се спречи Бугарија да ужива во угледот на нејзините соседи и во Друштвото на народите, заради нејзината наводна народна поддршка на ВМРО и официјалната неутралност кон тоа.

Иако Михајлов слободно ја призна неговата одговорност за „погубувањето“ на генерал Протоѓеров во јули 1928 година и за слични прашања, во налогот тој беше посебно обвинет дека ја наредил „ликвидацијата“ на Васил Пундев на 4 март. Пундев го уредуваше „Вардар“, кој застапуваше помалку терористички став во однос на Михајлов. Двајца мажи го застрелале Пундев на улиците на Софија и кога биле уапсени изјавиле дека дејствувале по наредби на Михајлов.

Убиство на уредникот

Сепак, ставот на „Вардар“, колку и да беше вознемирувачки за Михајлов, можеби не беше вкупната причина за смртта на Пундев. На 24 јануари, Пундев наводно се реорганизирал како лидер на тројца вооружени напаѓачи кои се обиделе да го убијат Јордан Чкатров, делегат на македонските организации на САД и Канада, додека заминувал од агенцијата „Јунион њуз телеграф“ во Софија. Чкатров пријавил во полиција. Потоа Михајлов рекол дека доколку не дејствува полицијата, тој ќе реагира. Полицијата не дејствуваше. Следеше смртта на Пундев: оттука налогот за апсење на Михајлов дека веројатно го наредил убиството.

Се смета дека овој дополнителен инцидент покажува како Михајлов, иако работел за ослободување на Македонија од Југославија, ги елиминирал оние од организацијата кои не се согласувале целосно со него, како и беспомошноста на бугарските власти да го заобиколат. Во тие околности, постапувањето по налогот ќе се следи со голем интерес низ целиот свет – особено со оглед дека Бугарите, во големо мнозинство, се сметаа за симпатизери на Македонците.

Слободата дамнешна цел

Од времето кога македонскиот калуѓер Паисиј Хилендарски, во 1762 година, па речиси се’ до Првата светска војна, секој европски конгрес посветен на Балканот им ја ветувал на Македонците нивната слобода или сојуз со Бугарија, доколку тие ги спречат Турците од натамошно влегување без дозвола во Европа. Со нивните комити, или членови на комитети, Македонците добро ја држеле нивната страна од спогодувањето. Но, договорот од Букурешт во 1913 година не се справи со другата страна, а мировните договори од Париз во 1919 година го негираа правото на националност на Македонците и ја поделија нивната територија.

Договорите со кои беше одобрена поделбата содржеа клаузули како треба да се третираат малцинствата во секој дел. Бидејќи Бугарија требаше да се справи само со Бугари, нејзината задача беше лесна; покрај тоа, 300.000 Бугари од другите делови побегнаа на нејзина територија кога Грција почна да го погрчува нејзиниот дел, а Југославија да го посрбува својот дел. На крајот, Грците се воздржаа од национализација поради недостиг на материјал, но Југословените продолжија од спротивни причини. Во српска Македонија имаше 350.000 Бугари на кои им беше речено да го сменат нивниот јазик, вера и имињата или ќе трпат последици.

ВМРО организира

Населението протестираше и ги заживеа старите комити кога нивните протести, не само во Белград, туку, исто така, во Женева, останаа неодговорени, дури и непризнати. Така, ВМРО беше организирана од Тодор Александров и генерал Протоѓеров и се обидуваше да ги протера Србите од Македонија со силата на оружјето.

Во историските записи стои: во три прилики Бугарија понуди да им го предаде нејзиниот дел од Македонија на автономистите, ако Југославија и Грција би дејствувале на сличен начин. Американската делегација на мировната конференција во Париз, поддржана од јапонската и италијанската делегација, официјално предложи автономија на Македонија, но француската делегација, на иницијатива од српската, решително се спротивстави и беше издејствуван компромис преку клаузулите за малцинствата во Договорот од Сен Жермен.