Tuesday, 20 October 3131

Бугарија го решава македонското прашање

Во почетокот на 1930-тите се засилува улогата на Воениот сојуз, организација на офицерите на бугарската армија, која поради убиствата што ги извршила била забранета во претходната декада. На конгресот во 1933 година Воениот сојуз донесува решение за преврат и една година подоцна тоа и се случи – на 19 мај 1934 година беше извршен државен удар, на власт дојде владата на Кимон Георгиев, а всушност раководењето на државата го презеде царот Борис Трети.

Владата на Георгиев и онаа што многу брзо дојде по неа, на Пенчо Златев, решија со сите сили да го запрат меѓумакедонското убивање, кое влијаеше врз целото бугарско општество и да воспостават контрола во одметнатиот пирински крај каде што како „некрунисан крал“ владееше Иван Михајлов. Нивните претходници, Александар Цанков и Андреј Љапчев, во голема мера ги толерираа убиствата меѓу Македонците за сопствени цели на софиските власти, па дури и ги поттикнуваа. Воениот режим донесе и воени мерки. „Њујорк тајмс“ тоа го забележува.

Поставувајќи воена власт, таа се обидува да реши сериозен политички проблем и безвластие во Пиринска Македонија

27 мај 1934

Ноќта на 19 мај, гарнизонот на бугарската престолнина, Софија ја презеде власта и воспостави воен режим, со Кимон Георгиев како премиер. Новиот кабинет ја најави својата определба „да воспостави владина управа низ земјата“. Најавата беше интерпретирана еднакво на прогласување војна против моќната македонска организација, која дотогаш беше главна во округот Петрич и околината на градот Ќустендил.

Таа македонска група, страшната ВМРО, беше обвинета дека ја насочувала надворешната политика на последните бугарски влади и спречувала зближување на меѓу Бугарија и нејзиниот западен сосед, Југославија.

„Подготвен сум да склучам договори против агресија со сите балкански држави“, најави новиот премиер.

Веднаш по таа најава следеше информација дека владата има намера да ги замени 16-те историски провинции во Бугарија со седум административни окрузи, што би значело крај за македонски доминантната територијата на Петрич како главна политичка сила. Во исто време беше објавено дека „некрунисаниот крал на Македонија“, Иван Михајлов, или бил уапсен од владата или побегнал во странство. Згора на се’, Софија пушти информација до западниот свет дека има намера да ја распушти ВМРО.

Централна Европа, која внимателно го следеше југоисточниот бурен агол на континентот, сметаше дека тоа е најважната вест што произлезе од Балканот по војната. Непосредната реакција беше дека тоа би можело да значи ликвидација на еден од најнепријатните аспекти на македонскиот проблем, кој го држеше полуостровот во состојба на тревога, а, исто така, ја спречуваше соработката меѓу Бугарија и Југославија – двете клучни земји во тој регион.

Пред 22 години, Македонија ги забрза Балканските војни. Таа извојува ослободување од Турците, но не успеа да постигне независност и беше поделена меѓу Бугарија, Грција и Србија, при што последните две добија околу девет-десетини од територијата, иако Бугарите тврдеа дека се во најблиско сродство со Македонците.

Спор за големината

Властите не се согласуваа дури и за опсегот на Македонија, бидејќи земјата официјално не постоеше и според тоа, и’ недостасуваа граници. Неутралното мислење во Европа беше дека Македонија има територија од околу 67.300 км квадратни, опфаќајќи го јужниот дел на Југославија, северниот дел на Грција и југозападниот дел на Бугарија.

Проценките за бројот на Македонците се движеа меѓу 1.500.000 и 3.000.000. Според неутралното мислење, во македонските делови на трите земји имаше околу 1.800.000 Македонци и околу 600.000 претставници на многу други националности.

Кои се Македонците? Југославија тврдеше дека тие се Срби; Грците тврдеа дека се Грци кои зборуваат бугарски и ги нарекуваа „Булгарофони“; Бугарите сметаа дека тие се Бугари, а повеќето Македонци тврдеа дека се Македонци.

Борбата на Македонците се водеше и со мирољубиви методи и со тероризам. Мирољубивиот инструмент беше Бугарскиот национален комитет, легална организација со седиште во Софија. Таа имаше за цел да го привлече вниманието на светот за неправдата на Македонија и поднесе бројни меморандуми до Друштвото на народите и различни заинтересирани влади. Нејзина цел беше независна Македонија, иако едно крило би било задоволно со автономна земја која главно се потпира на помошта од Бугарија.

Македонското терористичко движење беше уште поважно. Негов инструмент беше Внатрешната македонска револуционерна организација – ВМРО. Организацијата настана пред 41 година, инспирирана од неколку смели лидери кои, според мислењето на нивните следбеници, беа светли примери за патриотизам, а според мислењето на властите, беа успешни бандити. Основната идеја на основачите беше дека бидејќи врховниот господар на Македонија, Турција, беше корумпирана и неефикасна, и бидејќи големите сили беа премногу завидливи едни на други да помогнат да се стави крај на турското лошо владеење, за Македонците немаше избор освен да ги земат работите во свои раце.

ВМРО наспроти Турците

ВМРО воспостави своја илегална влада, која ја одзеде работата на турската администрација. Таа имаше сопствени даночни службеници, полиција, судови, егзекутори, војска. Наместо да ги изнесуваат проблемите пред турските кадии, македонските селани се обраќаа до судовите на ВМРО, кои одржуваа судења во планински пештери и шумски полјани.

ВМРО беше управувана од централен комитет од тројца членови, избрани на револуционерниот конгрес со обновлив мандат од три години, но вистинската моќ ја имаше диктаторот. Последните шест години, организацијата беше водена од Иван Михајлов, „Малиот“, кој постигна моќ уште кога беше на дваесетина години и со пријатен изглед. Михајлов стана диктатор по убиството на генерал Протоѓеров, кој дојде на власт четири години пред тоа, по убиството на Тодор Александров.

По војната ВМРО продолжи со своите активности на три фронта: како сила зад бугарската политика, како врховен владетел во македонскиот дел на Бугарија и како илегална и терористичка организација во македонските делови на Југославија.

ВМРО стана опасна сила во бугарската политика по убиството во 1923 година на премиерот Стамболиски, лидер на бугарската Земјоделска партија, од луѓето на генерал Протоѓеров. Во еден период, ВМРО беше доволно силна да именува и разрешува министри, високи полициски претставници, команданти на војската и пратеници во странски земји. Таа имаше – и се’ уште има – сопствени претставници во клучните земји и во еден период презеде напори да стапи во директен контакт со Друштвото на народите. Нејзиното најмоќно оружје во спроведувањето на надворешната политика беше тероризмот. Бугарските државници кои се обидуваа да дејствуваат спротивно на политиките на ВМРО платија со нивните животи.

Регионот Петрич

Моќта на ВМРО во бугарска Македонија, а особено на територијата на Петрич, беше неограничена до пред една недела. Таму комитетот имаше сопствени даночни службеници кои собираа „доброволни придонеси од лојалните Македонци“, кои вообичаено изнесуваа 10 отсто од редовните владини даноци. Оние кои не даваа „доброволни“ придонеси беа строго казнувани.

Според мислењето на светот, најопасната функција на ВМРО беше да ги одржува односите на Бугарија со Југославија постојано напнати. Меѓу Ќустендил и врвот каде што се вкрстуваа бугарската, грчката и југословенската граница, имаше речиси непрекинат ред од пречки со бодликава жица на југословенската страна од границата. Зад жиците имаше куќи од бетонски блокови за граничните патроли, а некои беа снабдени со кучиња-трагачи.

По должината на железничките линии во југословенска Македонија, опстојуваше воен режим. Големи сили од југословенската армија беа концентрирани на југ, и во септември минатата година во Скопје, еден од центрите во регионот, имаше информации дека владата вооружила околу 30.000 селани во нејзината кампања против напаѓачките страни на ВМРО од Бугарија.

Последниве години, наместо да се обиде да ја помине границата во значителен број, ВМРО испрати мали патроли од двајца и тројца комити, т.н. двојки и тројки, за да уништуваат железнички пруги, да активираат неколку бомби, да убијат неколку југословенски жандарми, а потоа да се повлечат.

ВМРО тврдеше дека нејзината кампања во Југославија е мотивирана од патриотизам. Се жалеше дека под југословенска власт, Македонците биле присилно преобратени во Срби, им било забрането да го користат мајчиниот јазик во црквите и во училиштата, биле немилосрдно казнувани за пеење на македонски народни песни и танцување на родните ора. Лидерите на ВМРО велеа дека властите ги менуваат бугарските имиња во српски, ги конфискуваат бугарските весници, ги испраќаат нивните читатели во затвор, па дури ги менуваат написите на надгробните плочи.

Еден од нивните главни приговори беше неможноста да се формира македонска политичка партија, како што направија Хрватите, Словенците и другите националности во Југославија додека не беше прогласено диктатура пред пет години. Тие обвинуваа дека во изборниот период Македонците се собираат во изборните кабини и се принудуваат да гласаат за српските политичари кои дури не ги ни познаваат.

Ставот на Југославија

Југословените целосно ги негираа тие обвиненија. Пред се’, тие велеа дека не постои македонско прашање. Тие укажуваа на позитивната страна, дека во текот на неколку години ја намалиле неписменоста од 73 на 50 отсто, вовеле повеќе модерни земјоделски методи, им помогнале на селаните да формираат сопствени кооперативи, изградиле патишта и железници.

Македонците беа далеку од согласување со целите. Некои од нив сакаа целосна независност, еднаков статус со нивните соседи како членки на Балканската конфедерација.

Други би биле задоволни со автономија под превласт на Бугарите, кон кои се чинеше дека се повеќе приврзани отколку кон другите националности. Светозар Прибиќевиќ, поранешен југословенски министер, сега во егзил, сугерираше дека Македонија треба да стане автономна во рамките на сегашната југословенска држава, и дека треба да остане автономна во таа поголема Јужнословенска држава во која, се надеваше тој, и Југославија и Бугарија ќе бидат членки еден ден.