Monday, 20 October 2904

Бегството на Ванчо Михајлов во Турција

Господарот на ВМРО пребегна преку границата со два автомобила во кои беше и неговата сопруга Менче Карничу и неколку соборци

 

Љупчо Поповски
Новата влада во Софија, која покажуваше фашистички амбиции, им зададе голем удар на македонските организации. Премиерот Кимон Георгиев, со голема поддршка на царот Борис, презеде голема акција за елиминирање на ВМРО од бугарската политика. Терористите на ВМРО беа одговорни за неброени убиства од крајот на Првата светска војна – како, на пример, на премиерот Александар Стамболиски, на генерали, министри, началници, обични луѓе. ВМРО, иако поделено на михајловисти и протоѓеровисти, како октопод ги имаше заробено Македонците во Бугарија и тамошната македонска емиграција која пребегна од Грција и Југославија.

Одлуката на владата на Георгиев да го забрани ВМРО и да го конфискува неговиот имот беше дочекана со одобрување на напатениот обичен народ. Беше наредено апсење на нејзиниот лидер и господар на Пиринска Македонија, Иван (Ванчо) Михајлов. За него веќе немаше прибежиште кај јатаците во некои од куќите во пиринските градови и тој се криеше по планините. Најпосле донесе одлука да пребегне во Турција, а оттаму да замине во Италија. Таму имаше поддржувачи во фашистичките власти, а како што пишува „Њујорк тајмс“ оттаму стигнувала и голема парична помош за организацијата. Американскиот весник во 1934 година го следи извршувањето на наредбата за апсење на Михајлов и неговото бегство во Турција.

16 Јули 1934

Софија нареди апсење на Михајлов

Белград, 15 јули – Југословенскиот весник „Политика“ јавува дека новата бугарска влада издаде наредба до сите цивилни и воени власти Иван Михајлов, лидерот на македонските револуционерни сили кој живее од двете страни на бугарско-југословенската граница уште од 1918 година како некрунисан крал на Македонија, да биде уапсен или убиен во рок од 14 дена. Досега сите обиди на владата да го уапсат Михајлов беа неуспешни. Се верува дека тој се крие во бугарска Македонија. Тој дури почна и движење против новата воена влада преку македонскиот лидер Дрангов.

Иван Михајлов, обучен терористички водач на Внатрешната македонска револуционерна организација позната како ВМРО, последниве години презеде кампања на убиства во напорите да ја воспостави Македонија како посебна држава. Михајлов е обвинет за повеќе масакри и убиства во борбата против групата која го фаворизира вклучувањето на Македонија како држава во една од трите балкански земји. Тој е обвинет за убиството на генерал Протоѓеров, лидер на федералната група, во 1928 година, но ги отфрли обидите за апсење со следнава изјава: „Секој функционер на владата кој ќе потпише декрет против мене си ја потпишува својата потерница за убиство“.

14 септември 1934

Македонскиот лидер избега од Бугарија

СофиЈа, 13 септември – Познатиот македонски лидер Иван Михајлов денеска ненадејно брзо ја премина границата и влезе во Турција заедно со неговата сопруга и вооружени пријатели од македонската организација ВМРО со два автомобили. Вечерва Бугарија побара од турската влада екстрадиција на Михајлов. Се очекува дека Турција тоа ќе го одбие барањето, но изгледа ќе го протера бегалецот, кој најверојатно ќе побара азил во Италија. Вечерва осум лица беа уапсени во Софија под обвиненија дека му помогнале во бегството на Михајлов.

Бегството на македонскиот лидер следи по напорите на новиот режим да ја пацифизира Бугарија и да стави крај на револуционерното македонско движење. Пред неколку недели многубројни жандарми и детективи беа во потрага по Михајлов во јужна Бугарија, каде што тој побара засолниште во шумовитите планини и имаше поддршка од многу приврзаници. Најпосле потрагата толку се доближи до него што тој побегна во Турција.

16 септември 1934

Михајлови во Истанбул

Истанбул, 15 септември – Иван Михајлов, македонски револуционер во бегство, и неговата сопруга беа донесени овде вечерва под полициска придружба со возот од бугарската граница. Тие ја поминаа ноќта во полициска станица.

Откако пешачеле со денови низ планините за да побегнат од бугарската полиција, тие ја поминаа границата во состојба на исцрпеност и им се предадоа на турските власти. Турската влада го одби барањето на Бугарија за нивна екстрадиција, сметајќи ги како политички бегалци. Ним ќе им биде дозволено да останат во Турција под полициски надзор или ќе биде побарано да ја напуштат турската територија. Сопруга на Михајлов е Менче Карничева, која го уби Тодор Паница, исто така македонски револуционерен лидер во виенскиот театар на 8 мај 1925 година.

30 Јуни 1935

Бугарија стравува од нов тероризам БУДИМПЕШТА – Михајловистите на ВМРО, се чини, дека постепено се движат назад кон доминантната позиција за бугарските прашања, што ја држеа се’ додека не беа преземени драстични мерки против нив, минатата година, од страна на кабинетот на Георгиев. Индикациите за тој тренд се забележуваа во следните инциденти:

Дваесет и четири полициски агенти, кои беа вработени минатата година за да ги откријат тајните архиви на михајловистите и да ги обелоденат кривичните дела, беа отпуштени. Се веруваше дека тие знаеле премногу за блиските односи кои претходно постоеја меѓу револуционерите и владетелите на Бугарија.

Куќите на околу педесет водечки антимихајловисти во Софија – приврзаници на режимот на Георгиев – беа претресувани од полицијата под изговор дека кружат анонимни писма во кои се навредува кралот. Се очекуваа апсења, иако се велеше дека уапсените можеби не се автори на писмата, но секако се непријатели на михајловистите.

Одредени протоѓеровистички лидери – Македонци кои и’ припаѓаа на фракцијата спротивна на михајловистите – притворени во провинциите без каква било очигледна причина по соборувањето на кабинетот на Георгиев, во јануари минатата година, се’ уште беа притворени.

Одредени михајловисти, кои беа осудени на смрт во последните неколку месеци од воени судови воспоставени во бугарска Македонија од кабинетот на Георгиев, не беа егзекутирани. Ниту пак некој верува дека ќе бидат. Михајловистите имаа симпатизери меѓу членовите на претходната влада и секогаш се велеше дека кралот, кој ја контролираше владата, сочувствува со нив, исто така, верувајќи дека тие го заштитуваат неговиот трон од можниот развој на движење за Јужнословенска федерација.

Селаните од бугарска Македонија се многу растревожени. Тие стравуваат дека михајловистите конечно можат повторно да воспостават нивна „држава во држава“ во тој регион, каде што во последните неколку години терористите убија неколку стотици жители кои се осмелија да им се спротивстават. Додека владееше кабинетот на Георгиев беше обелоденето дека се лоцирани телата на повеќе од илјада исчезнати лица.

Во меѓувреме, се зборуваше дека кралот Борис брзо станува непопуларен во провинциите, бидејќи луѓето веруваа дека тој им дозволува на десничарските револуционери и нивните михајловистички пријатели постепено да ја преземат власта повторно, додека реформите воведени од поранешниот кабинет на Георгиев се откажани или отфрлени.