Monday, 25 September 2017

Апостолот пристигна во Македонија по 43 години

Моштите од Софија беа испратени на 7 октомври, а во Скопје пристигнаа на 10 октомври 1946 година…

На патиштата каде што поминуваа посмртните останки излезе цел народ за да му оддаде почит на човекот кој стана симбол на македонската борба.

Во првата половина на октомври 1946 година Македонија живееше во трескавично исчекување кое ја грееше душата на секој Македонец. По 43 години од убиството во Баница, посмртните останки на великанот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, требаше да стигнат во Скопје, главниот град на штотуку ослободената Македонија. Со тоа беше исполнета неговата желба да почива во својата татковина. Секој Македонец сакаше да го види останките на својот идол. Токму затоа моштите на Гоце патуваа цели три дена од Софија до Скопје.

Поворката со саркофагот тргна од Софија на 7 октомври и преку Пиринска Македонија, Струмица и Штип на 10 октомври стаса во Скопје за потоа посмртните останки да бидат погребани во црквата „Свети Спас”. Сите што слушнаа за долгиот пат на Гоце излегуваа на патиштата каде што поминуваше поворката, носејќи цвеќе в рака и молкум оддавајќи му почит на човекот кој додека беше жив стана легенда и симбол на македонската борба.

Гоце можеби немаше никогаш да стаса во Македонија ако неговото пренесување во неговата татковина не се совпадна со мошне добрите односи меѓу тогашна Југославија и Бугарија и ако тоа не било целосно поддржано од нивните први луѓе – Јосип Броз Тито и Георги Димитров. Бугарскиот лидер тогаш изјавуваше дека Македонците се посебна нација и дека Гоце Делчев како Македонец треба да биде пренесен во слободна Македонија.

Првиот претседател на македонската влада, Лазар Колишевски, вели дека идејата Гоце да биде пренесен во Македонија се родила уште во времето кога бил во затворот во Плевен, Бугарија. Таму се спријателил со бугарскиот револуционер Георги Чанков, кој подоцна станал организационен секретар на ЦК на БРП(к). По ослободувањето го поканил на гости во Скопје заедно со претседателот на Земјоделската партија на Бугарија, Георги Трајков. Тогаш ги запознал со неговата идеја, а Трајков, кој инаку бил по потекло Македонец, и Чанков веднаш ја прифатиле.

Како што известува репортерот на весникот „Нова Македонија” од Софија, примопредавањето на посмртните останки било извршено на 7 октомври 1946 година. На претставниците на Македонија коските на Гоце им ги предале раководителите на Илинденската организација кои дотогаш ги чувале во специјално сандаче. За тој голем настан бил изработен и посебен саркофаг од познатиот македонски резбар Нестор Аликсиев. На предната страна на саркофагот бил издлабен ликот на Гоце Делчев, на задната страна знамето на ВМРО, а на рабовите грбот на Народна Република Македонија и на ФНРЈ.

Моштите најпрво биле изложени во Македонскиот дом во Софија. На збогувањето со Гоце дошле околу 5.000 македонски бегалци што живееле во повеќе места во Бугарија. Официјалното примопредавање се извршило во Народниот театар на Софија каде што била одржана посебна академија. Неа ја отворил Михаил Сматракалев, а во делегацијата што ги испратиле Гоце се наоѓале и неговите соборци – Михаил Герџиков и Душе Делииванов и академикот Тодор Павлов.

Новинарите на весникот „Нова Македонија” за цело време ќе го следат патувањето на Гоце и од местата каде што ќе поминува поворката ќе го пренесуваат воодушевувањето на народот кој толку многу слушал за Гоце, и првпат имал можност непосредно да му рече благодарам за сж што направил за Македонија. Организаторите на долгото патување настојувале лафетот на кој бил поставен саркофагот со моштите и пушката на Гоце да помине во повеќе места за да ги видат што е можно повеќе луѓе. По патувањето низ Благоевградско, Санданско и Петричко, на 9 октомври поворката ја преминала границата и влегла „во слободна Македонија, меѓу слободниот македонски народ”, како што ќе напише репортерот на „Нова Македонија”.

Голем број струмичани повеќе од три часа чекале на улиците за да му оддадат почит на Гоце и откако саркофагот бил сместен во центарот на градот, во долги редица доаѓале од сите страни со цвеќе в рака, го бакнувале саркофагот и со насолзени очи заминувале. Посебен пречек на Делчев му бил организиран од штипјани. Посмртните останки најпрво биле однесени во Ново Село, каде што учителствувал Гоце заедно со Даме Груев, за потоа да бидат изложени во центарот на Штип. Во книгата на жалост, меѓу другите, се запишале и неговите ученици од Ново Седло – Трајко Лазаров, Јордан Трајков и Јордан Иванов.

Додека лафетот со саркофагот влегувал во Скопје небото истурало силен дожд, но тоа не ги спречило повеќето илјади скопјани да излезат со чадори в рака да го видат пристигнувањето на големиот македонски револуционер. „Повеќе илјади граѓани на Скопје повеќе од еден час, изложени на непрестајниот дожд, ја чекаа поворката пред црквата ’Свети Спас‘. Стотина младинци со венци в раце чекореа пред лафетот на кој беа поставени останките и неговата пушка, а зад лафетот одеа неговите три живи сестри – Тина Андонова, Лика Станишева и Елена Пејнерџиева”, ќе напише новинарот на „Нова Македонија”.

Пред црквата поворката била лично пречекана од претседателот на македонската влада, Лазар Колишевски. Пред да бидат положени Гоцевите мошти во вечното живеалиште, пред присутните говорел и претседателот на Илинденската организација, Стефан Аврамов, и на Македонија ч оставил аманет: „Чувајте го како што го чувавме ние”. Откако завршила погребната церомонија, Лазар Колишевски, претседателот на Президиумот на Народното собрание, Богоја Фотев, и потпретседателот, познатиот гемиџија Павел Шатев, ги положиле посмртните останки во саркофагот изделкан од камен од познати дримколски каменоресци, денес вечното живеалиште на великанот. Од тој ден црквата „Свети Спас” е најголемото светилиште на Македонците. Да му се поклонат на Гоце доаѓаат сите македонски иселеници каде и да се во светот, а секој 4 мај, на денот на загинувањето, со специјални автобуси пристигнуваат Македонци од Бугарија, Грција и Албанија за да му речат благодарам на човекот кој остави неизбришливи траги во македонската историја.

Виктор Цветаноски, Утрински весник