Tuesday, 25 July 2017

Што барал Кирил Прличев во Света Софија?

Охриѓанецот Кирил Прличев, син на големиот македонски поет Григор Прличев, полни 36 години бил во ВМРО, а истовремено бил и член на масонската ложа „Светлина“. Бил учител во Солун, Воден и Прилеп, а говорел француски, германски, грчки и латински јазик.

Велик Мајстор на силната софиска масонска ложа „Светлина“ бил охриѓанецот Александар Протоѓеров, кој долго време бил во самиот врв на ВМРО, а во еден период и нејзин неформален лидер. И тој е роден во Охрид во февруари 1867 година, а бил член на ЦК на ВМРО, заедно со Тодор Александров и Петар Чаулев. По убиството на Александров се спротивставува на терористичките методи на ВМРО, но тоа, за жал, ќе го чини живот, односно ќе биде ликвидиран од луѓето на Ванчо Михајлов.

Благодарејќи на масонските пријателства и контакти на Протогеров, македонската револуционерна организација имала одлични врски со значајни европски центри на моќ. Заедно со него во масонските ложи „Зора“ и „Светлина“ во тоа време членуваат и повеќемина други видни дејци на ВМРО, или луѓе поврзани со македонската ослободителна организација. Така, меѓу другите, масон бил Кирил Прличев, син на Глигор Прличев, потоа Ефтим Спространов, Наум Томалевски, д-р Д. Точков, Георги Баждаров, проф. Љубомир Милетич, Јордан Чкатров, Иван Ѓурков, Димитар Мирчев, проф. Н. Милев, д-р Руменов, Г. Кулишев и други.

Масон, се разбира, бил и Симеон Радев, главниот уредник на „Македонско движење“, најсилниот македонски весник во тој период. Во тоа време, преку задграничните претставници и раководители нареволуционерната организацијата, како Протогеров, Баждаров, Прличев, Спространов и Томалевски, по масонски канали, биле воспоставени значајни и многубројни контакти во Европа. По тие канали се одржуваат врски со Австрија, Унгарија, Италија, Германија, па дури и со Франција, која, како што вели Кирил Прличев, во тоа време била мошне „непријателски настроена кон ВМРО“.

Како и да е, масонот Кирил Прличев, син на Григор Прличев, во 1941 година доаѓа во Охрид за да го преземе раководењето со Градскиот музеј. Според сведоштва од тоа време, тој, меѓу другото, најмногу се интересирал за Света Софија, односно за тоа што се крие под нејзините темели. Постојат информации дека планирал да започне со големи археолошки истражувања токму на тој објект, а особено на теренот зад јужниот и западниот ѕид на црквата. За жал, Прличев починал во 1944-та година и не стигнал да ги провери на терен своите масонски информации поврзани со Света Софија.

Блаже Миневски