Monday, 20 November 2017

Чекајќи го епохалното откритие

Задоволство ми е што новите археолошки истражувања посветуваат големо внимание на Исар – Марвинци. И дадов на истражувачите детални информации за моите претпоставки во врска со местоположбата на гробот на генералот Аристон и неговото семејство, како и за можноста дека тука може да се открие и гробот на Александар Македонски

Одиме на вториот ред и читаме: „ПАНТИТО КОСМО“, што значи од целиот народ. Но и оваа не е сé, зашто во продолжение натписот е дадено и времето кога светилиштето е подигнато. Тоа претставува вистинска загатка, но важноста на овој податок има историска вредност. Затоа вреди подлабоко да се размисли.

На прв поглед збунува множинската форма на именката „ЕТО&поунд;“, што би значело дека се работи за датуми: од кога и до кога е градено светилиштето. Ако се зема како еден датум и се прочита од десно на лево се добива годината 329 зашто со „Т“ се означувала бројката 300 со „К“ бројката 20 и со „&поунд;“ бројката 9. Ако се прифати бројката 329 тогаш се поставува прашањето на кое време одговара оваа година според мерењето во античко време? Не може да се смета според Христосовото раѓање зашто мерењето на времето според стара и нова ера е започнато од 525 г. по Христа со декрет на Папата Јован Први. Тогаш треба да се вратиме во антиката и да прифатиме дека времето било мерено од првата олимпијада т. е. 776 година од старата ера. Во тој случај ја добиваме годината 447 г. ст. е., што би значело дека светилиштето е изградено во петтиот век стара ера. Значи пред очите имаме комплетен изгравиран натпис на две архитравни греди од светилиште во храм од кои се гледа дека станува збор за светилиште посветено на македонските владетели, изградено од целиот народ во 447 г. ст. е.

Тоа значи дека треба да се направи ревизија на досегашните сфаќања во однос на историјата на македонската античка држава.

Зошто нашите научни установи до сега биле незаинтересирани за расветлување до крај на овој толку важен историски локалитет?

Во предворијата на Владата на Република Македонија пред влезната врата може да се види копија на едната од двете греди, која многу успешно ја изработил Паско Кузман. Под неа може да се прочита напис на македонски и англиски јазик: „Греда од храм направен од Македонијарх во 329 г.н.е.” Како може да се дозволи таков апсурд? Се разбира дека написот е земен од нашите научни материјали.

Од моја страна остро реагирав со тоа што моето објаснување за содржината на текстот му го испратив на списанието „Македонско наследство“ со цел да се изврши исправка на погрешно интерпретираниот текст. Поминаа цели две години оттогаш и не добив ниту писмен, ниту устен одговор. На моето телефонско јавување ми беше речено дека не станува збор за научен текст. Се обратив во писмена форма и во „Институтот за национална историја на Република Македонија“, но од нивна страна добив само потврда за добиената пратка. Бидејќи сметав дека се работи за историска вистина која не треба да се запоставува се јавив и во јавните медиуми („Македонско сонце“ и „Време“). Апелирав двете архитравни греди да се заштитат со тоа што ќе бидат донесени во Музејот на Македонија во Скопје, а на Археолошкиот локалитет Исар – Марвинци да се обнови светилиштето и да се направат копии на оригиналните греди. Апелирав што побрзо да се преземат мерки против „дивите“ копачи, кои немилосрдно го уништуваат археолошкото богатство. Барав да се преземат масовни акции, организирани од научни истражувачи за да им се одземе работата на „дивите“ копачи.

Од сите овие изнесени барања за мое огромно задоволство од неодамна започнати се археолошки ископувања со големи размери. Владата на Република Македонија на археолошкиот локалитет Исар – Марвинци му дала првостепена позиција со доделување голем износ пари. Понесен од овој нов пристап кон археологијата побарав од Музејот на Македонија да ми дозволи и јас со својот придонес да учествувам во оваа благородна акција. Но, бев непријатно разочаран кога моето барање беше категорички одбиено со образложение дека не поседувам соодветни квалификации. Да споменам дека моето учество во работите го образложив со давање детални информации за моите претпоставки во врска со местоположбата на гробот на генералот Аристон и неговото семејство, како и за можноста дека тука може да се открие и гробот на Александар Македонски.

Доблест ми е што ја разбудив заинтересираноста за споменатиот локалитет не само кај нас, туку и кај светската научна јавност, но за жал ми е скратено задоволството кое од се срце го посакувам. Мојата книга „Гробот на Александар Македонски“ и фамозните големи пеонски гробишта се познати ширум светот.

Сосема сум убеден дека ако продолжат археолошките ископувања со ист интензитет како досега за една или максимум за две години, светот ќе биде изненаден со нови епохални откритија.

А јас ќе се појавам таму со букет цвеќиња зашто сметам дека сум го заслужил тоа повеќе од било кој друг.

(КРАЈ)

Извор: НОВА МАКЕДОНИЈА