Треба да се исчисти државата од плевелот за да може да си го врати сјајот

Ова го рекла Олимпија по пресметката со војските на Филип Трети и Еридика и по враќањето во Пела, каде што наредила сто припадници на Касандар да бидат обесени на ѕидините на градот. Олимпија се вратила во престолнината Пела и почнала да заповедува како и порано

Што се однесува до изборот на покраина Олимпија добро ги проанализирала состојбите на секоја од нив. Таа ја отфрлила можноста за избор на некоја од планинските покраини како: Елимеја, Тимпеја, Орестија и Еордеја нарекувани во тоа време Горна Македонија. Исто така, со нескриена доза на скептицизам ги третирала источните покраини: Бизалтија, Парароја и Халкидика. Предвид доаѓаат само Линкестија, Пелагонија и Пеонија. Ематија како централна покраина била отфрлена, бидејќи таа била под влијание на злогласниот Касандар.

Од споменатите покраини најдобри услови пружала Пеонија од повеќе причини: имала хомогено население и добро организирана одбрана од надворешни напади. Во Пеонија најголемиот број големи градови: Аталанта, Гортинија, Идомена, Стенае (Демир Капија), Антигонија (Неготино), Вилазора (Велес) по текот на Аксиј (Вардар), во внатрешноста: Астибо- главниот град на Пеонија, Транупара (Кратово), Паутала (Ќустендил) и на исток Филиповград(Филипуполис). Многу важен фактор при избор на Пеонија бил односот на Пеонците кон актуелниот врв на Македонија на чело со Касандар. Имајќи ги предвид сите овие предности може со голема доза на сигурност да се прифати дека Олимпија ја избрала Пеонија како место во кое би бил засолнет ковчегот на Александар.

Кога пак се работи за Пеонија неминовно се мисли на Големите пеонски гробишта, што се наоѓаат на левата страна на реката Аксиј (Вардар) во близина на градовите: Гортинија, Идомена и Добер, односно помеѓу сегашните села Марвинци и Грнчиште – од север кон југ и Валандово – Смоквица од исток кон запад.

На Олимпија сигурно и беа познати Големите пеонски гробишта што претставувале култно место не само за Пеонија, туку и цела Македонија. Какви тајни кријат овие гробишта и колку биле значајни за Македонија, повеќе дознаваме од странските научници отколку од нашите.

Во нашата историографија не постои поимот „Големите пеонски гробишта“. Во нашата наука постои само изразот археолошки локалитет Исар-Марвинци. Големиот историчар Карол Бунш, кој со неверојатна интуиција проникнува во некои случувања од македонската антика, забележува дека „од левата страна на реката Аксиј (Вардар) се наоѓа култно место со несогледливи размери. Таму треба да се насочи научната мисла ако сакаме да ги откриеме вистините за тоа време“.

Карол Бунш е единствениот научник кој детално го има проучено македонскиот историчар Марсеј (Марсејас). Тој ги изненадил историчарите со тврдењето дека сите цареви на Македонија до Александар Трети потекнуваат од царската лоза Аргијади како автохтони Македонци од Орестија и сите тие по таткова крв се Керавниди од темелоположникот на македонската држава – Керавн (Керавнос) што значи молња.

***

Идиличниот живот на Олимпија со своето семејство бил ненадејно прекинат со кобната вест дека царицата Евридика и царот Филип Трети тргнале со вооружена војска кон Молосија за да и стават крај на Олимпија и на малиот Александар, а во Македонија да остане само еден цар и една царица. Олимпија збеснала на оваа вест, но не ја изгубила присебноста, туку веднаш пристапила кон собирање војска за да им се спротивстави на агресорите. Од како и ги пренела обврските на ќерка си Клеопатра во врска со згрижувањето на ковчегот на Александар, кој уште се наоѓал меѓу купиштата подароци, Олимпија заедно со Роксана и малиот Александар со околу 10.000 војници тргнала против омразената и дрска Евридика полна со омраза и желба за одмазда.

Тоа се случило кон крајот на 317 година од старата ера, кога Касандар војувал на Пелопонез против Полиперх.

Средбата на војските на двете царици Олимпија и Евридика се случила во реонот Еуја на границата меѓу Македонија и Молосија. Всушност не дошло до никаков судир зашто кога војниците на Евридика ја здогледале Олимпија и малиот Александар, го фрлиле оружјето и се откажале од војување. Олимпија долго чекала на таква одмазда. Наредила веднаш царот Филип Трети да биде прободен со копје, а Евридика, откако го подготвила телото на починатиот сопруг, била обесена.

Олимпија заедно со здружените војски пристигнала во Пела и веднаш се пресметала со околу 100 припадници на Касандар со тоа што наредила да бидат обесени на ѕидините на градот. Историчарите ги забележале нејзините зборови: „Треба да се исчисти државата од плевелот за да може да си го врати сјајот“. Олимпија се вратила во престолнината Пела и почнала да заповедува како и порано.

извор: НОВА МАКЕДОНИЈА

Leave a Reply