Sunday, 24 September 2017

Влијанието на Олимпија

Филип бил вљубен во Клеопатра до последниот здив. Им се родиле две деца: ќерката Европа и синчето Керавн. По смртта на Филип и во отсуство на Александар, кој во тоа време војувал во Илирија, Олимпија заповедала да се погубат децата на Филип, а на избезумената мајка и понудила бесилка. Според македонските обичаи, на обесените лица не им се укажувале царски погребни обреди

Олимпија се запознала со Филип, царот на Македонија, во 357 г. ст.е., на островот Самотрака, за време на нејзиното учество во свеченостите во чест на некои мистериозни религиски култови посветени на божествата Кабири, Орфеј и Дионизиј.

Олимпија била ќерка на поранешниот молоски цар Неоптоломеј и внука на тогашниот цар Ариб. По кратко запознавање, Филип и Олимпија стапиле во брак истата година. Во наредната 356 г. ст.е. роден е Александар, а во 355 г. ст.е. родена е и ќерката Клеопатра.

Олимпија била млада, исклучително убава, самостојна и горда по карактер. Таа била силна личност со комплекс на натчовечко потекло. Тоа убедување успеала да му го всади и на самиот Александар. Многу брзо успеала да се снајде во царскиот двор и да заземе доминантна позиција ,и покрај присуството на мајката-царица Евридика. Поставувајќи се на таков начин, таа постојано била во конфликт со македонските великодостојници, а и со самиот Филип.

Детските години Александар ги минал под закрилата на мајка си. Тоа и овозможило на Олимпија од рани години да му всади на Александар чувство за наводното божествено потекло како централна содржина на неговото воспитување.

По избор на Олимпија, први учители и воспитувачи на Александар биле нејзините роднини Леонида и Лизимах. По иницијатива на Филип е повикан во Пела истакнатиот филозоф Аристотел, кој требало да биде главната личност задолжена за комплетно образование на царскиот син. На 14-годишна возраст Александар бил запишан во царската школа, во која се изучувале следните предмети: граматика, реторика, дијалектика, геометрија, аритметика, астрономија, музика, медицина и воени вештини.

Младиот Александар поминал полни четири години под непосредно туторство на Аристотел, кој успеал да изврши пресудно влијание врз неговите погледи.

Олимпија будно го следела развојот на Александар. Таа била вознемирена што Александар поголемиот дел од времето го минувал во друштво на мажи, било кога се работело за лов, вежбање воени вештини или учество на дебати во дворот. Таа посакувала Александар да израсне не само во здрав, добро образован и прикладен војник, туку да биде првенствено добар маж и да не го одбегнува женското друштво. За таа цел Олимпија довела во царскиот двор две прекрасни убавици од Тесалија, кои во предизвикувачка поза со полуразголени гради требало постојано да се врткаат и да шетаат покрај Александар секогаш кога тој ќе се појавувал. На убавиците строго им било забрането да стапуваат во поблиски односи. Таа можност ја имале само дворјанките.

Позицијата на Олимпија во царскиот двор дојде во израз по смртта на царицата-мајка Евридика во 342 г. ст.е. Сега таа доминирала во дворот и почнала да спроведува свој поредок.

Особено до израз дојде влијанието на Олимпија во донесувањето одлуки по смртта на Филип Втори во 336 г. ст.е., односно кога Александар бил избран за цар на Македонија. Сега Олимпија била клучната личност во македонскиот двор. Сурово и бескрупулозно се справувала со секој што ќе и се спротивставел. Од изворните податоци не сме доволно информирани за судбината на децата на Филип од другите нелегални бракови, иако се знаело дека децата на царот, сеедно дали се од легален или нелегален брак, ги имале сите наследни права. Знаеме за суровата судбина на последната жена на Филип – Клеопатра. Таа потекнувала од македонско аристократско семејство. Била толку убава, колку и умна. Филип бил вљубен во неа до последниот здив. Им се родиле две деца: ќерката Европа и синчето Керавн.

По смртта на Филип и во отсуство на Александар, кој во тоа време војувал во Илирија, Олимпија заповедала да се погубат децата на Филип, а на избезумената мајка и понудила бесилка. Според македонските обичаи, на обесените лица не им се укажувале царски погребни обреди.

извор: НОВА МАКЕДОНИЈА