Sunday, 22 October 2017

Другата реалност

Митските претстави за постоењето на две автономни, различни и спротивставени реалности – овој и оној свет,  од кои првиот секогаш е означен како наш = човечки, а другиот туѓ – демонски, далечен, претставуваат најзначајни и определувачки категории за вкупното структуирање и функционирање на традиционалните култури. Разликите и растојанијата помеѓу нив се огромни, тешко премостиви, но не и невозможни. За остварување  на комуникациските односи меѓу овие две реалности коишто истовремено постојат, но на две различни нивоа, постојат низа обредни предуслови и услови што претходно треба да се исполнат.

Другата реалност, светот на мртвите, односно заедницата на мртвите предци секогаш го има приматот во истражувањата. Што после настапувањето на смртта? Во народните претстави на Македонците, освен тоа што смртта е претставена како жена со демонски особини, претставува чин, состојба или поточно процес на преминување на мртвиот, односно неговата душа од светот на живите во светот на мртвите, од едно на друго егзистенцијално ниво меѓу другите блиски мртви членови – предци – на заедницата.

Смртта е состојба на сон, мирно спиење, престанување на активностите на човечкиот организам. Особено значење во изградувањето на народните претстави за смртта како сон, имаат претставите за поврзаноста на активноста на човекот со постоењето на определувачката животна категорија – душата – без чиешто присуство човечкото тело останува безживотно. Тоа се случува како во моменти на спиење, особено во моментите на сонување кога душата го напушта телото и слободно шета како низ нашиот свет, така и низ другата реалност – митскиот свет на демонски суштества, остварувајќи притоа значаен контакт со нив.

Така старите ја претставуваја Умирачката – КАКО СОН! Ќе легниш и ќе заспијеш, ништо не можеш. Тоа е Големиот Сон – ВЕЧНИОТ…

од Љупчо С. Ристески, Митските претстави за светот на мртвите во традиционалната култура на Македонците, Studia, mythologica Slavica