Sunday, 24 September 2017

Ден Браун и “Кодот на Да Винчи” за Масоните

Ден Браун извонредно вешто и со многу знаење не води на возбудливо патување каде се испреплетуваат легендите, симболите, кодираните пораки и знаци кои им се припишуваат на Редот на Витезите Темплари и Масонеријата. Една од централните “градби” кои се мистичен и непресушен трезор на многу “скриени тајни” е познатата “The Rosslyn Chapel” во Шкотска. Легендата вели дека “Светиот Грал” и многу други “Христијански блага” кои биле во посед и доверени на Витезите Темплари, се скриени во подрумите, тајните комори, ѕидови и сводови на црквата
И мега популарниот Ден Браун во неколку од неговите бестселер-романи (“Кодот на Да Винчи”, “Изгубениот Симбол”…) извонредно вешто и со многу знаење не води на возбудливо патување каде се испреплетуваат легендите, симболите, кодираните пораки и знаци кои им се припишуваат на Редот на Витезите Темплари и Масонеријата. Една од централните “градби” кои се мистичен и непресушен трезор на многу “скриени тајни” е познатата “The Rosslyn Chapel” во Шкотска чии темели биле поставени од фамилијата St Clair во 1446 год. со извонредна архитектура и веројатно најимпресивна градителска изработка во камен. Легендата вели дека “Светиот Грал” и многу други “Христијански блага” кои биле во посед и доверени на Витезите Темплари, се скриени во подрумите, тајните комори, ѕидови и сводови на црквата. Иако црквата е градена цели 150 години по распуштањето на Темпларскиот Ред, во нејзината гравирана камена орнаментика јасно се дефинираат многу темпларски симболи, како и многу масонски. На пример прикажаниот начин на поставеност на рацете-дланките кај многу фигури, или гравиран лик на човек со превез преку очите, поднаведнат и со јамка од јаже околу вратот – многу слично на начинот на кој е подготвен кандидатот во церемонијата на Иницијација во Масонеријата. Забележано е дека “Sir William St Clair” еден од наследниците на благородничката Сенклер фамилија со потекло од Нормандиските Витези, многу подоцна во 1736 год. бил избран и назначен за Голем Мајстор на Големата Ложа на Шкотска.

ДЕН БРАУН И ИЗГУБЕНИОТ СИМБОЛ
Како што би рекол главниот лик (проф. Лангдон) во еден од романите на Ден Браун – The Lost Symbol”,…на насликаниот приказ од историскиот момент на 18-ти септември 1793 година, симболичното полагање на камен-темелникот на “Capitol Building” (во време на денот помеѓу 11.15 и 12.30 часот, маркантно се портретирани “татковците” на САД, тројцата славни Слободни Масони – George Washington (облечен во масонска регалија), Benjamin Franklin и Pierre L’Enfant кој бил и главен архитект на планот за Washington D.C. “Теоријата вели дека ниту датумот, ниту пак времето на церемонијата не биле случајно одбрани, туку со длабоко масонско” значење поврзано со астролошката симболика. Ова се темели на фактот што голем дел од креаторите на Уставот” на САД биле Слободни Масони, односно луѓе кои длабоко верувале во значењето и редот на астролошките знаци, во поврзаноста на ѕвездите на небото и верата, луѓе кои се воделе од беспрекорната поставеност на вселенскиот ред кога го проектирале нивниот нов свет”. Така проф. Лангдон во дејствието на книгата забележува и се прашува “дали е само импресивна коинциденција фактот дека поставеноста на камен-темелниците на трите зданија – зградата на Конгресот, Белата куќа и “Washington Monument”, формираат правилен триаголник, изградени во различни години но со внимателно избран датум и време за да се совпаднат идентични астролошки услови…” Всушност приврзаниците на оваа теорија посочуваат голем број евидентни” масонски симболи (како шестарот и аголникот) и знаци кои се целосно инкорпорирани во архитектонското планирање и поставување на градот. Но истовремено постојат и многу издржани објасненија на други теоретичари кои укажуваат дека и покрај некои совпаѓања, сепак претходната теорија е повеќе плод на фантазија, имагинација, непрецизности и грешки. Тие велат дури дека и не постои цврста евиденција дека главниот архитект L’Enfant воопшто бил Слободен Масон, а дека видливите геометриски принципи во проектирањето на градот биле применети само за да се вклопат во локалните топографски услови.

МАСОН = ЅИДАР
Сепак, веројатно можеме да се согласиме дека веќе неколку стотини години, речиси кај сите оние кои покажувале и покажуваат интерес за откривање на потеклото на Масонеријата и масонскиот Ред; кај Масоните, анти-Масоните и јавното мислење, преовладува широко прифаќање на теоријата која сугерира нивно потекло од средновековните еснафски здруженија, гилди на градителите каменоресци. Всушност преводот и значењето на самиот збор “масон” е “ѕидар” или “слободен ѕидар”, а Масонеријата – “Слободно Ѕидарство”. И во Енциклопедијата Британика е наведено дека “Масонството се развило од еснафите на каменоресци и градителите на катедрали во Средниот век.” Вештината на градење била издигната над сите останати вештини, таа ги раководела услугите на сите генијални Мајстори архитекти и извонредни уметници при што стариот симболизам бил отелотворен и вграден во маестралните градби на црквите, катедралите и замоците. Улогата на Мајсторите-градители, архитектите, била извонредно престижна и респектирана. Требало многу знаење, градителска вештина и добри препораки за да се стане дел од нивните еснафски здруженија. Средновековните градители работеле на конкретни проекти на различни локации и затоа многу патувале. Така се објаснува потребата за развивање на нивен таен систем на тајно ракување, кодирани лозинки и сигнали, како би се препознавале и прифаќале да работат заедно, одбивајќи ги така случајните намерници.

СТАРИ ПРАВИЛА
Организираните градители ги поврзувала и нивната заедничка посветеност и филозофија вградена во неколку стари документи кои тие ги нарекувале “Стари Правила” од кои најстариот документ пронајден, потекнува од четиринаесетиот век. Тие документи ги воспоставувале правилата на однесување и одговорностите кои одговарале за функционирањето на средновековниот еснаф на каменоресците.

Едно од тие правила велело дека ниеден член не смее да открие ниедна тајна во врска со Братот-градител, тајна која може да го чини живот или губење имот. Единствен исклучок во правилото за оваа обврска бил доколку Братот-градител е виновен за велепредавство или ерес!
Второто правило барало да кога некој Брат-градител доаѓал во посета на некој град, морал да биде придружуван од локален Брат којшто бил подготвен да “сведочи” или да гарантира за него како би можел да биде “законски” ангажиран на изградба од локалниот
лорд, бискуп или овластен претприемач на еснафот. “Старите Правила” јасно ја изразувале Херметистичката потрага по старите изгубени мудрости. Тие ја нагласувале и величеле моралноста и посветеното изучување на геометријата. Ги славеле мајсторските
вештини на старите египетски градители и покажувале највисок респект кон мајсторското дизајнирање и изградба на “Изгубениот Храм на библискиот Крал Соломон”. Главниот Мајстор кој ја водел оваа изградба – Хирам бил нивна голема градителска инспирација и во нивните документи било прикажано дека пред крај на градбата “Хирам бил кукавички убиен затоа што придржувајќи се на своите Мајсторски обврски одбил да ги открие масонските-градителски тајни на, за тоа, недостојните.”

Со тек на време учењето и практицирањето на моралните принципи и мистичното “знаење” во Братството на Масони-Градители, привлекло и многу други учени луѓе од повисоките класи и други професии. Со внимателна селекција, на некои од нив им бил одобрен прием и биле наречени “прифатени” за да се разликуваат од работните или оперативните Масони.

ВЕЧЕР пренесува дел од книгата на Живко Груевски, првиот современ македонски Масон кој јавно се произнесе дека е она што е. Издавач на делото е “Култура”