Friday, 20 October 2823

Сликаа и сонуваа за слободата на Македонија

Многу извонредни творци со македонско потекло оставија неизбришливи траги во бугарската култура и уметност. Меѓу сликарите на самиот врв е Владимир Димитров – Мајсторот. Неговите родители се бегалци од битолското село Магарево, а тој е роден во дупничкото село Фролош во 1882 година. Бугарските историчари Андреј Пантев и Борислав Гаврилов на листата од стоте навлијателни Бугари го имаат рангирано на 88. место Според нив, и тој растел со мислата за ослободување на Македонија. Затоа не е чудно што на панихидата за Гоце Делчев на 21 мај 1903 година поворката го носи портретот на војводата, насликан од тогаш анонимниот сликар кој ќе израсне во голем мајстор.

Владимир Димитров живеел обичен живот на сликар. Се школувал во Софија, а од 1911 до 1919 година бил учител во Свиштов, од каде што заминал во Ќустендил. Нагласувајќи го големото влијание на Владимир Димитров врз бугарското сликарство, Пантев и Гаврилов потенцираат дека тој никогаш не сликал мртва природа, туку секогаш животот, изгревањето на сонцето или убавата природа. Една година работел во Италија, а негова голема желба била да замине во Америка, во државата во која, според него, единствено постоел културен развој. Меѓутоа, никогаш нема да замине преку океанот. Работел и во Турција, откаде се вратил во Бугарија и остана до крајот на животот.

Во тој период учествувал најмногу во изложбите на друштвото „Родна уметност“, во кое членувал. Во почетокот критиката нема да биде наклонета кон неговото творештво. Останат без примања, тој се обидувал да посегне врз сопствениот живот. Благодарение на негови пријатели формално бил назначен како прогимназиски учител. Набрзу потоа се населил во ќустендилското село Шишковци, кое станува негов дом во наредните 30 години. Според бугарските историчари, Мајсторот, живеејќи меѓу обичниот свет, создавал длабока народна уметност. Умре во 1960 година, оставајќи зад себе огромно уметничко наследство.

Уште двајца други сликари со македонски корен неколку децении подоцна ќе творат во Бугарија. Станува збор за Кераца Висулчева и Иван Керезиев, кои, како што подвлекува Соња Абаџиева, непрекинато ќе сликаат и ќе сонуваат за Македонија. „Нивните тажни судбини под аурата на уметноста се примери за патриотска доследност на сопствениот национален ентитет, изложувајќи ги на ризик честа и личната безбедност“, пишува Абаџиева, подвлекувајќи притоа дека како и повеќето сликари од почетокот на минатиот век, така и тие ги живеат познатите балкански анатеми, преселби и печалбарства.

„Номадскиот живот на Кераца Висулчева го означуваат истите констатации, можеби со понагласен интензитет, како резултат на каприциозната волја на судбината, но и поради нејзиниот нескротлив темперамент“, истакнува Абаџиева, цитирајќи дел од автобиографијата на познатата сликарка, која последните години од животот ќе ги помине во Македонија.

„Родена сум некаде пролетта 1910 година во едно бистро планинско село во Костурско, во селото Несрам или Питачко Село, како што го викаа. Таму, покрај нашето село отсекогаш минувале војски и зад себе оставале слепи луѓе. А над селото, на бреговите имаше пештери во кои се вселувале слепите. Темнината на пештерите одела, се чини, заедно со човечкиот мрак. Преку ден излегувале и питале по селата, а со мракот се враќале во темните пештери, во сопствената темнина, така и селото го добило презимето – Питачко Село“, ќе раскаже Висулчева, чие семејство за време на Балканските војни се преселува во Бугарија .

„Венизелос го осуди мојот татко на смрт зашто беше отворил македонско-славјански училишта и славјански цркви во Грција. Поради ова во 1912 година го затворија во костурскиот затвор. Но, тој оттаму побегна. Во хартијата што излезе по него се велеше, каде и да го најдат, да го убијат. И мајка ми почнаа да ја тормозат. А таа со три мали деца. Јас тогаш сум имала две години“, ја пренесува Висулчева драмата на своето семејство кое морало да го напушти родното место.

Животот на македонската сликарка во Бугарија ќе биде многу тежок зашто таа никогаш нема да се вклопи во познатата бугарска шема. Таа се чувствува Македонка и постојано сонува за Македонија. Станува член на Сојузот на уметниците на Бугарија, но поради нејзиното национално определување ја праќаат да работи како учителка во повеќе селски училишта Во 1958 година е исклучена од Сојузот на сликарите.

„Останува без можност да набавува сликарски материјали и страда од тешка депресија. Сепак, продолжува да слика. Од 1960 година е пензионирана и за свој дом го избира Пловдив. Во шеесеттите, а потоа и во осумдесеттите престојува во повеќе градови на Франција учествувајќи, според нејзиното кажување, на неколку изложби со француските уметници. Повторно е примена во Сојузот на бугарските уметници во 1989 година, само како формален член, без право да учествува на изложби“, вели Абаџиева, која го истражува делото на познатата сликарка.

Висулчева во 1995 година се пресели во Македонија. На татковината, за чија слобода сонуваше цел живот, и’ подари околу 400 масла, цртежи, пастели и скулптури. „Бугарските весници пишуваа дека сум се нарекувала Македонка. Јас не се нарекувам така, туку сум Македонка. Тоа што сега го доживеав со македонската самостојна држава за мене е остварување на целиот мој живот. Навистина вредеше да се живее и ова да се доживее, да се види“, и’ се исповеда Висулчева на Соња Абаџиева. На познатата сликарка и’ беа организирани две големи изложби во Скопје, а во Ресен, во сарајот на Нијази-бег се наоѓа нејзината постојана изложба. Почина 2004 година и е погребана на скопските гробишта во Бутел.

„Местото на Висулчева е меѓу првите академски образовани дами во македонското сликарство, кои оделе во чекор со нашите сликарски доајени, настојувајќи да бидат во дослух со уметниците од светската сцена од тој период“, оценува Абаџиева.

Името на сликарот, професорот, историчарот на уметноста и теоретичарот Иван Керезиев речиси не и’ е познато на пошироката македонска јавност. Роден е 1915 во селото Мосомишта, Гоцеделчевско. Во младите години заедно со Никола Вапцаров, Антон Попов, Асен Ведров, Ѓорѓи Абаџиев и Михаил Сматракалев работи на основањето на Македонскиот литературен кружок во Софија. Како што соопштува Абаџиева, нему во 1992 година требало да му се организира самостојна изложба во Македонија, но до тоа не дошло. Почина осум години подоцна.

Абаџиева повлекува дека Керезиев во сликарството е преокупиран со теми од македонската историја. Познати се неговите слики „Дабница“, „Македонски литературен кружок“, „Свадбата на Дончо“, (односно Антон Попов), „Стрелање“ (која се однесува на Вапцаров). „Кога за последен пат се видовме во неговото ателје во Дргалевци, на падините на планината Витоша, овој возрасен, но младолик јогин ме испрати со синиот сјај во бистрите очи, загледан едновремено во можноста да и’ ја претстави својата сликарска идеја на Македонија и измачуван од скепсата дека ќе го доживее тој момент. За жал, нашата кореспонденција замре последните години пред да замине засекогаш, сам и заборавен“, вели Абаџиева.

Во последното писмо што во декември 1992 година Керезиев и’ го испрати на Абаџиева напиша: „Пред извесно време, поради положбата на Балканот, многу мислам на Македонија, живеам со настаните кај вас; се тревожам повеќе отколку за настаните овде кај нас…Одамна ми е јасно дека идејата – револуционерната, хуманата – за којашто загинаа моите најскапи пријатели (Вапцаров, Антон Попов), подло се изопачува и искористува од бившите управници (да не зборуваме, пак, за сегашните). И живеев со болка… три-четири десетлетија. И, сепак, не ме напушташе идејата за некаква ренесанса“, ги соопшти сликарот Иван Керезиев своите интимни стравувања за неговата Македонија.