Sunday, 20 October 8548

Длабоките траги на Андреј Луканов

Андреј Луканов, поранешен бугарски премиер кој беше убиен во атентат во 1996 година во Софија, остави длабоки траги во бугарската политика. По мајчина линија потекнува од Ресен, неговата баба е сестра на бабата на неговиот политички противник Иван Татарчев. Луканов припаѓа на старо комунистичко семејство. И двајцата негови дедовци биле комунистички лидери и познати политичари. Едниот, Тодор Луканов, тешко се разболел во Москва и таму починал под неразјаснети околности, а неговиот внук Андреј, идниот бугарски премиер, бил убеден дека е ликвидиран. Во тоа време бил многу попопуларен од Георги Димитров, бил пратеник и водач на партијата. Вториот дедо по мајчина линија – Александар Атанасов, е од дунавскиот град Русе и бил водач на комунистите од тој град. Го ликвидирале луѓе на Александар Цанков.

Самиот Андреј Луканов знаел често да каже пред новинарите дека е трета генерација комунист. Неговиот дедо Тодор и татко му Карло како пратеници во бугарското Народно собрание поминале точно 58 години, една година повеќе отколку што имал Луканов кога врз него бил извршен атентатот пред неговата куќа во Софија.

Тие што добро го познавале тврдат дека бил голем политичар. Тоа му го признавале не само сопартијците и истомислениците туку и неговите противници. Бил сакана, но и омразена личност. Веднаш по убиството весникот „Дума“, орган на неговата партија БСП, напишал: „Јасно е дека клучевите на одговорот на прашањето кој го уби Луканов треба да се бараат во неговата биографија. Меѓутоа, таа е сложена, така што полесно ќе се најде игла во копа сено. Андреј Карлович е роден со квалитет на политичарите од светски маштап – да си создава безброј големи и силни лични непријатели“.

„Има луѓе кои што и да прават, прават извонредно, какви карактеристики да имаат, ги имаат во полн степен. Луканов е таков човек, човек од планетарен калибар. Бугарија загуби еден голем политичар, е општото мислење и на сопартијците на Луканов и на опонентите. Сложен и противречен политичар од таков маштап се создава тешко и неговата загуба ќе се чувствува уште долги години“, напишале новинарите на весникот „Труд“ веднаш по атентатот.

Овој голем бугарски политичар со македонски корен е роден во 1938 година во Москва. И синот Андреј се определил за политика уште млад како татка си Карло, кој највисоко во кариерата стасал до заменик-премиер на Бугарија. Во Москва завршил Институт за меѓународни односи, а на 27 години бил назначен на висока функција во Министерството за надворешни работи. Набргу станал заменик-министер за надворешна трговија, а потоа и заменик-претседател на Владата во времето на Тодор Живков. Напоредно со напредувањето во власта, напредувал и во хиерархијата на партијата.

Луканов е еден од клучните бугарски политичари кои се организатори на симнувањето од власт на Живков. Врвот во својата кариера го постигна во 1990 година, кога стана премиер на Бугарија. Пред тоа ја предводеше делегацијата на БСП на тркалезната маса што беше организирана по падот на Живков за иднината на Бугарија. Тогашното негово однесување ги восхити сите. „Општеството гледа еден човек кој не може да се вклопи во дотогашните претстави за верен комунист – неверојатно ерудиран, насмеан, одговара на сите прашања (згодни или не) на англиски или на француски, материјални, организациони или идејни“, пишуваа тогаш бугарските весници.

Тркалезната маса беше во јануари, а наредниот месец тој веќе ја вршеше премиерската функција. Најмногу ќе остане запаметен по чекорите што ги презеде да заживеат плурализмот и демократијата. Иако им припаѓаше на бугарските социјалисти, како премиер им помагаше на опозицијата и на штотуку формираниот Сојуз на демократските сили, десноориентирана партија и најголем противник на неговите социјалисти. Тогаш им даде и посебни простории, а преку својот пријател, познатиот светски медиумски магнат Роберт Максвел, на опозициски весници им обезбедуваше бесплатна хартија за да можат редовно да излегуваат. Токму поради таквите потези, многумина го сметаат за архитект на мирниот преод од социјализам во капитализам и татко на патот на Бугарија кон Европа.

Истовремено започна и реформи во сопствената партија, но очигледно нема да успее во тоа. На изборите што се одржаа истата година во ноември повторно беше избран за премиер, но набргу поднесе оставка по протестите што се организираа и поради тоа што неговата партија нема да го преземе ризикот да ги спроведе болните мерки за надминување на кризата. Многумина сметаат ако тој имал поддршка од своите сопартијци да ги спроведе реформите, Бугарија немало да се најде во голема криза во 1996-1997 година, кога беснееше инфлацијата, платите паднаа на само десетина долари, а обичните луѓе немаа што да јадат. Непопуларни мерки за спас на една држава што е во голема криза може да спроведе само популарен политичар, а во Бугарија во тоа време таков беше Андреј Луканов, сметаат бугарските аналитичари. Тој тогаш како премиер уживаше доверба од 70 отсто од граѓаните.

Неговите опоненти во партијата, пред се’ Александар Лилов, правеа се’ Луканов да не биде избран за претседател на државата. БСП тогаш предложи за избор на „глава на државата“, како што сакаат да кажат бугарските новинари, во новиот Устав да биде вграден условот кандидатот задолжително да биде роден во Бугарија, а Луканов беше роден во Москва. Велат дека тој тогаш немал намера да се кандидира, но затоа пак поради тој услов настрада неговиот сопартиец и миленик, исто така со македонски корен, Георги Пирински, кој беше роден во Њујорк и тогаш имаше големи шанси да застане на чело на Бугарија.

Откако се повлече од премиерското место, Луканов почна да го прогонува опозицијата, онаа иста опозиција за која во првите години по падот на режимот на Живков направи да застане на здрави нозе и да се вклучи во политичкиот живот на државата. По барање на неговиот братучед Иван Татарчев, кој тогаш беше главен обвинител, инаку трета функција по значење во државата, му беше одземен пратеничкиот имунитет и така Луканов се најде во затвор. Беше обвинет дека во времето на Тодор Живков злоупотребил пари од неповратната помош што им ја давала Бугарија на државите од третиот свет. Обвинението не беше докажано. Во затвор остана шест месеци кои ги искористи да напише книга.

По излегувањето од затвор, Луканов се жалеше до Европскиот суд за правата на човекот во Стразбур. Судот констатира дека тој незаконски е уапсен и Бугарија беше осудена во 1997 година, една година по убиството, на неговото семејство да му исплати 40.000 швајцарски франци.

Луканов го нарекуваа кум и татко на групите кои во таканаречениот преоден период создадоа огромни капитали со валкани работи. Неговото име го поврзуваат и со перење пари, но никој не изнесе никакви докази против него. Тој имаше многу блиски врски со луѓе од Запад. Чест гостин му беше на Роберт Максвел, кого последен пат го посетил во август 1991 година во Лондон, три месеци пред да се удави во океан под неразјаснети околности. И покрај врските со западни бизнисмени, Луканов го сметаа за човек на Москва, каде што беше пречекуван великодушно со многу поголемо внимание од кој било друг бугарски политичар.