Monday, 23 October 2017

Ресенецот Љапчев бил бугарски Бизмарк

Андреј Љапчев ја спасувал Бугарија од големата економска криза во која се нашла по Првата светска војна. Двапати бил воен министер и пет години премиер. Неговата блескава политичка кариера е поврзана со многу судбински моменти на нашиот источен сосед. Тој е една од клучните политички фигури кога се донесувале судбоносни решенија и се потпишувале договори за иднината на бугарската држава.

Кога преговорите со Турција за нејзино осамостојување се нашле во ќор-сокак по петмесечните разговори на сцена стапил тој и во 1909 година потпишал договорот со Рифат-паша, тогашен министер за надворешни работи на Османлиското Царство. Љапчев бил на чело на бугарската делегација и ја потпишал капитулацијата на Бугарија во Солун во 1918 година по поразот во Првата светска војна. Со него бил и првиот бугарски дипломат Симеон Радев, негов земјак од Ресен.

И покрај тоа што Софија не добила никакви гаранции, а околу 100.000 нејзини војници биле заробени, бугарската делегација ја постигнала најважната цел – државата да не биде окупирана од српските и грчките војски. Според бугарскиот историчар Воин Божинов, Љапчев бил против тоа Бугарија да влезе во Првата светска војна на страната на централните сили, но по иронија на судбината токму тој го ставил потписот на документот за повлекување на Бугарија од војната, кога на сите им било јасно дека таа ја загубила.

На Андреј Љапчев му се припишува и заслуга што абдицирал царот Фердинанд во полза на неговиот син цар Борис Трети. Веднаш по враќањето од Солун, Љапчев во бугарскиот парламент побарал Фердинанд да си замине што било прифатено од другите парламентарни групи. Тој одиграл клучна улога и за женидбата на царот Борис за ќерката на италијанскиот крал Виторио Емануел Трети, што се смета дека е успех, бидејќи со таквиот брак, Бугарија излегла од меѓународната изолација во која се нашла по поразот во војната.

Луѓето што ги познаваат тогашните тешки прилики на Бугарија сметаат дека најголем придонес на Љапчев е тоа што мудро ја водел државата од 1926 до 1931 година кога бил премиер. Не случајно го нарекуваат „бугарски Бизмарк“. Со мерките што ги презел во областа на економијата и со кредитот за решавање на проблемите на бегалците ја стабилизирал државата. Од тоа време е позната неговата изрека: „Со кроце, со благо и со малку ќотек“.

„Андреј Љапчев има заслуга во еден клучен момент од развојот на Бугарија да го има она толку неопходно чувство за политички реализам, кое придонесува за смирување на состојбите во државата и за нејзино установување како нормална европска држава. Нашата историја не изобилува со политичари од негов ранг и со негови заслуги”, пишуваат историчарите Андреј Пантев и Борислав Гаврилов во книгата „Стоте највлијателни Бугарија“, во која Љапчев го рангираат на 86. место. Овој успешен бугарски политичар е роден 1868 година во Ресен, неговите предци биле доселени во 18 век од селото Нете, денес Нотија, Егејска Македонија. Татко му Тасе Трпков (Љапчето), умрел млад, бил грнчар и познат ресенец. Андреј е шесто машко дете во семејството. Се школувал во родното место, а потоа во Битола, каде што семејството имало продавница за грнчарски производи. Три години продавал грнци и земјени садови и учел во битолската гимназија. Школувањето го продолжил во Солунската гимназија каде што учител му бил неговиот познат земјак Трајко Китанчев, првиот претседател на Врховниот комитет кој, поддржуван од владата на Софија, сметал дека Македонија може да се ослободи само со помош на Бугарија, за разлика од ВМРО која била против мешањето на соседните држави.

За времето на владеењето на Стефан Стамболов бил осуден на две години затвор. Меѓутоа, кога требало да го уапсат побегнал во странство. Во Цирих, Берлин и Париз слушал предавања за економија и историја, но не се стекнал со ниту една диплома. По падот на владата на Стамболов, се вратил назад и се вклучил во политичкиот живот на Бугарија. Во два наврата од 1908 -1911 и 1918 – 1919 година бил воен министер, а пет години премиер.

Меѓутоа, приватниот живот на Љапчев не бил така успешен како политичката кариера. Се оженил на 45 години со дваесетина години помладата Констанца Петрович која во Балканските војни била милосрдна сестра. Пред тоа имал една голема невозвратена љубов. Бил вљубен во ќерката на неговиот учител по политика, Петко Каравелов. Од нејзината мајка дури и ја посакал раката на ќерката Виола, но таа индиректно му дала до знаење дека не гледа во него иден зет.

Говорејќи за приватниот живот на Љапчев по повод 140-годишнината од неговото раѓање, Румјана Прванова заклучува дека кога бил млад живеел мизерно и во годините кога бил редактор на весникот „Прјапорец“ спиел на таванот на редакцијата. „Се хранел што ќе најдел или ги молел пријателите да му дадат 50 стотинки за ручек. Ако се потсетиме на неговото потекло- син на занаетчија од гратчето Ресен во Македонија, којшто умира рано и остава многубројна челад, можеме да си дозволиме дека тие тврдења одговараат на вистината“, пишува Прванова.

Со својата млада невеста Констанца, Љапчев заминал на големо свадбено патување. Посетил повеќе градови низ Европа – Виена, Рим, Париз и Берлин. Меѓутоа, скапото свадбено патување нема да остане незабележано од политичките противници, кои нема да испуштат прилика од тоа да заработат некој политички поен. Весниците ќе пишуваат дека тој живеел многу луксузно, дека трошел големи пари. “Меѓутоа, неговиот брак не е среќен. Според еден од внуците на Љапчев, Констанца се сметала за аристократка, а својот сопруг за човек што е подолу од неа. Во 1928 година таа избегала со некој си Краваров во Франција, му ги потрошила парите и се вратила. И покрај тоа што Љапчев сметал дека неговата женидба со неа е грешка, и по тој скандал тој не побарал развод. На една свеченост пред новинарите, цитирајќи ја ‘Книгата на Еклеснаст’, Љапчев подвлекол: ‘Жената е мрежа. Срцето и’ е мамка. Рацете и’ се окови’“, пишува Прванова.

Во 1931 година, додека се’ уште бил премиер, тешко се разболел и заминал на лекување во Берлин каде што констатирале дека боледува од рак на белите дробови. Се вратил во Софија во 1932 година по повеќемесечно лекување. Есента 1933 година, по влошувањето на здравјето, одново заминал во Берлин, каде што лекарите му соопштиле дека му останува уште малку живот. Кон крајот на октомври истата година се вратил во Софија и по еден месец починал. Оставил тестамент со кој по смртта на неговата сопруга сиот имот ќе и’ припадне на Бугарската академија на науките и на Бугарското економско друштво. Девет години по неговата смрт починала и Констанца на 52-годишна возраст.

Љапчев бил еден од основачите на Врховниот комитет и извесен период негов претседател. Според спомените на неговиот личен секретар Методија Јанчулев, инаку роден во Прилеп, Љапчев сметал дека македонското прашање е бугарско прашање и дека борбата на македонските револуционерни организации била само “фаза од бугарската национална револуција”. Негов љубимец е Ванчо Михајлов, кој во перидот кога Љапчев ја раководел Бугарија во Пиринска Македонија создал држава во држава. “Не прикривајќи ја својата благонаклоност кон Ив. Михајлов, премиерот Љапчев, според документите на ВМРО и спомените на учесниците во настаните, има чести тајни контакти со лидерот на внатрешната организација. Во зависност од политичката состојба, премиерот ги насочува активностите на ВМРО и истовремено го информирал царот Борис Трети”, пишува Зоран Тодоровски за политика на Љапчев кон ВМРО на Михајлов. Во тоа време Англија и Франција вршеле силен притисок Бугарија да ја забрани ВМРО на Михајлов поради теророт што го вршела, но тој и натаму кон него се однесувал со „кроце и со благо“ и никогаш не презел ништо.