Свјат Dreams

СВЈАТ DREAMS се вика вториот албум на Мизар. Оние пријатели и непријатели што ги читаат моите музички писанија се надевам ќе ми замерат за тоа што го прескокнувам првиот албум и директно отидов на вториот, но за жал овде не можам ништо да направам. Членовите, како и времето на постоење и дејствување на групата нема да ги напишам бидејќи сметам дека е абсолутно излишно. Кој знае, знае. Кој не, нека остане прост. Сурово и горчливо нели?

Но затоа албумот е благ. Започнува со ударна доза на шекер претопен во преработка на старата македонска 1762, за во продолжение да не храни и тоа наизменично со парчиња кои што преставуваат чистокрвен рок, со изразена гитара и длабока готска клавијтура, за веднаш потоа да премине во нешто налик на христијанска црковна музика со хорско пеење исполнета со многу етно елементи и инструменти вклопени со мелодичните гитарски делници. Најмоќна, а би рекол и ударна преставува истоимената СВЈАТ DREAMS која што сама по себе постанала единствена, ретка уметност на граница на изумирање уште на својот зародиш. Навидум преработка на Sweet Dreams, јас би запишал на основата на Sweet Dreams, прави спој од речиси незамисливи елементи како што се старословенски јазик, етно инструменти, моќно-психоделични гитари, клавијатура од длабока темнина и урнебесното-хистерично урлање на Таневски кое почнува меко како од детска бајка за на крајот да дојде на прагот на лудило предизвикувајќи чувство на злостор, крвосквернавење на оној што ќе се осмели да се спротистави. Како и на целиот албум, тука се прекршуваат мелодичноста и хистеријата, играјќи брканица од типот на ден и ноќ, толку зависни еден од друг а толку неспоиви и сротивни. При крајот на ова дело се доаѓа и до она прекршување, кое всушност преставува и прекршување на албумот во целина кој понатаму ќе продолжи под знамето на зедништвото гитара-клавијтура и тоа во пожесток ритам, оставајќи го зад себе мекиот и етно-ориентиран дел. И така се до последната Абја Мем, за која што ќе земам право да и го благословам она што таму го слушам, а тоа е склопувањето на парот од соништата, еден вид dream-team, длабокиот демонски глас на Таневски и одспротива малку подоцна ангелскиот глас на девојките од пратечките вокали кои што се приклучуваат при крајот на оваа аристократска уметност. Такво совршенство реално дури и да не постои, таков пар, крист и сатана, ангел и ѓавол, добро и зло, живот и смрт…

Фројд рекол: ништо не постои освен ако некој облик на интелигенција не биде свесен за тоа. Ќе речам дека албумот е театрален, а вие бидете свесни. Албумот е таков да може да биде изведен во драмски, со актери и оркестар. Ја има потребната агонија, сценска убавина, лабораториски предодредена судбина да биде и реален и неизвесен. И сложен и едноставен до граница на прост број. Како што реков за секоја песна подинечно, важи за албумот во целина, има перфектно добра паралела помеѓу хистеријата и хармонијата. Демонски на крилјата на ангелот. Подкрепен со длабока филозофско-митска клавијатура. Милозвучен и нападен. Спремен како ладнокрвен сериски убиец.

Смртоносна пеперутка.

Текстовите и темите во нив се шаренолики но во никој случај не се слаби или непотребно напишани. Спсобни да отворат фронт и мирољубово го напуштат како победници. Тематски различни во толкава мера како еден вид уметничка слика која сама по себе преставува спој на неколку компоненти, составана од директно контрасни бои, бои кои сепак прават хармонична композиција. Бои со силен интензитет и одлично одредена местоположба. Накратко, слика која те доведува до состојба на синестезија.

Leave a Reply