Thursday, 21 September 2017

Арапскиот и Македонскиот јазик

Меѓу арапскиот и македонскиот јазик откривам некакви допири и слични симболи. Има зборови блиски по звучност, а има и зборови со исто значење. Некои арапски зборови во Македонија се одомаќиле под влијание на исламот во минатите векови. И многу Македонци во минатото го примиле арапскиот јазик како свој без да го заборават мајчиниот. Најсигурни во тоа биле печалбарите од мијачијата кои спечалиле дуќани и магази во Каиро и во Александрија. Тие станале полиглоти без да заборават и зборче од својот роден дијалект.

Арапите за вода велат маја.

Во македонскиот говор зборот маја има подруго значење, но неговата зрачност е иста. И во едниот и во другиот случај маја значи живот. Водата е исто што и лебот. Мајата е душа на лебот. Во водата пак има мириски од душата на земјата, од минералите во нејзината утроба и од билките. Негогаш овчарите по нашите планини квасуваа млеко со сокот од тревки кои содржеа маја.

Можеби некој од мијачките овчари пренесол нешто од мајсторијата на квасот на египетските феласи. Зборовите ја имаат судбината на расплодувањето. Тие можат и да се украсуваат и да се калемат и да се сејат како зрна по земјината и небесна шир. Зборовите не оставаат ненаселена празнина во свеста на луѓето. Тие се мешаат како што се мешаат судбините на народите, помагаат во создавањето фермент за опстанок на светот.

Македонските печалбари по многу години исчезнаа од Египет. Останаа трагите на зборовите. Во куќите на моите пријатели ме опијанува добрата реч и моите чувства тлеат во тивка наслада.