Tuesday, 21 November 2017

Европа

Денес светот е наполно европеизиран, а последната империја што ја спроведе и финалната епизода од овој процес на културна колонизација се токму САД, бивша колонија на Западноевропејците изградена врз невиден терор и екстерминација на староседелците.

(кликни на сликата за повеќе од Станкоски)

Класични студии

Древните персиски магови, следбеници на мудриот Заратустра и врвни познавачи на Авестата (преведена на македонски од нашиот истакнат поет Милош Линдро, Бог да го благослови), гледајќи во сферичниот хоризонт на Егејот од западните рабови на нивното моќно царство претпоставениот свет зад големата вода го нарекоа Ереп, што во превод од староперсиски би значело место мрачно и темно, место каде што сонцето исчезнува во застрашувачката темнина. И навистина, токму отаде дојдоа и амбициозните Македонци предводени од својот млад, но генијален стратег Александар III, наречен Велики, кој го покори нивното гордо царство. Империјата што ја создадоа потоа Македонците на трите континенти беше основа за првата европеизација на цивилизираниот свет.

Ова европско влијание ќе продолжи и по пропаѓањето на македонската империја, овој пат спроведувана од моќниот Рим. И така европеизацијата на светот ќе продолжи во наредните два милениума низ разни механизми на влијание, од оние најгрубите преку воени освојувања и колонизации, па до најсуптилните кои се спроведуваат преку културата и убавите уметности.

Денес светот е наполно европеизиран, а последната империја што ја спроведе и финалната епизода од овој процес на културна колонизација се токму САД, бивша колонија на Западноевропејците изградена врз невиден терор и екстерминација на староседелците.

Значи, зоната на „мракот” се прошири насекаде опфаќајќи ги сите пристапни и непристапни места (високите врвови на планините и океанските длабочини), па дури успеа да се екскатапултира во вселената, совладувајќи ја гравитацијата и означувајќи ја со своите симболи Месечината, Марс и други небески тела. Всушност, и Русите и Американците (иако децентрирани), во суштина, се проследувачи на европската култура.

Австралија како најново освоена територија, исто така, е европеизирана од англосаксонскиот фактор кој во времето на кралицата Викторија контролираше цели 44 милиони квадратни километри и беше империја во која сонцето никогаш не заоѓа, како контрапункт на перцепцијата на древно персиските мудреци.

Во Европа се создадоа и двата курентни система кои со своите идеолошки деривати – капитализмот и комунизмот зацарија во секое цивилизирано катче на планетава. Дури и моќната кинеска култура со четиримилениумската традиција и самодоверба не успеа да одолее. Таа денес ги практикува и комунизмот (на политички план) и капитализмот како економски поредок. Во оваа констелација остануваат само археологијата и фолклорот како некакво меланхолично потсетување на сјајното минато.

Во Индија, прастара и гигантска култура се зборува англиски. Тоа е неминовност доколку Индијците од одредени делови на потконтинентот би сакале да се разберат.

Еднаш во барокниот Франкфурт сретнав млад индиски јогин кој вербално се нафрли на ликот и делото на Махатма Ганди осудувајќи го што ги избркал Англичаните кои, според него, извршиле неспоредливо позитивно влијание во неговата татковина, развивајќи ја инфраструктурата, економијата и правосудниот систем. Затоа и не е чудно што во зоните на Азија ликот и делото на Александар Македонски се максимално почитувани, а самиот Александар Велики меѓу многуте етнички групи што живеат во овие делови од светот (заклучно со Египет) е славен како татко и родоначалник на нивниот народ.

И навистина, ако ги преброите сите овие етнички групации кои живеат од Иран до Индија, па се’ до Северна Африка, а кои се декларираат по потекло како Македонци (како што се Калашите, Хунзите и други) со вџашување ќе дојдете до бројката од околу 80 милиони жители кои со нас го споделуваат истиот идентитет (што се однесува до романтичното минато).

Но, ова е минорна бројка споредена со две и пол милијарди христијани, религија протежирана токму од Европјеците и од три и пол милијарди луѓе што помалку или повеќе го користат англискиот јазик – јазикот на „ангелите”.

Што се однесува до рокенролот и фудбалот, бројката е уште поголема и оди кон цели 5 милијарди.

И по сето ова, за која криза на Европа ние зборуваме?! Можеби за бирократско-банкарската криза на несреќната политичка конструкција наречена ЕУ. Но, духот на Европа е многу, многу поголем од оваа вештачка конструкција.

(Авторот е уметник)

08.10.2012

Утрински весник