Баење да траат децата

При друзи многу бабиње деветиње што ги прават жените, за да им траат децата, прават и вака:
кога ќе се познае некоја жена оти е тешка,
со прво ќе купи од три дуќани по едно парче железо
и ќе го направи еден обрач,
кај некој ковач али кај некој кантарџија
(некои жени го давале на три дуќани да се направи обрачот).
Обрачот ќе бидел со копци да се закопчува,
и тешката жена ќе го носи опашан обрачот преку половина како колан,
да дури да го роди детето.
Тамам кога ќе се роди детето,
обрачот ќе го сопаше жената
и ќе го земе бабата в рака,
та ќе га држи да падне детето низ обрачот.
Ете од тоа после не умирало санким.
Откога ќе го роди жената детето,
на часот уште не задојано,
требало да се трга со кантарче,
и тоа кантарче ќе го скриела подно,
за никогаш со него да не се тргало,
и од тоа не умирало.

Едни жени,
за уште посалам да им се врзе бајачката,
за да им траат децата,
ќе направеле и едно сребрено синџирче,
та ќе го носат на гуша дури да родат.
Арно ама, види како требало да се направи сребреното синџирче:
да се посака од девет жени,
што да ги викаат сите Марии,
по една стара пара
и од тие девет стари пари испитани
да се направело синџирчето:
ем да се однесат деветте пари
на три дуќани куменџиски,
да се направи.
Секој куменџија по малце да поработи на него и да се направи,
а само еден куменџија не чинело и не било на приет, да го доправи синџирчето.
„Ама што дека ќе го направел еден куменџија синџирчето,
и реков на жената што ми кажуваше за ова и за друго нешто, и што дека тројца?”
„Е што де, што?
Ете тоа непндек било,” ми рече.

За многу работи ја прашав оваа и друзи жени:
оти така прават кога да баат;
ми се одговориле со зборот:
„така е непендек” и толку,
друго потамо не ти знаат од непендекот повеќе:
по некои жени повеќе знаат да прикажуваат.

Венецот од Христа,
направен од трње,
донесен од аџилак,
бил за да трае дете.
Го клаваат во вода
и во таа вода го капат детето три дни на ред.

Венецот,
Богородичина рака,
чесни крвчиња
и друзи работи
се лаоѓаваат у аџиите,
а најповеќе у аџијките.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Leave a Reply