Уметник

На сцената има се’ помалку уметници, а се’ повеќе безглави бунтовници, чиј бунт наликува на лудачка хистерија…

Уметникот е ѕвер кој талка низ џунглата од бетон и асфалт во потрага по љубов. Не е тоа љубов што пријателките на ноќта ја нудат на секој агол од црвениот кварт. Тоа е љубов кон се’ што постои, љубов која доаѓа од неидентификувано место и која му дава смисла на уметниковото апсурдно постоење.

Кога уметникот ќе ја пронајде оваа чудесна љубов во која многу мал број луѓе веруваат, неговата нервоза престанува и тој од ѕвер се престорува во творец, во ангел Божји, способен да го види невидливото и да дејствува со сите сили, со целото свое битие, за да го приведе ова насетување во реалноста, да го направи видливо и можеби достапно за повеќето чувствителни души.

Уметникот е пратеник од небесата, тој е последниот претставник на еден голем и сјаен еснаф од минатото, еснаф на алхемичари, пророци, звездогледци, магови, врачеви и шамани. Уметникот е реликт на сјајната традиција на оние, чиј медиум е душата и космосот. Времињата во кои живееме се лоши за уметникот, но тој е подготвен на сите варијанти и небиднини. Аскетизмот му е природно вграден, тој е способен да живее со денови без храна и комфор на совремието, доволна му е љубовта што доаѓа од длабините на неговото битие од неспознатливите длабочини на бескрајната вселена.

Уметникот е во акција, галаксии се претопуваат во неговите мисли, потегот на неговата волја станува судбина. Каков би бил светот без уметникот и неговите луди дејства? Сигурно дека тоа би бил еден суров и празен свет на чиста функционалност, тој свет би бил фарма од луѓе, што ќе го јадат светот како стока, притоа оставајќи само биолошка пустош и апатија. Сепак, луѓето, посебно оние со одговорност аналогна на капиталот што го стекнале, не мислат многу на уметникот и неговата мисија. Тука, пред се’, станува збор за богаташите што произлегле, и се’ уште опстојуваат во менталитетот на малограѓанската култура, која во своите стеснети светогледи ја воздигнале до пиедесталот на догма.

Не е дека овие луѓе немаат потреба од уметност, оваа насушна потреба, подобна на самата љубов, ја има секој човек, но нивната искривоколчена визија, исполнета со стравови и инхибиции никогаш не можела да се возвиши до сферите на вистинската уметност. Наместо тоа, овие верници во полниот стомак, станале поклоници и на артизанството, на квазиуметноста, на рутинскиот и бездушен занает, кој во нивното поимање на стварноста е уметност. Но оваа декоративност, овој кич, ако сакате, не ја содржи енергијата на уметноста и така овие богати несреќници, со целиот свој финансиски потенцијал, наместо да се вивнат во небеските сфери на вистинската естетика, чмаат во својата спиритуална баруштина, преживајќи ги празните претстави како нилски коњи папирусот, што расте по бреговите на африканските сливови.

Овие состојби го деградираат и го заморуваат уметникот. Како се’ да се насочило против неговото постоење и против неговото дело. Тој во овие времиња едвај да наоѓа сила да продолжи. Неговата појава станува се’ погротескна и поизлишна, тој почнува да наликува на пес скитач, кој ги истражува контејнерите на потрошената реалност.

Луѓето се потсмеваат на оваа појава. Зар во ова време на интернет и нанотехнологија, се’ уште постојат вакви идиоти што произведуваат толку непотребни нешта – сироти романтичари, фолиранти на едно изминато време. Уметникот е навреден и понижен. Овој статус му одмага во мисијата на пронаоѓањето на љубовта кон се’, без која општеството станува фарма на свињи. Состојбите се се’ полоши. На сцената има се’ помалку уметници, а се’ повеќе безглави бунтовници, чиј бунт наликува на лудачка хистерија. Тоа ќе биде новиот вид координатори на естетските текови на општеството. Трескавичните гракачи на исчезната уметност и технократските производители на кичот. Уметниците ги има се’ помалку. Тие ја доживуваат судбината на пророците, на алхемичарите, на мудреците, на маговите, на жреците и шаманите.

Еве ви ги софистицираните машини на свеста и грозничавиот профит. Еве ви го светот без уметност и без уметници. Еве ви ја новата пустош, што зацарува со вашите души.

Leave a Reply