Friday, 19 October 7984

Тунелот на Гемиџиите

Започнува копањето подземен тунел до солунската Отоманска банка. – Учеството на Борис Сарафов. – Влијанието на задграничната револуционерна литература и особено на руските револуционери. – Набавка на динамит за солунскиот потфат. – Обид за сличен атентат и во Одрин. – Гарванов ги спречува атентаторите да се снабдат со поголемо количество динамит. Последниве набавуваат динамит од другаде.

7.9.1903 г.

Тогаш солунскиот тунел беше готов до половина – а работата беше запрена, како што беше договорено, додека да се доврши со цариградската работа. Кога се случи несраќата во Цариград, во Солун се замаскира тунелот, и се напушти дуќанот. Го зеде еден Италијанец, без да наслути нешто.

Не знаевме дали ќе може да се обнови работата. Решивме, за да не се повтори цариградската афера, првин да го прибереме в раце динамитот, па после да почнеме да работиме со копањето на тунел.

Јас дојдов во Софија, и тука веќе беше Ордан поп Орданов, главниот иницијатор на Солунскиот атентат. Ние ја следевме работата на руските револуционери. Борис Сарафов беше веќе паднал. Ордан поп Орданов иаправи сондажа кај Цончев и Михајловски, изнесувајќи ги своите идеи дека македонското прашање е сложено, та ако не се нападнат европските капитали, нема да може да се издејствува ништо и слично. Цончев и Михајловски го одбиле, бидејќи тоа ќе им штетело на бугарските интереси. Ордан поп Орданов замина за Женева, за да се сретне со Бориса, за да го убеди да му даде пари, и второ, да се запознае поблиску со руските револуционери. Отиден во Женева, тој се запознал со група руски социјалисти и комунисти. Тој им го изнел своето мислење, како смета да дејствува во Македонија, и тие му дале поддршка, и во потполност го одобриле неговиот план. Тие му дале на Орце и револуционерни книги, подарок за нас – „Анархијата и општеството што умира” од Жан Граф, на руски и француски јазик и „La conkuete de paine, au jour apres la Revolution” од Кропоткин. Ние ги читавме тие дела. Имаше и други брошури: „Историски писма”, од П. Лавров, прочуен социјал-демократ и др. Борис се вратил од Лондон и во Женева се сретнал со Орце. Борис му дал на Симеон Радев 15.000 фр. за издавање на “Mouvement Macedonien”, на Орце му дал 10.000 лева (Орце ги изброи пред мене парите), а беше дал пари и за Внатрешната организација, и му дал уште револвери и муниција, откако се постигнала согласност Давидов да влезе внатре. Орце дојде тука со парите. Тогаш видовме дека не можеме да се споредуваме со руските револуционери, и увидовме дека сме ништожна групичка, без водечки идеи; работевме по инстинкт. Решивме да дејствуваме како мала група направо онака како не учи умот.

Орце отиде во Солун, со намера да подготвиме сe за да ја обновиме работата. Тој требаше да земе под наем некој дуќан близу до банката, а ако е можно и поранешниот. Орце наоѓа човек, некој си Марко Иван Бошнаков, од гр. Охрид, да земе да отвори бакалница. Му дадовме 100 лири, за да потсуреди поприличен дуќан, што гледа накај улицата, која е подобро, да си нареди полици, да има сe, коњак и слично, за да се наполни дуќанот. Парите за наемот се покриваа од печалбата. И така стана. Главно беше најпрвин да се обезбедиме со динамит. Борис му ветил на Орцета 1000 килограми динамит, покрај веќе дадените десет илјади лева. Борис го беше купил динамитот преку Тјуфекчиев и Д. Љапов од Белгија. Овој динамит требаше да се префрли преку Марсеј, а оттаму преку компанијата Freucinet требаше да се истовари на царинарницата во Деде-Агач. За прв обид се испрати првин едно буре, и тоа прикажано како материјал против филоксера. Царинските власти го пропуштија и ние го добивме, стотина килограми динамит. Бевме уверени дека и остатокот ќе можеме да го добиеме по тој пат. Затоа го испративме комитата Димитар Мечев (од Велес), опитен комита (дојствувал долги години со Гоце Делчев на Пирин и Пелистер), да отиде во Одрин, и да земе под наем еден дуќан близу до австриската пошта, за да почне оттаму да копа лагам, за да ја кренеме во воздух и австриската пошта во Одрин. Манџуков остана во Пловдив да одржува кореспонденција со Женева и Парис (со Бориса), да се расправа со Тјуфекчиев поради динамитот, и да кореспондира со сите нас. Јас отидов во Ќустендил, да се погрижам за испраќањето на едно количество (60 кил.) вистински нобелов динамит, украден од еден мадем во јамболско, попаднат во рацете на комитетот на Сарафов, и потем складиран од последниот во една приватна куќа.

Димитер Мечев се задржа во Одрин од април до ноември 1902 г..

Преку своите претставници во Софија Туше Дели Иванов и Димитар Стефанов, Внатрешната организација беше известена во таа смисла, дека вакви акции ќе бидат преземени од нас во Солун. Го чекавме динамитот од април до ноември. Тој стасал во Марсеј. Најпосле од компанијата Freucinet од Цариград добивме писмо со кое не повикуваат да си ја подигнеме стоката што пристигнала во Деде-Агач. Најдовме еден контрабандист Влав (Цинцар) да ја земе за нас стоката, под услов да му дадеме претходно 50 наполеони, и потем уште 50 наполеони. Влавот беше во лични врски со Сарафов, беше добар, човек посветен на делото. Орце отиде во Деде-Агач, оди на царинарницата – туку нема ништо, а Влавот избегал, динамитот бил подигнат и сместен во една куќа, и тоа, како што се разбра подоцна, по укажување на Гарванов. Гарванов бил личен пријател со Влавот. Потоа доаѓа од Одринско Михаил Ѓерџиков, влегува преоблечен како поп во Деде-Агач, и од дедеагачкиот раководител го зел динамитот, и го однел во Одринско. Сето тоа се сторило скришум од нас, по заповед од Гарванов. Целта на Гарванов била да ја оневозможи некоја наша испребрзана акција. Герџиков не знаел ништо за тоа; му напишале: „Дојди да си го земеш динамитот” и тој, стрвен за такво нешто, доаѓа и го зема. Меѓутоа, ние го бараме Влавот, и го сметаме него за одговорен за таа работа. А преостанатите 50 наполеони му ги изброил на рака Гарванов. Тој му зборувал како да е наш началник, од наше име, му рекол да го складира динамитот на едно познато место, и да си замине. Влавот се викал Алексион, тоа се докажа со едно писмо до Тјуфекчиев.

Откако нам пак ни се оневозножи таа пратка со динамит, ние го повикавме Димитар Мечев од Одрин, каде тој држеше под наем едно мало дуќанче, во кое продаваше трици, жито, ориз и сл., да дојде во Софија. Тој доаѓа во Софија, и ние се нафативме да ги пренесеме оние 60 килограми донамит од Ќустендил. Нобеловиот динамит е во пакетчиња, и сосем прилега на жолт ајвар. Едно момче, велешанче, служеше во спалните вагони (vagon-litts) на пругата Белград-Цариград. На железничката станица во Софија ние секојпат му остававме во торбиче до 5 кгр. динамит, го закачувавме во нужникот – во долапчето. Во Цариград тој излегува како службеник на железницата со униформа, излегува подоцна, откако ќе заминат патниците. Полицијата не се сомнева во него, и така тој го однесува динамитот во кафе-шантанот »Palais de cristale« во Пера и ? го предава на една Чехинка, Марија. Таа Марија работела понапред како келнерка во Софија во ресторанот Батемберг, каде останала должна, и си го оставила во залог таму прстенот, златно крвче, креветот, перници и сл.. Со неа се познаваа нашите оттука. И ние го испративме кај таа Марија велешанчето што го викаа Миланче. Таа, откако ни услуже едно двапати така, изјави желба да ? ги откупиме пљачките оставени во залог, и ние ги откупивме и ? ги испративме. На тој начин ги испративме вкупно 60 кгр. динамит, што Марија го криеше кај неа. Потоа од Солун во Цариград доаѓа Орце, купува риба, и во мали бурила, небаре е риба (сардели), го испраќа динамитит во Солун, спакуван во тенеќени кутии под рибата, во неколку канти. Јас се наоѓав во Ќустенднл, и чекав една друга пратка од 100 кгр. мелинит, што Тјуфекчиев, по заповед на Борис, ни ги предаде во Софија, Тој го продавал по 8 лева килограм; и Борис го платил. Гоце Делчев беше во тек со сиве овие наши работи. Гарванов честопати го известувал Гоце, дека ние божем постојано сме агитирале против Организацијата. Гоце беше добродушен, и секогаш се вслушуваше во сe. Еднаш ни рече: „По душа јас сум анархист, по убедување социјал-демократ, а по дела револуционер”. Сакаше да ни каже дека има симпатии за нас, но дека е ангажиран со револуционерното дело, со Организацијата, па затоа не може да ни дава подддршка за сe. Тој често потпаѓаше пod влијание ту на Ѓорче Петров, ту на Туше Дели Иванов и други.

Кога стасаа 60-те килограми динамит, Орце му кажал на Гарванова, дека веќе го имаме динамитот, и ако сака, нека дојде да го види. А пак во Софија ние му рековме на Делчев дека имаме 100 гр. мелинит, добиен од Тјуфекчиев преку Бориса. Нарочно му кажавме, за да знае, и тој и Гарванов, дека имаме динамит, сиреч, дека не сме со врзани раце, дека можеме да стапиме во акција. Гарванов им напишал на претставниците дека имаме динамит. Тие го повикаа Димитар Мечев, и му рекле да не пребрзуваме со некакви акции до 1 април 1903 г., затоа што Организацијата порачала пушки и муниција и друго, што гребало да се внесат до 1 април. Така му е речено на Мечев во ноември 1902 г.. Ние се согласивме да чекаме до 1 јануари, под услов да ни дадат 250 наполеона, за да можеме да се издржуваме до таа дата. Тогаш Делчев и претставниците му избројале на Мечев 250 лири од парите земени за мис Стон. Мечев ги донесе парите дома во една крпа, и јас и тој ги пребројавме. Направивме договор. Меѓутоа, Гарванов не престануваше да ги напаѓа нашите другари во Солун, а тие, од друга страна, беа до немајкаде лути на него поради оние 1000 килограми динамит, за кои сосем точно разбравме, дека тоа е работа на Гарванов, туку тој не кажуваше ништо отворено за тоа, за да можеме да го обвиниме, па и немавме докази. Односите се затегнаа до убиство. Ние им изјавивме на Гоце и на претставниците на Гарванов, дека ако се случи некој од нашите другари да падне убиен од човек на Организацијата, ние ќе ги сметаме за офдговорни само нив и нив ќе ги убиеме.