Saturday, 20 October 3296

Спомени на Ѓорче Петров 22

Недоволство кај останатите дејци во Битолско од централизаторските планови на Груев. — Петров оди во Прилепско на организационен окружен конгрес. — Конгресот станува подвижен, местејќи се од село на село. — Проект за децентрализација во организационата уредба. — Груев се противи и предлага свој проект. И двата проекта се примаат за проучување од другите окрузи. — Петров во Воденско и во Ениџевардарско. — Реформаторски идеи на Петров против традиционите потхвати во В.О. — Петров по селата во Прилепско. — Не сретнал од никаде сочувство, Петров заминува во Струмишко.

Во тоа време во Битолско меѓу таму останатите сили беше се појавило јако недоволство од Дамевата тенденција да го воспостави старото положение и да ги централизира работите во своите раце така, да се тера по старото, се` облечено во мистериозност. И мимо Дамета — втори Узунов, Сугарев и уште некои зедоа иницијатива да ги свикаат останатите на собрание, на кое да се определи, каков став ќе треба да има во иднина организацијата — еден вид против Дамевата желба да централизира. Даме не можеше да разбере, оти веќе не сме свето еванѓелие. Ова иницијатива Пере беше ја одобрил и поткрепил. Даме, сметајќи, дека си ја заздравил положбата на врховен водач во Бигола, отишол за Солунско. Прошол Воденско, Ѓевѓелиско та преку Тиквеш пак се врати во Прилепско, каде се сретнавме. Меѓутоа, додека Даме обиколувал, собранието се нагласувало, а кога се врати, собранието се одржа. Во Велес добив две писма по сугестија од Перета (ми се чини од Пешков), дека желбата на другите сили е да присуствувам и јас на собранието, та ме повикаа да се вратам назад, отфрлувајќи ја секоја одговорност од себе за станатата навреда спрема мене. Јас два пати им откажав. Третата, настојбена покана ја примив и се откажав од планот да си појдам во Бугарија. Ми се чини беше на 18 април, од Велес во цивилни алишта излегов при новодојдената чета во с. Ореовец и после преку село Хвојница (каде ги уредивме партиските работи) прејдов во село Краинци, каде се сретнав со Тиквешкиот војвода Јуруков, кој што беше дошол тука на одмор. Оттука најдов едни чечнички алишта, се наоружав со пушка и со тиквешката чета тргнав за Прилепско. Преку с.Попадија влеговме во Прилепско при с.Топлица, каде што се претполагаше да не чека Прилепската чета (Ацев). но четата ја немаше, а тиквешката чета се врати назад. Јас останав сам, во четнички алишта, така да со еден ненаоружан селанец тргнав да ја барам прилепската чета. Преку Тројаци и Плетвар го пристигнав Ацев во с.Ореовец (Прилепско, родно село на Ацев). Се укажа, дека делегатите од разните околии уште не се дојдени и дека датата на конгресот се одложила за неопределено време.

Околу 10—15 дена ги обиколивме со Ацев селата во Прилепско да ја соживуваме и уредуваме организацијата. Ги уредувавме селските работи на старо основание (организација, судски работи). После во Плетвар пристигнаа поголемиот дел делегати само од Битолско и тргнавме за село Беловодица, каде што се почнаа редовните разгледувања. Два дена го чекавме Дамета. Присуствувавме: јас, Пере, Даме, Петре Ацев, Сугарев (од Демирхисарско), Узунов (Охридско), Стеван Димитров (војводата од Велес); од Тиквеш поканивме легални сили како и од Велес, но не дојдоа. Јуруков беше го повел од Тиквеш Пешо војвода, свој другар. Од Прилеп беа Тренков Јордан (противникот на П.Ацев) и Георги Пешков. Од Софија беше пристигнал со чета наново Георги Поп Христов, бивши член во окружната управа во Битола, лерински војвода во време на востанието. Павел Христов и Лозанчев не сакале да дојдат, зошто сметале, дека ова собрание е против нив, а го немале согласието на Дамета. Самиот Даме сосем несакано го пречека собранието. Во првите среќавања дури се откажуваше да земе учество во дискусијата, бидејќи без негова согласност бил свикан конгресот. Ова му беше мотивот, а всушност конгресот му беше непријатен. Со усилби го убедивме да се откаже од оваа навреда на окружниот комитет. Даме најпосле отстапи и се одржа така наречениот Прилепски конгрес. Продолжи дискусијата околу 15 дена. Конгресот го направивме подвижен, се движевме како чета по селата. Почнавме во Беловодица — после во Дрен, Смолани, Царевиќ, Топлица, Тројаци, Плетвар, Ореовец, Крстец и свршивме во планината Борула. На заседанието во Борула ни го пратија од Битола вилаетскиот весник во Солун, во кој што се велеше, дека раководните сили на вилаетот се собрале во с. Беловодица за да размислат за своето поведение во иднина. Решенијата што се земале, брзо ќе можеле да се соопштат. Значи беше се расчуло, властите знаеле, но не земале строги мерки. Беше спроведена мала потера, но ние вешто ја избегававме. На конгресот зборував против централизацијата итн. Претседател немаше, имаше карактер на другарско собрание. Се реши, разменетите мисли да се оформат и да се достават на целата организација за припрема на еден општ конгрес.

Пере Тошев беше определил неколку точки по прашањата на денот во организацијата; воглавно врз таа основа се вртеше дискусијата и тоа само за битолскиот округ. Решенијата ќе ни беа за битолскиот округ а на другите к`е ги препратиме само за сведение. Се изработи цел правилник по уредбата на организацијата, кој што го напечати Борис (тој имаше пари, јас му го дадов копието). Радикалната промена беше, што мистериозната централизација се отфрлаше кога ќе се почне од Ц.К. та до селата, а место неа — широка децентрализација. Сложен механизам во вишите раководни установи се предвиде, за да можат сите повидни сили на организацијата да земат учество во делата на организацијата. Тоа одговараше на расположението: никој веќе не сакаше да чуе за старата централизација. Даме се противеше, но скоро никој од повидните не го подржаваше. Го оформивме и Дамевото мнение како втор проект. Заедно со Дамета го изработивме и неговиот проект (печатени се од Бориса обата проекти). И вториот проект на Дамета, не беше во својата основа друго, освен првиот проект само во поумерена форма. Даме многу отстапи, немаше што да прави; старата наредба беше го загубила секој авторитет. Но Даме внатрешно си остана со потајната мисла да парализира се` при првата возможност. Му беше предоставено нему тој да се погрижи после во Битола од името на окружниот комитет да ги испрати во препис решенијата во околиите и по другите окрузи. Даме сакаше да се честува комитетот, та од негово име да излезе. Му остапивме. Силна препирка имаше со Перета по националнното прашање, и бидејќи не се разбравме, го оставивме висејќи. Пере сакаше без колебание да и` се даде национален колорит на организацијата; Даме шиклираше; јас бев против — по тактички соображенија; знаев, оти ако на нашите луѓе им ја отвориш вратата на национализмот, дека таму сите ќе се напикуваат, оти ќе си создадеме една јазва и ќе ја зафрлиме револуционерната идеја, како што и стана. Тоа беше настроението, — ослабнат револуционерен дух, тоа го асли чекаа. Но Пере не се разубеди, а особено зошто српската и грчката пропаганда дејствуваа. Јас сакав да бидам подалековиден и подржував, дека ако се вовлечеме во таа борба, не ќе можеме да издржиме, слаби бевме, истрошени. А ако се прибегне до средства од владини извори, тогаш веќе револуционерната идеја пропаѓа. Така на пр. не го одобравав решението да се превртуваат гркоманскитр села итн. Воопшто подржував, дека организацијата може да се подржува сама за себе и сама преку себе, придржувајќи се, додека не ојакне, само во рамките на чисто револуционерната борба.

Оттука јас решив да појдам во Воденско при Лука Иванов мој добар пријател, кој што скоро беше дошол од Бугарија со чета (Матов го беше пратил), за да ја видам ситуацијата во Солунско, да си ја видам среќата и ваму. Матовци — Татарчевци пак по свое наоѓање од тука наспроти нашите решенија таму го беа предрешиле идниот систем на организационата дејност: во секоја околија да има околиски началник, нелегален војвода, кому што да се потчинат градските и селските легални раководители во околиите. Согласно ова решение почнале да испраќаат вакви началници во поодделни околии: Стеван Димитров во Велешко, Лука Иванов во Воденско, Андон Ќосето Во Ѓевѓелиско, Ѓорѓи Христов во Леринско беа испратени во согласност со ова решение за вакви началници. Во Мориовско се разделивме веќе: Даме замина за Битола, Пере за Прилеп, а пак јас останав таму со П. Ацев неколку дена додека го уредиме моето одење за Воденско. По некој ден со П. Ацев низ Мориово преку Ниџе планина со 8 момчиња се најдовме во с.Пожарско, во Мегленијата. П. Ацев со четата се врати назад, а јас, без никој сам останав во село да го чекам Лука со четата. Се укажа, дека Лука заминал дури во Негушко да преследува разбојници та требаше да го чекам во Пожарско и во с.Саракиново цели десет дена. Сам одев по села, по крчми, аскер врви, рескир голем. Најпосле се сретнав со Лука. По размена на мисли со Лука решивме да ги предложиме на дискусија прилепските проекти или во поголемо собрание од округот, или барем во одделни собранија по околии во мое присуство, за да можам да им дадам пошироки осветлувања врз основните новововеденија. Бидејќи не ми беше возможно да останам во Воден поради земените мерки на власта против Лука, ги поканив градските раководители да дојдат да се сретнеме во Саракиново, за да се советуваме, што може да се направи за околиско или општо собрание. Повеќе од страв не им се доаѓаше да се видиме, а пак за конгрес молчејќи откажаа, бидејќи беа отишле двајца од нив во Солун при поп Коцев, а овој ги посоветувал да откажат.

Од Воденско со Лука се префрливме во Ениџевардарско при Апостола. Во Воденско дојдоа мнозина граѓани да се видиме, особено младинци. Во среќавањето со Лука Иванов од него разбрав, оти во Воден има многу жива и способна за активнаа работа младина, но раководните сили ги зачувале архаизмите уште од првите години на организацијата — традиции. Од распрашувањата си личеше, дека е доста добро возможна заедничка работа од еснафот меѓу двата лагера-егзархисти и гркомани. Но корифеите не допуштале, по стара омраза, мислам за заедничка работа. Партиските јажби ваму беа јаки и неразрешиви. Пред мене влегувале во градот и Даме еден пат и Лука Иванов два пати, но ништо не успеале да изгладат. Меѓу младите четници на Лука имаше силно настроение да влезат во градот и да ги избијат раководителите така да го започнат наново организирањето на градот. Градските младинци, што се сретнаа со нас, охотно ја пречекаа оваа мисла. Впечатлението од оваа фактичка положба во Воден беше, дека стари раководни сили и дејци, отпаднати со духот, без верба и елан, вовлечени во партизанштина по агитации, кои што со тие свои својства и со својата страшливост пречеа и пред востанието, го пречеа и после него развојот на организацијата и засилувањето на револуционерниот дух во градовите, исползувајќи ја положбата на тајанственото началство и негово право никој ништо да не работи без негова наредба, макар никаква наредба да нема. Одбегнуваа секаква дејност во градовите, а се` се возложуваше на четата (позгодно), а меѓу тоа личеше и тука, како што и друбгаде, широк круг од многу активни сили меѓу еснафите и младината, кои што бараат простор за работа, а не го најдуваат спроти тогашниот поредок. Друго нешо, кое што уште по силно ме удри в очи и кое што го беа забележиле во Битолско, Прилепско и Велешко, тоа беше омразата на селаните против граѓаните, зошто во градиштата ништо не вршат, а од селата се` бараат, зошто не само селаните треба да ја издржат четата, но уште им се бараат пари за градот, а воглавно што во време на востанието граѓаните се изитрија да го избегнат, а го оставија целиот товар на селата. Под овие впечатленија ВО с.Саракиново го напишав правилничето за градските и селските организации и за нивните взаемни односи (печатено заедно со проектите). Матов — Груев беа силно против, но потајно. Даме не испрати од Битола во Воденско никакви проекти — беше ги заборавил.

Отидов во Ениџевардарско кај Апостола. Таму останавме 15-20 дена со Лука Иванов, чекавме извештај од Гевѓелиско — од Андона Ќосето. Испратив писмо и до поп Коцев во Солун за да нареди, ако е возможно, да се одржи конгрес во мое присуство и да испрати од проектите, ако ги добил од Дамета. Поп Коцев не одговори. — никој не се јави. Проектирав јас да појдам во Ѓевѓелија при Андон Ќосето, да се запознам со Ѓевѓелиско и од таму да си го определам понатамошниот маршрут. Во тоа време добивме извештај дека Христо Чернопеев од Кукушко се префрлил преку Вардар и се настанал во Ениџевардарското блато со својата чета. Бидејќи тој не можеше да дојде при нас по селата — чекал некаква порачка за алишта — со едно одделение од Апостоловата чета отидов при него во блатото, каде поминавме 4-5 дена ужасен живот (облаци од комарци — се спие ззвиткан со платно). Чернопеев, изгледа, беше поминал преку Кукушко да ја преуредува околијата и од таму со истата цел, изгледа, се беше префрлил во Солунско, во Ениџевардарско со намера да оди и во Ѓевѓелиско. Обајцата дојдовме до убеденост, дека трудот ќе ни биде напразен, барем за брзо време, зошто не најдувавме ваму никаква опорна точка осем Лука Иванов, кој беше во овој крај нов. Овој крај ми направи впечатление, дека во организационен однос останал во првата фаза на организацијата, — запрено било да се развива. Уште едно разочарување од измамата на врховистите за востание во овој крај 1902 (беа измамиле 5-6 села), и од неуспешното држење на раководните војводски сили през востанието 1903 година. Цела класа од околу 100-120 месни стари четници, воспитаници на прости војводи, беа после востанието господари на ситуацијата, а легалните организации во градовите беа умреле.

При таа положба безнадежно ми се виде без сугестивна сила да се зафаќаме со брзото реорганизирање на организациите во овие околии. Направивме обид заедно со Чернопеев да слеземе во Солун, в град, на советување со поп Коцев, поп Арсов и други, останати таму сили. Односно Чернопеев беше го скроил тоа за себе и беше веќе уредил да тргне во селски алишта со пазарџиите, а јас се присоединив да одам и јас со него. Но во тоа време по некакви слушања, дека од Бугарија дошле во Солун атентатори, полицијата беше зела исклучителни мерки, и поп Арсов и поп Коцев беа интернирани во своите родни места заедно со други неколцина, така да немаше веќе смисла да одиме во Солун. Откако што обиколивме заедно со Апостола и со Лука Иванов по неколку полски села од Ениџевардарската и од Солунската околија го прејдовме со чамец Вардар за да си појдиме во Струмичко, каде го чекаа Чернопеев на окружен конгрес на Струмичкиот округ. По иницијатива на Струмичките водачи беа се распратиле покани не само во Струмичко, туку и во Солунско да направат општ конгрес во определен рок. Струмичките водачи требаше да ги распратат поканите, а Чернопеев беше тргнал да агитира за делегати, да ги поуреди околиите итн.

Кога појдовме во Струмица, рокот на конгресот наближуваше.Тоа беше летото 1904 год.