Sunday, 20 October 3258

Спомени на Ѓорче Петров 20

Слабости во организацијата во Прилепско. — Големи жртви на четата на П. Ацев, во борбата со турците при „Студенец“. — Останки од четата на Ѓ. Петров се збираат со разбиена костурска чета на Л. Поп Трајков и Иван Попов и на тиквешката чета на Геле. — Осуетен план на Ѓ. Петров да се разруши железницата од Лерин до Воден. При село Чаништа четите, нападнати, очајно се бијат и успеваат да си пробијат пат. — Ненадејна сретба со Б. Сарафов.

28 јуни

Луѓето како да се надеваа на надворешен потпор. Ваму се сретнавме и со Перета, во селата; тој беше ваму со чета — во прилепската чета. Самиот Пере ми ја опиша положбата дека е несериозна целата работа, и останавме тука, заедно одевме, сноевме по селата. Просто безизлезна положба и не знаевме што да правиме. Си ги толкуваме причините за ова и ги најдовме во Дамета, во Лозанчев итн. Момчињата се очајаа. Се обидов преку војводата Петрета Ацев да собереме една горска сила, која би ја дигнале така да изгледа барем како на востание. А тоа излезе, дека околиската организација е просто распадната, не се знаеше, каде и колку оружје имаат, не можеа да наоружат 70 души. В град испратив луѓе од мојата чета, да сондираат, може ли да се спроведе некоја акција в град, го натерав со таа цел и војводата Петрета Ацев да влезе во Прилеп за да уреди некоја акција в град. По моја покана доаѓаа од градот тамошни раководители. Впечатлението ми беше, и да би се могло нешто да се направи во градот, тие за свое лично самосохранение ќе го парализираат. Раководството во Прилеп беше паднало во раце на повеќе себични, беа граѓани младинци. Ги викав сите. Впечатлението ми беше, дека по градот не се работело на чисто револуционерна почва. Имало елемент во градот, запален и готов за работа, но водачите, граѓани и некои учители, излегоа просто синови од ситната буржоазија, шмеќари, кои почнале, штом дошло до востание, да се извлекуваат со разни измислени причини. Немало кој да ги поведе вистинските работници. Неколку по предани раководители како Тале Христов со неколку чесни работници 20-30 души го напуштиле градот и излегле со чета и се присоединуваат кон прилепската чета на чело со Петрета Ацев. Брзо по излегувањето аскерот ги напаѓа близу до градот, станува борба при Студенец. Четата била од 87 души; аскерот само патрола од 35-36 души ги напаѓа и ги истепуваат. Четата била на еден врв, „Студенец“. Место да бијат од врвот, Петре Ацев предлага да отстапат, војската ја зема нивната позиција, тие остануваат на пониско, ги изубиваат, новите триесетина души загинуваат, се растурваат, изумруваат мнозина од жега и глад. Тоа ги потресе граѓаните и никој не се осуди да востанува. Ние останавме со четата бесцелно да стоиме по селата. Истото време му се јавив на Дамета, дека сум пристигнал и да му го чујам мнението за тамошните работи. Одговор од него добив доцна. До неговиот одговор сведенијата од Битола ми одат кон пропаѓање, кон својот крај. И Даме ја опишуваше положбата безнадежно.

Стигнав во Прилепско околу 10 август на 14-15 август најдоцна на 20 август му се јавив на Дамета, а беше веќе доцна, септември, кога преку Битола ми дојде абер од Дамета. Беа веќе разбиени во Демирхисар, во Охридско имаше веќе реакција итн. Јас продолжував со четата заедно со Перета и Петрета Ацев да одиме по селата. Превземавме ситни работи — напад на некој чифлик, некоја кула-мала, ситна, мизерна работа. Но тука агитиравме, дека таму ќе ги вршиме сите работи, а таму никаква работа не првевме. Четниците останаа без алишта и опинци. Од Прилеп не ни се достави ништо. А тамошната чета не не` пречека добро. Полно разочарение. Некои момчиња буквално боси одеа. Страшно разочарани, повеќето сакаа да ме остават, да се вратат во Бугарија. Со нив беше Ќосето, војводата, со три четврти од мојата чета (околу 25-26 души) и од прилепската (околу 20 души). Останаа со мене 14 момчиња.

Јас бев решен да го оставам Битолско, но не сакав да се враќам, бев се` зарекол да не се врак`ам жив во Софија, од каде што тргнав многу огорчен, ражален поради тоа, што ми подвалија најблиските. И таму внатре се разочарав од многу нешта, најдов себичност. Околу еден месец лутавме. По тоа време дојде од Костур една чета на чело со Лазар поп Трајков и Иван Попов на чело со 130 души. Тие беа разбиени во Костурско, бидејќи во источната половина на Костурско, беа подгонети, дојдоа низ Леринско-Битолско-Мориово за да се запазат. Преку Воденско, спотерани од глад, стигнуваат во Прилепско со намерение да појдат во Бугарија. Грозно впечатление ми направија, што сите беа окапани, голи, боси, како цигани, и насекаде гонети од војската, изгладнети беа како волци. Од 300—400 души, што тргнале од Костурско, беа останале до 130 души, а другите се одделувале на групи и си оделе во своите родни места. Но спрема прилепските четници предизвикаа восхитеност во неа. Споредувањето беше, што беа херои спрема нашиве баби. Еланот во нив не беше убиен. Со нив одевме десетина дена, тие со разбиени надежи и со намерение за Бугарија, јас со разбиена верба и совршено очаен од Битолско, но сосем несклон да се враќам назад во Бугарија. Сметав, дека јас подејствував на Лазара поп Трајков, место да одат во Бугарија, да се вратат назад, не со цел да се биеме со аскер, ами со нов план: моите материјали, експлозивни материјали да ги употребиме за работа, така да нивните со моите луѓе ги поведеме и да ја разрушиме линијата од Лерин до Воден. Нашите четници заедно со костурските се збираа околу 130-140 души. Сметавме, дека во Мориовско, Битолско и Леринско ќе собереме уште чети, приберени, та к`е станеме 400-500 души (имаше битолска чета до 150 души и леринска чета итн.). Во исто време јас и поп Трајков му пишавме писма на штабот, на Дамета, скришум дури од Перета и од прилепските чети. Го изложувавме својот проект на Дамета и го каневме тој да уреди во Костурско така што костурските и леринските чети да тргнат едновремено со нас за да се сретнеме кај линијата меѓу Воден и Лерин околу село Сурович и таму да дадеме голема борба, ние на лево од линијата со 400-500 души, тие на десно со 500-600 души, за да го ангажираме аскерот, а во тоа време да одделиме атентаторски одреди, кои би ја разрушиле линијата до самиот Воден. Истото време уредив со писмо во Ѓевѓелиско, Ениџевардарско и Воденско, соопштувајќи им го својот план, го поканував ваму Савата и др. да превземат и тие слични акции. Имаа и тие експлозивни материјали. Тие го добиле писмото и беа се исмејале. Забележително е, што во истото време токму тогаш беше им дошло на ум на Дамета и Бориса — резултат на разочарение од четничката способност да се бијат — да прибегнат кон терористични дејствија, така да и тие ни пишале нам исто. Решиле Борис да појде низ Битолско-Леринско и Костурско та да ја свршиме таа работа таму. Додека тој да тргне, нови услови за нив се јавиле и во името на штабот земаат решение, насекаде да ги расформируваат четите, да го приберат четничкото оружје во складови и да им препорачаат на четниците да се предадат веќе на властите. Од Битола конзулите ветија амнестија. Зима идеше, луѓето очаени пред суровата зима. Четите на групи-групи се одделуваа и намалуваа четниците.

Ние со споменатата цел тргнавме од Прилепско, разделувајќи се од прилепската чета, што беше многу непријатно. Се упативме за целта низ Мориово. Во село Годаково (Мориовска околија) се сретнавме со тиквешката чета на селанскиот војвода Ѓеле, од кого што дознавме, дека и во Тиквешко положбата не била за востание. Ѓеле дојде тука за да се прикрие, силно теран од Тиквешко. Во синорот на село Дуње преноќувавме без помошта на месната организација. Преку село Чаништа (се` во Мориовско) мислевме да се упатиме низ мориовската гора и преку неа кон целта — Сурович. Но тука селаните ја беа предале четата и бевме принудени да дадеме борба. Костурската чета на доаѓање во Прилепско поминала низ ова село и по егзекутивен начин беше зела десетина глави добиток без да плати. Тоа по време беше дошло до знаењето на турските власти пред да пристигнеме ние неколку дена така да неколку селани биле тепани, заплашени, станало големо оберување на селото. Турците зграбиле чорапи, антерии, хранителни резерви, се` обрале Турците гоолоштари. Ние ојдовме во селото без однапред да известиме речиси како туѓа чета, макар и да имаше 7-8 момчиња од прилепската чета. Селаните беа заплашени, за да не настрадаат пак. Лазар поп Трајков завзеде една чука, еден саат до селото, а јас со 6 момчиња влегував во селото да уредам за провизија, да земам курири, да и` јавам на мориовската чета итн. Кога влегов в село одвај со сила можев да го извлечам од дома селскиот војвода, кој што дојде кај нас и ни изјави, дека не не` прима. Ги собра селаните да решаваат што да прават. Се договоривме да не стоиме в село по нивна желба, ветувајќи ни да ни пратат угредента неколку овци и леб за храна. Мислевме да тргнеме за Сурович. Утредента рано турски војници, скриени дотогаш, ја нападнаа нашата застава на чука, каде што бевме 20—30 души. Таму беше Јово ИВАНОВИЧ, Началник на заставата. Тој беше зел убави мерки, се` беше таму и таму си го загуби окото. Селаните вечерта, просто за да го спасат селото, од страв пред турците решават да не` предадат на Турците. Веќе имаше од прилепска чета четници предадени. Селаните го земаат ова решение, праќаат до аскерот известие и аскерот полека нок`та се измолкна. Ако не беше заставата, ние бевме сосипани. Уште рано не нападна војската. За борбата ви расправал Попов. Бевме сосем изненадени. Ако не беше заставата, ако не беа силни момчињата во заставата и ако не беа распоредбите на Јово, не ќе можевме да се спасиме. Турците прво се спуштија против заставата од каде што ни се даде знак со крпи, дека сме нападнати. Ние, додека да го прибереме багажот — моите материјали ги натоваривме на 7—8 маски и ги повлековме нагоре, — борбата се беше заврзала. Материјалите се измолкнаа нагоре. Имаше една друга чука на еден сат растојание. Сакав да ја фатиме оваа чука. Имавме 20 малихери 14 маузерки, другите беа грчки пушки. Материјалите отидоа со одделението, што отиде да ја земе оваа чука. Циле Кономладски војвода, брз, со 20 момчиња ја отпретече војската и речиси на јуриш ја завзеде чуката. Трета чука имаше да се завземе и две момчиња успеаја да ја земат, но за кратко време. Борбата траеше цел ден. Атаките на Турците до пладне беа силни и сите ги одбивме. Во тоа време од сите страни се згусти војска, не помалу од 4— 5 илјади души. До пладне нашите момчиња добро се држеа. Попов лудачки се држеше. По пладне Турците како да се очајаа од првиот план на јуриш да не земат. Скроиле нов план, обете чуки да ги опколат и со една продолжителна генерална атака да се нафрлат најпосле на штик против нас. Од 7-сатот по турски до доцна атаката беше непрекината — честа стрелба, куршумите околу уши ни свиреа. До смрачување Турците успеаја да се доближат до чуката без да смеат да ни ги земат позициите, со надеж, дека следниот ден ќе се нафрлат на штик. На следниот ден ќе дојдеа и топови. На смрачување си зедовме збогум со еден нов експлозив, со едно кило динамит и со општо ура — па после тивко и незабележано отстапивме, ја прегазивме река Црна и на брегот што беше наспроти се скривме во едно трло, каде лежавме цел ден. Крлежи ќе не изедеа. Бевме капнати, сосипани, гладни, откако бевме патувале 10 саати ноќта, а 64 саати не бевме јале. И фишеците ни се беа свршиле. Бевме во ужасна положба. Местото ни беше незгодно, позгодно веќе не можевме да пристасаме. Лежевме на солнце. Со нас имавме 7 — 8 ранети меѓу кои што Лазар поп Трајков и Иванович (во окото). Убиени оставивме на чуката четворица и понапред двајца. Среќа имавме, што аскерот не тргна по нас. После разбравме од селаните, дека аскеров правел претрес на чуките, дека два дена збирале убиени и ранети. Тешко ранетите ги испратиле на болница, убиените ги закопале во нивјето, а треба да биле, по сведенијата од селаните, преку 200 души. Позицијата многу ни помогна. Турците во атаките многу се излагаа.

Вечерта најдовме пољак од едно соседно село, Грумишта, и стегнати од глад му се доверивме да го испратиме во селото да ни донесе леб. Не се врати. Тој отишол в село, го забрал раководителот и ја сретнал другата чета на Циле и јавил, кај сме ние, така да се сретнавме со оваа чета, ја пристигнавме Мороивската планина и таму се сретнавме со тиквешката чета на Толе — паша. Престоавме еден ден, се нахранивме и тргнавме за една месност, Лаката, и од таму за село Будимирци да се сретнеме со битолските и леринските чети, кои што требаше да ги забереме со нас. Во една кула над селото Будимирци се сретнавме со околните војводи (битолски, лерински, прилепски). Дознавме, дека битолските чети во Мориовско останале само мали остатоци — до 30—40 дунш (од 180 души); другите се растуриле. Четите веќе беа изгубени и нивниот главен војвода Тодор Златков беше избегал во Битола. Истата судбина беше и со леринските чети во Мориовско така да од сите чети оздравените се откажаа да идат со нас. Биле во право тие, зошто околу Сурович имало до 14 илјади војска по линијата. К`е бевме сите просто како кучиња избиени, бидејќи местата се голи. Успеавме да земеме со себе еден од војводите. Истата вечер се доби сведение дека во околните села доаѓа аскер, та ние истата вечер се упативме кон врвотината Ниџе планина за да се прикриеме и за пребегување оттаму. Совршено неочекувано, за голема наша изненада, истата вечер и на истото место со 14—15 души пристига и Сарафов, кој што бегаше од кај Костурско. Сарафов ни јави за решението на штабот да се расформируваат четите, зошто востанието пропаѓа, четите се распаднуваат, така да го спасеме барем оружјето. И за амнестија имало надеж.

Не го одобрив само расформирувањето на четите.