Saturday, 19 August 2017

Спомени на Ѓорче Петров 18

Гарванов агитира во полза на земеното решение за востание. Ѓорче Петров и Делчев се противат; Пере Тошев нерешителен. — Сарафов тргнува со чета за внатрешноста. — Делчев се објаснува во Солун со Груев по прашањето за востанието. — Расположење кај Делчев за атентаторство.

19 јуни

Сега да продолжиме по прашањето за востанието. Нашиот одговор беше произвикал во Солун узбуна, така исто и во Битола, зошто таму им се сакало, не се согласувале лесно да примат востание без наша полна согласност. Пак обвиненија против мене! Почнуваат да се обидуваат да ги склонат Перета и Делчева и да ги одделат од мене. Неколку време потоа, во јануари 1903 година, ми се чини, Думев и Гарванов дојдоа со специјална мисија тука да го расипат нашето решение. Јас ниту се сретнав со нив и понатаму ниту зборував нешто по тоа прашање со нивната компанија, зошто криеја од мене што вршат. Пере ги остави сите без одговор. Делчев остана на своето мнение против востанието, но не зеде позиција да противдејствува — тој е мек веднаш. Впечатлението и на тројцата беше дека макар и да се решавале по тоа прашање, не верувавме, дека ќе се решат, дека к`е дојде до востание, широко и категорично, како што го кроеја тие. И тројцата сметавме да си влеземе внатре, бидејќи век`е тука неохотно ни се работеше со Татарчевци. Исто така и Борис се готвеше да си појде. Претполагавме, дека кога к`е се прснеме таму по разни краишта, дека ќе повлијаеме. Јас и Делчев особено останувавме на старата програма. Пере остануваше нерешителен. Положбата беше сериозна и изострена. Ние препорачавме да се измени тактиката на дејствието на четите и на терористичките елементи во градовите; од пасивно, чисто припремно држање, да се прејде кон една поголема активност, да се почне активно да се дејствува, кое што би се доближувало веќе до востание, за да се припремат и калат повеќе работници за вистинското востание. Дотогаш организацијата на четите запретила да се вршат работи кои што можат да ги изложуваат месните организации на катастрофи. При таков дух на дејност, кога ќе се придадат и нерешителноста и непревземливоста на легалните сили во градовите, кои што диктуваа, управуваа, организацијата се беше ограничила само со внатрешна организациона дејност. Скоро никакви мерки, никаква иницијатива против Турците не се забележуваше. Една затвореност. На четите им беше наредено не само да избегаваат сретнувања со турските власти, но дури да го прикриваат своето постоење во околијата, И до овај саат, за кој што зборуваме се така си беше по традиција. Ако се сретнуваа тука-таму чети со војската и станеше бој, секогаш тоа било предизвикано од турска страна, или по предавство, или по случајно откритие. И во такви случаи дури четите беа ја усвоиле тактиката да отстапуваат. Само во безизлезност, нападнати, четите стапуваа во бој. Ако во тоа време се слушаше тука често за судрувања меѓу чети и аскер, тоа беше, што работата веќе вриеше внатре и случајните конфликти меѓу четите и аскерот зачестија вопреки споменатата тактика. Градските активни елементи, на кои што божем најмногу се сметаше за време на востанието, не беа испробани и калени во никаква борба против Турците. Зошто во градовите уште построго дејствуваа тајно; ни сенка од иницијатива, ами само крајна претпазливост. Воопшто духот беше чисто конспиративен — ропска тактика. Сретбите на градски работници со чети, за да видат пушка, ги немаше миогу. Малцина од нив беа успеале да земат пушка в рака и да се вежбаат со неа. Тоа беше положбата — чисто пасивна политика на организацијата, кога вниманието на нејзините луѓе уште беше свртено исклучиво кон уредбата на организацијата и кон нејзиното материјално подигање. Широката маса сосем не беше припремена да излегува гради со гради со Турците, не беше припремена преку настани од тој род, за да може отворено да ги пречекува.

Излегувајќи од тие соображенија, јас ностојував, дека ако положбата веќе се изострила во земјата и ако фазисот на пасивната дејност на организацијата веќе поминал, да ги разврземе повеќе рацете на четите и на градските раководители, да се почнат одделни акции, за да ги воспитуваме четниците и др. кон пушката, кон бестрашливост, да добијат искуство за напад. Слична тактика на деломична активност, ако добиеш развој по целата земја, по моето разбирање ќе претставуваше земјата во перманентно востание, без да е објавено формално востание. Ние така можевме неколку години да ја измауваме земјата, без да може Турција да каже, дека има отворено востание. Ако им беше дозволено на четите отворено да преследуваат турски разбојнички чети, да накажуваат лоши полицајци итн., селаните да се расправаат со кехаите и разните други арнаутишта, што ги сосипуваат по чифлиците, ние ќе имавме толку афери наеднаш, што ќе пробудевме општо внимание и Турција да ја измориме. А ние се плашевме: „сакн да не стане некоја афера!“ За мене слична една борба е не од помала важност, отколку едно прокламирано востание, зошто таква борба може долго време да трае. Со овие наводи јас ги убедив своите другари, имено дека по тој начин ќе се забрза востанието по природен пат, ќе се дојде до крупната борба, која што ќе биде крајот. Ова становиште јас го подржував секогаш, дека востанието е моќно средство на организацијата, но само додека е тоа идеал, кон кој што се стремиме. Бев убеден, дека стане ли тоа „реал“, веднеш после востанието ќе се јави разочарение. И навистина така излезе.

Оваа програма сакавме со Делчев да ја разгласиме внатре и не верувавме, дека Гарвановци ќе успеат. Но Гарванов, доаѓање тука, со Матов, Татарчев и дружина скришно се советувале без нас и праќаат контра-писмо, потпишано од Матов и Татарчев, како мнение од сите тука со исклучок само на некои така што во Солун го премолчуваат нашето писмо и си ја продолжуваат агитацијата. Беа го скроиле востанието пролетта рано, после на Гурѓов-ден, потоа на св. Кирил и Методи, а најпосле на Смилевскиот конгрес се определува за 20 јули-Илинден. Тие ја беа распределиле земјата на бојни окрузи за востанието. Груев веќе се одобравал, Гарванов и Думев дојдоа со негово знаење. Беа распределиле веќе во проектот и главнокомандујушчи по бојните окрузи.

Во почетокот на пролетта Борис појде без да беше поканет. Тој изрази желба и не му се откажа. Тој сам си ја припреми четата. Приказната беше да остане оттука Вардар. И тој божем беше посогласен со нашето гледиште, но излезе дека и тука тој бил неискрен спрема нас, зошто веќе оттука тој си скроил да оди во Битолско, за кое што знаеше, дека таму ќе има поголема слава. Тој и тука си беше со желбата да се убрза востанието. Тој и Давидов и Славчота ги наостри да проповедуваат востание. Секаде, до кај што поминал тој внатре, проповедувал востание. Нас тој не сметаше баби, кои што вечно ќе го забавуваме денот на неговата омилена мечта-востанието. Малку да беше посериозен човек, тој можеше да види од припремите на населението низ Малеш — Струмица — Радовиш — Тиквеш, оти востанието не е созреало. Вопреки тоа на Смилевскиот конгрес тој излегол отровен партизанин на востанието. Малку по него отиде и Делчев. Беше настанал кај него еден преврат. Тој тука конечно беше се разочарал од Матов и Татарчев и на тргнување настојчиво ме молеше да го задржам Перета, така да заедно ги воздржаваме да не одат многу далеку. Нив им изјави, дека ќе ги смета за решенија оние, кои што ќе бидат земени заеднички со мене и со Перета. Беше се разочарувал и од солунските дејци во своите сретнувања со Гарванов. Делчев тргна со силна желба да го види Груев, да размени мисли со него; во него имаше уште надеж, но отиде загрижен за организацијата. Тој стигнал во Солун. Тие вешто го оставиле само со Дамета, кој што 2-3 дена го држал во една стаја при себе и се мачел да му го разбие убеѓењето против востанието. Даме успеал со тоа само да му го нанесе последниот удар на разочарение, како што беше се исповедал пред Пере Јаворов и други, со кои што се беше сретнал после во Серско. Овај дух на очајаност проличува и во едно писмо до мене, во кое то тој ми велеше, дека ништо не може да се направи и дека оди во Серско, „да си ја даде главата“. Во Солун му ја возложиле мисијата да ги убеди другарите во Серско за востание и да го организира таму. Јане Сандански пратил чета да го пречека во Серското поле и да го одведе в планина.

Важно е, дека Делчев бил намирисан од Солун, бил следен до Сер. Бивши бугарски офицер, помак, Тефиков, негов другар од военото училиште во Софија тогаш началник на жандармеријата во Драмско, бил натоварен со мисија од Солун, тој прибидејќи лично го познавал Делчев, да го пречека и да го убие. Штом Делчев излегол од град Сер, веднаш го надушил. Селото Баница е саат и пол од Сер се гледа дека во Солун не успеаја да го фатат. Треба да знаеја, дека тој ќе оди во Серско. Во Солун имало некој шпиун, близок до нашите луѓе. Тоа се заклучува од следното. Земаат во Солун решение за востание. Гарванов и Думев к`е дојдат тука, а еден министер тука (не паметам кој) ми соопшти, дека од турски извор, од турското комесарство знаеле, дека Гарванов и Думев ќе дојдат, и тие навистина дојдоа. Допуштам затоа дека шпиунството за Делчев било од Солун.

Јас бев тука, кога се слушна за смртта на Делчев. Страшно бев поразен. Ја криевме неговата смрт извесно време.

Кај Делчев пред да загине, беше се јавило едно расположење за атентаторство. Јас го толкувам како резултат на неговото очајание за иднината на организацијата. Тој со своето влијание, со своето лично настојување, веднаш создаде јако расположеше во тој правец. Толку јако, што Матов, Татарчев и Сие, макар и да беа против, не можеа да се противат, а требаше да содејствуваат. И јас не му го одобрував ова, предостанувајќи ги атентатите за после, кога ќе стане востание. Делчев беше незадржлив занесен по овај пат, сметајќи ги атентатите за едно од средствата на нашата програма. Главно се беше одушевил за атентат против железници и мостови. Под тоа влијание тогаш тргнаа неколку чети со експлозивни материјали. Освен Делчевата чета, друга тргна за Одринско, друга Савовата, друга со Пушкаров во Скопско. И станаа неколку обиди, колку да докажеме, дека не е по нашите способности оваа работа. Огромна беше количината на внесениот материјал од бомби и динамит, а резултатите ништо. Се покажавме просто некадарни.

По смртта на Делчев и во мене се зароди мислата да заминам внатре, едно што се бев разочарал тука, а второ и бевме зборувале со Делчев. Матов и Татарчев ми ја откажаа подршката, а исто така и поткрепа да појдам со поголема чета. Ми препорачуваа да појдам сам, со друга некоја чета, туѓа. Додека се разбиравме вака со нив, јас бев интерниран од кабинетот Данев—Сарафов. Тогаш тука ги поништуваа комитетите, го интернираа Цончева во Дреново, Станишев и Карајовев, а мене пак во Казанлак. Многу се насекирав. Одвај со триста молби после еден-два месеци Матов и Татарчев ми преведоа до стотини лева. Стојав во Казанлак два месеца и нешто. Не бев веќе во текот на работите, но беше јасно, дека решение за востание е безповратно земено.

Кога се вратив од интернирањето, бидејќи прашањето за востанието беше веќее свршено, се откажав тука од се` и со лични усилби се мачев да си наоружам чета и да заминам внатре. Тогаш беа тука Јане и Чернопеев, се наоружаа. Се подзборуваше дека ќе се подигнува. Ние не знаевме како да се држиме, сите бевме ни рак, ни риба. Припремата на четата продолжи многу. Најпосле наредив една чета до 138 души.

Интерниран бев во февруари, а се вратив во април месец. На 1 мај го испратив Перета, тој си отиде со кирајџии.