Friday, 20 October 3284

Спомени на Ѓорче Петров 17

Влијанието на Гарванов и на Лозанчев за да се убрза востанието. — Непокорна опозиција на Ѓ. Петров. Резолуција на собранието на внатрешните дејци во Софија против припремањето на општо востание. — Б. Сарафов со содејство на српските власти ја препраќа во Македонија четата на Глигора. — Внатрешни дејци негодуваат против таа постапка на Сарафов. Сарафов се оправдава. — Сретби на Јор. Тренков во Прилеп со војводата Глигор.

17 јуни.

Есента Гарванов внимателно зема решение за востание внимателно советувајќи се со луѓе, за кои што би бил сигурен, дека ќе склонат така да после го изнесе како решение на округот. Ги сондирал Лозанчева во Битола и Дамета, изгледа. А потоа и друго, што имало, не знам. Го рашируват овај круг на сондаж и во Битолско, особено во Костурско и најпосле прогласуваат, дека солунскиот округ се искажал за востание, а битолскиот дека навалува за него. Зимата 1902 г. Лозанчев бил повикан во Солун, како претставител од Битолско, формално да се советуваат по ова прашање. Без претходен конгрес во Битолско, Лозанчев просто си го дава мнението, дека како полномошник на битолскиот округ изјавува, оти востанието треба да стане и оти, ако не стане, ќе го направат сами. Тоа се` е во согласност и по сугестии на Гарванов. Слично и Гарванов искажува свое лично мнение и тоа пак, како божем округот го има тоа мнение. Славчо Ковачев сериозно се беше уплашил од Штипската афера поради оружјето во Штипската околија, кое што турската влада навалуваше да го прибере од населението. Во истата положба бил и Чернопеев во Струмичко, се` поради оружјето. Во таа паника и Славчо и Чернопеев ни пишаа тука за својата положба и реско прашуваа, ако бидат принудени се да загубат, не би ли било поарно во таков случај да го кренат знамето во своите околии. Тоа му го пишале и на Ц.К. Гарванов и овие писма ги покажал на советувањето со Лозанчев и др., за доказ дека и Скопскиот и Струмичкиот округ го сакаат тоа. Заклучокот на советувањето беше, дека се зело решение чуло ли не од името на целата земја да се објави востание, и тогаш решаваат да ни јават во Софија. Матов и Татарчев приватно се споразумиле и биле во тек на овие работи, но тука криеја од нас. Со официелно писмо од Солун Ц.К. ни го соопштува своето решение, земено во Солун, и ја сакаат нашата согласност, а не мнение. Имаше и приватни писма и од Лозанчев до некој од нас, во кои што се велеше, кој не е согласен со востанието, тој е предател, цел народ е на нога; кој е страшливец нека не го последува итн. Тоа се доби на празницитње зимата, треба да е било во почетокот на јануари. Мотивите на нивното решение (беше долго писмо) беа, дека војводите и населението во Битолско не можеше да ја трпат положбата и биле готови да избувнат секоја минута. А за да не испадне деломично движењето, кое што би се смачкало веднаш, за претполагање било организацијата да дигне општо востание и да го претекне ова избувнување. Пресилено се обидуваа во писмото да ја претстават така запалено положбата во целата земја, служејќи се со писмата на Славчо и на Чернопеев. Друг мотив: ако не стане избувнување, организацијата рескира да се фати од турската влада целото оружје и востанието би станало невозможно. Така си ја толкуваа тие пријатели положбата. За поткрепување на идејата за востание оптимистички ја претставуваа положбата во земјата со фалшиви податоци, како што разбравме после, за материјалната припрема на востанието во окрузите. После кога бев во Битолско и се сретнав со повеќето од соучесниците на Смилевскиот конгрес, таму ме уверуваа, Лазар поп Трајков – дека Ц.К. пишувал писма во Битолско, пред уште да се земе решение за востание, така што сите окрузи оттука Вардар да се готоват, дека ќе востануваат та „гледајте да не останете назад“. Така ги подлагувал Гарванов со слични писма сите окрузи.

За да дискутираме по предлогот на Ц.К. ние се собравме тука во Софија на заседание на број околу 20 души, видни организациони сили. Учествуваа: Матов, Татарчев, Пере, Борис Сарафов, Славчо Ковачев, Давидов, Делчев, Сиљанов, Гирџиков, Влчо Андонов од Охридско, Сава Михаилов, Пушкаров, Хаџи Николов и др. Се збиравме на неколку пати од 16 до 24 души.

Матов и Татарчев го прочитуваат писмото и брзо се искажуваат во духот на согласност. Големо мнозинство од собранието ја поткрепува идејата за востание – Сиљанов, Борис, Гирџиков, Давидов, Славчо, се искажуваат согласни 6ез сериозни мотиви, и се` врз основа на мотивите во писмото, со парафраза на овие мотиви, поткрепувајќи ги со извесни одделни факти. Нови мотиви се дадоа како Славчевиот мотив: „Бидејќи врховистите направија востание, да не останиме поназад, та да речат луѓето, да не сме способни да Правиме востание, да не сме револуционери“. Друг мотив беше едно смоткано изложение на политичката положба во поволен смисол. Против востанието категорично станувавме само јас и Делчев. Пере не се произнесе, со извинение оти е нов дојден од затвор, дека не е добро осветлен за вистинската положба тука и внатре, а интимната мисла му била против востанието. Тој веќе намислил тогаш да избега внатре и таму да се расправа по ова прашање. На Смилевскиот конгрес се беше произнесол против и беше избегал од конгресот. Делчев се обиде да ги собори мненијата, тој немаше дар за реч, се искажа категоричен противник на такво востание, какво го проектираат, а е за востанине, кукво што си го бевме скроиле јас со него. Делчев се запали, се испоти, се расфучи.

Јас станав и одржав тогаш реч, која траа шест часа. Како што ми признаа тие, ја разбив убеденоста на тие, што се произнесоа за востание, и мнозина од нив станаа (Сиљанов, Гирџиков, и др.) и ми признаа: „Ти си необорив во твоето мнение“. Јас ги разоткрив вештачките Приеми за подигање востание. Матов, Татарчев протестираа. Знаеш, како се распалува докторот. Фактите, што ги приведуваа тие оти ќе имало избувнување на населението, еден по оден ги изоборив по признанието на самите, што биле во оние места. Фактот на пр., оти селаните излегле со оружјето во шума не е уште признак за востание, ами само да избегнат да не им го земат турците оружјето и лично да не настрадаат. Кога се сретнав после со костурци, — со Попов и со Лазара поп Трајков — овие ми признаа, дека не е вистина оти не можело да се одржи положбата, признаа дека вештачки Ц.К. ги заблудувал, дека божем се готови сите, та да брзаат.

Точките односно опасноста,оти ќепропаднеоружјето ги оборував така исто: опасноста не е така голема; го уверував собранието, оти не треба да се плашиме никогаш, дека една околија, што е припремена за востание, ќе го предаде своето оружје, а напротив, ако едно население е готово да го предаде своето оружје, дека тоа не е припремено за востание.

По фактичката припрема со позитивни податоци, познати повеќе мене отколку на самиот Ц.К., им докажав, дека можеме да ги сметаме за колкугоде припремени само 7 околии: костурска, леринска, битолска, демирхисарска, кичевската — во Битолско; во Солунско Кукушката само и тоа доста слабо; во Струмичко само Струмичката околија и тоа со неподесни пушки, кримки, и во Скопско само Штипската околија — со кримки и мартинки.

После, во време на востанието, излегоа припремени Охридската и Преспанската околија, но овие се припремија дури пред востанието. Прилепската околија останаа и за време на востанието ненаоружена, одвај успеа да наоружат 150 души. Во Велешката околија не можеа да наоружат за востанието ниту една чета од 50-60 души. Штипско ни најмалку не мрдна во востанието. Во Струмичко беше силата само во четите, што навлегоа од Бугарија под водството на Чернопеев. Во Кукушко се образува една голема чета, се криеја во Ѓола, не можеа да го нападнат градот и најпосле, заобиколени, избегаа во Гевѓелиските Пазарски планини, без бој, без формално востание. Значи тоа што го претскажав тогаш на заседанието, се докажа после. Го уверавав собранието, дека ако го прогласиме тоа востание, ќе ја побиеме идејата за сенародно востание за долго време, зошто ќе востанат само во неколку околии. Уверавав, дека сега е невозможно сенародно востание, зошто уште нема припреми, ниту потребните материјали. За оттука Вардарскиот дел им претскажав, дека ќе работиме ние против сами себе, зошто ќе ја повториме 1905 година — со востание само со чети од Бугарија, кое што ќе биде против основните задачи на организацијата, како што сме ги разбирале тогаш.

Во резултат на апсолутно мнозинство се реши да се соопшти во Солун од името на сите присутни, дека сме против земеното решение за востание. Борис и Славчо навидум се согласија (гласуваа против). Остана само Матов, Татарчев, Xаџи Николов и уште еден двајца, што гласуваа за востанието. Бевме натоварени јас и Матов да го пишуваме писмото. Јас посакав тој и јас да го оставиме поодделно проектот за одговор. Во собранието мојата редакција поотворена и порешителна, се прими и се спроведе во Солун како мнение на тукашните претставители на организацијата. Забележително е, да беа најмногу за востанието тие што не мислеа да земат и не зедоа учество во востанието. И на Смилевскиот конгрес беа за востание најмногу тие околии што не зедоа после учество, Солунската на пример, макар во Солун да се изигра најважната улога за прогласување на востанието.

18 јуни.

Тука ќе направам едно застранување. После Битолското востание Матов и Татарчев беа испратиле свои луѓе во Белград, свое претставителство (конзулство) — Сава Михаилов и Константинов Михаил. Борис им конкурираше на Матовци и го праќа Матеја Геров. Беше пошол по ова време и Јанков од страна на Цончев (втор пат). Не може да се разбере уште што вршеле. По она време Борис беше образувал тука одделен комитет со Славчо Ковачев, Чакаларов и Апостол Димитров (тој, што е сега со Матов во претставителството). Ова праќање на луѓе беше веднаш по востанието. Во истото време Цончев, Борис и Матовци тука во Софија се натпреваруваа пред бугарското министерство на надворешните работи. Беа се разочарале од бугарската влада и секоја фракција гледаше да најде пари, откаде и да е.

Глигор војвода со пушки од Србија и со чета тргна во Македонија. Уговорено било со Сарафов да се помогне за да се претера Глигор низ Скопско. Учителот Караманов, раководител во Куманово, по заповед на Тодор Павлов, раководител од Борисовата партија во Скопје, и тоа по наредба од Софија, отишол до српската граница за да се споразуми, за да му го покаже на Глигора каналот за да прејде во Скопско. При село Пчиња (Шиваров војвода, бил таму и сега расправа, тој видел се` ), во Кумановско, таму Бобев војвода, човек на Сарафов го пречекува Глигора со четата (20 души) ги претерува преку Скопско во село Рудник на границата меѓу Велешко и Скопско. Четата ја пречекуваат Андон Димов и Крум Зографов (тогаш раководители во Велес на Сарафовата партија, сега Андон Димов е тука) и по распоред пак оттука и во споразум со Скопје ја пречекуваат, за да ја преведат преку Вардар. Бидејќи преминувањето било мачно, Глигор се споразумува со миљазимот на мостот при Зелениково и миљазимот една вечер за 150 лири ги повлечува војниците. Ја претставил како српска чета, но пред селаните минавала за бугарска чета, толку повеќе, што Бобев бил со нив така да четата поминала на мостот, оттука преку Сталп над Нежилово пристигнала во месноста Азот во Велешко, а оттаму се префрлила во Порече во село Крапа, србоманско село. Боби тука го оставил Глигора и се вратил назад во Скопско. Д-р Кушев, кој што е сега заточен, тука во Софија прашувал наши луѓе, поп Арсов, каков бил распоредот на Бориса, за да се прими и препрати Глигор. На Рилскиот конгрес Сандански го обвинуваше Бориса по неколку точки, земени од Серскиот конгрес и мег`у овие точки беше, дека Борис примил и парични средства од српската влада. Борис на ова прашање одговори: „Ме обвинувате, но јас го направив тоа без каков да е ангажимент; мислев, дека к`е влезат и Србите во правиот пат и дека к`е допуштат наши чети да одат, но штом тие сега прак`аат српски чети, јас сум против нив и им отворив војна“.

После востанието нашите извршија големи глупости. Како што реков, тие испратија во Србија луг`е, од кои што српските власти Симиќ особено, многу добро ги научил нашите раздори, нашата слабост. Јанков и Сава и Константинов не биле, спроти мене, толку недобросовесни како Геров. Симик` разбрал се` и го избрал Бориса како најсмел, без многу скрупули човек, и добива од него содејство за да ја испратат првата чета во Македонија. Борис си мислел; „Да ги земам јас парите, да ги надвијам тука своите противници, а пак после к`е видиме“.

Во Прилеп Јордан Тренков беше одамна човек на врховистите. Во време на востанието се споразумел со Петрета Ацев за да влезе во управно горско тело. Но во душата си остануваше противник на Ацев и врховист. После востанието раздорот меѓу него и Ацев во градот и во селото пак проличуваше. Кога бев јас таму после востанието во Прилеп, самиот Јордан Тренков призна пред мене, дека бил во преписка со Глигора, уште кога бил Глигор во Србија. Тренков прочита и две писма од Глигора од Србија, во кои што Глигор му соопштува, дека намерава да помине со чета во Прилепско и тоа не како Србин, ами како Бугарин; пушки нашол во Србија и ги зеде. Тренков ги прочита овие писма за да докаже дека е тој во преписка со Глигора, но дека Глигор не е србоман. Ацев го обвинуваше Тренков поради овие негови општувања со Глигора. Изгледа, дека Глигор си готвел почва и за Прилепско. И навистина Глигор од Крапа слегува во Прилепските села и го пречекуваат луг`ето од Тренков како војвода во Прилепско. Самиот Тренков се сретнуна со него и го подржува против својот непријател, Петрета Ацев. Значи му се даде содејствие на Глигора и од таа страна така да не е чудно што првиот опит на Србија е успеал — нашите недоразуменија се криви. Изгледа, дека Симиќ му дал напатствие на Глигора првото време да не излегува како српски војвода. Изгледа, дека ниту Глигор, ниту Симиќ не се надевале отпрвин, дека к`е имаат успех во Прилепско. Тренков е сега студент тука во нашиот универзитет. Глигор беше стар врховист, така да не е чудно што Тренков во својата борба мислел да го исползува Глигора за да ги завладее селата во Прилепско и Прилеп.