Спомени на Христо Татарчев 3

Првиот револуционерен конгрес nа В.О. во Ресен. – Внатрешен правилник на Организацијата. – Хр. Матов станува член на В.О. – Михаил Сарафов доаѓа за директор нa Солунската гимназијa. – Борбата меѓу двете струи меѓу учителите и граѓаните се засилува. – Конфликт меѓу Татарчев и М. Сарафов. – Поради интриги од противниците и положбата на како лекар и општествен деец станува тешка.

Истата таа 1894 год., на 15 август, стана осветувањето на новоизградената бугарска црква во Ресен од владиката Григориј, и таму се одржа првиот револуционерен конгрес, на кој беа дојдени 12 до 15 мина делегати од месните комитети. Таму бевме јас, Груев, Пере Тошев, Лозанчев, Ѓорѓи Пешков, Александар Чакаров и др.. Три дена едноподруго продолжија седниците во нашата куќа. Делегатите известија за состојбата на Организацијата. Тука беше уточнето однесувањето што требаше да го имаме спрема Егзархијата, општините и др.. Беше решено Организацијата да се труди за учители во сите училишта, општински и егзархиски, да протурка по можност свои луѓе. Исто така беше решено на истиот начин да ги преземеме општините и училишните управи во свои раце. На секој му беше дадено задолжение да дејствува за јакнење на месните комитети, а исто така и за снабдувањето со оружје. Паричните средства на Организацијата се состоеја само од членски влогови.

По конгресот Централниот комитет почувствува потреба да биде изработен и еден внатрешен правнлник, според кој ќе се раководат месните револуционерни комитети. Задачата да го состави тој правилник му беше поставена на Хаџи Николов, и овој правилник беше усвоен од Централниот комитет, сe така во истиот состав од шестмината, во дефинитивна форма, до крајот на истата година.

Во септември 1894 година Хр. Матов, што ја беше завршил својата учебна година како наставник во Серез, и заминуваше за Скопје, каде беше назначен за директор на гимназијата, се задржа во Солун. Тука за првпат Матов стапи во контакт со Груев, што му раскажал за постоењето на В.О. и го повикал и тој да стапи во Организацијата. Матов изјавил согласност, и беше заколнат од Груев, во присуство на Хаџи Николов. Потоа Матов замина за Скопје, откако му беше поставена задача да делува во полза на Организацијата во Скопскиот округ. Таму веќе имаше местен револуционерен комитет, на чело со учителот Кандиларов.

Вo 1894 година на местото на К’нчев за директор дојде Михаил Сарафов, со претензии да биде не само директор на гимназијата, туку еден вид губернатор на цела Македонија. Тогаш веќе започнува борбата меѓу нашите сомисленици и оние наши граѓани, што ја поддржуваа Егзархијата. Михаил Сарафов беше приврзаник на Егзархијата и на нејзините централизаторски стремежи. Како последица на тоа се засили и прогонувањето на учителите од струјата противна на Егзархијата, особено на учителите Македонци. Пред ние да стапиме во вистинска борба против Сарафов и неговите луѓе еден ден јас и Христо Тенчев, што беше послушно орудие на Сарафов, а потем и на Егзархијата, отидовме на рашетка во с. Киречќој. Јас го искористив сето време да го убедувам во потребата и правината на нашата револуционерна идеја, сугерирајќи му притоа да дејствува да го наговори и Сарафов, бидејќи ако неговата положба не му дозволува да стапи како член на В.О., тогаш барем да биде толерантен спрема нас, при што, од своја страна земавме обврска да бидеме лојални, да го поштедуваме црковно-училишното дело, што и ние го сметаме за многу скапоцено за нашето ослободително дело. Тенчев не одговори ништо, ниту пак подоцна заприкажа со мене за тоа прашање. Напротив, забележав дека по овој разговор постапките на Сарафов против нас станаа уште попровокативни. Нашите сомисленици, македонските учители, беа лошо третирани, ги навредуваа, ги насаскуваа граѓаните против нас со различни интриги. Сарафов стаса дури дотаму, да ме обвинува за неморалност, за божемни врски со учителки и сл., поради што морав да прекинам со него секакви врски и со пансионот. И до денес моите односи со Сарафов оттогаш не се променети. Поради оваа противакција нашето дело почна да наидува на сопки во бугарското општество, особено сред богатиот сталеж, што мачно се подаваше да биде под влијание на различни „коректори“ и „даскалчиња“, луѓе без истакната општествена положба.

Сето тоа беше во 1894 година. Ако не се мамам, тогаш јас бев заминал за два дена, – беше зимно време – во Воден, каде прогонувањата и неслогите меѓу двете струи се беа мошне заостриле. Сакав да ја проучам положбата, и истовремено да се обидам да влијаам во наша полза на оние, што беа расположени против Егзархијата, на чело на кои беше истакнатата, многузаслужна фамилија Занешеви. Кај нив гостував два дена. Пред нив, меѓу другото, отворено заприкажав и за нашата организација. Се разбира, не ги повикав отворено да станат наши сомисленици, но тоа се подразбираше. И навистина ова семејство потем помина исцело на располагање на Организацијата, заедно со множество граѓани во Воден и во околноста на Воден. Може да се каже дека подоцна воденско стана примерен револуционерен реон.

Потоа во Солун, по борбата против Сарафов и граѓаните, мојата положба стана потешка. Особено бидејќи не бев женет, насекаде во нашето повисоко општество, имаше натпреварување да ме привлечат поблиску во својот семеен круг. Но по споменатите интриги мојата положба како лекар и општественик ме тераше да се решам да се задомам, што и го сторив, по подолго размислување со своите другари. Во почетокот на 1895 година се бев запознал со семејството на бившиот грчки конзул Логотети, и во мај месец 1895 се свршив за ќерка му Софија Логотети. Меѓутоа, тоа крена цела бура во грчката јавност, а пак во нашата доведе до заладување на односите спрема мене, поради интригите на нашите идејни противници. Целата куќа на мојата свршеница, во која живеев и јас, беше нападната од џган Грци, со намера да ја запалат. Благодарејќи на англискиот конзул Блонд, добар пријател на семејството и семоќен пред турската власт, беше издејствувано еден кордон од војска да ја пази куќата во текот на три недели. По негово настојување јас и мојата свршеница со мајка й потоа заминавме за Виена, со цел да се венчаме таму во руската црква. По долги обиди тоа не ни успеа, поради различни црковни формалности, и ние заминавме во Романија, кај вујко й на мојата свршеница, Форанга што тогаш живееше во својата вила „Трендафил“ меѓу Браила и Плоешт. Таму останавме три недели, и потем мојата свршеница со мајка си замина за Атина, а јас за Солун. Најпосле тука, беа велики пости 1896 год., се венчавме во куќата на бугарскиот свештеник Маџаров.

Leave a Reply