Saturday, 19 August 2017

Спомени на Иван Хаџи Николов 8

ОСНОВАЊЕ НА ЧЕТНИЧКИОТ ИНСТИТУТ. ИСПРАЌАЊЕ СПИСОЦИ ВО ЕГЗАРХИЈАТА. КОНГРЕСОТ ВО 1899 ГОДИНА

Како што реков, Виничката афера (14.11.1897 г.) и` нанесе голем удар на Револуционерната организација. Сепак лошите последици останаа ограничени само во скопскиот округ. Во другите окрузи револуционерното дело, по кусо затишје, продолжи да напредува. Од друга страна активноста на организираната емиграција во Бугарија ни влеваше страхувања и пред таа афера. Кон средината на 1896 година Централниот комитет беше принуден да испрати во Софија свој претставник, што треба да ја следи активноста на емиграцијата, како и се друго што се мисли и работи по македонското прашање и благовремено да не известува за се`; исто така да собираат средства и оружје за потребите на Организацијата, и да врбува дејци и да ги испраќа во Македонија според наши посочувања. За таков го одредивме Ѓорче Петров, чие задржување во Солун веќе стана невозможно. Како член во Централниот комитет Ѓорче беше заменет од Хр. Матов.

Во текот на 1898 година Централниот комитет презеде и оствари две работи што му дадоа силен поттик на револуционерното дело во Македонија, и кои мошне многу ја олеснија работата на Комитетот. Тоа беа основањето на Четничкиот институт и воведувањето во практика да се испраќаат списоци до Егзархијата за назначување учители – дејци во позначајни пунктови.

Истата таа година Централниот комитет испрати упатство до околиските раководители, со кои се задолжуваа да ја изнесат положбата на околијата во револуционерен однос, како и нејзините потреби. Во половината на месец октомври 1898 година добивме одговори од 12 раководители. Во 11 од тие извештаи раководителите меѓу другото се оплакуваа на лошото однесување на терористичките групи, формирани во крајот на 1895 год., кои од населението барале секогаш убави гозби и издржување. Само во едно известување се пофалуваше агитационо – организационата дејност на нелегалната чета на Михаил Попето. По прочитувањето на извештаите, по мој предлог, решивме да се расформираат терористичките групи и наместо нив во секоја околија да се формираат нелегални малубројни чети од наши илегални дејци. Испративме писма до сите раководители да го применат во живот решението на Централниот комитет, при што во упатството се уточнуваше дека ако во некој реон нема илегални дејци, раководителите да јават за да се испратат такви. Постепено и за малу време терористичките групи беа заменети од илегални чети, раководени од војводи. Четите имаа задача да ги сотираат потисниците – Турци, да се отстрани теророт и да се крева духот на населението, и да го подготвуваат за идното востание. Но, материјалните средства што Централниот комитет ги добиваше од облогот на некои трговци, беа недостатни за задоволување на потребите на Организацијата по околии: тие средства се трошеа за издршка на затворениците во централните затвори, за плаќање хонорари на адвокатите по делата што се водеа по судовите, за документи за судии и друго. Поради тоа на месните раководители им беше даден налог да собираат членски влогови во пари или во натура од секој посветен и поимашен член на Организацијата, а посветените учители да внесуваат во месната организациона каса 2% од своите плати. Собираните средства да се трошат за издржување на месните чети, и главно, за набавување на оружје. А пак поимашните членови беа задолжени самите да си купат пушки, револвери и патрони. Парични средства за потребите на Организацијата се надевавме да добиеме и од Врховниот комитет во Софија, но надежите не ни се исполнија. Врховниот комитет беше непријателски расположен спрема Централниот комитет. Се покажаа попусто и надежите да добиеме парична помош и од штотуку формираните во Бугарија офицерски братства, за кои веќе не беше известил Ѓорче Петров. Моето доаѓање во Софија и средбата со Ал. Протугеров, П. Д`рвингов и Саракинов во Шумен заврши неуспешно; тие ми рекоа дека уште се наоѓаат во период на организирање, а за парична помош сега не може да стане ни збор.

Во текот на истата таа 1898 година, за да се зајакне организационата дејност во Македонија, решивме да составиме список од поактивни учители, кои да бидат назначени за работа во поважни пунктови во Македонија и Одринско. Подготвениот список го испративме во Софија до Ѓ. Петров, кого го задолживме да замине за Цариград, и таму да настојува кај Егзархијата за неговата примена. Обидот заврши со успех: сите учители од списокот беа назначени. И во текот на следните години се практикуваше истото.

Централниот комитет беше во чест контакт со раководителите во провинцијата, бидејќи мнозина од нив често доаѓаа во Солун по работа, или пак нарочно беа повикувани за виѓавање. Средби се одржуваа не само поединечно. Повикувавме и по неколцина на заедничка средба за советување. Тоа го практикувавме до 1898 година. На тие собири обично се разгледуваа конкретни и општи прашања и се донесуваа соодветни решенија. Најмногуброен собир – конгрес се одржа во месец август 1899 г. Присуствуваа окружните раководители и множество околиски раководители – на број 27 мина, а заедно со четиримината членови на Централниот комитет – вкупно 31 мина. Средбата се одржа во моето живеалиште. Секој од раководителите ја изнесе состојбата на делото во својот реон, ги посочи причините за се` станато и тешкотиите, по што се донесуваа решенија. Битолскиот, струмичкиот и серскиот делегат меѓу другото посочија дека најголема пречка за поголем успех на Организацијата наидуваат во лицето на митрополитите Григориј, Герасим и Ан. Наумов. „Тие луѓе – велеа делегатите, – и` се спротивставуваа јавно на Организацијата. При назначувањето на учители во градот или во селата го распрашуваат секого: дали си член на Револуционерната Организација? Ако си нејзин член, за тебе нема место. Или – ако утре узнаеме дека си станал член на Организацијата, веднаш ќе добиеш отказ!“ При таква положба на нештата, учителите, сега веќе сите наши луѓе, биле принудени да лажат дека не стапиле во Организацијата, за да не останат без учителско место. И тројцата делегати предложија да се преземат строги мерки против посочените лица. Сите други делегати молчеа Јас претседавав со собирот, и го поставив прашањето на гласање, велејќи: „Кој се согласува со предлогот на тројцата делегати нека крене рака“. Сите 27-мина делегати, без нас четиримината членови на Централниот комитет, гласаа за прифаќање на предлогот. Јас го очекував обратното, и кога го видов резултатот, морници ме обзедоа. Да убиеме двајца митрополити, претставници на нашата духовна власт, бератите за кои се издејствувани со толку труд, па дури и кога се противници на Организацијата, ми се виде страшно. Го погледнав д-р Хр. Татарчев, и на неговото лице го здогледав истото изненадување. Веднаш зедов збор и реков: „Г-да, сега прифативме едно многу важно решение. Решението си е решение, но во врска со него и јас ќе предложам нешто. Вие знаете колку многу непријатели имаме: како постојано не клеветат и какво е расположението на општествената јавност во Бугарија против нас. Ако веднаш го примениме решението против нас ќе се кренат страшни викотници и тоа многу ќе и` нанесе штета на Револуционерната организација. Ете затоа предлагам извршувањето на решението да му се предостави на Ц. комитет, тој кога најде за сходно дека времето е соодветно за примена на пресудата, таа тогаш да биде извршена. Без заповед од Ц. комитет никој да не пристапи кон егзекуција. Кој се согласува со мојов предлог нека крене рака.“ Сите 27-мина кренаа рака. Ми олесна. Подоцна, мнозина од тие делегати ми благодареа за предлогот.

На истата седница јас си дадов оставка во Ц. комитет, велејќи: „Сите вие знаете колкави викотници и какви обвинувања има против мене од опозицијата. Сметам дека моето задржување во Ц. комитет и нанесува штета на Организацијата, па поради тоа си давам оставка. Нека биде избран некој друг на мое место. Дури би посакал тоа да биде некој од нашите противници, за да може да се постигне обединување и да им се стави крај на интригите од страна на опозионерите. Мнозина зедоа збор за да се искажат, ги објаснија мотивите на интригите и изворите од кај доаѓаат, и сите еднодушно решија да останам во Ц. комитет, и да си ја гледам работата.

По конгресот Хр. Батанџиев, што беше член на Централниот комитет и секретар во Митрополијата, поради претрупаност со работа во канцеларијата на последната, поради физичка исцрпеност, си даде оставка на своето членство во Централниот комитет, така што во највисокото раководство на Организацијата фактички останавме само двајца, јас и д-р Хр. Татарчев. На негово место за привремен член во Централниот комитет го избравме и го поканивме да го прифати изборот Гр. Попов, шура на К. Г. Самарџиев.


II Пречки и опасности

Пречките и опасностите за Револуционерната организација се појавија уште во самиот почеток. Тие беа од надворешно и внатрешно потекло. Надворешните пречки произлегуваа од акциите на бугарската влада и македонската емиграција во кнежевството, кои продолжуваа да бидат носители на великобугарскиот идеал: обединување на бугарските земји, преку непосредно оружено мешање на официјална Бугарија, поради што на нашето движење се гледаше како на сепаратистичко движење. А внатрешните пречки произлегуваа од нашите еволуционисти и од турската влада.

1. Бугарските политичари и општественици се раководеа од заветот за остварување на Сан-Стефанска Бугарија, без да водат сметка за стремежите на српските и грчките државници, што секогаш имале претензии спрема Македонија, и дејствувале за нејзиното приклучување кон нивните кралства или пак во најмала рака барем за нејзината поделба меѓу трите балкански држави.

Како на македонското прашање гледаа раководните лица на Бугарија, најдобро се гледа од мојата средба и разговорот со Лука В`жаров, главен секретар на при владеењето на Радославов.

Лука В`жаров ми беше близок пријател, уште од детство, па кога во натамошните распусти одев во Софија по службена или по приватна работа, секогаш се сретнувавме и зборувавме по македонското и други прашања. Во 1899 год. во месец август отидов да го видам во Министерството и да го поздравам за новото место. Тој ме праша: како се развива Револуционерната организација и што се намерава преку неа да се постигне. Како секогаш и сега му одговорив дека ние се стремиме да извојуваме автономија на Македонија, како и за тоа дека таа очекува поддршка од бугарската влада, тој ми одговори дека бугарската влада е против автономијата на Македонија

– Па зошто е против?

– Затоа што ако се даде автономија, ќе се јават партии, како што се јавија во Источна Румелија, кон нема да сакаат да ја присоединат Македонија кон Бугарија. Владата делува за присоединувањето на Македонија кон Бугарија.

– Бугарската влада е на погрешен пат, – му одговорив, -Пред се присоединувањето на цела Македонија е невозможно, затоа што спреми нејзини делови претендираат Грците и Србите. Присоединувањето на цела Македонија кон Бугарија може да стане само во случај на една победоносна војна против Турција, во помош на која ќе и` дојдат Грција и Србија. А ако Грците и Србите војуваат заедно со Бугарија против Турција, тие ќе бараат делови од Македонија: тие ќе бидат за распарчувањето на Микедонија. А ние сакаме Македонија да ја запазиме цела во нејзините гсографски граници, што може да биде остварено преку бараната од нас автономија. Така ослободена Македонија ќе претставува една втора Бугарија, иако неприклучена кон мајката татковина. Од автономијата Бугарија и бугарскиот народ само добиваат.

По изборувањето на автономијата на Македонија може да се работи во прв ред на нејзиното федерирање со Бугарија а потоа и федерирањето на сите балкански држави.

Се разделивме со спротивни сфаќања.
…………………………………………………………………………………………………………………………
2. Македонската емиграција во Бугарија во своето множество честопати паѓаше под влијание на политиката на владата, што таа ја применуваше по македонското прашање и преземаше акции, што посредно пречеа за правилниот развиток на ослободителното движење, што во првите пет години беше првенствено легално движење.

Во јануари 1895 год. во Софија беше формиран Македонскиот комитет, со цел да ја запознава општествената јавност во Бугарија и во странство со положбата на Македонија и вистинито да го осветлува македонското прашање. Централниот комитет веднаш ме делегира во Софија. Јас го изнесов пред Тр. Китанчев мислењето на Централниот комитет за карактерот и дејноста на софискиот Македонски комитет, дека тој треба да ја помага Револуционерната организација, во согласност со законите на земјата – морално и материјално, и дека нема да презема самостојно ништо во пределите на Македонија.

Тр. Китанчев го подвлече легалниот и спомагателен карактер на македонската емиграција, но на наше и негово изненадување, по неколку месеци беше преземена мелничката и доспатската оружена акција, што го збрка Централниот комитет, и предизвика репресалии и наштрекнатост на турската власт. Централниот комитет наскоро се созеде и ја искористи таа акција за агитација, велејќи им на луѓето посветени во делото и на општеството, дека емигрантите во Бугарија и бугарската влада се готовни да ни помагаат, и затоа ние треба колку што е можно поскоро да се подготвиме за востание. За да го осветли правилно македонското прашање на соодветните места, и да го следи животот на револуционерната македонска емиграција во Бугарија, како и за собирањето материјални средства и за привлекувањето на погодни лица за потребите на Организацијата, истиот реши да испрати свој полномошник – задграничен претставник во Софија -Ѓорче Петров, преку кој Централниот комитет се постави во врска со надворешните фактори и имаше можност да биде во тек со се` што е во врска со нашето ослободително движење.

Во зимата на 1897 г. инкогнито во Солун пристигна Ив. Цончев. Се сретнавме со него; го запознавме со целите и средствата на Револуционерната организација и нејзините потреби, и го замоливме да дејствува меѓу бугарското офицерство и општеството за нејзиното морално и материјално помагање. Иван Цончев го прифати ставот на Централниот комитет.

Во 1898 г. Ѓорче Петров го извести Централниот комитет, дека офицери Македонци презеле иницијатива за основање на офицерски братства за помагање на македонското ослободително движење, и дека тие претставуваат надежна сила за материјалното помагање на ослободителното движење. Во текот на летото заминав во Софија, оттука за Шумен, каде се сретнав со Т. Давидов и др. офицери, и ги замолив материјално да го поддржат ослободителното дело. Тие не ми ветија ништо, бидејќи беше отсутен Ив. Цончев. Се вратив очаен во Солун.

Поради тоа што однадвор не пристигнуваа средства, решивме и заповедавме секој посветен деец, што сака да има оружје, да внесе соодветна вредност на односните раководители, што да купат такво оружје. И покрај тоа и вноските беа многу слаби и тешко одеше со вооружувањето на луѓето посветени во делото.

Немањето на пари не натера да се обратиме до Врховниот комитет да ја помогне Организацијата. Меѓутоа, Ѓорче Петров ни јави дека се` додека на чело на тој комитет стојат неговнте сегашни членови Димитар Ризов, Андреј Љапчев и др., не може да се очекува никаква помош. Тој ни соопшти дека за таква цел стапил во врска со офицерите, што имале учество во мелничката акција во 1895 год. кои, ако успеат да го преземат во свои раце раководењето со Врховниот македонски комитет, ветувале дека ќе бидат целосно на наша страна и на наша услуга. Ние, иако Ѓорче беше наш претставник во Софија, за некои работи не му верувавме, па Централниот комитет реши јас да заминам за Софија и да узнаам како стои прашањето. Ѓорче Петров ги извести офицерите, и тие уште утредента изутрина дојдоа кај мене во хотелот. Дојдоа: Б. Сарафов, Бозуков, Т. Давидов, Кр. Б`лгаријата и уште двајца. Цели четири часа разговаравме за целите и потребите на Револуционерната организација, како и за тоа, дека сите други организации надвор од Македонија, што имаа за цел да го помагаат ослободителното движење, треба да се само од помош на ВМОРО. Бидејќи го прифатија ставот на Централниот комитет, на нашата последна средба јас им реков дека Ѓорче Петров, како полномошник на Централниот комитет, ќе нареди на претстојниот конгрес тие да бидат избрани во управата на Врховниот македонски комитет. Нашите разговори траеја неколку дена Во текот на тоа време Д. Ризов неколкупати ме покани да се најдеме да позборуваме за организационите прашања. Му ветив дека откако ќе ја завршамм приватната работа, за која сум дојден во Софија, ќе се најдеме. Кога отидов во неговото живеалиште, тој со подигнат глас ми подвикна: „Тука сте веќе толку денови и не најдовте време да се сретнеме и да размениме мисли за нашите прашања. Вие не` игнорирате, вие не навредувате и сл.. А ние секој ден и секој час ве очекуваме да поприкажеме што да сториме на претстојниот конгрес.“ Му одговорив дека за тоа прашање треба да зборува со Ѓ. Петров, кој е задграничен претставник на Централниот комитет.

– Ние не сакаме да си имаме работа со Ѓ.Петров – со него не сме во добри односи. Со нестрпливост чекавме да пристигне некој од вас солунчаните, за да се разбереме.

– А пак ние од Солун не можеме да се мешаме во нашите работи тука. Зборувајте со Ѓорче Петров, и што ќе се договорите со него, ние ќе го прифатиме.

– Тогаш ништо нема да биде.

Се разотидовме, без да дојдеме до некаква спогодба.

На конгресот офицерите успеаја да бидат избрани во раководството на Комитетот, и потоа добивме значителна поддршка. Но по некое време и тие почнаа да дејствуваат на своја рака.

Во мај 1900 г. во Солун дојде Софр. Стојанов. Нашата средба со него се одржа во живеалиштето на Хр. Матов, што живееше во куќата на еден Италијанец. Прв заприкажа Соф. р. Стојанов, и го постави следново прашање:

– Вие имате свој претставник во Врховниот комитет во Софија. Во името на заемноста и Врховниот комитет треба да има свој претставник во Централниот комитет.

– Прифаќаме, – му одговоривме. – Врховниот комитет нека испрати свој човек кај нас. Туку и без тоа ние му соопштуваме за се` на Врховниот комитет, кај нас нема ништо скришно ни тајно.

– Туку ние сакаме да испратиме луѓе подготвени со воени знаења, кои да ги раководат четите и воено да го обучуваат населението.

– И тоа се прифаќа. Само што сите ваши луѓе (офицери), откако ќе влезат во Македонија и ги заземат своите реони, нема веќе да бидат ваши луѓе, туку ќе бидат луѓе на Централниот комитет, којшто непосредно ќе раководи со нив и на кого тие сосем ќе му се покоруваат.

– Па како ќе биде со влегувањето на нишите луѓе во Македонија? Дали месните раководители нема да се спротивставуваат, па од тоа да дојде до непожелни конфликти?

– Вие ќе ни ги јавите имињата на лицата, и кој каде сака да биде ангажиран, а ние ќе дадеме заповед до месните раководители да ги прифатат во своите реони. Вашите луѓе можат да заземаат учителски и инспекторски должности, па така полесно да ја проучат топографијата на својот реон. За олеснување може да ви испратиме потпишани писма, и вие да им ги давате откако ќе ги дополните со нивните имиња, па писмата да им послужат како открити листови (сведоштво) пред месните комитети.

– Ме радува што сте готовни за споменатите отстапки, – заклучи С. Стојанов. – Сега уште едно прашање. Вие сте луѓе цивили. Додека траеше периодот на организирањето на народот и создавањето на револуционерните организации, вие, како раководители, бевте на вистинско место. Но отсега, кога се пристапува кон воено обучување на организираниот народ, и треба да се пристапи и кон оружени акции, раководењето треба да биде преземено од компетентни луѓе, со какви располага само Врховниот комитет. Затоа овој треба да го преземе врховното раководење со ослободителното дело, а Централниот комитет да биде за негова помош.

Му беше даден одговор дека тоа не може да биде, поради многу околности, најзначајна од кои е тоа што кога Србите и Грците ќе разберат дека револуционерото движење се раководи од Софија, а не од Солун т.е. од внатрешноста на Македонија, дека од Софија се праќаат чети и сл., и тие ќе формираат слични комитети, ќе праќаат чети во Македонија, и на таков начин за Револуционерната организација ќе се откријат два нови фронта.

Затоа раководството на ослободителното движење треба и во иднина да биде во рацете на Централниот комитет, кој е врвна институција на Револуционерната оранизација. Сите други македонски организации, што се ноѓаат надвор од територијата на Револуционерната организација, се и треба да бидат помошни организации. Со тоа завршија нашите разговори со Софр. Стојанов.

И покрај отстапките што ги направи Централниот комитет, Врховниот комитет не стори ништо: не нспрати свој човек како делегат во Ц. комитет, не испрати ни воени лица во Македонија, како што се бевме договориле.

Во летото истата таа година заминав во Софија. При едно среќавање со Б.Сарафов, овој ми рече:

– Абе X. Николов, зошто не ги прифаќате луѓето од револуционерното братство во Организацијата? Си немаме мира од нивните оплакувања против Ц. комитет, и особено против тебе.

– Вратите на Организацијата се отворени за сите родољупци. Туку за сето тоа има ред. Секој оној што сака да работи за ослободувањето на Македонија, и да стапи во редовите на Организацијата, треба да ги исполнува поставките на статутот; треба да даде клетва дека ќе работи верно на Организацијата Откако ќе дадат клетва и ќе ги видиме нивните дела, ќе бидат прифатени, така што за оние што го заслужуваат тоа ќе има место и во Централниот комитет. Јас лично ќе го отстапам своето место за да бидам заменет од некој од нив. Но треба да положат заклетва.

– Е, во право сте! – одговори Сарафов.