Спомени на Иван Хаџи Николов 7

ПРВИТЕ МАТЕРИЈАЛНИ СРЕДСТВА, ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ТЕРОРИСТИТЕ И НАБАВКА НА ОРУЖЈЕ

До август 1895 г. Централниот комитет не собираше пари од никого. Трошоците беа ништовни и се покриваа од личните средства на членовите на Централниот комитет. Кон крајот на истиот месец во Бошнак-ан кај мене дојде Ване Јаков од Кукуш, и ми даде едно ќесе полно со турски лири. Рече дека парите биле собрани од органшираните кукушани. По малу дојде Даме и како благајник го зеде ќесето со парите. Се покажа дека има 320 турски лири, за тоа време големи пари. Тоа беше првата парична помош на Организацијата. Ентусијазмот на организираните кукушани беше висок, и кога во почетокот на 1896 г. населението од градот беше речиси исцело организирано, пред Велигден истата година испратија делегација до Централниот комитет, да им се дозволи на светлиот Христов празник јавно да го манифестираат својот патриотизам. Од разбирливи причини, Централниот комитет не се согласи таа манифестација да биде одржана.

Кон крајот на 1895 г. формиравме терористички групи да ги казнуваат разобличените шпиони. Во тоа време во Организацијата беше вовлечен Ѓ. Петров, што во текот на една и половина година беше нејзин противник. Тој беше воведен во работите на Централниот комитет и беше вклучен како негов член.

Во јуни 1897 год. во Солун се отвори бугарски конзулат, и за генерален конзул беше назначен бившиот секретар во Егзархијата и мој личен познат Ат. Шопов. Уште утредента по неговото пристигнување во Солун тој дојде во мојата книжарница, и се поведе следниот разговор:

– Добар ден г-н Николов!

– Добар ден г-н Шопов. Нека ви е честита новата должност!

– Благодарам. Туку, како оди со Организацијата?

– Која организација?

– Револуционерната.

– Па како тоа!? Вие сте член на Централииот комитет на таа Организација.

– Ниту сум член на кекаков централен комитет, ниту знам за некаква револуционерна организација.

– Чудно би било да не знаеме кои се членови на Централниот комитет на Организацијата. Вие сте, вели тој категорично, еден од членовите на Централниот комитет.

– Вие можете да тврдите дека тоа е така, но јас ви велам дека тоа не е точно.

– Значи, не сакате да ми кажете. Добро, збогум! – и си отиде. Последните зборови тој ги кажа навредено.

Вечерта им кажав на другарите за овој мој разговор со Шопов, и тие го одобрија моето однесување.

Во почетокот на 1897 година решивме да ги организираме сите солунски учители, со исклучок на познати кариеристи и страшливци, што ги поделивме на три групи, и ги распределивме така што во надлежност му беше дадена една група на Д. Груев, втора – на Ѓ. Петров и трета – мене. Во групата на Ѓорче влегоа Ив. Гарванов и Неделко Колушев. Јас и Дамјан успешно си ја извршивме работата. И Ѓорче исто така бил успешен, но во лицето на Ив. Гарванов наишол на спротивставање и одбивање. Последниов му рекол: „За мене е веќе доцна да станувам регрут“. Ѓорче на тоа му одговорил: „Ако сакаш да работиш, ќе можеш наскоро да влезеш и во Централниот комитет, затоа што во Организацијата нема шефови и регрути, туку работници; оној што работи и ќе се наоѓа на чело, и за пример се навел себеси. Гарванов одби да влезе во Револуционерната организација, за да застане потем на чело на братството и подоцна поведе борба против нас. Братството беше во непосреден контакт со А. Шопов, чиј секретар беше капетанот Стаматов, што често ни правеше услуги. Но во 1897 г. последниов беше отстранет и на негово место беше назначен Нед. Колушев, кој исто така беше против нас.

До половината на 1897 г. Организацијата постига големи успеси: множество од учителите беа посветени и организирани. Откривањето и запленувањето на првата пратка бомби, и достоинственото држење на пренесувачот (штипјанецот Доне Антов Тошев), небаре и` даде светост на Организацијата, и и` прикрепи ореол на цврстина и тајност. Сите почнаа да здогледуваат дека тука се работи за нешто сериозно. Непријателите се штрекнаа. Авторитетот на Организацијата се зголеми. Бројот на заколнатите почна брзо да се зголемува. Почнавме да собираме и пари од поимашните граѓани и трговци, давајќи им потврди од Организацијата.

Меѓутоа, виничката афера во 1897 г. ни направи големи штети. Дали пак таа не беше умислено организирана од некои софиски патриоти, со цел да и` се стори пакост на Организацијата? Туку, кој и да ја организирал таа афера, за македонското ослободително движење тој е голем злосторник. Затоа што од таа афера пострада целиот Скопски округ, и тоа толку силно, што не можеше долга низа години сосем да се соземе. Поради таа афера множество добри дејци избегаа во Бугарија, мнозина беа уапсени и малтретирани во месните затвори, а десетмина беа испратени на заточение во Подрум-кале, Мала Азија, каде останаа пет години, и беа ослободени по прогласувањето на амнестијата. Заточени во Подрум-кале беа: Петар Поп Арсов, Мише Развиговоров, Јосиф Даскалов, Димитар Миразчиев, Александар Антонов (Икономов) Ал. Беличев, игуменот на Лесковскиот манастир, отец Козма, и тројца селани, за чии имиња не се сеќавам. Меѓутоа, во другите окрузи Револуционерната организација со секој ден јакнеше се` повеќе.

Leave a Reply