Monday, 23 October 2017

Спомени на Иван Хаџи Николов 3

ОСНОВАЊЕТО НА ВМРО

Во Солун ги затеков градските првенци поделени на две партии. Едните – како Насте Стојанов, К.Г. Самарџиев, Ничо Попов, Саздо Ризов, Т. Мацанов, Д. Кондов и др., што имаа материјални врски со учебното дело во Солун, како добавувачи на облека, чевли, книги, продукти, пренесување на суми парични износи за пансионите, учениците и ученичките во градот, – беа сметани за „егзархисти“, т.е. спроведувачи на официјалната бугарска политика, и други, – како Никола П. Стефанов, Дамјан Петров – со синовите, Саздо Дерменџиев, Тодор X. Мишев и др., што беа револтирани од шпекулантските потфати на првите, протестираа во Егзархијата поради некои нередности во пансионите и учебното дело, – што се сметаа за луѓе со посамостојно сфаќање на црковно-училишните прашања во Македонија Кон таканаречената „егзархиска“ партија се приклучуваа сите учители, дојдени од Бугарија, и учителите прилепчани.

Како директор на гимназијата го затеков Н. А. Начов, поранешен околиски началник во Ихтиман кога бев учител во Костенец, а главен надгледник во пансионот беше Д. X. Иванов. Колеги во гимназијата ни беа: В. К’нчев, Петко Машев, Андреј Тошев, Хр. Мангаров, Дим. Матов, Благој Димитров, Дим. Цонев и др.

Пансионот го затеков во анархија. Учениците не им се потчинуваа на своите надгледници, беа незадоволни од храната, кршеа чинии, вилушки, ножеви, ги кршеа катинарите од спалните, за да можат да влегуваат во нив кога ќе посакаат и сл. Бев понесен од амбиција да воведам разумна дисциплина, но не наидов на поддршка од главниот надгледник Д. X. Иванов. Така, уште првиот ден на моето дежурање во трпезаријата, 10-мина ученици креваат рака, и велат дека порциите им се мали. Проверив и се виде дека на деветмина порциите им беа мали. Заповедав да им ги променат порциите, но не и на 10-иот. Потоа почнаа да јадат сите. Во тоа време се крена еден ученик од соседната маса, и ми вели: „Г-н надгледнику, требаше да му се промени порцијата и на десеттиот наш другар, зашто ако порцијата му беше добра, немаше да протестира.“ Му одговорив дека нема потреба од адвокати; секој ученик одговара за себеси. Ученикот се почувствува усрамен, и си седна на местото, без да приговара веќе. Тоа беше мојот иден другар – соидејник Д. Груев.

Еден празничен ден во октомври учениците од VП клас ми изјавија дека не сакаат да дојдат во црква. Му го соопштив тоа на главниот надгледник, што ми рече да не ги терам со сила да дојдат, но по враќањето од црква, на нив да не им се даде закуска (чај). Постапив како што ми заповеда колегата, но кога по враќањето од црква и учениците влегоа во трпезаријата да појадуваат заедно, со нив влегоа и седмокласниците, кои, кога видоа дека на нивната маса не е сервирана закуска, наседнаа по масите на другите ученици. Започна караница и буричкање меѓу нив. Моите усилби да воспоставам ред и тишина останаа попусто. Тогаш се упатив во одајата на главниот надгледник, за да го известам, па тој да преземе мерки за воспоставање на редот. Но наместо да ми помогне, тој уште кога ја наслушнал вревата од трпезаријата, се подготвил да излезе од пансионот, и на излегување од својата одаја ми рече да ги забележам имињата на виновните ученици и си излезе. Ваквото однесување на главниот надгледник ме револтира, и уште истиот ден дадов отказ на должноста надгледник. Во текот на три дена директорот доаѓаше кај мене, и ме молеше да си го повлечам отказот, и да продолжам да работам во пансионот, затоа што инаку ќе се постави прашањето за постапката на главниот надгледник Д. X. Иванов. Го повлеков отказот и продолжив да работам во пансионот.

Накај ноември учителите, родум од Бугарија, поднесоа молба до директорот, да им се дозволи да се хранат во пансионот, при што да си ја плаќаат храната. Им се дозволи. Хранејќи се заедно бев сведок на нивните постојани префрлувања на сметка на македонските Бугари, обвинувајќи ги за слаб патриотизам – „ќе ми дајш пари, ќе се чинам Бугарин“ и сл. на тоа. Јас им ја истакнував борбата на македонските Бугари против туѓите пропаганди, која борба е поинтензивна и поголема одошто е борбата на Бугарите од другите бугарски географски области, Добруџа, Мизија и Тракија, туку тие постојано продолжуваа да ги исмејуваат своите југозападни сонародници, чии деца беа повикани да ги обучуваат и воспитуваат.

Еден ден бевме излегле крај морето, да пиеме кафе во кафеаната „Белви“. В. К’нчев беше многу зборлест, и меѓу другото во своите прикажувања рече дека тој дошол за учител во Солун, за да ја побугари Македонија. Тоа беше претерано и силно речено. Му приговорив дека не бива да зборува така и да се натценува себеси, бидејќи Македонија одамна е бугарска и дека македонските Бугари одамна водат борба против рутината; нејзе и` е потребна просвета што треба вистински да ја шират сите учители и духовници. К’нчев се почувствува засегнат и оттогаш почна да ме мрази, се` дотаму што по 5-годишно заедничко учителствување во солунската гимназија, ме натера да се откажам од надгледништвото, а потем ме пријави во Егзархијата, да ме преместат во гр. Серез, каде не отидов и го напуштив учителствувањето.

Од 1888 година српската пропаганда во Македонија ја засили својата активност и почна да врши атаки дури и во солунската гимназија. Со давање пари и големи ветувања српските агитатори успеаја да заблудат околу 40 мина ученици од гимназијата, и да ги испратат во Белград, кои по едногодишен престој таму, избегаа во Софија. Истата пропаганда растураше улавски големи пари, за да отвора српски училишта насекаде низ Македонија, поткупувајќи по неколцина продажни луѓе од секое населено место. Турската влада и Цариградската патријаршија беа во нејзина служба. Знаејќи дека во Македонија нема Срби, ваквата активност на српските агенти многу ме лутеше. Во барањето на средство за спротивставување на таа пропаганда, дојдов до заклучокот, дека само една тајна револуционерна организација ќе може да го пресече патот на туѓите пропаганди во Македонија, и дека таа ќе обезбеди основа за запазувањето на бугарштината во Македонија, како и тоа дека таа ќе помогне дури и за стопанското засилување на нејзиното население. Ва своите размислувања за основање на револуционерна Организација јас предвидував дека ќе наидам на пречки од луѓето на Егзархијата, и од самата неа што и самата во црковно-училишното дело спроведуваше централистичка политика: таа ги назначуваше и ги отстрануваше учителите и архиерејските намесници. Поради тоа почнав да барам сомисленици меѓу учителството и граѓанството, што имаа децентралистички погледи спрема нашето црковно-училишно дело. Во тоа време такви најдов во лицето на Петар П.Арсов и Цонев, а подоцна и д-р Хр.Татарчев, школски ценет лекар. На други колеги родум од Македонија, не сметав, познавајќи ги нивните гледишта и нивните карактери.

Во текот на мај 1892 г. на улица ме навтаса претседателот на солунската општина свештеникот Иван Маџаров, што ми рече: „Доаѓам од конакот, бев отиден кај валијата да го молам, еве неколкупати, да се отвори црквата во с. Ново Село (Солунско), во која да одат на богослужение и егзархисти и патријаршисти, иако од последните има само две куќи. На тоа валијата ми одговори: „Аман со тие ваши цркви и училишта. Да знаеш, попе, дека со вас ќе се мачиме едно-две години. Потем ќе ве оставиме да се фаќате за гуша со Грците и Србите, а ние ќе си гледаме сеир.“ Циничкото искажување на валијата Зехни-паша ме јадоса и решив колку што е можно поскоро да се зафатам со основањето на револуционерна организација. На располагање имав веќе четиримина сомисленици: П. П. Арсов, д-р Хр.Татарчев, Дим. Цонев и Хр. Батанџиев. Но сметав дека сме малцина. Освен тоа, сакав меѓу нас да има и некој човек, поавторитетен и поопитен во конспиративното дело, каков што не можев да видам меѓу интелигенцијата во Солун и воопшто во Македонија. Затоа решив во текот на распустог да отидам во Софија, и таму сред емиграцијата да најдам таков човек.

Во јули 1892 год. заминав во Софија. Таму се сретнав со К.Шахов и му го изнесов планот, а тој за соодветен и авторитетен човек ми го посочи Гоце Делчев, уште јункер во военото училиште. Шахов ни закажа средба во неговата печатница во идната недела, бидејќи јункерите само во неделен ден можеле да излегуваат од училиштето. На нашата средба јас ја оцртав положбата на нашето национално дело во Македонија, ја изнесов заканата на солунскиот валија, и успесите на српската пропаганда и пред двајцата го поставив прашањето: не е ли време да се основа револуционерна организација во Македонија. И двајцата ми одговорија потврдно, но побараа да им ги изнесам какви треба да бидат, според моето мислење, основите на таа тајна организација. На поставеното прашање го одговорив следново:

1. Револуционерната организација да се оснава внатре во Македонија и да дејствува таму, за да не можат Грците и Србите да ја толкуваат како орудие на бугарска влада;

2. Нејзините основачи да бидат месни жители и кои живеат во Македонија;

3. Политичкото мото на Органшацијата да биде автономијата на Македонија;

4. Организацијата да биде тајна и самостојна, без да влегува во врска со владите на соседните слободни држави; и

5. Од македонската емиграција во Бугарија и од бугарската јавност да се бара само морална и материјална поддршка за борбата на македонските револуционери.

За изнесените пет основни поставки зборувавме цели четири часа, и во потполност се согласивме. По прашањето за авторитетното лице, по размената на мислењата меѓу мене и К. Шахов, Гоце рече: „Слушај, г.Х. Николов, помина толку време, нека помине уште една година. За една година јас го завршувам военото училиште, и немам намера да останам како офицер во бугарската армија. Ќе се вратам во Македонија. Тогаш ќе дојдам во Солун, ќе зборуваме за тоа прашање, и ако има услови, ќе ја основаме Организацијата“. Се разделивме со Гоцето, пожелувајќи си идното лето да се видиме во Солун.

Распустот од учебната 1892/93 год. го поминав во Њушател (Швајцарија), за да ги вопотполнам своите знаења. Се вратпв во Софија на 30 август, и веднаш отидов во гимназијата, за да разберам за својата положба, бидејќи Егзархијата секоја година вршеше преназначување на учителите. Во канцеларијата ми беше соопштено дека сум преместен во Серез, според извештајот од директорот В. К’нчев. Одбив да отидам во Серез, и се зафатив со приватна работа – книжарство. Требаше да останам во Солун, затоа што, како што се бевме договориле, требаше да чекам тука да пристигне Гоце Делчев. Извесно време бев зафатен со извршување на формалностите за отворање на книжарницата (давање на барање и добивање дозвола од меарифот, земање под наем на дуќан и правење порачки за книги и канцелариски материјали. На 11 септември 1893 год. веќе ја отворив книжарницата, откако Хр. Г. Данов и Д.В. Манчов ми испратија учебници да ги продавам на консигнација.

Помина месец септември, туку Гоце уште го немаше. На 21 октомври 1893 год., рашетувајќи се крај морето, ме сретнаа Анд. Димитров и Дамјан Груев. Ме запреа, и меѓу нас започна следниов разговор:

– Абе Хаџи, што мислиш ти за ослободувањето на Македонија? – ме запраша Анд. Димитров.

– За тоа прашање размислувам уште пред 15 години и додека во Македонија не дојде до еден втор Батак, таа нема да се ослободи. А пак да дојде до востание, треба да се основа револуционерна организација.

– Па ајде тогаш ние тројцата да основаме таква организација.

– Ние тројцава сме малу. Треба да влезат повеќе и поавторитетни луѓе.

– Па на кои сметаш да влезат?

– На пример Д. Кондов, К. Самарџиев и други, што имаат врски со цела Македонија. (Ова јас го реков затоа што Даме Груев работеше во печатницата на К. Самарџиев како коректор).

– Витосај ги ти нив. – ми одвети Д. Груев. – Тие не се за таква работа. Тие знаат да се плеткаат само во такви работи, каде е касата на Егзархијата, и други дотации.

– Кои други имаш во предвид? – рече А.Димитров.

– Абе, имам во предвид и други луѓе, но не знам дали ќе се согласат да влезат во Организацијата. Такви се на пример: П.П. Арсов, д-р Хр.Татарчев и Хр. Батанџиев. (Д. Цонев веќе не беше учител во Солун).

– Па убаво, тие тројцата и ние тројцата веќе стануваме шестмина. Да се сретнеме шестмината, да размениме мислења сите заедно.

– Добро! – одговорив јас, и определив место и време за заедничка средба на нас шестмината.

Во договореното време на 23 октомври 1893 год., во петокот навечер, сите шестмина се собравме во живеалиштето на Хр. Батанџиев. Јас ја објаснив целта на нашата средба дали не е време да се основа револуционерна организација, каква треба да биде нејзината тактика и нејзиното политичко верују, кои ќе имаат право да членуваат во неа, и какви треба да бидат нејзините односи со македонската емиграција што се наоѓа надвор од територијата на Македонија и слично.

Поставените прашања беа предмет на разгледување од нас шестмината, но најподробно и најопширно се искажа д-р Хр. Татарчев. На крај дојдовме до следнава согласност: 1. Организацијата треба да биде тајна и револуционерна, 2. Нејзината територија ја сочинува само Македонија, во нејзините географски и етнографски граници, поради што ќе се наречува и внатрешна 3. Во неа ќе членуваат лица родени и што живеат во Македонија, без разлика на вера и народност, 4. Политичкото верују на организираните Македонци е: автономија на Македонија и 5. Да се запазува самостојноста на Организацијата, за да не падне под влијание на политиката на владите на соседните словни држави.

Јас бев задоволен што сите присутни ги искажаа кажаните јасни мислења, што јас порано ги бев искажал пред К. Шахов и Г, Делчев во Софија, затоа н најмалку зборував, но на крајот реков: „Другари, ние веќе основавме револуционерна организација, но дали знаете какви можат да бидат последиците за секој еден од нас во случај на провала? Сите ние можеме да отидеме на бесилка. За себеси ви изјавувам дека сум решен да одам докрај, а вие што ќе речете?“ Сите одговорија потврдно, т.е. дека и тие се готовни да одат докрај. Со тоа заврши формалниот чин на основањето на Револуционерната организација, идејата за која зреела кај секој еден од нас уште порано.

За проширувањето на кружокот и за привлекување на сомисленици, на крај решивме секој еден од нас да ги посветува во револуционерната идеја своите најблиски луѓе во Солун и провинцијата.