Sunday, 26 September 6545

Спомени на Даме Груев 2

Груев формира месни комитети низ Македонија. – Првата месна организација во Кавадарци. – Груев во Штип. – Неговото запознавање со Делчев. – Првата предавничка афера во Штипско.

Во текот на распустот заминав за Штип, ја напуштив работата кај Самарџиев. Во Штип отидов да се запознам со тамошните луѓе. Имав намера да поминам низ неколку места во Македонија, за да подготвам терен.

Во Штип забележав дека некои граѓани наклонето се однесуваа спрема мене лично, и дури ми предлагаа да станам учител кај нив. Јас мислев дека е прерано да заприкажеме за идејата. Се разделив со штипјани, отидов во Неготино, Кавадарци. Тука го поставивме почетокот на првата месна организација. Имаше еден трговец, Иванче Велков (жив е уште) Пане Иванов (главен учител, тамошен), Јанаки Илиев (кожувар, тамошен), Минцев (сега е тука, чиновник во статистичкиот завод во Софија). Последниов беше еден од оние што беа завршиле образование (или завршуваше во Солун). Тој ме запозна со другите. Минџев уште во Солун беше веќе посветен во делото. Со негова препорака наскоро се разбравме, ги отворивме картите. Им дадов копие од стутот што го носев со себеси, дадоа пред мене заклетва и се постави почетокот. Така ми поминаа неколку дена. Тоа беше во јули месец 1894 година.

Од Кавадарци отидов во Прилеп. Тука го затеков Алексо Панов, со него и со Јордан Поп Костадинов (учител, тамошен), и со Јордан Гавазов (железар) и неколцина други формиравме „комитет“ („месен комитет“). Претседателот се избираше од сите. Оттаму отидов во Битола. Тука најдов познати другари – Пере Тошев, со кого порано заедно учителствувавме во Прилеп (тој е родум од Прилеп; а завршил VI клас во Пловдив). Тој беше единствениот со кого бев поинтимен, и со кого си имав разбирање, но тогаш уште бевме немоќни да започнеме нешто. Во Битола Пере Тошев беше без служба, живееше кај своите браќа, банкари. Тука беа и Григор Попев, трговец; Ѓорги Пешков, трговец (и двајцата прилепчани) и Никола Наумов. Последниов се откажа – беше скептичен, не веруваше во успех. Еден друг, Доревски, предлагаше првин да се усоврши балонот и потем да се делува. Во Комитетот беше уште вклучен Неделко Дамјанов, учител во провинцијата. Имаше и други, околу 10-тина мина.

По неколку дена од Битола заминав во Ресен, по повод осветувањето на црквата. Оттука отидов во Охрид. И во двата града формиравме комитети. Се вратив преку Ресен, туку не се сеќавам точно дали формиравме комитет и во Ресен. Лицата, за кои можам да си спомнам, се Никола Костадинов, Петар Стрезов (тука се) и Доревски (сега во редакцијата на в. „Препорец“).

Во Охрид во Комитетот влегоа учителите Александар Чакаров (сега учител во Новоселци), Лев Огненов (главен учител). Откако наминав и во Сруга, се вратив назад во Битола. По пат не придружуваа Алексо Панов Прилепчанчето и Григорев – Попев, прилепчанец. Се сретнавме во Ресен при посветувањето на црквата. Воопшто идејата се пресретнуваше добро во потесен круг.

Ме повикаа за учител во Штип, во чисто оппштинското трикласно училиште. Во Штип и во Ново Село (беа слеани заедно) имаше до 18 учители и учителки. До ноември ја вршев должноста на главен учител. Во ноември пристигнаа Дели Иванов и Делчев. Делчев веќе имаше идеи, слични на нашите. И тој се беше заразил од социјалистичката доктрина, и тој беше потпаднал под влијание на револуционерната литература во Бугарија, и тој самостојно беше дошол до убедувањето дека треба да се организира една револуционерна организација за ослободувањето на Македонија. Делчев и Дели Иванов дојдоа во Штип назначени како егзархиски учители. Беа поднеле молба од Софија, од каде по нивното назначување тргнале за Штип.

Тука за првпат се запознав со Делчев. Наскоро се зближивме, а и живеевме во иста куќа. Јас веќе бев започнал пред нив, туку почетокот беше горчлив. Се случи голема непријатност. Отидов на гости во едно село, Горни Балван, повикан од учителот Кралев (родум од Куманово). Таму го затеков брат му – шпион и заптија при валијата во Скопје. Јас го сметав учителот Кралев за надежна сила, и се искажав отворено – и пред брат му. Овој не затаи дека бил заптија, туку божем веќе во оставка. Мене ми се стори соблазнива можноста, ако може тој па да стане заптија, за да можеме преку него да се послужиме за узнавање на тајни. Овој тргнува од селото, и потем се одби и во градот, беше на гости кај мене и оди во селото Немањец, – оди во црквата и подметнува во црковни книги едно компромитирачко писмо. Потоа ијавува на власта, се врши претрес, и свештеникот и учителот ги отеруваат во Скопје. Не се разбра, кој е предавникот. Шпионов во Скопје му јавил се за мене на валијата Хафаз-паша. За да провери, по една недела валијата го праќа назад во Штип, со уште двајца, од кои едниот бил јаверот на валијата, јузбашија, а другиот помошник на бинбашијата. Се облекле во востанички облеки, заправо во арамиски. Во моите проповедања имаше и загатнувања и за идните акции, и тие нарочно се облекле така. Дојдоа во Штип. Јас ги видов од кафеаната, кога стасаа со колата. Се сместија во анот. Во мене се роди недоумица. Отидов да ги видам. Кога ги запрашав зошто дошле, одговорија дека за нив нема опасност, затоа што патувале под изговор дека се трговци, за Кочани, и дека тој нарочно го има доведено, за да ми ги претстави мене и да им дадам упатства. Поверував. На првата средба шпионот ми го претстави помошникот на бинбашијата, чист Турчин, што добро знаеше српски. Тој ми објасни, дека откако убил еден Турчин, дванаесет години живее во Србија, па заборавил бугарски. Беше убавец, личен. Другиот негов другар се престори дека е болен и не се ни појави, затоа што и не знаел бугарски, а се виѓаваше дека е Турчин. Беа дојдени кај мене дома,токму кога кај мене дојдоа и селани од с. Немањец, за да ми се оплачат што ги снашло, а токму дека некој непознат човек им подметнал писмо. Заедно со нас и шпионите зедоа да го окаруваат султанот. Дотука за се беше запознаен и учителот Калајџиев (штипјанец), со кого заедно бевме кај учителот Кралев во с. Балван, а пак и сега при овој случај беше пак кај нас. Турчинот – што се претстави под име Стојанов, божем „братучед“.- се увери во вистинитоста на поткажувањето. Ги задолжив да дојдат утредента на ручек кај мене. Утредента претпладне, по распуштањето на црквата, отидов пак во анот, да ги нагледам. Пак вториот Турчин (јаверот) не излезе, – се така уште бил болен. Јас пак верував. Се сместивме на балконот од анот, да се напиеме. Токму тогаш дојде учителот Кралев на коњ, придружен од еден суварија, што во рацете држеше едно бело торбуле, запечатено; внатре во торбулето беа неговите книги, што му ги собрале откако направиле претрес кај него дома. Го водеа под истрага. Бидејќи суваријата ми беше познат, ги поканив да дојдат горе кај нас. Кога учителот се ракуваше со „Стојанова“, разбрав дека не го познава, и тогаш брат му, за да ја поправи грешката, почна да му објаснува кој е тој и што му е и каков е. Јас се вчудовидев, дека за некој „братучед“ треба толку да се објаснува кој е и што е. Во мене се јави сомневање. За да можам да се уверам , го натерав учителот да седне до мене. Кога заврши со ракијата (а во сето тоа време нашиот „Стојанов“ туку постојано гледа в земји), го искористив случајот, и го пратив шпионот да отиде да порача друга ракија, Во тоа време го нагазувам со нога по нозете учителот, и го запрашувам со ишарет – за „Стојанова“ – што човек е. Овој ми даде знак дека тој е човек во кого не треба да се има доверба. Разбрав дека сум паднал во стапица. Туку си реков дека е поумно да не се искажувам одеднаш. Оттаму суваријата го одведе учителот во зградата на управата, а јас по малку време се разделив и се упатив право дома. Дојден дома си, наскоро набрзина ги собрав сите весници и книги. Јас се допишував со луѓе од Кнежевството, имав револуционерни книги и весници од Бугарија, и ги пренесов сите во други куќи. Во меѓувреме му јавив за сета работа и на учителот Калајџиев. Овој, семеен човек, мошне се исплаши. Тие, Турците, не поканија на ручек, и јас отидов таму. Учителот Кралев го пуштија од управата и само книгите му ги беа задржшале. Ме повикаа мене да ги прегледам, – месната управа, значи не беше упатена во тајната раководена од Скопје, – и јас ги успокоив, дека нема ништо, откако сокрив во ракавот две-три компромитирачки писма. Момчево, Кралев, сам си беше смислил своја шифра – беше остроумно момче, – бидејќи јас му бев велел дека кореспонденцијата ќе се води шифрирано. Да забележам само дека Кралев минатата година беше убиен како востаник.

На враќање пак го запрашав за „Стојанова“, – и тој јасно ми кажа дека не го познава, и дека се сомнева и во брата си. Му нарачав да узнае добро како стои работата, откако му се заканив дека во спротивно ќе одговара. По половина час ме извести кои и какви се другарите на брата му. Туку јас сепак и наспроти сето тоа отидов на ручекот, сe така весел како и порано, за да не се досетат дека сум ги разбрал што се.

После ручекот го сретнавме владиката Максим, што токму тој ден дошол од Скопје, и под изговор дека сум поканет од владиката, смајсторисав да им откажам да не доаѓаат кај мене на вечера, на која ги бев поканил. Нарочно бев рекол дека ќе има и печено прасе, на големо вџашување на јаверот, кој рекол оти е готовен и царство да изгуби, туку верата не си ја погазува. Отидов пак и ги поканив на вечера, откако им реков дека по вечерата ќе морам да одам кај владиката. Јаверот одби да дојде на вечера (поради прасето), преправајќи се.дека е болен, а другите на половина одбија, бцдејќи им претстоело утредента да патуваат.

Бидејќи се колебаа, јас не настојував многу, и така се договоривме да им испратам од вечерата. Се збогувавме. А пак шпионот уште после ручекот, поради мојот здржан јазик, дошол до заклучок дека сум се досетил за нешто, и му открива сe на брата си, за кого чинел дека е во состојба да му служи. Брат му му рекол дека јас небаре сум ги препознал какви се и што се уште од првото среќавање. Јас нарочно му бев рекол така. Тие утредента божем си заминуваат за Куманово, ја изнесуваат колата од анот, и ја преместуваат во еден турски ан, а самите остануваат во една турска куќа, без да знаеме за тоа ниту јас, ниту учителот, што си отиде во своето село.

Спроти куќата на Калајџиев има маалска чешма. Третиот ден потоа Калајџиев на полноќ случајно оди на вода и таму ги затекува заедно со деврието (ноќните стражи). И мојата куќа беше во близина. Изутрината Калајџиев ми јави и така узнав дека тие останале во градот. По една недела тие си заминаа за Скопје. Во тоа време пристигна и еден учител од Комитетот. Стравови големи. Сe му јавиле на валијата. По 2-3 недели дојде и самиот валијата. Го пречекав со учениците. Шпионите дојдоа пак и по третпат, туку за чудо сето тоа немаше никакви последици за мене.