Monday, 23 October 2017

Спомени на Борис Сарафов 2

Вратен во Софија, Сарафов се среќава со Делчев. – Првенствено треба да се најдат пари. – Сарафов преку Цариград доаѓа во Св. Гора. – Пречек на српскиот крал во Хилендарскиот манастир. – Преку Солун Сарафов се враќа во Софија. – Основањето на офицерските „братства“. Немирен Сарафов прави смели планови и заминува пак во Петербург.

Во Софија затеков расцеп во Комитетот. Од една страна генералот Љапчев, Карајовев, Јосиф Ковачев, Димитар Матов, Радев и др., а од друга страна Тјуфекчиев со офицерите востаници. Главна девиза на последниве беше: не ни е потребна дипломатија, да се организира движење и сл. Другарите веднаш ме прибраа со себеси. Продолживме заедно. Прва задача ни беше да стапиме во врска со луѓето однатре. Делчев беше дојден тука (тоа беше пролетта 1896 год.). Ми кажа дека се мачеле да стокмат нешто како комитет внатре, дека идејата е прифатена од сета интелигенција, но дека немаат оружје, а немаат ни средства. Тој ми предложи да отидеме да станеме „горски царови“. На сцената се постави прашањето за средства. Од кај да најдеме? – Со грабежи. Некои не наведоа на идејата дека пари можело да се најде во Зографскиот манастир. Јас ќе отидам таму. Зедов руски пасош, како Бугарин од Бесарабија, а имено пасошот на еден млад јункер од Бесарабија, Александар Иванович – Фурунџи Славов, род. Од Ташбунар (пасошот беше издаден во Кишињев).

Отидов право во Цариград. Пред да тргнам од Софија се јавив во нашето воено министерство, кај полковникот Ковачев: „Вам ви се потребни податоци за Македонија; дајте ми пари за да можам да пропатувам низ Македонија“. Ми дадоа 300 лева. Заминав за Цариград сам. Таму го најдов Љапов, претседател на месниот комитет, кој беше поврзан со Солунскиот комитет. Љапов ме сокри, разгледавме да видиме каде што може да се стори еден ден. Тоа беше во месец март. Токму тогаш во Цариград дојде и кнезот. Средивме таму емиграцијата да поднесе до кнезот една молба со остра содржина, – да се заземе за правата на поробеното население во Македонија. Имаше многу народ. Кокарев (што потем го убија во Преспа) ја предаде молбата. Потем го бараа за да го уапсат. Истовремено еден руски полковник, некојси Бешков, обиколуваше низ Македонија, и се искажуваше многу неповолно за нас Бугарите во Македонија, правејќи не Срби, што не се достојни за слобода и сл.. По тој повод му напишав едно писмо до гроф Игнатиев, со кого се имав запознаено во Петербург. Му се оплакав на руските конзули, што отворено и даваат поддршка на српската пропаганда во Македонија. Подоцна Игнатиев, кога во 1901 год. отидов пак во Петербург, ми рече дека со тоа писмо отишол кај императорот, за да му обрне внимание на тоа прашање, и му го прочитал писмото (тоа беше напишано на руски). Во Цариград се задржав една недела. Егзархот знаеше дека се наоѓам таму; испратил многу поздрав, рекол дека го познавал татко ми, но рекол уште ако е кабил да се држам понастрана од него. Од Љапов се научив подобро за Комитетот во Солун. Се запознав со Кокарев и некои други дејци. А најважно беше што се запознав со ерменските револуционери, токму со оној што во месец август таа година ја нападна турската банка, што го викаа Бапкин. Тогаш Ерменците дејствуваа сложно со нашите. Таму беа и Симон Радев и Робев во училиштето, но не се сретнав со нив.

Од Цариград по море заминав на Св. Гора како на поклонение. Еден ден се задржав во Пантелејмонскиот манастир, а утредента пристигнав во Зографскиот манастир. Се претставив како дојден од Русија на поклонение. Меѓу калуѓерите најинтелигентен беше отец Калистрат од Струга, помошник на игуменот. Ги предбрав младите калуѓерчиња, па ги распрашував што имаат, колку имаат. Токму тогаш се градеше едно ново крило и узнав дека од Одеската банка, каде имале вкупно 1.000 лири, постепено подигале износи колку што им требало. Значи, се виде дека немаат пари, а не дека можело да се земе до 20.000 лири, како што ми велеа. Отидов во Хилендарскиот манастир, каде повеќето од калуѓерите беа Бугари од Македонија. Тие негодуваа оти тука ќе дојде српскиот крал – токму тогаш големците меѓу калуѓерите дале согласност манастирот да се смета за српски, само за да им се избришат долговите. Дојде кралот. И јас излегов на пречекот застанав во редицата, и кралот се ракува и со мене. Ми дојде на ум колку би било убаво да можеме да го грабнеме од таму – каков богат откуп!

Ми завршија парите. Во Солун отидов само со еден черек во џебот, право во хотелот „Колумбо“. Гладував два дена, додека успеав да ги најдам другарите Пере Тошев, Ѓорче Петров, Делчев и Хаџи Николов. Тие токму тогаш се собирале на нешто како конгресче. Им изнесов план: да ме киднапираат како руски поданик така што рускиот пратеник да даде откуп. Тие не го прифатија мојот план, затоа што тогаш и немаа уште чети. Ме посветија во своите активности. Се фалеа дека нивната идеја е прифатена, дека нашле дури и самоформирани организации. Се преместив во хотелот „Партенон“, претставувајќи се за руски драмски артист. Прмстигна една италијаска трупа, и тие се запознаа со мене како со колега, ми даваат билети, јадење, пијам со нив, и слободно си одам насекаде. Истата трупа потем беше дојдена во Софија; како колеги си имавме разбирање. Од Солун преку Скопје заминав пак право во Софија. Ми дадоа пари на заем од Комитетот, што потем да им ги дадам на браќата Иванови – на кои им должеле. Во Софија требаше да ги оправдам парите што ги бев зел од министерството. Напишав рапорт, дадов некои податоци за турската војска, што ги имав прибрано од другарите во Солун; и им ги опишав месностите низ кои имав поминато како востаник во 1895 год. Тогаш воен министер беше Рачо Петров. За својот распоред добив уште 25 наполеони. На Рачо му ја опишав потребата од оружје во Македонија. Скоро потоа од Македонија пристигна Груев, и јас му го претставив на Рачо Петров. Груев имаше одено во Белгија заради проучување на експлозиви (во 1896 г. во јуни-јули) и се врати во Македонија. Се среди работата со пушките, и во септември дојде Ѓорче Петров, и по него и Делчев. Уште тогаш, кога Делчев ми велеше да станеме горски царови, ние имавме собрано пари, купивме револвери, бомби и др., и тој имаше платено само делумно за нив, а пак делумо ги набави бесплатно. Почнавме да работиме заедно – со нив. Во тоа време јас на нашите им предлагав да заминам внатре во Македонија, туку тие беа на мислење да се остави тивко да се организира таму Организацијата. Тука спрема ослободителното дело во општеството владееше апатија. Котилото, – офицерите околу Тјуфекчиев, се растури, сите стапија во служба. Генералот Николаев, на чело на Комитетот, не правеше ништо. Останав последен јас, без средства за живеење. Решив да стапам во служба. Во 1896 година се имав запознаено со Цончев, што тука беше командант на 6.Трновски полк. Меѓу моите другари офицери, пред да се разотидеме, се јави идејата да се основаат дружини меѓу офицерите, колку да се соберат средства за прва потреба. За ова прашање зборувавме и со Цончев. Бозуков беше офицер во неговиот полк. Цончев се беше заинтересирал преку Бозукова, на кого порано му имал платено 1.000 лева – половината од сумата што Бозуков ја подигнал како полковски благајник. Цончев се имаше запознаено и со други офицери, што имаа учество во мелничката афера. Дојдовме до заклучок, секој да се потруди во полкот во кој ќе се најде, да формира офицерско братство. Цончев ја одобри таа идеја, и како најстар, со влијание, се стави на чело на таа идеја. Тој со писма им се обрати до оние полкови – кај имаше свои пријатели. Се основаа братства, се собираа пари и се испраќаа тука, чинам до капетанот Димитар Венедиков, што им беа предадени на Ѓорче и на Делчев за потребите на ослободителното дело. Во крајот на август 1896 г. јас бев заминал за Русе, вклучен во составот на 5. Дунавски полк. Формиравме братство. Ги бодревме востаниците Македонци, што ги имаше во градот; сите се обраќаа до мене и колку што ќе имав пари им давав. Ѓорче постојано ми ја подвлекуваше потребата од средства. Една моја идеја беше ваква: не бива ли да го поставиме нашето дело под протекција на некој кнез? За најпогоден таков кнез чиневме дека е Јосиф Батемберг; тогаш тој беше во Петербург на гости кај Лајхтенбергскиот принц. Отидов во Петербург самиот, зедов отсуство. Туку се разминавме, – тој си беше заминал за Италија. Тука се сретнав со гроф Игнатиев. Тоа беше во 1897 г. Треба да споменам дека и во јули 1896 г. бев пак во Петербург, напросто кај брата си, и откако се вратив, влегов во служба. Положбата беше тешка, тегаш не знаев што да правам – тој плаќаше за трошоците.

Во 1897 година, ми се чини во мес. февруари – март, отидов, како што реков во Петербург. Не бидна ништо. Игнатиев ме советуваше да мируваме: Австрија може да не окупира; додека кај нас е кнез Фердинанд ништо не може да биде, иако си го покрстил сина си и слично.

Брат ми велеше дека пари можеле да се најдат во Белград. Го доведовме Ѓорче во Русе, го испративме во Белград, но не се собраа многу пари, слаба работа. Заедно со Ѓорче отидовме и во Букурешт, па таму ги организиравме Македонците.

Во 1897 година дојде до Виничката афера. Делчев ми јави по телефон од Софија да соберам, ако можам, една чета, за да заминеме внатре во Македонија, и да им стави крај на турските ѕверства и сл.. Зедов да собирам чета, туку ми напишаа дека работата стивнала, па престанав. Избувна Шпанско-американската војна. Јас сакав да ја манифестираме нашата симпатија спрема Кубанците, и барав 500-600 мина да стапат во американската војска, а пак тие за надомест да ни дадат пари, да можеме ние да се вооружиме. Токму тогаш за таа работа одев и во Петербург и за Франц Јосиф Батемберг. Американскиот конзул во Петербург ми одговори дека немаат потреба од луѓе. Ме сослуша љубезно и ме испрати. Јас му се кажав кој сум.

И 1898 година помина исто така. Кога воен министер стана ген. Иванов, се прекинаа врските со него. Од продадените пушки на браќа Иванови се дадоа 5.000 со изричен услов да му се предадат на Ѓорче. Овие пушки ги дадоа без муниција. Тие беа пренесени и потем ги открија во Штипско, во Виничката афера.

Куси биографски податоци. – Првиот македонски комитет во Софија. – Сарафов со голема чета го напаѓа град Мелник По враќањето Сарафов заминува во Петербург и таму стапува во Генералштабната воена академија.

.22 јануари 1905 год

Роден сум во 1872 год., на 12 Јуни во с. Либјахово, Неврокопско. Татко ми, Петар Сарафов е родум од с. Гајтаниново, а мајка ми Сирма – од Либјахово. Татко ми беше учмтел, во прво време и инспектор на училиштата, кога пок. Методија Кусевич бил секретар во Егзархијата. Првите ученици на солунската гимназија од источна Македонија ги беше собрал татко ми. Основно училиште учев во своето село, а потем продолжив во Солун да учам од II до IV одделение, а потем во гимназијата до VI клас заклучно. Потоа поминав во Софија во военото училиште. Физички бев слабичок, па татко ми сакаше да зајакнам. Уште во гимназијата меѓу себе зборувавме за идното ослободување на Македонија, па си мислев дека би било добро да се здобијам со воен опит. Татко ми, кога бев во втори клас, беше директор на бугарското училиште во Серез. Наклеветен од Грците во 1885 год. тој беше испратен на заточение, божем како бунтовник, заедно со дедо ми, архимандритот Харитон, татко на мајка ми, претседател на општината во Серез. Беа осудени од воен суд во Солун, што ги осуди на 16 години затвор, што ги одлежуваа во гр. Караман, во Кониската област во Мала Азија, каде биле интернирани. Татко ми заедно со дедо ми избегале и дошле во Бугарија во 1888 год.: се населиле во Софија каде во 1889 г, дојде и мајка ми. Во 1890 година во Солун завршив VI клас и во месец септември постапив во военото училиште. Во истото училиште во 1891 год. постапи Гоце Делчев; тој беше во втората чета, а јас во првата. Се познававме од Солун. Од Солун се познавав и со Дамјан Груев – од гимназијата, исто така и со Ѓорче Петров. Во 1893 год. завршив како офицер. Тогаш социјализмот беше во мода. Бегав од училиште и во една куќа близу до старото воено училиште се наоѓав со ученици од VII кл. па читавме илегални руски автори, се одржуваа и реферати и сл..

Како офицер ме испратија во Белоградчик, во 15-ти Ломски полк. Постојано настојував да ме прведат во Софија, и во 1894 година во мај ме преместија тука.

Токму тогаш се беше формирал првиот македонски комитет, под претседателство на Китанчева. Коста Сарафов, чичко ми, може да раскаже подробно за основањето на Комитетот во Софија.

Тука веќе се запознав со делото. Претпоставував со Китанчева да започнеме со поактивна дејност. Уште во текот на зимата 1894 година почнав да собирам чета. Дење одев во касарната, а навечер ги обучував комитите во крчмата – ан „Нов свет“ (на улица Пиротска). Повеќето од нив беа Македончиња, меѓу нив имаше и еден постар, дедо Димо, арамија.

Со Китанчева велевме дека треба да покажеме знак на живот идната пролет со некакво подвижување, за да предизвикаме интервенција од големите сили, па во Македонија да се примени членот 23 од Берлинскиот договор. Китанчев се согласуваше со тоа. Низ Бугарија за тоа веќе се одржуваа и митинзи, а во Софија имаше и македонско друштво, па и другаде околу 20 друштва, Нив одеше да ги организира низ провинцијата Китанчев. Комитетот се грижеше да набавува средства, пушки, и сл.. кога ќе има потреба. Јас агитирав мегу работниците Македонци за да се подготвуваат за комити, па и меѓу офицерите, да се подготвуваат секој кој што сака. Наближи летото. Јас се најдов со офицерите – покојниот Мустафа, Начев, потем Гаруфалов, Луков, Венедиков, и му ги претставив на Китанчева откако од нивните прикажувања разбрав дека сакаат да земат учество во претстојното движење. Јас и Китанчев заедно темелно разгледувавме заедно со тие офицери, како да се изврши тоа. Претходно се испратија помали чети, првин под водство на Димо Дедото, потем на Никола Херојот и други. Јас со офицерите заминав во Ќустендил, каде имаше една чета од 200 мина. Заминавме на 16 јуни. Таму во месноста Хајдушки кладенец, над село Граница токму расправавме како да заминеме – таму беше и Китанчев, – дојде телеграма од татко ми до Китанчев, со која ме моли да си отидам во нашите места. А пак токму во тоа време имаше една чета, формирана во Дупница од Кочо Муструкот и Кољо Ризов. Беше решено да се дополнат со некој од интелигенцијата, и Китанчев укажа на мене, во согласност со телеграмата од татко ми, за да отидеме во Источна Македонија, а другите да отидат во Струмичко. Така и направивме. Четата од Дупница, 40 мина, се подготви; зедов некои и оние момчиња, што ги обучував во текот на зимата. Тргнавме и ја минавме границата на Петровден, преку Кадиин гроб (по Илиината река). Дојдовме до селото Драглишта, патем поминавме ноќно време, скришум од населението, крај селото Банско, и стасавме на Пирин Планина. Им паднавме на товар на Власите, овчари. Тие за првпат беа виделе таква чета, и тоа со луѓе од интелигенцијата; дотогаш среќавале – само арамии. Кочо Муструкот, покажувајќи им на мене, им велеше: „Досега доаѓавме по арамилак, а сега веќе доаѓаме – за народното дело гледате какви луѓе се дојдени“. Јас бев во офицерска униформа. Тука ја затековме четата на дедо Анчо – од 25-мина, та вкупно станавме 65-мина (околу 8 или 9 јули).Решававме што да правиме понатаму. Мене ми беше мошне тешко да ги наговорам тие луѓе за извршување на патриотски подвизи. Поголем дел од нив си имаа на ум само да кренат некоја мала тупурдија, па и ќесето да не им остане празно, пак и да не загинат, ами да си се вратат во Бугарија. Јас им докажував дека многу поголемо значење има ако го нападнеме град Мелник, па дури и само пет чивтиња да фрлиме, туку во градот да ги испукаме. Ми требаше долго време да ги кандисам при овој напад да се воздржуваат од секаков грабеж, за да остане акцијата чисто патриотска, политичка. Потем, за да ги заполтам, им реков дека отпосле, на враќање некаде може да се допушти и пљачка. Турците узнаа дека има дојдено некаква чета, и беа презеле мерки, така што тешко можеше да се влезе во градот Мелник. Зада им го отргнеме вниманието, се упативме накај Неврокоп. Турците во Мелник се успокоија и им јавија на своите во Неврокоп да не пречекаат. Ние се вративме пак кон Мелник. Преку ќумурџиите узнавме дека Турците се опуштиле, и не го вардат местото – премините. Со брз марш на 12 јули в зори стасавме во градот, откако ја зазедовме теснината, за да не може однадвор да им дојде помош на Турците. Уште оддалеку поставивме стражи. Ја зазедовме околиската управа. И стражарот во стражарската просторија беше задремал, па и заптиите, 7-8 мина, и тие спиеја, така што со сите нив лесно излеговме накрај. Потоа друг дел отиде на поштата, за да го расипат телеграфот. Аскерот, околу 200-мина, беше сместен во касарната во долниот дел на градот. Поштата ја зазедовме, при што како жртва падна само телеграфистот.

Ги запаливме поштата и околиската управа. Внатре имаше 24 товари муниција, па дојде до силен грмеж. Пожарникарите, што си помислиле дека е „јанг`н“ доаѓаат да го гаснат пожарот. Блиску до околиската управа се наоѓаше и затворот; ги искршивме вратите од затворот, и затворениците побегнаа. Пукаме по пожарникарите, – паѓаат мнозина. Други излегуваат со стомни за вода, со фесови; момчињата не можеа да ги распознаваат, па загинаа три-четири мина Грци (таму е грчко маало). Зафативме пусија сред улицата, и по соседните турски куќи; семејствата ги одделивме под стража на друга страна, а ние се сместивме крај прозорците. Дојде војската. Еден – два плотуна од наша страна и паднаа неколцина; пак се вратија, пак плутон – ура! Турците си помислија дека се опколисани; отстапија, војската се растури низ полето. Некои од Турците почнаа да пукаат од прозорците на куќите, и ние тогаш заповедавме да се запалат некои куќи, па изгореа околу 37 турски куќи.

Во почетокот, уште кога се наоѓавме во околиската управа, благајникот што живеел спроти зградата на управата, излезе уплашено, си ги трие очите, се кажа кој е и беше убиен веднаш. Меѓутоа, не се зедоа никакви пари. Мудурот го немаше. Собравме некои поистакнати луѓе, им кажавме за целта на нашиот напад – слободата на Македонија. Беше опасно да се останува внатре, едно поради тоа да не го заземат озгора патот, па да не можеме потем да излеземе, пак и момчињата да не започнат со пљачкосување, затоа што и војводите беа арамии, сакаа да го фатат грчкиот владика, за да земат пари, но ги спречив.

Кон пладнина излеговме од градот со два товара храна и вино. Се искачивме на врвот Кукла, многу убаво место за борба. Таму се разместивме за отпочинување. Имаше 2 лесно ранети момчиња. Утредента се предвидуваше дека ќе пристигне потера. Кочо Муструкот ни рече дека тој ќе се оддели со 16 момчиња, и дека ќе се видиме пак по некое време. Тој виде дека со нас нема арамилак. Тој потем го нападна гркоманскиот манастир и таму ограби калуѓери, им зеде до 40 лири. Ние, 45-мина, продолживме со патот. Потерата не навтаса над селото Влаи. Имаше околу 1 баталјон војска. Се боревме сиот тој ден – 16 јули. Местото беше карпесто, не можеа сосем да не опколисаат. Не загина никој. Во ноќната темнина се извлековме, и ја оправивме накај Бугарија. Останавме со 50-60-100 патрони на една пушка. Кај Предел, на синорот меѓу Разлошко и Џумајско, Турците ни беа поставиле пусија. Дојде до престрелка, но жртви немавме. Утредента, откако се закачивме по падините на Рила, имавме уште две судрувања со турски пусии, но можевме да ги заобиколиме. Кај последната пусија одзедовме шинели, фесови и бел леб. Избегаа, бидејќи им удривме од тил. Границата ја префрливме со тие трофеи, со турски шинели в фесови.

Се вративме на 22 јули. Границата ја поминавме на Ајгидик, и пак излеговме на Илиина река. Не пречека отец Пајсиј од Рилскиот манастир, а пак тој беше и на нашето испраќање. При заминувањето, јас си бев дал оставка како и другите другари, во плико, а пак посебно си бев зел и едно месечно отсуство. Дали владата знаела за таа работа не ми беше познато, меѓутоа, се досетувавме, бидејќи на Хајдушки кладенец најдовме сандаци со владина муниција. Четата беше вооружена со мартинки.

Во Софија останав во месец август. Китанчев си мислел дека акцијата ќе има посериозен карактер, дека ќе трае подолго. Пак и владата ја прекина својата поддршка, па и тој беше донекаде очаен. Туку сепак тој не прими одушевено, затоа што сепак бевме извршиле релативно најдобра работа.

Владата веќе не нe гледаше со добро око; и беше неудобно да не прими пак во служба. Мене ме обзеде мечта да се запишам во Петербургската академија на генералниот штаб. Со помош од Комитетот, што ми даде 200 франка отидов во Петербург во септември 1895 година и постапив во академијата како вонреден слушател. Таму брат ми Петко учеше инжинерија. Таму се задржав 4 месеци. Еден ден дојде воениот министер Вановски, да направи ревизија, и се виде дека сум бил примен во академијата врз посебни основи (Обручев, началникот на главниот штаб на армијата, ме беше примил по препорака на дедо Климент), така што не можам да продолжам, затоа морало да примам руско државјанство и да бидам вклучен во некој руски полк. Јас не примив руско државјанство. Во Петербург ја носев својата униформа од 1 -ви Софиски полк. Таму на двапаати ги собрав студентите Бугари, за да ги запознаам со нашие работи, Одржав подробен реферат. Претседател беше Белинов.

Другарите ми напишаа дека по смртта на Китанчев работите во Комитетот не врвеле, па да се вратам во Софија, за да видам што да се прави понатаму токму тоа ми дојде навреме. Си го зедов куферчето в раце и преку Берлин стасав во Виена. Тука беше брат ми, учеше за доктор.