Monday, 26 June 2017

Со телото во Јајапаша, со душата кон бога

ДЕРВИШИТЕ, ДЕЛ ОД РЕЛИГИОЗНАТА И КУЛТНАТА СТРАНА НА ЖИВОТОТ НА СКОПЈЕ

На неполни два километри од строгиот центар на Скопје веднаш до Јајапашината џамија се наоѓа руфајското теќе, основано дамнешната 1818 година каде скопскиот дервишки ред, предводен од духовниот водач Шех Ерол, ги одржува своите обреди.

Велат дека во душата ја носат традицијата на пророкот Абрахам – заедничкиот прататко на христијаните и муслиманите. Дервишите признаваат три свети книги – Стариот и Новиот Завет од Библијата и Куранот како духовно продолжение на претходните две. Организирано се појавуваат и опстојуваат со многу контроверзности уште од 7 век, а зад завесата на исламот во нивното учење кријат еклектична колевка на праисламските религии и универзална духовност. Кај нас, поради недоволната запознаеност, повеќе се познати по егзибиционизмот, како луѓе кои се прободуваат со ножеви, исто како циркуските голтачи на пламен.
Во скопската реалност дервишите се дел од религиозниот и културниот шарм на главнот град на Македонија. На неполни два километри од строгиот центар на Скопје веднаш до Јајапашината џамија се наоѓа руфајското теќе, основано дамнешната 1818 година. Преку средбата со Шех Ерол – духовниот водач на дервишите во ова теќе ја освеживме историјата, но и го забришавме правот пред очите, нанесен од урбаното секојдневие.
Тропнавме на зелената метална врата на почетокот од теќето малку со недоумица. Претходните денови се договоривме со Шех Ерол да присуствуваме на обредот и да направиме фотографии од него. Не успеав да разговарам со Шехот во текот на денот. Дали обредот воопшто ќе се одржи? Ми олесни кога во куќата на Ерол видов запалена светилка. Влеговме. Не пречека живописниот двор по кој што шетаат неколку патки и гостољубивиот домаќин кој го очекуваше нашето доаѓање. Обредот сепак ќе се одржи.
Ги собуваме чевлите и влегуваме во теќето. Ходникот води до единствената загреана просторија во која на патосот на овчи рогозини седат неколку дервиши. По првичното запознавање и испивање на турскиот чај преку еден тесен премин поминавме во соседната соба во која се вршат тарикатските обреди . Во собата покрај портретот на заштитникот на дервишите Имам Алија исцртан на sидот, нашето внимание го привлекоа и закачените обредни инструменти како што се неколкуте бодежи – забови и арапските тарабуки. Бројот на дервишите во собата постојано се зголемуваше. Неколку од присутните, пред започнување на дервишката церемонија – зикр, пристапија кон вршење на јацинамас – попладневен поклон и молитва, задолжителна за секој муслиман според законите на шеријатот. Молитвата заврши и во тој момент влезе Шех Ерол облечен во црна ткаенина и црн турбан на главата. Присутните му укажуваа чест на нивниот духовен водач со поклон и седнаа во круг. Започна зикрот.
Дервишите почнаа да се нишаат во ритмот на молитвата. Енергичното испуштање на здивот со познатото дервишко “ху”, во кое е содржана целата верба на дервишкото битие, во собата создава компактна атмосфера и дејствува како експлозивно полнење кое треба да го исфрли спиритуалниот проектил на патешествие во внатрешните светови. Етерот го распаруваат хармонии препознатливи единствено за исламот во кои се спомнуваат 99-те божји имиња. ” Ла – илаи – илалах”, “Алах – јахам – јакајци” и останатите комбинации на другите божји имиња во синтаксата на песните секогаш даваат едно значење – ” Господ е еден” што укажува на монотестичкиот карактер на целиот обред. Шех Ерол дава знак и светлата во собата се гаснат.
Се пали свеќа и се поставува на средината на собата. Шех Ерол кажува молитва. “Целата моја верба е во животот кој не умира” – се вели во еден стих од инвокацијата во текот на суфистичкиот дервишкиот обред, распламтувајќи го јадрото на овој духовен правец. Светлото на свеќата ги осветлува подрумите на душите.
Дервишите станаа и префатени преку рацете почнаа да се движат во круг. На звучната позадина од ударот на тапаните во состојба на “хаљ” односно транс еден од дервишите приоѓа кон Шех Ерол и бара дозвола да почне со ритуалот на прободување. Шехот му го подава претходно стерилизираниот бодеж на традионален начин со шмирглање, дервишот клекнува и го зарива бодежот – заб од едната страна на усната шуплина. По него истата постапка ја повторуваат и другите дервиши. Се прободуваат насекаде: во пределот на слабините, вратот, клучната коска и на тој начин во име на бога ја порекнуваат болката и материјалноста, а ја слават љубовта и победата господова. Помладите дервиши горат од желба да се вклучат во светото прободување и нив таа чест им ја укажува лично Шехот меѓутоа со потенки и помали игли. Ако се спремни за тој чекор нема да почувствуваат поголема болка од убод на пчела. Дервишот мора да е прочистен и зрел за да биде вклучен во ритуалот на прободување.
Кулминација. Зикрот продолжува со тоа што дервишите формираат двоен круг, а во центарот двајца од нив ги сплетуваат рацете и започнуваат да се вртат со голема брзина. Со секој поминат круг с&ицирц; повеќе се разоткрива светата смисла на дервишкиот танц и неговата симболика. Дервишите во него ги пронаоѓаат законите на движењето на sвездите, движењето на електроните и протоните во атомот мистеријата на создавањето, еманациите и враќањето кон прапочетокот во единство. Со секој поминат круг во теќето се приземјува небесниот ангелски простор, а самите дервиши стануваат sвезди на тоа небо од симболи. Тоа за нив е крајниот чин на потчинување – ислам во кое човекот преку анихилација на сопственото его се растопува во крајното апсолутно. Целиот обред добива смисла на космичко жртвување како замена за божјата екстаза која зависи само од милоста на Алах.
Во знак на почит и зборот замолкнува пред волјата на создавачот.

Суфизмот, прво име на дервишизмот

Суфизмот што е првото име на дервишизмот води корени од аскетската пракса на исламските поклоници во периодот веднаш по првиот бран на ширењето на муслиманството. Коренот на зборот суфизам се претпоставува дека лежи во зборот тасавуф кој што во 8 век се употребувал како назив за дебелата волнена ткаенина што во тој период ја носеле побожните луѓе во арапскиот град Куфи. Првите формални групи на верници насловени како тарикати што во превод значи духовен пат се формираат дури во 12 век, а самото движење уште од почетокот плени со својата слободоумност и во својот систем интегрира делови од духовната традиција на христијанските монаси, неоплатонизмот и будизмот. Сепак, и покрај неговата синкретичка природа повеќето ориенталисти сметаат дека, сепак, суфизмот во голем дел е развиен од интензивната куранска медитација и ја црпи инспирацијата од бескрајниот океан на исламската душа.

Тарикатите, сунитите и шиитите

Појавата на тарикатите според генезата на исламот директно е поврзана и е под закрилата на зетот на Мохамед, Азрети Али за кој што самиот пророк рекол:” Јас сум од Алија и Алија е од мене. Ние потекнуваме од иста светост. Кој ме сака мене го сака и Алија.Кој го сака Алија го сака и Господ. На тој што го сака Господ, Господ му ја возвраќа љубовта”. Тука во поголема или помала мерка започнуваат и идеолошките разлики меѓу муслиманите како околу толкувањето на куранот така и околу ригидноста на прифаќањето на шеријатот односно надворешниот закон на куранот како единствено и основно правило за секој лојален муслиман. За да се разбере суфизмот оваа разлика може да се разгледува и од аспект на појавата на двата ограноци во муслиманството и тоа сунитизмот и шиизмот. Сунитизмот – претежно егзотерично верување кое не признава ниту една света книга по куранот, на верниците им пристапувал со став дека господ е недостижен, судбините на луѓето зависат од неговата волја, а единствен начин човекот да се додвори на бога, но и да ја најде сопствената слобода е во почитување на законите на шеријатот што од религиозната пракса подразбира единствено вршење на молитви петпати дневно.За разлика од сунитизмот, шиизмот покрај Куранот ги признава и книгите на 12 Имами односно духовните водачи напишани по Мохамед оправдувајќи го тоа со фактот дека тие се напишани по пророштвото и со благослов на Мохамед. За сунитите не постои духовен водач освен Мохамед, а шиитите веруваат во духовното водство како потреба за пренесување на духовноста. Прибежиштето на суфизмот може да се најде токму во овие редови. Наспроти фундаменталистичкиот сунитски ислам кој подразбирал и барал покорност и потчинување на човекот кон господ, езотеричниот шиизам можел да најде разбирање за суфистите и дервишките редови кои пристапот до бога го наоѓале во внатрешното задлабочување и воспоставувањето на блиска врска и комуникација со апсолутот .

Цената на слободата на идеите

Поради својата либералност суфистите биле креативното јадро и извор на најдобрите дела на персиската, иранската и турската поезија во тој период. Надалеку е познат големиот турски поет Џелалудин Руми (1207 – 1273) кој важи и за основач на најбројниот дервишки ред – Мевлевиите.Тој за првпат го открил методот на кружно вртење и мистичен танц наречен сема, што е заштитен знак на Мевлевиите до ден денес. Вртејќи се околу својата оска и паѓајќи во состојба на транс, Руми на својот ученик му издиктирал токму 6.280 стиха со толкување на куранот. Заради слободоумните идеи дервишите биле и останале прогресивната струја во исламот, меѓутоа во минатото слободоумноста често ја плаќале со својата глава. Познато е мачеништвото на големиот дервиш Ал – Халаџ кој што поради изјавата искажана во состојба на духовен транс “Јас сум вистина”, “Јас сум бог” во Багдат 992 година бил погубен со дерење на кожата. Пред настапувањето на смрта својата верба ја искажал со стиховите:

Убијте ме
верни другари
Животот мој започнува
во моето погубување

Можеби спротивставените ставови на дервишките редови и државните сунитски власти најпластично се прикажани преку преданието за животот на дервишот Ибен Мухедин Арабиј(1165 – 1240). Арабиј во Дамаск – Сирија отворено му се спротиставил на тамошниот крал и врвен религиозен авторитет обвинувајќи го за злоупотреба на религијата во егоистички цели. По оваа изјава бил осуден на смрт, меѓутоа пред самото погубување тој се обратил на тамошниот религиозен врв со следните зборови:”Вашата вера е под моите нозе”. Следниот ден под земјата на местото на кое што бил погубен Арабиј бил пронајден ковчег со злато. По оваа случка разлутениот крал го осквернавил гробот на Арабиј потрупувајќи го со градскиот смет.

Дервишите во Македонија

Во Македонија првите тарикати доаѓаат со ширењето на Отоманската империја. Во зенитот на Отоманската империја во Македонија активно работеле сите 12 дервишки редови – тарикати. Со повлекување на Турците од балканот се повлекуваат и поголемиот дел од дервишите, меѓутоа во наследство оставаат култура и преубави објекти како што е бекташиското теќе во Тетово. Денес во нашата земја егзистираат 8 тарикати и тоа кадриите, руфаиите, алветиите, шазелиите, садиите, бајрамиите и нивниот огранок синаниите. Поголемиот дел од нив не се активни меѓутоа некои од нив како руфаите и садиите постојат со стабилно членство и с&ицирц; уште секоја сабота се собираат во скопските теќиња за да ги извршат своите мистични обреди. Единствениот празник на дервишите освен исламската нова година е 22 март, денот на пролетната рамнодневница кога дервишите се собираат во голем број и вршат специјален обред во големата просторија во теќето наречена семана.

Горазд Калео, ВЕСТ 2001