Скрибоманија

Енормниот ентузијазам за создавање книжевни дела и недостатокот на уметничка визија или каква било естетска или когнитивна стратегија, во комбинација или во симбиоза со овие „месијански“ пориви, резултираат со феноменот на скрибоманијата. Овој манијакален занес кај одредени личности, кои од петни жили се обидуваат да го наметнат своето мислење низ пишаниот збор, со демократизацијата на медиумите, а особено со воспоставувањето на интернетот како најсофистициран, технолошки најиновативен и социјал-политички најдемократскиот медиум на денешницата, им дава орелски крилја на овие идиотски упорни персоналитети, кои водени од огромната суета, која, за жал, силата на нивната глупост никогаш не ја ставила под знак прашање, ниту, пак, се обидела да ја проблематизира низ каква била вистинољубива интроспекција во име на објективноста, ги прави несносни натрапници насекаде, каде што им се укажува можност за пенетрација. Овие провокатори на сеирот се како еден вид егзибиционисти, што по секоја цена сакаат да соблазнуваат со својата неинспиративна и уште почесто, аверзивна мисловна голотија.

Мотивите за ваквиот кретенски порив да се наметне нивното, според се’, плитко промислување на реалноста лежат во ужасната констернација што ги опфаќа од чувството на баналност, што судбината така безмилосно го вградила во нивниот празен и јалов имагинативен простор и обидот за панично бегство од вака сообразениот интимен простор на душата, што ја влечат со себе неволно, како просјаците својата вреќа за складирање милостина.

Можеби и не е се’ така просто и плакативно, можеби се работи за политички активизам? Политиката, која ја доживуваат како ултимативна човечка дејност, веројатно е круцијалниот фактор на мотивирање кај дел од нив, кај оние со одреден социјален идеал или агенда или кај оние што се идентификувале со одредена политичка партија, која ја чувствуваат како спасоносно братство на истомисленици, за кое вреди да се напаѓа, да се јуриша на барикадите, да се вее знамето на идентификацијата, да се кршат главите на непријателот.

Но, кога нема луцидна мисла, ниту, пак, вознесувачка поетика, без оглед на доблесната жртва за униформниот колективитет, останува една безидејна трага, една здодевност или, пак, вулгарност, сеедно, останува скрибоманијата.

Сепак, денес овој феномен е толку многу распространет, што скрибоманијата станува една нашироко присутна амбиенталност на духот на времето. Мнозинството на оние што во секоја пригода имаат што да додадат, да коригираат, а најчесто да нападнат со фуриозен гнев и шокантна омраза, се сосема вообичаена појава и лесно се препознаваат како еден вид социопати, кои своите фрустрации (најчесто од типот на манија на величина и големо незадоволство, што оваа вредност не е адекватно испочитувана, како оној несреќен кловн Бозо, кој создал посебно волшебно огледало за себеобожавање) ги екскатапултираат насекаде, каде што ќе насетат директна или индиректна негација на нивните естетски или политички парадигми.

Просторот за дејствување на скрибоманите од ден на ден се шири и тие чувствуваат дека ова е нивното време, а за иднината со која сакаат дефинитивно да зацарат, имаат посебни планови. Тоа не се некои интелегибилни стратегии, со кои тие ќе стават печат на историјата, ниту се подготвени да се внесат во оваа своја револуција со самопрегор и жар, од кој се кострешат влакната по телото, додека ви проаѓаат морници по дамарите, експресија, која нивните идеолошки предци ја користеле како поетска и пропагандистичка доктрина – психопатологија, смирувана со погромот на фиксираниот колективен непријател од политичка, расна или етничка провениенција. Не, тие не се така мотивирани, емпириски свесни за историскиот крах на својата филозофска и социјална мисија, ризикот на нивните адепти им е неприфатлив поради консеквентниот фанатизам, кој честопати предизвикува неподнослива болка за нив самите, па и смрт – не дај Боже, појава во природата, од која безглаво бегаат, бранејќи го панично својот конформистички капитал, всушност, нивната стратегија е големата глупост и уште поенормната упорност со која напредуваат полека, но сигурно, како волови на ливада. Ова напредување им се овозможува како колатерала на се’ поотворените процеси на демократизација што се одвиваат во цивилизираните општества. Љубезните и деликатните личности отстапуваат згрозени од лошиот вкус на овие заблудени, но упорни протагонисти на скрибоманијата, што како крлежи влегуваат во сите можни опортуни простори за да го закотат во нив својот одвратен експиријанс и уверувања. Навистина, стануваат се’ посилни, со оглед на нивната бројност и бескрупулозност.

Доколку поради некој ирационален револт или во име на добриот манир им застанете на патот, лошо ќе пројдете. Тие не бираат средства. Нивната некултивираност и анималност ќе ве избербатат на сите можни начини, од извртување на тези, трик што го научиле од дневната политика и кој сам по себе станува банален до блуење, клеветење и импутации, понекогаш се толку ступидни, што стануваат и смешни за инкриминираната личност, навредување, пцуење, закани по живот и маса други гадости, кои прераснуваат во препознатливост на нивните дегутантни аури.

Ноторен факт е дека сите нивни потфати завршуваат во канализацијата на недоветноста, но тие имаат толку многу фертилитетна потенција, што веднаш на местото на отпаднатите гадости, што до пред малку ги продуцирале, се појавуваат новосоздадени квантуми глупост, гротеска, лош вкус, омраза, гнасотии, а што е најважно од се’, една неспоредлива упорност, што само одредени умоболници можат да ја манифестираат.

Leave a Reply