Thursday, 17 August 2017

Скопските боемски училишта

Пишува Данило Коцевски – Во Скопје имаше славни боеми, но и училишта за боеми. Боем не се стануваше тукутака.

Не беше лесно во шеесеттите години да се оди на училиште за боеми во класата на еден Петре. М. Андреевски, Гане Тодоровски, Бранко Варошлија, Димитар Солев, Бранко Заревски, Петре Прличко, Димитар Гешовски или сликарот Глигор Чемерски.


Боемите во амбиент од почетокот на 60-тите години, од десно на лево: Бранко Заревски, Љупчо Исаиев, Ратко Божиновски, Душко Родев, Младен Дилевски, во позадината Глишо Кибицерот

Се беа тоа видни асови и професори по боемија, од кои имаше што да се научи. Се разбира, ако сакавте да бидете добар ученик. Мене, на почетокот од кариерата, случајно или не, ми се падна еден од најафирмираните професори – Бранко Варошлија. Веднаш по завршувањето на гимназијата, бев професионално примен на работа во редакцијата “Млад борец”, каде што работеше тој. Со негова препорака: “Добар е малиот, ќе биде одличен критичар”. Варошлија знаеше и ноќта да ја претвори во ден, со добро друштво и муабети, сe до утринските часови. А изутрината, додека сe уште се соземавме, тој прв и пред сите нас ќе дојдеше на работа, свежо избричен, намирисан, светнат, како целата ноќ да ја поминал во длабок сон. Седеше на бирото, секогаш со отворено книжевно списание, и читаше. Се чудеше каде сме, зошто сe уште нe нема. Како најмлад, ме испраќаше во редакцијата на “Разгледи”, кај Димитар Солев, да му однесам текст исчукан на машина. Тоа беше дел од неговиот роман во ракопис, “Последниот лет на птицата селица”, кој “Разгледи” го објавуваше во продолженија. Подоцна, Варошлија ја продолжи професионалната кариера во “Нова Македонија”.
Гане Тодоровски имаше посебна и исклучителна харизма. Единствено тој ги обединуваше сите: и литератите, и сликарите, и скулпторите, и музичарите, и театарџиите и филмаџиите, и младите и старите, и оние што доаѓаа во Клубот на писателите за да видат какво е тоа чудо од клуб на уметници. Се случуваше да се состави заедничка песна од сите присутни кои седеа на масата. Кафеаната беше неконвенционален простор за освојување на слободата и за творечка креација. Сето тоа ме потсетуваше на славните париски бистроа, во кои поетите Рембо и Верлен, со пријателите, создавале неконвенционални стихови, кои потоа посебно ги објавувале. На истиот тој простор во Клубот на писателите се отвораа изложби, самите држевме говори и ги претставувавме сликарите: Глигор Чемерски, Жарко Јакимовски, Димитар Манев.
Во училиштето за боеми, класата на Петре М. Андреевски беше исклучително тешка. Ако ги издржевте неговите први и ненадејни удари со главата кои ви беа упатени, притоа останувајќи на нозе или не паѓајќи од столот, тогаш можевте слободно да продолжите со школувањето. Значи, сте имале талент.
Во тие шеесетти години, додека седевме во вечерните часови во Клубот на писателите, Петре ме праша:
“Бидејќи си критичар, дали си ја видел најновата антологија на македонската поезија објавена во странство?”. “Не”, му реков зачудено, бидејќи не знаев за што станува збор. “Е, тогаш станувај од масата, и одиме кај мене дома, мора да ја видиш. Ќе ти ја позајмам”.
И, така дознав дека Петре живее во барака на улицата Грамос. Се качивме во градски автобус и нишајќи се фатени за држачите, по едно долго патување во ноќта, стигнавме кај него дома. Тој веднаш го испрати малиот Сергеј во најблиската продавница да купи две шишиња “смедеревка” и минерална вода. Горев од нетрпение да ја видам антологијата. И навистина, тоа беше едно лошо издание и претставување: минорните автори беа застапени со по десетина песни, а вредните симболично, едвај по неколку песни. Дали од мерак кон пијалакот или од лутина за лошата антологија, испивме уште по две “смедеревки”. Потоа напишав коментар за таа книга, во едно списание.
Со Петре почесто се дружевме кога тој работеше во редакцијата за народна музика и играната програма, а јас во редакцијата за култура на Македонската телевизија.
“Бранко Заревски беше апсолутен авторитет, беше поим како новинар-творец и како боем”, ми раскажува деновиве неговиот колега, писателот Душко Родев. “Со Бранко работевме заедно долги години, а еден период бевме и во издаваштвото на ‘Нова Македонија’, каде што први ги објавивме Борхес, Кундера, Булгаков, Солженицин”.
И навистина, освен колегите со кои работеше, во издаваштвото, новинарството и графичката индустрија, тој ги обединуваше сите славни скопски боеми: Бане Ковач, Киро Чауле, Лазо Кавалот, Гаврош, Туниќ, Бошко Југославија, но и многу други личности од повеќе области. За жал, фотографиите со Бранко Заревски се многу ретки, меѓу кои и групната фотографија што ја објавуваме во овој број. Иако боемите на своите седенки се дружеа меѓусебно, артистите имаа свој посебен “огранок”, каде што силни авторитети беа Петре Прличко, Тодорче Николовски, но и Ацо Снагата, Драги Костовски, Ристо Шишков, а од режисерите Бранко Гапо. Боемска атмосфера имаше во театарските бифеа, но не треба да се заборави и некогашното популарно бифе во “Вардар-филм”. Меѓу боемите, посебно место заземаше артистот Димитар Гешовски-Гешо. Не случајно на неговата спомен-плоча пишува: “Во високата школа на скопската боемија ја основа Катедрата по елеганција и благородство”. Приказната продолжува…