Monday, 23 October 2017

Само магијата води до вистината

Кон „Самит на шаманите“, режија: Александар Станковски; фотографија: Бранд Феро; сценографија: Кирил Спасески и Вања Бартлинг; музика: Фидан Јаковски; улоги: Кирил Поп Христов, Мирче Доневски, Билјана Драгичевиќ, Игор Џамбазов, Владимир Ендровски, Тони Михајловски, Амернис Нокшиќи, Македонија 2006 година

гледајте го Самит на Шаманите

„Самит на шаманите“ после цели шест години ја доживеа својата премиера. Александар Станковски ја продолжува својата филмска авантура започната со „Маклабас“, докажувајќи дека поместувањето на филмските граници не значеше само инцидент, туку едно поинакво гледање на нештата чие време допрва доаѓа. Тоа на своевиден начин се совпаѓа со убедувањето на големиот британски режисер Питер Гринавеј дека старото кино е мртво и дека филмот се повеќе станува феномен на мултимедијална интерактивност. Се чини дека во Македонија нема подобар пример за тоа токму од делата на Станковски.

Неговиот нов филм спојува во себе многу медиуми создавајќи едно аудиовизуелно дело кое навистина бара многу активен однос ако сакате него и да го доживеете. Бидејќи, „Самит на шаманите“ нуди слики, нуди фасцинантна визуелност, нуди безброј симболи, алузии, нуди необични состојби на духот, нуди патување низ времето и митологијата во кое мора да бидат вклучени сите сетила. Новиот филмски јазик што тој самоуверено ни го нуди на екранот тотално ја деконструира филмската слика нудејќи една оригинална визија, една поинаква концепција, нудејќи единствена можност да бидете дел од волшепството на шаманите и од нивната моќ да бидат во допир со едно друго ниво на постоење. Имено, овој филм не е ништо друго освен едно ниво на делириум, на екстаза, на лудило кое низ своите халуцинации ги отвора вратите на магијата, која свесни или не единствена и води до вистината.

Потребен е навистина не само интерактивен однос за да се разбере или доживее делото на Станковски, туку од една страна и големо познавање, а од друга и една таква екстатична состојба која ќе ви овозможи на свој начин да го препознаете оној интро-свет што и му го дава единственото обележје. Но, едно е јасно, дека ова дело е далеку подобро од претходното токму поради следењето на сопствениот јазик, а не на филмскиот, па филмот се подредува на визијата, на анимацијата и визуелната императивност, а не обратно. Приказната е тука да не води низ неговата фантазија, низ неговите слики и „ликовни зафати“ и затоа успева да допре до нас, особено ако се вклучени сите сетила. (12.09.2006)

Сунчица Уневска

Небесниот Татко и Божествената Мајка
Чудесните раѓања во волшебните приказни
Залезот на Западот
Светлината на слободните ѕидари
Пустиниците на Света Гора имале и по 270 години
Древното Кратово во новото време (интервју со Стевче Доневски)
Од кога постои Ѓуришкиот манастир?
Ќе се љубиме или само ќе се сакаме?
Демократија и демонкратија или меритократија и самоиздржливост? (од Имагинариумот на доктор Сонѕе)
ЛОЗА 2017: Нека се трупа к'смет и бериќет!