Патописецот Евлија Челебија

Познатиот турски патописец Евлија Челеби оставил значајни податоци за речиси секое катче од Земјата. Зборува за местоположбата на населбите и нивното место во административно-политичкиот систем во Империјата, за органите на власта и обврските на населението, за бројот на маалата, куќите, верските, односно сакралните и световните, односно профаните објекти, за чешмите, потоа за занимањето на населението, менталитетот, обичаите и др. По повод споменатите годишнини ќе проговориме за личноста и делото на Евлија ибн Дервиш Мехмет Зили, познат како Челеби (роден во Истанбул март 1611 г.) Евлија се вбројува меѓу ретките луѓе што целиот живот го посветил на патувања по тогаш пространото Турско Царство и надвор од него, и виденото, чуеното често споредено со службените акти го систематизирал во 10 тома ракопис.

Природно интелигентен и со прониклив ум, со знаењата што ги стекнал во родителскиот дом, во медресата (назив за средна и виша школа од интернатски тип) и во Школата на Султановиот двор во која си обезбедил место благодарение на својот мелодичен глас, цитирајќи го Куранот напамет во џамијата „Аја Софија“ и со силните роднински врски со влијателни личности, Евлија можел да стекне висока политичка положба. Меѓутоа, справедлив и нелицемерен, со немирен дух и желба за слободен живот (самиот се нарекувал пријател и забавувач на луѓето), своите амбиции ги насочил кон патувања и збогатувања со нови знаења.

Како син на заможен златар, во својата рана младост Евлија можел да си дозволи патувања во разни градови на Империјата. Подоцна патувал како придружник во разни дипломатски и воени мисии, учествувал во воени походи и вршел разни задачи (пренесувач на пораки на истакнати функционери, попишувач и прибирач на разни даноци, ѓумруци и др.), што било подредено на неговата неизгаслива желба да види и дознае што повеќе. Тој никогаш во животот не засновал редовна служба, не живеел на едно место и не формирал сопствено семејство. И како никој пред и по него, Евлија го прокрстарил Турското Царство што се простирало на трите стари континенти, патувал во западните области на Персија, Јужна Русија, Полска, Хабсбуршката монархија и можеби Шпанија и Холандија и насекаде го регистрирал она што го видел, чул, сретнал во службените акти, дополнувајќи го со претходните лични сознанија и наративни извори.

Стекнатото образование и богатото животно искуство, знаењето (покрај мајчиниот турски) арапски, персиски и грчки јазик и служењето со латински и сириски, му овозможиле на Евлија да стане еден од најинформираните на своено време. Сознанијата од своите 40-годишни патувања ги опишал во капиталното 10-томно дело „Сејахатнаме“ („Патопис“). Тие се значајни за историјата, географијата, етнографијата, економијата, архитектурата, лингвистиката, фолклорот и друго за сите места низ кои поминал. И сепак требало да помине едно и пол столетие, за да во првите децении на 19 век делови од овој патопис бидат претставени пред јавноста од австрискиот ориентолог и дипломат во Турција, Јозеф фон Хамер на германски јазик, а потоа делови се објавени и на други јазици. Кон крајот на 19 и во првите децении на 20 век Патописот на Евлија целосно е објавен на турски јазик со арапско, односно латинично писмо. Со оглед на значајните податоци за балканските области, туркологот Хазим Шабановиќ објави „Евлија Челеби. Путопис. Одломци о југословенским земљама“ Сараево 1957 и второ издание 1979 година, а во Софија туркологот Страшимир Димитров објави „Евлија Челеби, П’тепис“ во 1972 година. Овие трудови ги користевме во насловот „Македонија во патеписот на Евлија Челеби“, Географски разгледи, Кн. 23 и 24, Скопје 1986. При ова претставување на Македонија од Евлија, покрај споменатите се користени и „Патописот на Евлија Челеби од 1660 до 1668 година“ од трудот „Македонија во делата на странските патописци 1371-1777“ од Александар Матковски објавен во Скопје 1991 година и „Евлија Челеби за Македонија“, Избор, адаптација, превод од турски и предговор Илхами Емин, објавен во Скопје 2007 година. Со оглед на богатата ризница на податоци во Патописот на Евлија, на фактот што за 17 и 18 век нема доволно истражени извори, како и на сопствените збогатени историски сознанија, текстот што следи ќе биде прилог за поблиско запознавање со состојбите во Македонија во соодветното време. Што се однесува до етничката припадност на населението, тоа е неиздиференцирано во тоа време, конфесијата е доминантна а и патописецот не е доследен во своите искажувања, па ги задржавме термините што ги користи тој.

Описите за Македонија се содржани во Петтиот, Шестиот и Осмиот том од Патописот. Бидејки во тоа време Македонија, патем како и соседните земји, не била одделна административна единица, во турската документација не е именувано нејзиното име и тој ги користи административните менувања. Територијата на Македонија била во состав на Румелискиот беглербеглак, а во санџаците во кои била вклучена биле зафатени и територии од соседните области. Меѓутоа, во сите т.н. Илирски грбовници и пред Стематографиите на П. Р. Витезович (1701) и на Хр. Жефарович (1741) и потоа, областа Македонија е претставена одделно со посебен грб, а македонски трговци кои патувале надвор од Турската Империја се претставувале како турски поданици од Македонија се разбира во природните граници, во кои останала до 1912 година. Низ Македонија Евлија патувал во 1660, 1661, 1662 и во 1668 година.

Автор: ПРОФ. Д-Р МИЛКА ЗДРАВЕВА

 

Leave a Reply