Tuesday, 21 November 2017

Новомакедонските старобогаташи

Нивните предци – чеда на револуцијата го стекнаа богатството со пиштол, веднаш откако ја превземаа власта од богатите. Тоа го направија брзо и тивко, како да се работи за убивање животни. Потоа почнаа да ја разбираат илузорноста на револуцијата и власта, и решија да се врзат за потрајни вредности како што се материјалните богатства. Така станаа токму она против што се бореа, но за разлика од нивните претходници – чорбаџиските капиталисти, овие станаа богати со убиства, кои вешто ги криеја од народот кој знаеше се, а се правеше дека не знае ништо. Нивните потомци, воспитувани да не прашуваат за минатото, а да гледаат во светлата иднина продолжија со таложењето богатства и со раскошниот живот. Нивните манири се подобрија, културата им стана рафинирана и ексклузивна. Кризите на државата им проаѓаа како гладијаторски игри, а тие беа исполнети со дистанца и индигнација во нивните сигурни ложи. Нивните салони се последните оази на добриот вкус. Сепак стравот од вртењето наназад во минатото ги прави ординарни снобови без племство, обични игноранти уплашени од вечното минато.
од Виртуелен Уметник