Ми товарил калеш Дончо

Македонските револуционерни народни песни, покрај фолклорна вредност, се испеани од вистинити настани и личности. Една од најпознатите револуционерни песни е песната “Ми товарил калеш Дончо”, во која е опеана судбината на овчеполскиот револуционер Андон Стојанов Тошев, кој бил заробен и мачен од турските власти во обидот да однесе бомби и муниција во Битола.
Андон Стојанов Тошев, познат како Дончо Штипјанчето, се родил во 1867 година во Ерџелија, Овче Поле. Работел како ќираџија, заедно со својата жена Екатерина. Со неа изродиле пет деца.
Во 1894 година, Гоце Делчев и Даме Груев дошле во Штип со мисија да ја шират идејата за организиран отпор кон власта и стремежот кон слободата. Бунтовните македонци го прифатиле предизвикот и таа година формирале ќелија на ТМОРО. Дончо активно учествувал во револуционерната дејност уште од основањето на ќелијата. Во состав на ќелијата работела тајна работилница за бомби, многу значајна за Револуционерната организација во тоа време. Штипската ќелија била задолжена да ги дистрибуира произведените бомби до другите ќелии на ТМОРО. Во 1897 година од Битолскиот револуционерен округ било побарано да им бидат однесени бомби и муниција. Било одлучено Дончо да оди во Битола, затоа што бил еден од најискусните борци во штипската ќелија.
Дончо тргнал за Битола маскиран како трговец со три товари ориз, а бомбите ги скрил во оризот. По патот до Битола поминал без да биде забележан и фатен што носи, но на самиот влез во градот бил запрен од турските колџии, кои се посомневале во товарот на непознатиот трговец. Помислиле дека Дончо е шверцер на тутун и почнале со штиковите од пушките да ги бодат вреќите со ориз. Така налетале на бомбите. Во тој момент Дончо се обидел да избега, но бил фатен и приведен во тогашната полициска станица во Битола. Првиот ден од притворот властите биле збунети и не можеле да го разберат вистинскиот мотив на Дончо, та првин си помислиле дека е шверцер. Многу брзо турските власти го насетиле мотивот на Дончо и осознале дека постои организација која се бори за пропаст на султанската држава во Македонија. Паднала одлука: Дончо да се испитува и се да признае со мачење и тепање за да дознаат што повеќе за Организацијата.
За ТМОРО тогаш настапил кризен период, била доведена во прашање целата дотогашна работа, се зависело од Дончо и неговата истрајност. Тоа било првото поголемо огнено крштавање на издржливоста на Организацијата, на испит биле ставени дораснатоста и зрелоста на револуционерите кои се стремеле кон слобода. Турските власти, обидувајќи се да му ја скршат волјата, секојдневно го мачеле Андон, но тој цврсто се држел и тврдел дека бомбите му биле подметнати и дека не знае кој ги ставил во товарите со ориз. Во тие долги и мачни денови, измачениот Андон се претворил во непокорливиот Дончо Штипјанчето. Турските власти во недостиг на докази ја прекинале истрагата и го осудиле на сто и една година тешка робија, но подоцна бил ослободен.
По излегувањето од затвор, се вратил во Штип и таму ги преживеал балканските војни, околу 1913 година со семејството се преселил во Бугарија и таму останал до својата смрт на 16 април 1930 година.
Храброто држење и непокорливоста на Дончо Штипјанчето за ТМОРО и за народот претставувале голема морална победа со која конечно се потврдило во практиката решителноста на револуционерите да одат докрај во својата борба за слобода. За Ѓорче Петров, еден од најголемите мекедонски револуционери, Дончо Штипјанчето претставувал “прататко на цврстината при најголеми страдања”, тој преку својот непокор и фанатичната истрајност забележливо го запечатил моралот кај македонските револуционери.
Натчовечките напори и саможртвата на Дончо Штипјанчето силно одекнале во свеста на народот, кој му се оддолжил опевајќи ја неговата судбина во песната “Ми товарил калеш Дончо”.

Leave a Reply