Thursday, 29 June 2017

Мистериите на Скопје

Пишува Данило Коцевски – Во мистериите на Скопје спаѓаат и подземните тунели за кои многу се зборува меѓу постарите жители, кои често пати ми укажуваат на местата каде што се наоѓаат отворите, односно влезовите во тие подземни ходници. Се смета дека тие мистериозни ходници се последица на тешките историски периоди низ кои минувал градот, многуте војни и освојувачи, можностите за криење и бегства, но и за изненадување на непријателот. Тие овозможувале бранителите на градот ненадејно да се појават пред освојувачите таму каде што тие најмалку очекувале.

Едно од местата на тунелите кои ми беа посочени е и турбето Алти Ајак, кое се наоѓа во близина на патот кој води кон Топаана, Француските гробишта и американската амбасада. Долу, под него, се простираат Пластичарската улица и патот кој води кон старата тетовска трошарина и касарните. Тоа е просторот каде што се воделе борбите во 1689 година, меѓу австроунгарските војски на Пиколомини, кои се повлекувале од Скопје и, од друга страна, Турците и Татарите, на чело со Селим Гирај. Се смета дека во тоа турбе е погребан некој од турските или татарските команданти. Таинствениот тунел водел оттука, па сe до реката Вардар, пред денешното Маџир маало. А дека ваквата подземна маршрута била можна, ми потврди и кажувањето на еден стар чаирчанец.

Тој се сеќава дека во Втората светска војна илегалците користеле тунел, кој започнувал од местото каде што продолжуваше реката Серава како покриена, кај денешната Исхак-бег џамија на Бит-пазар, и водел сe до реката Вардар. Не е исклучено дека станувало збор за истиот тунел од турбето Алти Ајак, кој се разгранувал во повеќе правци. Но, постоел и тунел кој го поврзувал Куршумли ан со Калето. За него сосема конкретно пишуваат историчарите. Еден историчар од периодот меѓу двете војни за овој тунел буквално вели: “Постои традиција дека Куршумли ан со таинствен ходник бил поврзан со скопската тврдина”. Но тоа не е сe. Постојат индиции дека оваа мрежа од тунели од тврдината воделе покрај црквата “Свети Спас”, кон јужните делови на градот.

Постои една мистериозна случка во Скопје која како да е преземена од некој филм. Имено, во 30-тите години на минатиот век, кај училиштето “Идадија” во Дебар маало, бил пронајден необичен предмет, за кој сите се чуделе како воопшто можел да се најде таму. Тоа бил убаво изработен камен, дел од олтар на скопска црква од 12 век! Навистина необична случка. Како тој дел од многу стара црква се нашол на десната страна на реката Вардар? Дали тука некогаш, можеби, се наоѓала стара црква? Тоа е малку веројатно. Делот од олтарот, најверојатно, бил зачуван од некој храм од левата страна на Вардар, можеби од катедралната црква “Света Богородица Троерачица”? Или од некоја од многу старите цркви кои се наоѓале на Водно? Тоа бил поголем фрагмент од декоративен релјеф, кој требало да биде пренесен во Музејот. Но, фрагментот никогаш не бил пренесен во Музејот. Зошто? Тој повторно исчезнал и до ден-денес му се губи секаква трага.

Скопјанецот Ратко Антовски денес со голема возбуда раскажува за проклетството на вакафските куќи кои се наоѓаат во самиот центар на Скопје. Иако се во центарот – тие и денес стојат сосема празни. Иако многу пати сте поминале оттаму, сигурно не сте ги забележале. Изгледаат таинствено. Тие се наоѓаат во продолжение на Заводот за социјално осигурување, на улицата која води кон Монополот. Во нив се случувале необични, главно непријатни настани, поради што, смета Антовски, тие куќи ги бие лош глас. Луѓето што ја знаат нивната историја – ги избегнуваат. Во еден период, во една од куќите живеела и неговата сестра Драгица, која подоцна се преселила на друг крај поради низата непријатности.
“Меѓу народот се верува”, вели Антовски, “дека на тоа место во османлискиот период се наоѓале големи турски гробишта. Тие се простирале од денешниот Работнички дом, па сe до јазот во Ново маало. Дали на тоа се должи проклетството, не може никој да каже. Но добро се сеќавам кога во 60-тите години кај Заводот се копаа канали за поставување парно, беше пронајден скелет окован во пранги. Тоа ја разгорува фантазијата на народотт, раскажува Ратко.

Еве уште еден необичен случај. Мистерија е како се случило во Скопје, на Бит-пазар да постои гроб на еден египетски султан. И не станува збор само за празни муабети, за тоа имаат пишувано историчари и видни луѓе во градот. Тоа бил гробот на египетскиот владетел Гориа, а се наведува и како Мулки Мисија. За тоа пишува и скопскиот градоначалник Салих Асим Рустем-бег во својата книга за Скопје. И други очевидци го потврдуваат постоењето на гробот. Тој се наоѓал на гробиштата кои постоеле некогаш меѓу Куршумли ан и Бит-пазар, поточно Касапската чаршија. Таа чаршија се наоѓала на местото каде што денес се продаваат железарија и разни делови за електрика. За постоењето на еден таков султан зборуваат и конкретни историски податоци. Таткото на Сулејман Величествениот, Селим Први, при освојувањето на Египет, го победил тамошниот владетел Гориа. Нему понатаму му се губи секаква трага. Чудно е како и зошто неговото име се поврзува со Скопје. Ова се само дел од мистериите, но постојат и многу други што треба да бидат забележани.