Saturday, 19 August 2017

Кога Софија била македонска воена зона

За да се избегне неконтролирното убивање, михајловистите и протоѓеровистите ја поделиле Софија на две безбедносни зони…

Во 1933 и 1934 година пресметките меѓу михајловистите и протоѓеровистите (иако генералот е мртов уште од 1928 година) земаат таков замав што Бугарија се претвора во земја на постојан терор. Драматично се зголемуваат и нападите на четниците што Ванчо Михајлов ги испраќа преку границата, во Вардарска бановина во Кралството Југославија. Наредби за убивање се издаваат и за банални работи. Михајлов во тоа време е неприкосновен шеф на ВМРО, таму нема кој да му се спротивстави. Во битката против протоѓеровистите (автономисти наспроти федералисти) тој е понадмоќен, неговите тројки за егзекуција стигнуваат пред секоја врата, чекаат зад секој агол на зграда; тој го испраќа и најсигурниот атентатор Владо Черноземски во Марсеј за да го убие југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Тоа убиство е договарано со усташкиот лидер Анте Павелиќ.

Македонците од Бугарија и тогашната македонска емиграција биле во очај од оваа братоубиствена војна на која не и’ се гледала крај. Тој период е еден од најтрагичните за македонскиот народ во 20 век. Меѓутоа македонската омраза достигна невидени размери.

Што објавува „Њујорк тајмс“ за овој крвав период на македонската историја. Еве повеќе вести за настаните од тоа време.

5 јули 1934 година

Македонска група се распушти

Софија, 4 јули – Протоѓеровистичката група на македонските револуционери денеска издаде проглас со кој го објави своето доброволно распуштање. Одлуката евидентно е донесена под влијание на премиерот Георгиев. Ривалската група, која ја предводи Иван Михајлов и која за време на режимите на Цанков и Љапчев доминираше со македонското движење и речиси ги елиминира протоѓеровистите со постојани убивања, сега е под жестока репресија од новиот диктаторски режим.

Многу водачи на михајловистите се затворени, а самиот Михајлов се крие во планините. Неговите приврзаници беа разоружени, а неговата организација распуштена. Експертите за македонското прашање се сомневаат дека македонското револуционерно движење, кое ги надживеа турскиот, грчкиот и српскиот прогон, ќе остане распуштено од новиот бугарски фашистички режим.

14 мај 1933

Ривалските пиштолџии се согласија да ја поделат Софија на две безбедносни зони

Софија, 13 мај – Македонските пиштолџии од спротивставените михајловистички и протоѓеровистички групи се согласија да ја поделат Софија во две зони во кои ќе можат да се движат без страв. Кога членовите на спротивставените фракции ќе се сретнат, пукањето е неизбежно.

Овој договор бил направен за да се избегнат пукотниците на улиците кои можат да ги доведат во опасност животите на странците и затоа Владата тоа не може да го игнорира. Во последната караница стотици луѓе побегнаа исплашени од настаните, додека стотици куршуми беа испукани кон секој кој поседува оружје. Полицијата по грешка го направи решето автомобилот во кој директорот на Италијанската банка, се обидуваше да избега од сцената заедно со ќерката и еден пријател.

19 јули 1933

Двете македонски групи подготвени да го запрат убивањето

Софија, 18 јули (Асошиетед прес) – Протоѓеровистичката група на македонските револуционери издаде денеска комунике со кое, исто така, го осудува братоубиствениот судир и изрази подготвеност да се откаже од политичките убиства и „ќе се погрижи да нема понатамошни провокации“. Ова беше одговор на сличното комунике, издадено на 11 јули, од македонската група предводена од Иван Михајлов.

26 јуни 1933

Бугарија се изолира на 19 часа: секоја куќа беше пребарана по револуционери

Софија, 25 јуни – Бугарија беше отсечена 19 часа од остатокот на светот за да и’ се овозможи на владата да преземе силна акција против двете македонски револуционерни групи. Бројот на неодамнешните убиства како резултат од нивното ривалство, предизвика сериозна тревога.

Од 3 часот ова утро беше прогласена опсадна состојба според законот што беше усвоен во парламентот минатата ноќ. Жителите на Софија пред 10 часот вечерта беа предупредени да не ги напуштаат своите домови. Не работеа ни трамваите ни автобусите. Сите кафеа и ресторани беа затворени. Телефонските и телеграфските комуникации со надворешниот свет беа прекинати.

Секоја зграда и куќа во градот беше пребарана во потрага по оружје и убијци. Голема група притвореници постојано маршираа кон затворите. Возовите беа запрени пред градот од воени трупи кои го спречуваа секого да влезе или излезе од градот. Слични акции беа преземени и во другите поголеми бугарски градови.

17 јануари 1934

Македонскиот лидер бара помирување

Софија, 16 јануари – Иван Михајлов, лидер на македонската револуционерна организација издаде вечерва прокламација, која се сфаќа важно како доказ за намалување на тензиите кои постојат меѓу Бугарија и нејзините соседи. Михајлов, горчлив непријател на Југославија и Грција, може да биде задоволен бидејќи е направено одредено настојување неодамна од Белград и Атина за да дојде до подобро разбирање меѓу Бугарија и Македонците.

„Македонскиот комитет беше принуден да плати цена за политиката на национализација на Македонците кои живеат под владеењето на Југославија и Грција со чисти револуционерни методи“, стои во прокламацијата. „Ако Белград и Атина се подготвени да гарантираат културна и политичка слобода на нивните македонски малцинства Македонскиот револуционерен комитет ќе го поздрави тоа како обид за разбирање меѓу балканските држави. Ако тоа не го направат Македонскиот револуционерен комитет ќе биде принуден да продолжи со сегашната политика“.

Декларацијата на Михајлов се сфаќа како прв знак дека македонските револуционери се подготвени да промовираат заклучок за идниот балкански пакт.

29 мај 1934

Македонците се судрија со полицијата во Софија

СофиЈа, 28 мај – Во првата јавна демонстрација откако беше воспоставен бугарскиот диктаторски режим, 20 Македонци денеска беа повредени во судирите со многубројните полициски сили. Судирот се случи за време на годишната прослава на честа за Македонците, кои умреа во минатиот век за македонската слобода. Дваесет илјади Македонци и нивните бугарски пријатели учествуваа во церемониите под будно око на полицијата и војската. По литургијата во црквата „Свети Јозеф“ и покрај наредбите на полицијата и македонските штабови, групата формираше процесија, ја пееше македонската химна и маршираше кон царската палата за да демонстрира.

Полицијата беше немоќна да ја раздвои групата, која ги блокираше сите главни булевари и извикуваше: „Долу со предавниците на Македонците“. Потоа следеа судирите. Полицијата ги конфискуваше сите негативи од фотографиите што беа направени за време на демонстрациите.

Љупчо Поповски, Утрински весник