Saturday, 19 August 2017

Иван Михајлов за убиството на Тодор Александров

Репутацијата на македонската револуционерна организација во почетокот на 1924 година си остануваше се така пораснатa, како што ја беше создала борбата во поробена Македонија и таа против, разните странични соработници на поробувачот. Меѓутоа, постепено, една недоверба, една несигурност растеше во нејзините врвови. Широките редици на нејзините членови и истомисленици тоа не го чувствуваа, но од ден на ден стануваше поголем бројот на дејците и од поскромен ранг, кои започнаа да разбираат, дека нешто не е во ред. Многумина брзаа да го споделат со некого од поблиските до Тодор своето неспокојство и да ги соопштат своите впечатоци. Тревожните шепотења и разменување на впечатоци особено се засилија откако од странство се врати Протогеров и стана неразделен сопатник на Алеко и Атанасов. Неговото враќање можеше да има само еден резултат – да му пречи на Тодор. И неговиот престој во странство имаше само едно оправдување – да не му пречи на Тодор, како што се беше изразил пред мене Кирил Прличев, уште по неговото заминување три години порано.

Колку пати во текот на последните месеци се среќавав со Александров, секогаш му ги соопштував своите најнови впечатоци, а и се друго што ми беше донесувано од пријатели, или што се озборуваше меѓу општеството околу создадените односи во ВМРО. Се сеќавам, дека преку целиот пат од Своге, каде што со Петар Станчев и Дончо Чуларинов бев отишол да го причекам при неговото враќање од странство, во пролетта 1924 г., само за тоа му изнесуваа факти. Тој кратко време престојуваше надвор. Во негово отсуство работите тргнаа полошо. Очевиден белег за тоа беше дал особено конгресот на легалната илинденска организација, чиишто тројца-четворица раководители се препуштија на комунистичките сугестии и од друга страна ги исполнија желбите на тројката Алеко-Атанасов-Протогеров. А тие тројца веќе бараа морална поддршка н сојузништво по сите правци, против Тодор; најдемонстративно тоа го докажаа во случајот со илинденската организација. Им го истакнував пoлното валкање на организацијата надвор од рамките на нејзиниот статут, нејзиното запаѓање во противречност со духот и целите на нејзиното создавање. Протогеров само слушаше, гледајќи ме без да промрмори ниту збор, и си отиде во другите соби, а Алеко, кој овој пат ме слушаше пољубезно од секогаш, ми рече, дека од сe си земал добра белешка и ќе побрза да повлијае преку пријатели, да на илинденскиот конгрес во Пловдив да не се направи ништо, што ќе е во спротивност со нашите досегашни општи сфаќања и со досегашната хармонија меѓу македонските општествени пројави. Ова тој ми го кажа на својот попрост јазик, но смислата беше истата. Можеби неколку часа по нашата разделба, а можеби и уште пред нашиот разговор, Алеко испрати писма и направи сугестии меѓу илинденските првенци точно во обратна смисла на тоа, кое што го ветуваше; отворено ги поттикна да заземат опозиционерско држење против Александров. Природно, илинденската организација не се мешаше во нелегалните работи; опозиционерското држење спрема Тодор се изразуваше, следствено, во тајни и некаде јавни агресии против него, во фалење на тројката, којашто постепено се оформуваше како партија во ВМРО итн.

Макар со голема претпазливост, од страна на тројката се правеа и посмели чекори, како на пример обидот за придобивање на приврзаници и меѓу луѓето, коишто дејствуваа во Скопскиот револуционерен округ, кој секогаш бил цврсто во раката на Александров. Војводите од овој округ, Иван Брљо и Панчо Михајлов имаа злодела. Тодор беше собрал доста обвинителен материјал за нивното судење. Тројката ги знаеше гревовите на двајцата војводи и побрза да ги придобие. Љубезностите се упатуваа повеќе кон Панчо Михајлов, бидејќи беше повозможно тој да биде среќаван, затоа што често прескокнуваше до Софија. А Брљо тешко можеше да се оддели од својата средина; тој живееше во Ќустендил, па секој негов чекор беше видлив. Додворувањата кон Панчо беа чести од страна на раководителите на илинденската организација, особено на Арсениј Јовков, редакторот на весникот “Илинден”. Еден ден ме најде бившиот дебарски војвода Силко Цветков и возбуден ми раскажа, дека против Тодор нешто се организира и дека сакал да соопшти некои податоци. Го замолив да напише писмо или да ми раскаже на мене што знае, а потоа, ако Тодор најде за нужно, ќе го повика. Силко најдоверливо ми соопшти, дека го викал неговиот сограѓанин Арсениј Јовков и го убедувал да го напушти Александров, да се приближи кон нив, објаснувајќи му, дека тие со себеси веќе го имале мнозинството од дејците на ВМРО. Под “нив” Силко ја разбираше тројката и првенците од илинденската организација. Арсениј му објаснил, дека и повеќето легални општествени работници веќе биле против Тодор, а започнале да го напуштаат и војводите од Скопски округ. Изрично биле споменати имињата на Панчо и Брљо. Арсениј му кажал: “Сношти Панчо беше кај мене и тој е наполно со нашите сфаќања. Тодор останал само со неколку души”. Силко ми порачуваше усно да му пренесам на Тодор, дека илинденци станале комунисти. Јас го однесов писмото и му го раскажав усно тоа што го бев чул.

Јовков не можеше да си дозволи да води агитација против Александров ако ја немаше поткрепата и довербата на нашата тројка. Неговото лично незадоволство затоа што Александров не го направи пратеник во Бугарија по превратот во 1923 година не беше доволно, за да му даде сличен кураж. Такво незадоволство вдахнуваше и претседателот на Илинденската организација Георги Занков.

Како началник на штабот на озлобената тројка се јавуваше потполковникот Атанасов. Неговите наредби, сите негови планови за дејност водеа кон едно издвојување на реоните, коишто тој и Алеко ги раководеа со полномоштво од Александров. Тој се обиде и легалните младешки организации во Петричкиот округ да ги постави во одделна окружна централа, па на тој начин да ги одвои од влијанието на општиот сојуз на македонските младинци низ цела Бугарија со раководното тело во Софија. Беше повикал некои од членовите на тоа тело, за да ги убедува во ползата од создавање на окружен сојуз за Петричко. Јас се најдов на таа мала збирка во Горна Џумаја и заедно со другите младинци, мои одамнешни другари, изјавивме, дека е покорисно да се зачува досегашниот единствен сојуз; но ако некакви специјални потреби, по оцена на ВМРО, ја диктираат предлаганата промена, не останува ништо друго освен завршното решение да биде соопштено на младешкиот сојуз, за да ја сообрази својата понатамошна работа според новата состојба. Атанасов сфати, дека неговата намера удира во камен, но најде можност да се извлече со идејата за дополнително разгледување на прашањето. Ние го споделивме убедувањето, дека потполковникот се раководи од мисла за потчинување на својата воља на младината во окруот и дека тука мириса на некакво отцепништво. Јас се сретнав со Тодор и му раскажав се, и го замолив да му стави крај на тие обиди. Навистина, беше испратено писмо до Алеко, со кое што Тодор решително се изјасни против мешањето на Серскиот револуционерен комитет во работите на легалните организации во Петричкиот округ, со други зборови кажано – против мешањето на Алеко и Атанасов.

Тројката беше во често движење низ Петричкиот крај. Многу средби организираше таму, распраќаше многу писма, сметајќи се, дека таму се наоѓа во своја тврдина. Во Припечанските бањи и на други места од Софија беа повикувани и разни нивни пријатели, од кои некои играа значајна улога во бугарскиот општествен живот или меѓу легалните македонски организации. Но тројката не успеваше во сите разговори да ја прикрие својата злонамерност кон Александров, туку понекогаш се минувало и во остра критика против него. Подробности од овој род се дадоа на времето во книгите, коишто ВМРО ги издаде во врска со убиствата на Тодор и Протогеров.

Многу јасно беше сфатено од нашите луѓе, особено во Неврокопско, дека Алеко им дал поддршка на прикриените непријатели на Организацијата. Тој и Атанасов сосем отворено ги задоа под свое покровителство и оние комунисти во Разлошко, кои во септември 1923 г. дигнале бунт, искористувајќи го оружјето кое им беше дадено од ВМРО како на нејзини лојални членови, за какви што под чесен збор и се изјаснија. Тодор даде наредба да бидат казнети водачите на овој бунт, кој лошо ја накрни дисциплината во ВМРО. Наместо да ја исполнат оваа заповед, Алеко и Атанасов ја искористија токму за да ги привлечат на своја страна виновниците, со надеж и таму да најдат поддршка во проектираната отворена борба против Александров.

Така од ден во ден се трупаа докази за една дејност, којашто го подриваше единството во македонското дело и подготвуваше отворен раскол. Немаше потреба повеќе да убедуваме и да наведуваме факти. Верните пријатели на Александров се интересираа пред сe за едно прашање – дали тој доволно внимава за својата заштита. А потоа секој од нас настојуваше за итни мерки против виновниците. Одоговлечувањето стануваше опасно. Имаше случаи наши пријатели да изјавуваат, дека не е исклучено некаде да се дојде до расправии. Еднаш во Софија дојде и Стојан Филипов, за да му каже на Тодор од името на сите свои другари од Неврокопско, дека тие настојуваат сами да се пресметаат со Алеко, затоа што инаку ќе настанат големи безредија во нивниот крај поради Алековите интриги. Таму беше полесно да се создадат непријатности, затоа што како жар под пепел стоеа некогашните страсти од времето на борбите меѓу ВМРО и санданистите. Впрочем и без тоа можеше да се најдат луѓе со лични манири не само таму, туку во сите ограноци на организацијата – без да биле некогаш санданистн. Малку ли беа тие, коишто сакаа да се сметаат како за добри патриоти и за сериозни луѓе, коишто се умилкуваа пред Алеко Василев само за тоа, што имаа апетит да станат народни претставници, а тоа до некаде зависеше и од Алеко како раководител на Петричката област?… По смртта на Тодор некои од нив се стеснуваа и одбегнуваа да ме поздрават, за да не проговориме околу блиското минато, во кое што нивното подлизурство имаше не мал дел за трагичниот крај на Тодор. Такви типови изобилуваа, на жалост, во бугарската општественост; ги има и меѓу македонската интелегенција. Еден човек со помала интелигентност од просечната, како Алеко, кого што само една случајност привремено го беше истакнала да игра значајна улога, лесно можеше да си помисли, дека е нешто повеќе отколку што е во стварност, штом кобајаги бивши генерали, училишни инспектори, редактори на весници и др. се најдоја да му се умилкуваат. Тој набрзина си вообрази, дека станал поголем и од Александров, дека последниот се јавува просто како излишен.

Но несомнено најпакосно влијание врз Алеко направи потполковникот. Тодор го испрати Атанасов кај Алеко со цел божем тој да биде втеран постепено во ред. Секогаш сум се каел, што му напишав на времето две писма до Тодор, со коишто настојував да го повика кај себе, во поробена Македонија, потполковникот Атанасов. Тој човек случајно стана македонски деец. Во кафеанчето “Панах” во Софија, имаше убиено двајца членови на владеачката земјоделска партија. Се криеше по разни куќи во престолнината, главно меѓу Македонци. Јас неколку месеци исто така се криев. Стапив во врска со него и дознав, дека е готов да стане четник. Имаше исто така намера да се обрати до Мустафа Кемал Паша, кој во тоа време беше почнал во Анадолија борба против Грците, за да биде прифатен како доброволец во турската народна армија. Се доби од Александров благопријатен одговор и Атанасов замина за Кочанско, каде остана извесно време кај Тодор и од таму беше упатен за Петричкиот округ, под бугарска власт, како секретар на Алеко.

Ефрем Чучков, кој имаше можност да го набљудува Атанасов, го нарекуваше “див петел”. Неговата амбиција беше необуздана, дива и одвратна. Таму каде што требаше да се дејствува со такт, тој дејствуваше со грубост; каде што беше потребно да се убедува – тој наредуваше. Пред превратот од 9 јуни 1923 г. се врати во Софија нелегално, со полномоштво од Тодор, за да се сретне со негови познати, бивши колеги од армијата, со некои лица од партиите и др. Се гледавме често во пријателски куќи. Избегнував да водам со него долготрајни разговори; тоа ми беше невозможно. Се задоволував да дадам или да земам кратки податоци што се однесува до нашите работи. Не можев да го трпам неговото формалистичко однесување. Беше постојано навикнат да црта кругчиња, квадратчиња, стрелки и семожни други фигурчиња, кои не водеа кон ништо практично и успешно. Полошото беше, што во тие опасни денови тој секојдневно си ги запишуваше имињата на сретнатите лица а земаше подробни белешки и за водените разговори. Тогаш слични нешта требаше да се избегнуваат. Кога му направив забелешка во најучтива форма – цел позелена. Продолжи да разнесува од куќа во куќа едно мало куферче, целото наполнето со листови, ишарени со фигурчиња, имиња и раскази за водените разговори. Кога се преселувавме од еден стан, на улица го запршав што би правел со куферчето, ако ненадејно не нападне полицијата. Наместо одговор тој се почука по револверот и кажа: “Тука има двеста куршуми…” Тоа беше површен фаленчарски одговор; секогаш имаше ризик куферчето да биде заробено, дури ако тој би отепал и двеста души, според неговата сметка. Друг пат требаше да проговориме со него што се однесува до пронаоѓањето на двајца луѓе од стара Бугарија, коишто за лична корист лошо го изложиле името на ВМРО, без никогаш да имале ништо заедничко со неа. Јас бев зачуден кога го најдов Атанасов со раширена карта на Бугарија пред него, а до неа на десетина места забодени иглички. Ми објасни, дека на картата биле означени местата, каде што претпоставувал дека се кријат двајцата престапници. И сe, што ми зборуваше што се однесува до неговите планови за нивното фаќање, беше така туѓо за мене, оддалечено од секаков поим за конспирација, без било каква сличност од една револуционерна пракса. Но, за да му предложам друг начин на дејствување, требаше грижливо да избирам зборови, фрази и тонови. Инаку, ризикувавме да се скараме и да се осуети секоја наша понатамошна соработка.

Во мојата памет се врежа и еден друг случај. Бевме отишле во Пловдив по превратот од 1923 година – Алеко, Атанасов и јас. Во домот на еден пријател свикавме дваесетина од најбогатите, влијателни пловдивски граѓани, пред коишто требаше да се изнесе потребата за потпомагање на македонското дело со парични средства. Атанасов, кој единствен од нас зборуваше, наместо да ги стокми неколкуте фрази, како што прилегаше за пред една интелигентна средина, тој на присутните им предаваше како некаква воена наредба. Кога го заврши својот говор, еден од поканетите, свесен човек, замоли ако е возможно да се каже од нас нешто за духот на поробените Бугари и за изгледите за ослободувањето на Македонија. Таа молба не беше ништо друго, освен израз на искрена желба да се научи нешто охрабрувачко за најважното бугарско народно прашање. Но бар на тоа прашање да дадеше Атанасов еден поднослив одговор… Тој стегна усни од јад, одвај дочака човекот да ги заврши своите зборови и дрско изјави, дека не било работа на никој да се интересира за животот на организацијата, да знае што таа прави и што проектира, ниту на што смета за својот успех. Сите молчеа, а поставувачот на прашањето се збуни и засрами. Кој знае дали Алеко сфати колку лошо постапи Атанасов; јас не знаев каде да погледнам. Ако ослободителното дело изискува пред сe да се придобиваат луѓе, тогаш Атанасов можеше само да ги отуѓува.

За Протогеров, кој ги даваше своите благословија на другите двајца, исто така му се дадени подробности во специјална книга, издадена од ВМРО, и за неговиот карактер и за неговото однесување во тоа време. Еден од неговите интимни пријатели најточно ја определува неговата душевна состојба, зборувајќи, дека Протогеров постојано му завидуваше на Тодор. Секое негово размислување и делување во врска со македонското дело беше исполнето од таа завист.

Со помош на Протогеров тројката се надеваше да ја има благонаклоноста на влијателни лица од тогашната бугарска влада. Тој беше добар пријател со премиерот Александар Цанков и со министерот Јанко Стоенчев; тие служеле за време на големата војна во дирекцијата за стопански грижи, на чело на којашто беше поставен Протогеров. Добар познајник беше и со министерот за внатрешни работи генерал Русев, кого што Александров во едно свое писмо го нарече фелдфебел. Некој ми раскажа, дека Русев го мразел Тодор уште од 1913 година, кога последниот го изругал затоа што тој – Русев – во својството на виши офицер од Штабот на армијата, која дејствуваше кај Штип, пројавил бојазливи сомнежи во успехот на претстојните воени дејствија, во чиешто подготвување и план самиот Русев имал голем дел. Пред силната личност на Тодор многумина од тие, коишто во тој момент беа или се готвеа да бидат фактори во Бугарија, претпочитаа на чело на македонското дело да има некој слабак, речиси без воља, човек како Протогеров, за да избегнат не само да чујат од време на време мислења по народните прашања од страна на тоа дело, туку дури да можат да се служат со него по своја лична оцена. За целата револуционерната дејност против поробувачот, за целата политичка акција на ВМРО, за создавањето на општествена сила и во лицето на македонската емиграција, Тодор тогаш ја имаше главната, ако не и единствената заслуга, – тоа добро го знаеја соодветните фактори. И кога на некои од нив им стана ќев да почнат политички флерт со Белград, а за това како пречка им се гледаше суштествувањето на македонската ослободителна борба, не другиот, туку Александров започнаа да го напаѓаат. Реферирано ни беше од сигурни извори како се изјаснувал за македонските дејци Ал.Цанков; но треба да се појасни, дека тој ги посочувал само луѓето околу Т.Александров, а со Протогеров продолжуваше до крај да биде добар. Перо Шанданов ми соопшти, дека во интимен разговор, при чаша вино, резервниот полковник Цанев од тајфата на Дамјан Велчев, сметајќи го за свој добар пријател му кажал, дека ако Александров не стави крај на револуционерната дејност во Македонија, тие сакале и со оружје да се пресметаат со него. Шанданов вети, дека ќе продолжи и понатаму да разузнава што мислат луѓето околу Цанков и Велчев за македонското дело, но наместо да ги разузнава тој се спријатели со нив, така да неколку години подоцна тие можеа да направат од него свое оружје за внесување раскол во македонската организација. За сите овие луѓе македонската борба имала смисла само додека го направат превратот против власта на Стамболиски. За нас, меѓутоа, и на прво место за Тодор, Македонија и по 9 јуни 1923 година си остануваше поробена и борбата требаше да се продолжи. Споменатите средини, значи, се јавуваа за тројката Протогеров – Алеко – Атанасов како готова позиција меѓу бугарскиот општествен живот, којашто ќе им биде полезна при еден раздор со Тодор. На многу места Протогеров го оцрнуваше Александров, се поплакуваше од некакво негово севластие, бараше утеха и поддршка за својата ништожност, што беше непоправливо. И Атанасов шушукаше овде-онде со лични свои пријатели резервни офицери во Софија.

Една ноќ се шетавме низ софиските улици со Тодор; отидов да го земам од домот на пријателите, каде што беше на разговор. Низ улиците беше совршено тивко. Му раскажав одново за држењето на тројката, којашто стануваше се понедоверлива, пооддалечена од нас. Му кажав, дека Алеко и Атанасов при нивното последно доаѓање во Софија не сакале јас да дознам кога ќе го напуштат градот и по кој пат ќе заминат. Изрично го запрашале Никола Божинов при нивното тргнување дали јас знам од каде ќе минат. Помислиле, дека Никола е повеќе предан кон нив. Запрашувањето му направило впечаток на Божинов и тој побрза тоа да ми го соопшти заедно со своето чудување. Јас бев исто така мошне изненаден. Не претпоставував, дека овие луѓе веќе дејствуваат до таков степен тајно од нас и дека во некој вид веќе се оградуваат. Си правев пресметки до каде може да стигнат. И, во таа летна ноќ ги искажав пред Тодор сите опасности. Штом се плашат нам да ни го откријат нивниот пат, значи нешто кројат, нивните намери не се многу чисти; тие се плашат да не бидат испреварени од некоја наша заседа по патот, а тоа може да значи, дека не се далеку од мислата сами да организираат заседа. И нагласив пред Тодор тој пат, дека јас на негово место не би заминал повеќе низ местата, каде што тројката е во состојба да организира нешто против него, туку би се движел само низ нашите најсигурни средини, додека сe биде ставено во ред. Тој ми кажа, дека сите негови податоци покажувале, дека Атанасов и Алеко го удриле преку просото и дека многу работи ќе се измешаат ако се остават така, добивајќи поттик од Протогеров. Следствено, во најнаскоро време би требало да се преземат решителни мерки, така заклучи Тодор. Го запршав да ми каже, ако може, на какви мерки смета, дека се неопходни. Ми одговори, дека можел напр. да издаде распис, со што Алеко и Атанасов би биле исклучени од организацијата и прогласени за разбојници, предвид на многуте злоупотреби со доверената им власт и редица други прекршоци, кои ќе бидат наведени во расписот. Тогаш, објаснуваше тој, тешко може некој да ги прими во Петричкиот округ и на друго место. Тие сосем ќе отпаднат, изоставени како излишни предмети.

Извини за моето смело мислење, одговорив јас, но слична мерка ми се гледа несоодветна во случајот, а може и да биде опасна, затоа што најмалку неколку стари бандити околу Алеко ќе се присоединат кон двајцата и може да ни создадат извесни грижи, а во краен случај и тие може да им се предадат на поробувачот, како што на времето направија Стојан Мншевцн, Паницовци и др. Наместо таа ризична неизвестност, подобро е, заклучив, да се отстранат конечно двајцата, што никако нема да е тешко, или пак можеме да ги фатиме и за извршените престапи да бидат испречени пред судот на организацијата. Тодор се замисли и по неколку чекори кажа: “Имаме уште време, ќе помислиме што ќе е најдобро. Во секој случај, веќе треба да се преземат мерки”.

Од овој разговор јас се убедив, дека Тодор многу страда поради создадените нови непријатности и главно, дека тој некако како да се колеба што се однесува до своето решение. И тогаш, а и покасно често сум се запирал да си го објаснам тоа возможно колебање. Кои можеа да бидат причините? Сe друго, што би можел да кажам како одговор на тоа прашање, може да биде само делумно точно, ама едно со сигурност го тврдам, имено – Тодор во тоа време не допушташе, дека некој ќе се реши од средината на организационите луѓе да посегне врз него. Тој си даваше сметка за величината на својот авторитет и сигурно бил уверен, дека ниту еден меѓу неговите прикриени противници не ќе може и да мисли да се мери со него, а камоли пак да си прави илузии, дека би можел по едно посегнување врз него да претставува некаква вредност и да вирее меѓу македонското движење. И затоа, повеќе отколку во случајот беше можно и веруваше, дека непријатностите може да преодолеат и преку убедување и преку строги писма и заповеди, или преку распис за исклучување кога-тогаш од ВМРО. Понекогаш јас се прашував дали не беше настапил кај него извесен умор, некакво одвраќање одново да се расправа со наши злосторници. Доста се беше расправал од 1918 г. наваму со бугарските грешници од разни нијанси. Во расписот, издаден неколку денови пред неговата смрт, недвосмислено е истакната неговата болка, затоа што повеќе усилби на ослободителното дело се насочени во одбивање на странични, главно бугарски удари, отколку во самата борба против поробувачот. Без сомнение, сакал да избегне и едно признание за нова предавство, за отцепништво во македонските редови, токму кога широкото општество најмалку тоа го очекуваше и кога името на организацијата беше започнало се повеќе да се слуша во светот.

А тројката продолжуваше да си создава свои врски и да ги заобиколува установените служби. Најочигледно беше пренебрегнувањето на софискиот пункт, каде што требаше да се упатуваат сите организациони пораки, особено што се однесува до прашањата, што имаа врска со овој град. Рољата на пунктов началник таму ја извршував јас, а за помошници имав неколку души млади луѓе; често пред и по превратот од 9 јуни 1923 г., при мое отсуство ме заменуваше Петар Станчев. Луѓето, коишто беа околу мене, беа испитани по верност и кој помалку, кој повеќе се пројавија со лично учество во борбите по 1918 г. А оние, до коишто тројката и посебно Алеко и Атанасов се однесуваа во исполнување на разни порачки во Софија, беа често и непознати на нам странични лица, кои не живееле со тие борби, ниту дури имаа доволно поим за нив. Ако некој меѓу нив бил учесник во движењето, тоа било многу одамна, пред дваесетина години, па кај него веќе немаше готовност за ризици.

Работите продолжуваа да се развиваат во тој правец. Јас бев оптимист и чекав секој ден да дојде крајот на таа состојба, заситена со недоверба, своеволија и неизвестностн. Оптимист бев, затоа што многу лесно можевме да се справиме со злото, доволно беше Александров да решеше. Можеа да бидат преземени различни мерки, но доволно беше смело да се оствари која и да било, за да се распрснат како меури од сапуница погоре наброените непријатности. И сега мислам, дека Александров сепак не гледаше во тој степен, како што ние гледавме, колку силен беше тогаш особено неговиот збор пред општеството и главно пред македонската средина. Сите, коишто ја поставуваа на прво место идејата и борбата за ослободување на Македонија, сакаа да бидат со него, кој – тоа му беше познато на целиот народ – беше создавачот на нашето движење по големата војна. Тој во очите на народот беше вољата, столбот на ВМРО. Сите други околу него беа негови помали или поголеми соработници, но не можеше да стане ни збор некој да биде сметан рамен нему по заслуги и по значење. Во сеопштиот шарм на неговата личност и верноста на грамадното мнозинство на патриотските Македонци во поробена Македонија и меѓу емигрантите во странство, обидите на тројката и нејзините блиски или далечни соработници не претставуваа ништо друго, освен безрезултатни драсканици по периферијата на македонското дело, под услов, дека се преземаа мерки. Настаните малку подоцна докажаа, дека мојот оптимизам бил оправдан. Особено беше оправдан тој кога размислував во перспектива Тодор да биде жив.

Во очекување на денот, кога ќе настапи избистрување, јас во месец август често се затворав во вилата на еден пријател крај Софија, за да ги ставам во ред сметките за времето кога се криев, во текот на режимот на Стамболиски. Повеќе од една година по разни ќошиња на Софија ноќно време раздавав суми, скривајќи пакетчиња со потврди и белешки низ многу куќи. Неколку месеци наваму, по превратот, постепено ги подредував документите и билансот за потрошени десетина милиони лева што ги приклучив кон крајот на месецот. Тие пари ги добив пред сe од поробена Македонија; се арчеа во борбата, којашто ни ја откри … бугарската власт.

Тодор во текот на тој месец се задржа малку подолго во Ќустендил. Пак требаше да слуша приказни за Брљо и Панчо Михајлов, но главно го интересираа проекти за идната работа во Македонија. Се налагаше промена на дотогашната тактика. Беа набавени и разни модели на часовници за пеколни машини. Пред него стоеја многу задачи, најглавната требаше да биде расправата со ренегатите околу Стојан Мишев, коишто веќе успеале овде-онде да го разнебитат делото на ВМРО во областите лево од Вардар. Јас отидов во Ќустендил за еден-два дена по некаква работа кај Тодор. Заедно се вративме ноќно време.

Еден ден, ако помнам добро – беше 29 август, добив белешка од Тодор Александров да одам кај него. Тогаш тој беше во својот дом во Софија. За неговото присуство знаеше обично еден тесен круг од верни пријатели.

Го најдов подготвен за пат. Сред собата ја забележав раницата наполнета со разни пакети. Тој беше седнат пред масичката; во неговиот скут беше отворена неговата рамена чанта, во којашто прибираше писма, распределени на купчиња врз масата.

– Седни Брезов[1], ми рече тој кога влегов во собата. И кога ги прибра во својата чанта последните белешки од масата, ми рече: “Се подготвувам за пат”.

– Разбрав уште кога влегов, му одговорив. Но за каде?

– Одам на Серскиот окружен конгрес.

– Каде ќе се одржи конгресот, запршав, и Тодор ми одговори, дека се свикува на Пирин и дека таа вечер тој треба да тргни, за да стигне утре на време.

Го запршав дали се налага тој обавезно да присуствува таму, на што одговори, дека тоа можело да биде полезно. Додаде, дека Протогеров веќе може да пристигнал на местото со Алеко и Атанасов.

– Ми се чини, подобро е ако ти не отидеш на овој конгрес, додадов јас.

– Не, излишен е во случајот секој сомнеж. Се налага да одам, затоа што многу работи има да кажам и преку самиот конгрес да се подобрат.

– Сосем искрено да си кажам, чичко Тодоре, јас се плашам да отидеш натаму, немам никаква вера во Алековци[2].

– Ништо не можат да сторат тие, кога таму се собрал цел конгрес.

– Јас се плашам, дека тие се во состојба и да посегнат врз тебе. Со овој страв живеам од пред извесно време. Сметам, дека со нив не можеме да се справиме преку конгреси, особено, кога тие го организираат конгресот.

– Таму ќе бидат и многу предани луѓе, таму се и неврокопци со Стојан Филипов на чело.

– Се извинувам, што спорам. Јас го реков тоа, што го чувствувам – подобро е да не одиш. Тие луѓе не се за верување. Но бидејќи си решил да патуваш, земи бар поголема заштита.

– Имам намера од тука да не земам никого, а и неудобно ми се гледа да водам заштита, бидејќи таму некаде ќе ме чекаат момчињата, испратени од конгресот, или од Протогеров. Не сакам да помислат, дека се плашам, или дека се сомневам во нешто. За да немаат такви сомнежи одам, со голем степен, на конгресот.

– Во секој случај, јас настојувам да тргнат неколку души со тебе. Ако тоа не го одобруваш, земи бар двајца луѓе од тука, како што обично правиш при секое твое движење, без тоа некому да му изгледало како нешто необично.

Откако малку се размисли Тодор запраша:

– Кои момчиња имаш на располагање?

– Имам многумина. Најдобро ми се гледа да отидат Панзо Зафиров и Христо Балвански.

– Добро. Нека бидат готови, приквечер тргнуваме, отсече Тодор.

Одговорив и на неговото прашање што се однесува до некои тековни работи и побрзав да излезам, за да го средам потребното што се однесува до двајцата души.

– Догледање, чичко Тодоре.

– Догледање, одговори тој и од неговиот глас, од неговиот поглед разбрав, дека тој сакаше да додаде: “Биди спокоен, нема да се случи ништо лошо.” Тоа беше мојата последна средба со Тодор.

Мих. Монев, зет на Тодор, ми раскажа дека го водел речиси истиот разговор, настојувајќи да не заминува. Кога споменал дека треба да земе седум-осум души за обезбедување, Тодор му одговорил: „Зар на борба одам? …“. А што се однесува до Алеко и Атанасов, покажувајќи ја чантата, кажал: „Тука се собрани толку многу аргументи, што тие господа ќе го најдат своето вистинско место“.

Чувствував, дека немам трпение да се зафатам за некаква работа по неговото тргнување; затоа и не отидов во вилата да ги подредувам документите. Добро дошла беше идејата на мојот универзитетски другар другар Пано П.Пандов да отидеме за еден-два дена на екскурзија до Витоша. Немав така излезено веќе повеќе од три години. Заминавме двајцата со него. Тие два дена поминаа разновидно. Ми се стори, дека се враќам кон одамна одлетаните млади години, иако тогаш бев на дваесет и седум години. Четирите години по војната, поминати во напрегнати настани, многу ме отуѓија од животот на слободната младина, а особено петнаеесетте месеци на криење низ Софија, за време на земјоделскиот режим.

Другиот ден по моето враќање од екскурзијата, до домот на Томалевски по телефон се прими една вест за мене од Свети Врач, испратена од Миле Станоев, организационен деец, началник на поштенската станица во овој град. Веста била повторена од него неколку часа подоцна, откако не добил никаков одговор. А не можело да му се одговори, затоа што мене не можеле веднаш да ме најдат во Софија.

Се соопштуваше, преку Станоево, дека Тодор и Протогеров не викаат мене, Мих. Монев, К. Прличев, Панчо Михајлов и Никола Велев; во соопштението се кажуваше веднаш да тргнеме. Сите имиња беа означени со нашите псевдоними. Јас решив да не им соопштувам ништо на повиканите лица додека не видам дали и понатаму ќе се настојува за нашето заминување. Му се доверив само на Прличев, дека таа вест кај мене предизвика извесно неспокојство. Причини: пред сe никој од повиканите не можеше во никој случај да има работа на Окружниот конгрес; необјасниво се јавуваше особено повикувањето на еден војвода од друг округ, каков што беше П.Михајлов; а Н.Велев, организационен деец во Виена, кој пред неколку дена беше дошол во Софија, најмалку беше неопходен на овој конгрес. Ниту јас како пунктов началник во Софија, или Прличев, би имале што да реферираме таму. Уште позагадочно се јавуваше повикувањето на Монев, кој не заземаше никакво официјално место во организацијата.

Прличев се согласи со мене да почекаме и да не тргнуваме без втора и трета покана. Тој исто така го споделуваше мојот бојазан, дека тука може да се крие и нешто друго. И нему му се вдахнуваа извесни опасности во врска со Алековци.

Другиот ден веќе се доби телеграма до мене, потпишана од “Илија” и “Миле” – псевдонимите на Протогеров и Тодор, со истата содржина како телефонските извештаи. Му се јавив пак само на Прличев и му кажав, дека според мене сега веќе можеме да тргнеме, но ќе треба да бидеме многу внимателни, во сe да се загледуваме и да не одиме без оружје. Решив тоа да му го кажам и на Монев. А на Велев и Михајлов немаше ништо да им соопштувам. Тргнавме со автомобил.

Монев уште посериозно погледна на моите сомнежи; тој добро знаеше како одат работите меѓу Тодор и тројката. Тој беше во Г. Џумаја и од таму го зедовме со нас. Во Горна Џумаја разбрав, дека Тодор таму го оставил едниот од двајцата души, коишто тргнаа од Софија со него за заштита.

Стигнавме до село Дере-Мислим пред Мелник. Таму го оставивме автомобилот и се упативме со коњи по Мелничката долина. Малку пред Мелник се зададе на коњ Петар Говедарчето. За прв пат го гледав, го имав слушнато неговото име. Знаев, дека е мошне близок на Атанасов и Алеко и дека е еден од два-тројцата души, коишто се главната поддршка на тројката во Мелничко. Тој не пречека засмеан и разговорлив, прашувајќи не зошто сме закаснале. Со него тргнавме по планинската патека кон с. Сугарево.

Низ овие места за прв пат минував; истото беше и со моите сопатници. Истото беше и со Тодор. Потиснат се чувствува човек меѓу високите посочни брегови на долината, којашто притоа постојано кривуличи, така што врвиш меѓу една неизвесност, не гледајќи ни во земја, ни напред подалеку од неколку десетици метри. Беше многу жешко и задушно. Така врвевме до село Караланово, а тука зедовме да се искачуваме право по стрмната патека за Сугарево. Почнаа се повеќе планински хоризонти да се откриваат; и полесно се дишаше. Одев со поголемо олеснување, цел пропит од желба побргу да стигнеме до конгресот, за да го ѕирнам Тодор, да видам воопшто како сe се развива. Додека бевме уште во суровата долина, некако подалечно и посврзано со мачнотии ми се гледаше тоа наше видување со собраните луѓе, некаде во за нам непознато место. И колку да ја растерував, како некоја безобразна мува, една тешка мисла туку ја беспокоеше мојата свест; таа ми кажуваше, дека би било подобро ако Тодор не дојде да се вовира низ овие за него непознати клисури и долини.

Говедарчето по патот ни објаснуваше, дека конгресот речиси ја завршил својата работа, не чекале нас и утре веројатно сe можело да биде готово; таа вечер сме можеле да спиеме во Сугарево, каде што по разните маала биле сместени сите делегати; ако имало време уште таа вечер сме можеле да отидеме кај Тодор и Протогеров, а ако биде доцна, тогаш утре рано. Стигнавме речиси во мрак. Не одведоа отпрвин во една куќичка, каде што се беа собрале многумина. Таму го видовме Гоце Манолев, кој со Говедарчето беше станал голем пријател на Алековци; го видов војводата Гогата Полски од серското село Хазнатар; таму беше и Георги Пенков од Градево, Горно-Џумајско. Тука Монев посака некој од четниците да му направи здрава масажа, поплакувајќи се, дека настинал по патот. Собичката беше мала и ниска; сите беа притиснати во неа; впрочем, куќите во тоа селце беа до една мизерни. Георги Пенков беше посебно разговорлив. Како со умисла да бараше да влегува на теми, во кои може да се спори. И со мене проговори малку за комунистичкиот бунт во Разлог, што се случи во м. септември минатата година. И ни во клин ни во ракав, тој избувна и се нафрли со цинични пцости против гарнизонскиот началник во Разлог, потполковникот Жечев; сигурно му земаше заб за нешто. Се закани, дека сакал главата да му ја отсече. Ми се стори, дека со неговите закани и со особено подигнатиот тон тој цели нам да ни направи некаков впечаток, особено на мене; сакаше да покаже, колку е храбар и решителен. Не гледајќи потреба од сето тоа и бидејќи тоа што го зборуваше не се однесуваше на нас, беше некако неприродно, па пртестанав повеќе да го слушам, дофрлувајќи му на крајот, дека е подобро сите тие работи да му ги каже лично на потп. Жечев; и ако може да му ја отсече главата, тоа да го направи. Можеби некој од околните да му намигнал на Пенков да не се истакнува, па тој одеднаш запре да зборува, наспроти неговото задоволство да се позакачи со мене.

По малку Говедарчето не праша дали сакаме да се прибереме за спиење, откако цел ден сме патувале. Додаде, дека кај големците утре ќе отидеме, затоа што тие биле сега со нешто зафатени, а пак и маалото им било доста далеку. Не одведе близу во една куќичка; кога влеговме во собата никој од нас не поверува, дека тука ќе останеме да спиеме. Немаше никаков предмет по ѕидовите, или по подот, кој беше послан со земја; тука не беше одамна метено, а многу камчиња и земјени грутчиња го покриваа подот; можеби во селото да имаше некоја и полоша собичка, но таа ќе да беше една од крајно лошите. За покривачи или перници не стана ни збор. Бепше внесена само една минијатурна ламбичка, којашто одвај трептеше, за да ја прави состојбата уште помистериозна. Човек би можел подобро да заспие без никаква светлина, на темно. Полегнавме така, потпрени на своите раце наместо перници, и бидејќи уморени сепак сме откраднале некој час сон. Додека се спремав да заспијам, јас се подзамислив дали во изборот на таа соба не е вложено некакво невнимание со умисла кон нас, но додека сум се губел во самиот почеток на претпоставките, сум заспал. Изутрината доста рано се разбудивме сите, главно поради тврдиот под. Ги подистресивме нашите алишта и излеговме. Некој не одведе да се измиеме на планинската рекичка, крај блиските куќи. Таму видовме дека се мие и Аргир Манасиев, стариот гевгелиски војвода, во тоа време виден организационен работник во Горна Џумаја. Околу нас го видовме и Атанас Маџаров и Аспарух Ганчев, кој беше во четнички алишта и вооружен. Тој беше Бугарин од Русија, кој емигрирал по револуцијата, а како учител во Петрич стапил во четата на Алеко; не го имав видено од месец април претходната година, кога една ноќ патувавме од Џумаја за Разлошко со Алековата нелегална група. Тој беше многу интелегентен и енергичен млад човек.

Кога сите се измивме, Аргир Манасиев кажа, дека можеме да одиме. Ние запрашавме каде се Протогеров и Тодор и тој ни одговори, дека имено кај нив ќе одиме. И тргнавме, ние петмината, дојдени од Софија, и тие тројцата – Аргир, Маџаров и Ганчев, по една пријатна патека, којашто постепено се возвишуваше, оградена од двете страни со грмушки.

По неколку минути Аргир Манасиев, кој одеше на неколку метри пред нас молчаливо, застана до еден превалец на патеката и не покани сите, ако сакаме малку да се одмориме тука. Некој меѓу нас поприклекнаа, одморот навистина се налагаше, особено за повозрасните. Неочекувано Аргир проговори, исправајќи се. Јас бев спроти него и веднаш сфатив, дека неговото лице доби посебен израз, а и неговиот глас му беше возбуден; уште со првите два-три збора беше јасно, дека тој се мачи да го владее своето возбудување и дури да му придаде некаква свеченост на гласот.

– Браќа, на мене ми се падна многу тешка задача, да ви соопштам дека нашиот голем Тодор не е веќе жив….

Тие беа зборовите, коишто Аргир ги изговараше побледнат и збунет. Неговата брада потреперуваше. Некои од нас петмината и не сфатија точно што зборува Аргир. Панчо Михајлов скокна како каснат и завика: “Што, што кажа Аргир…?”

– Јасно е што кажува, му појаснив јас, убиен е Тодор. Во тој момент целата група беше на нога, сите како заковани на своето место, скаменети. Панчо, како што беше простум, легна на земјата, започна да се тркала де на една, де на друга страна викајќи: “Леле, леле Тодор убиен”…Точно ли е? Кој го убил?…” Беше опфатен од некаков нервен слом. Му викнав: “Станувај да одиме, да ни кажат каде е Тодор. Нема зошто да офкаме и да плачеме. Ништо не можеме да поправиме со плач”. Веќе не се сеќавам дали нешто рекоа останатите тројца другари. Знам, дека кога се погледнавме со Монев и Прличев, си кажавме молчаливо, дека оправдани биле нашите сомнежи. Монев длабоко воздивна: “Ах Тодоре, ах Тодоре…” Аргир ни кажа, дека тука близу има една црквичка и таму е положен Тодор со неговиот другар. Тогаш разбравме, дека е убиен и Панзо. И со побрзи чекори веќе тргнавме сите напред, уништени од скрб и од напнатост. Многу загрижени ми се видоа и тројцата души, коишто не придружуваа. Тие ни појаснија, дека од конгресот им е било доверено да ни ја соопштат тешката новина; затоа божем случајно тие имено изутрината се најдоја околу нас крај потокот.

Очекував уште долго да одиме. Меѓутоа, одеднаш пред нас се испречи широка полјана, зад неа далеку во околината се покажаа планински венци. Забележав на другиот крај на рамништето ниска зграда – тоа беше црквичката. Уште додека минувавме низ ожнеаната нива, што ја имаше заземено половината од таа полјана, отспротива многумина се раздвижија да не пречекаат. Сите ни додаваа рака, но иајдобро сум запаметил како Алеко и потполковникот Атанасов се испречија во своите униформи пред нас, со пушки преку рамо, и исто така не поздравија; тие имаа изглед на најтажни. Алеко беше дури и насолзен. И двајцата промрмореа по два-три збора на утеха. Јас му реков на Алеко: “Станалото станало; сите треба да се држиме здраво и со заеднички труд да се достигне бар еден дел од постигнатата загуба. Особено на вас тројцата ви се налага кураж; знаете, дека сите дејци кај вас ќе бараат поддршката.” Немаше потреба да мислам какво поведение треба да се има спрема тројката. За мене беше јасно и веќе решено како треба да се држам, уште кога правев најцрни толкувања при нашето повикување.

Бидејќи насолзувањето на Алеко ми се виде како мајсторија јас исто така сметав за добро веднаш да ја започнам играта, во којашто тие или ние можевме да изгубиме и од којашто за долги години зависеше целиот правец на македонската ослободителна борба. Ми мина преку умот, дека Алеко можеби се насолзил и од немир, од недостаток на стабилност, откако веќе ја сфатил големината на извршеното злосторство, спроти сликата на Тодоровиот труп. И си реков, дека ако е така, од тоа може само да добие, да се олесни мојот план. Впрочем јас споделив зборови поодделно со Монев и Прличев, дека се налага колку што е возможно поитро држење од наша страна; тоа е единственото наше оружје, што можеме да го употребиме против таа ужасна подлост; и дека единствената наша цел треба да биде живи да се извлечеме од тука.

Изненаден бев кога видов, дека Пенков, кој сношти беше така зборлест и провокативен, сега беше добил крајно нажален изглед; и неговите очи беа навлажнети. На полјаната имаше близу педесет души, мнозинството со пушки. За Протогеров ни рекоа,- дека не се чувствувал добро, бил просто болен по убиството. Кога не виде, тој заика и ништо не можеше да каже. Побрзав и нему да му ги повторам зборовите, коишто му ги кажав на Алеко.

Ние посакавме да влеземе во црквичката, за да ги видиме покојните. Сe, што за нас беше како една страшна прикаска, пред нашите очи стана стварност. Тодор лежеше во еден на брзо приготвен ковчег од тесни обични летви. До Тодор во исто таков сандук лежеше Панзо; тој беше грозно отечен; а Тодор, кој беше слаб, сега изгледаше доста полн, ми се стори разубавен. Во црквичката не можевме добро да се загледуваме во сe, затоа што беше полутемно.

Протогеров надвор се беше созел и ме фати под рака; направивме неколку чекори и седнавме на меѓата до нивата. Чувствував, дека сите наоколу не гледаат. И тука тој не кажа ништо, што заслужаваше внимание. Кажа само, дека убијците биле Дончо и Штерјо и дека досега не се фатени; дека тој се чувствувал уништен; дека многу работа ќе ни претстои во иднина, за да се пополни отворената празнина. Кога станавме, јас се одделив два-три пати настрана, божем случајно, со познати меѓу четниците и делегатите. На Стојан Филипов му реков под клетва во Неврокопско да бидат на штрек; апсолутно ништо да не пројавуваат, да се прават на сосем помирени со настанатото, додека тој лично не добие од мене второ соопштение, кое што може да се забави неколку дена или неколку недели. Го споделивме и со него тврдото убедување, дека убијците на Тодор се тука помеѓу нас, дека тие се самата тројка, кога во организирањето на злосторството главно дејствувале Алеко и Атанасов, а од Протогеров добиле поддршка, преку неговото целосно поведение спрема Тодор. Го потсетив Филипов, дека тој и неговите другари, иако вооружени, ќе треба да внимаваат добро на враќање. Тој ме успокои, ми рече, дека ќе се вратат преку Пирин, без претходно никој да може да дознае по кои патеки ќе минуваат. Ме покани и јас да заминам со нив преку планината, а исто така ако сакаат и останатите другари од Софија. Му одговорив, дека тоа би било многу нетактично и покрај тоа што го сметам мошне ризично нашето враќање по истиот пат, обавезно ќе се вратам така, како што сме дошле.

Се разбра, дека нас не повикале, да присуствуваме на погребот. Како што се знае, покојните веќе еднаш биле закопувани по наредба на Атанасов и Алеко, набрзо по нивното убиство. Но по напомнувањето на некои делегати, Протогеров настојувал, дека треба да бидат повикани некои од дејците во Софија на погребот. Сфатил, дека е сосем неправилно и подозриво би изгледало само да ни се соопшти, дека Тодор е убиен и веќе погребан.

Но што дознавме тука по самото убиство на Тодор?

На 30 август Протогеров и Александров се среќаваат во Мелничко и тргнуваат за с. Горно-Сушица во Пирин. Пред Мелник ги чекаат, за да ги придружуваат , Штерјо Влахов и Динчо Вретенаров, блиски четници до Алеко, по потекло – исто како него – Власи, но бугаризирани. Преспиваат во Горна-Сушица и другиот ден тргнуваат за каракачанското селце Лопово, кое што се издига високо во планината. На една каменлива полјанка кај Сугарската река, оградена со гори и планини, седнуваат да каснат и да се починат. Протогеров бил близу до Тодор, а настрана подлегнал и четникот што го придружуваше Тодор, Панзо Зафиров. Одеднаш Штерјо и Динчо пукаат врз Тодор, а курирот Динчо Балкански го кутнува брзо поткренатиот Панзо.

По патот, како што тоа го покажуваат доказите на очевитците, после тоа има средба меѓу Алеко и Протогеров. Отсуството на Алеко од Лопово, кадешто се веќе собрани делегатите на Серскиот револуционерен округ, Атанасов го објаснил со добивањето на пролив кај Алеко, кој го терал често пати да излегува надвор. По патот за Лапово се среќаваат со Алеко и Протогеров двајцата убијци; и си даваат оиценки за барањето, кое што го поднесуваат до конгресот, за да бидат оправдани, бидејќи убиството го извршиле „за лична заштита“. Се разбира, и на конгресот Протогеров заб не обели, за да го побара нивното казнување, ниту пак кажал, дека ги сретнал на патот.

Беа дадени „наредби“ да бидат најдени и заробени. Но тоа е обична лага. Тие беа прикриени од тајфата на Алеко. Самиот Петар Говедарчето, кој не пречека кај Мелник, ги криел и им праќал облека и храна – тоа се установи и преку писмата од Штерјо и Динчо до него, запленети во неговата куќа. Протогеров доброволно ја играша рољата на параван, со генералското име и титулата член во Централниот Комитет на ВМРО, зад кој се вршеа сите тие престапни комедии.

Кога ги разбрав тие подробности, јас видов уште еден поттикнувачки елемент; штом тројката уште во првиот момент не посакала да не повика, а Тодор бил набрзина и погребан, имаше извесни основи да верувам, дека таа не се плаши многу од нас и не брза да не примами и отстрани. Од друга страна си реков, дека можеби не би брзале тука да направат нешто против нас, затоа што тогаш за целиот свет ќе биде јасно кој го извршил и убиството на Тодор. А ги беа презеле сите мерки да му се придаде злосторството на личната омраза на Штерјо и Дончо. Тие расудувања ме тераа да верувам, дека можеби успешно ќе се извлечеме назад, без да исклучувам наполно секоја опасност.

Присутните беа молчаливи. Тие се делеа на полјаната на јасно разграничени групички – по околиите, од каде што дошле, а уште попотцртано – по желбите што ги обземаат и по отпечатокот на нивното минато. Тука најповеќе се делеа две групи – некогашните санданисти, на чело со Гоце Манолев, Пенков и Говедарчето, коишто прикриено триумфираа наспроти нивниот нажален изглед, и сметаа, дека се победници, потпрени на тројката; и од друга страна неколкуте души неврокопски делегати на чело со Стојан Филипов, – и едните и другите израснати во заемно непријателство и борби, познавајќи се како противници уште од кревките млади години. Општото дело од пред три-четири години наваму беше доста допринесло, за да стивне таа делба; само групата околу некогашниот санданист Тодор Паница во Неврокопско се беше погрижила да му придаде нова острина во текот на земјоделскиот режим, но таа се оцрта побргу како оружје на тој режим, поправо како непринципиелна група на кариеристи; против неа со оружје во рака војуваа и тука споменатите стари санданисти од Мелничко, некогашното царство на Сандански; тие преминаа целосно во редовите на прероденото ново движење од Александров. Но под сугестиите на Алеко и Атанасов и со поттикнувачкото држење на Протогеров, кај нив – не во народната маса, туку само кај нив неколкуте души повидни месни стари дејци – постепено змиската глава ја крена старата силна омраза и склоност за раскол, меѓутоа и нивната желба да се бара негде и некаде одмазда за смртта на Сандански.

Во еден момент, обраќајќи поглед кон Али-Ботуш и целата низа од планини, кои во тоа утро особено убаво се извишуваа на југ, некој од пријателите зеде да ми објаснува подробности за спротивните области. Забележав меѓу стрмнините под нас на неколку километри една црква што белееше. Пријателот ми појасни, дека тоа е Роженскиот манастир, а на полјаната крај него јасно се оцртуваше друго слично бело петно; пријателот ми појасни, дека тоа е гробот на Јане Сандански. Во тој момент уште појасно си го претставив задоволството на некогашните Јаневи соработници, коишто беа околу нас. Тодор е еден од најистакнатите фигури меѓу големите македонски водачи, како Даме, Матов, Развигоров и други, кои уште на времето најрешително го осудувале расколничкото дело на Сандански. Другарите на Јане сега не можеа да не се радуваат, кога спроти неговиот гроб ќе се издигне еден гроб на едниот од оние, коишто го обвинувале Јане. И се појасно се продлабочуваше во свеста контурата на целиот план за борбата, којашто ќе ни претстои, за позициите, кои треба да бидат разрушени – ако среќата ни помогне.

Немаше што друго да се прави, освен да се пристапи кон погребот. Двајцата покојници беа изнесени од црквата и положени сред полјаната. По наш предлог му се направи снимка на Тодор; Никола Велев имаше случајно кај себеси апарат; пред нас никој не беше се сетил да повика некој фотограф од Свети Врач или Петрич, за да се зачува последна, така вредна снимка од Тодор. Георги Пенков се доближи до Михаил Монев и му пришепна: „Ти сакаш целиот наш маскарлак[3] да излезе на кадро. Вистинскиот Тодоров убиец е Протогеров.“ Кога му реков на Монев да застане до ковчегот на Тодор, бидејќи е негов роднина, Монев за момент почна да ги кани и другите да се наредат наоколу. Но поканата никој не ја следеше. Неврокопци и многу други без да размислуваат многу, инстиктивно, одбегнуваа да си прават фотографии со убијците; а виновниците се вознемируваа од таквата церемонија.

Опелото беше извршено од свештеникот, под чијшто ресор била црквичката. Пеач беше Георги Ангелов од Серско, кој тогаш живееше во с. Сингартија, Неврокопско; за време на турскиот режим тој бил четник во Кочанско, во четата на Симеон Клинчарски, кога Тодор бил секретар на истата чета. Овој човек беше доста длабоко трогнат исто така. Тука беше дојден како делегат на конгресот.

Кај гробот зборувавме Прличев и јас. Никогаш до тогаш не сум држел говор; во тој момент целото мое суштество ме тераше да кажам обавезно нешто над Тодоровиот гроб; секое чувство на стеснување кај мене беше исчезнато. Многу висти ни беа јасни за мене, многу нешта ми висеа божем на јазикот, кои требаше да станат општа сопственост… Но знаев, дека имено тука и во тој момент ништо не треба да биде изречено, што може да му попречи на веќе составениот план во мојата глава. Една мала грешка можеше да осуети сe и тогаш би настапил полн хаос и бескрајна радост за угнетувачите на Македонија.

Мојата внатрешна напнатост беше екстремна, до експлозија. Кога Алеко и Атанасов со Протогеров се приближија до гробот, ми мина мисла, дека би било најзаслужено сите тројца уште во тој миг да бидат стркалани во истиот гроб. Шушкајки со Монев успеав да ја споделам истата мисла; и сепак гледав, дека во таков случај сe би се свршило тука со едно самоистребување без определен резултат. Тој исто така успеа да ми ги потфрли само зборовите: “По никој начин, ништо полезно не би излегло…“

Не се сеќавам што точно сум кажал во мојот краток говор. Кажав – ова не сум го заборавил -, дека не е ова погребот, што ќе биде организиран од народот за Тодор, кога тој ќе дознае за неговата смрт. Пријатели ми кажуваа отпосле, дека во речта извесни илузии сепак биле доста тврди и речиси заканувачки, и покрај тоа, што не сум ги именувал виновниците, кои од лични побуди – тоа за мене беше сосема јасно – стануваа орудие истовремено на `рѓосаниот софиски врховизам и на болшевичките аспирации.

Протогеров исто така кажа на крајот два-три збора во духот на простување со Тодор. Прличев не зборуваше долго, но тоа што кажа беше паметно, неговите зборови не разбудуваа никакви сомневања.

Предложив да бидат дадени три плотуни како што прилегаше за загинатите борци. И се свртив да повикам некој меѓу вооружените присутни, кои ќе застанат пред гробот и да пукаат. И сега гледам како Алеко трепна при мојот предлог, мафтајќи со раката да повика некои и ги нареди имињата на тројца души – Келпеков, Ганчев и третиот не се сеќавам. Тој се уплаши, дека јас можам да поставам тројца души мои пријатели, претходно одбрани, кои ќе ги завртат своите пушки кон градите на виновниците. Во тој момент вината на Алековци за мене блесна заслепувачко. Трите плотуни се дадоа и нивното ехо величествено одекна по пиринските долини и чукари. По неколку минути сите бевме готови да се разотидеме во разни правци. Се збогувавме со неврокопци, коишто сами тргнаа по планината. Верував, дека Филипов ќе успее да го зачува спокојство во нивниот крај и да се држи настрана додека му се јавам. Особено верував, дека тој и сите наши пријатели таму ќе бидат готови во случај на потреба здраво да се борат. Сите присутни на погребот си заминаа со клетвата, којашто ја дадоа уште додека беа собрани на конгресот, дека никому нема да му соопштуваат за убиството на Тодор; ние последно пристигнатите од Софија, го прифативме истото задолжение. Тргнавме назад за село Сугарево, со нас и значителен дел од луѓето, чиишто пат водеше кон долината на Струма. Некои се спуштија право кон Мелник преку стрмната клисура.

Уште по патот за селото заговоривме со тројката за работите, кошто ни претстојат, и договоривме да поразговараме за нив малку поопширно во Сугарево. Јас решив обавезно да го покренам прашањето за нашите односи со раководното тело на Илинденската организација; да настојувам да се разгледаат обвинувањата, кои јас ќе ги изнесам. Мојата интимна намера не беше да ги средувам илинденските работи, коишто беа измешани од Алековци; тие веќе не ме интересираа. Но целта ми беше да се обидам ако биде возможно, откако ќе се разделиме со тројката, уште еднаш некој од нашата средина да се сретне со неа лице в лице, каде и да било, дури и во самото нивно гнездо. Уредувањето на спорот со илинденци можеше да биде најдобриот изговор за една слична средба, бидејќи тројката сигурно ќе сака по тоа прашање повеќе да расправа, ќе ги земе под своја закрила обвинуваните лица од нас. Вон од другите планови за раздолжување со интелектуалните убијци на Тодор, тој кој би се обидел да ја стави во дејство, слична средба ми се гледаше како најсигурен лов за нив; штом, како што се претпоставуваше, и ние ќе се јавуваме на средбата, и штом како што ќе предложам да се јавиме каде што тројката ќе посака, таа ќе биде уште подобро заблудена, нема да се сомнева, дека нешто се крои против неа. Со нетрпение одев кон селото, плашејќи се некако да не се осуети договорениот разговор.

Во една од Сугаревските стари куќички влеговме седум души – ние четворицата дојдени од Софија, без Велев, и тројката. Без да се оддалечуваме во странични и широки уводи, сите дојдовме веднаш до прашањето, коешто единствено можеше да се постави во тој разговор – што ни претстои да правиме. За тројката беше невозможно да го одмине пред нас тоа прашање и таа од срамот требаше да го постави без да имаше каква и да е намера за во иднина со нас да врши заеднички работи, и особено важни работи. Не й беше згодно да се раздели со нас без да подискутира малку за нешто. Алеко прв се обрати кон мене:

– Брезов, кажи ти како стојат работите во Софија; да почнеме од таму.

– Ми се чини, дека на ВМРО му се налага пред сe да ги ликвидира на еден или друг начин конфликтите, кои би се појавиле или се на пат да се појават во неа и на споровите, коишто ги имаме со некои немакедонскн средини. По можност организацијата сега да не ги троши многу своите сили во странични борби, туку да се сосредоточи во рамките на борбата, исклучително против поробувачот. Нужна ни е секоја капка енергија за поголемото стегање на организацијата. Тоа е, што ми се гледа најважно, реков јас. Особено е добро да ги уредиме нашите односи со Илинденската организација. Таа не оди по добар пат. Јас сум готов пред очите на нејзините раководители да ги изнесам сите податоци за нивните грешки. Нека тие од своја страна ги дадат нивните приговори. Кога ќе се чуе сe, нека се определи нашето становиште. Воопшто, се налага определувањето на еден пат, кој сите ќе го следиме спрема таа организација. Инаку секојдневно ќе се трупаат недоразбирања, во општеството ќе се шират озборувања и меѓу емиграцијата постеп0ено ќе настапува едно чувство на несигурност и на поделба. Јас сум најчесто меѓу емиграцијата и ве уверувам, дека повеќе не бидува ни еден ден да се остават во сегашната состојба нашите односи со илинденските раководители. Повторувам, треба да си нацртаме една линија на однос кон нив, каква и да биде таа, за да можеме да му ја препорачуваме и на сите наши пријатели, и да се избегне неслагање и беспатица од наша страна. Тоа е, што го сметам за свој долг да го подвлечам како прво прашање меѓу сите други, што се однесуваат до емиграцијата.

Тројката веднаш се согласи, дека со илинденци треба брзо да се објасниме. Алеко и Атанасов со особена живост го прифатија моето мислење за една блиска средба со нив. Алеко додаде:

– Ти Брезов, земи ги сите твои белешки и при средбата ќе ги посочиш како обвинител разните грешки на илинденци.

– Се согласувам. Тие сами ќе си ја прават одбраната. Во таков случај се налага да посочите кои другари од наша страна ќе се задолжат да ја играат рољата на суд, т.е. да дадат заклучок кои работи треба за во иднина да ги поправат илинденци.

Се прифати точно така да се развиваат дискусиите, со обвинител, одбрана и суд. За судии определивме со општа согласност /Види од книгата/. Кога стана збор за местото на средбата јас побрзав да кажам, дека тоа нема никакво значење, затоа што ние можеме секаде да дојдеме, а и илинденцн можат да отсуствуваат еден-два дена од дома и со автомобил на Организацијата да се јават каде што ќе им се посочи. И додадов, дека ќе е полесно некаде во Петричкиот округ да се случи средбата. Се споменаа имињата на Петрич и Мелник, но и на тројката тие места им се гледаа далеку, па самиот Алеко ја предложи Горна Џумаја. Што се однесува до денот на средбата пак, им се препушти на тројцата да кажат и се определи денот 12 септември.

Мене ми се довери навремено да ги поканам за пат илинденци. Сосем малку други прашања се засегнаа на нашето советување. Се повтори од неколкумина меѓу нас, дека многу работи треба да се средат, дека треба многу труд да се вложи. Сите муабети не беа ништо друго освен општи желби, изразувани со прикриена неискреност. Сигурен сум, дека само за тројца од нашето друштво беше наполно јасно што треба да се прави понатаму. Двајцата беа Алеко и Атанасов – тие знаеја, дека сега им претстои да го стават наполно под свои нозе Протогеров, да не отстранат на еден или друг начин нас и да ја започнат командата над македонското дело; меѓу нив двајцата Атанасов беше тој, кој си мислеше, дека се отвора можност за власт на неговата лична воља, бидејќи беше убеден, дека Алеко ќе му биде едно орудие, наспроти надворешните украси на Алековата пројава. Третиот, кој сосем определено знаеше што ќе прави понатаму, бев јас; тројката требаше да биде отстранета; сe останато само по себеси ќе се нареди и македонското дело ќе го зачува својот облик и во морален и во политички поглед. Може да се случи некои од нас да загинат, но било во кои раце и да остане движењето ќе биде поцелосно и независно, и тоа ќе оди по многу појасен пат, а неговото раководство ќе биде многу почисто, отколку ако би го раководела тројката. Кога ќе се отстрани тројката, нема да се најде никој по неа да крева какво и да е знаме во нејзино име; уште помалку ќе биде возможно тоа, кога се расчуе, дека таа е посегнала врз Тодор.

По завршувањето на разговорот тргнавме сите по патот за Мелник. До село Карланово одевме со потполн молк. Со нас патуваа пак многумина вооружени луѓе од кругот на Алеко. До реката во Карланово наседнавме за одмор. Тука ја видов раницата на Тодор, која беше наполнета со документи, прибрана од Протогеров. Разговаравме за ситни нешта. По едно време Панчо Михајлов побара од мене мислење дали да продолжи со нас кон Софија, или да остане кај тројцата. Атанасов му кажа, дека е добро да остане два-трн дена тука; требало да проговорат што се однесува до положбата и идната дејност во Скопскиот револ. округ. Му одговорив на Панчо, дека тој треба да реши како да постапи, но моето мислење е, дека е подобро да се вратиме сите заедно, така како што сме дошле. Бев сигурен, дека самољубивоста на Панчо нема да му дозволи да признае пред Атанасов, дека ме прашал и дека сум го посоветувал да не останува. Јасно беше, дека Атанасов брза да си добие позиција и за Скопскиот округ, бар за пред општественото мислење, ако се знае, дека Панчо Михајлов беше станал познат со неговото учество во превземањето на Ќустендил. Другите војводи и четници од овој округ, фактички најорганизираниот и најсилниот од револуционерно гледиште, Атанасов и воопшто тројката не би можела ниту за миг да добие. Но Панчо беше до краен степен суетен, речиси болен во тој однос; немаше стабилен карактер; можеше да биде намамен, беше доволно да му обеќаат некаква раководна улога по однос на нашето дело. Кога му препуштив нему да постапи, како што знае, јас бев уверен, дека тој нема да се реши лесно да се раздели од нас, бидејќи не би сакал одеднаш да се најде меѓу противниците на Тодор. А тој добро ги знаеше, дека се такви, ако не преку друго, тогаш бар од неговите разговори со Арсениј Јонков. Во секој случај јас бев изненаден, дека тој веднаш не го отфрли предлогот на Атанасов, дека се поколебал. Тој факт ми покажа, дека ако не успеам да го насочам и него против Тодоровите убијци, ќе се наложи да биде поставен бар под наше набљудување до решавачкиот момент.

– Право кажуваш, Брезов, сите ќе се вратиме, како што сме дошле, отсече Панчо.

– Убаво. Па и да речеш да останеш, да не му го кршиш атерот на потполковникот, те прашувам дали имаш расположение, сосредоточен ли си после ова, што се случи, за сериозни разговори, му реков јас. Многу има да оценуваме и да правиме. Што се однесува до мене, јас чувствувам потреба прво да се одморам, да се соземам. Ти кон Ќустендил ли ќе заминеш нли во Софија ќе дојдеш?

– И јас ќе дојдам во Софија, одговори тој.

Тука се збогувавме, на полјанката во Карланово, со тројката, ги јавнавме маските и тргнавме. Беше неподносливо жешко по долината. Уште понеподнослива беше мојата душевна состојба. Сега веќе ми доаѓаше да заплачам како дете од болка. Прличев одеше до мене уништен.

– Една молба имам кон Бога, Брезов, – да ни го зачува умот. Со тие зборови тој ми даваше да разберам до каков степен е потиснат, деморализиран и уплашен за утрешниот ден. Кај Дере-Мислим се качивме во автомобилот. Тука беа пристигнти пред нас некои од делегатите, меѓу кои беше и Иван Вапцаров. Не слушнав од него ниту збор, кој би издал некаква оцена за станатото. На каде би натежнала силата, натаму би отишол и тој; тоа го читав не само во неговите очи, во неговите ретки зборови, премерени како на терезија, туку дури и во начинот на поздравувањето; го презел сите мерки, за да го изрази неговиот пол неутралитет. Тука сретнавме и други делегати, што се упатуваа кон Петричко, Џумајјско и Разлошко.

Јас бев седнат до шоферот. Дури кога влеговме во Софија се сепнав; целиот изминат пат бев преокупиран во размислувања. Отидов во домот на Томалевски, кој тие денови требаше да замине за Женева, за да го однесе мемоарот на ВМРО до Општеството на народите. Тоа беше единствениот мемоар, упатен од ВМРО по војната. Под заклетва му соопштив од каде се враќам и што се случило. Неговото изненадување беше не помало од нашето. Првите негови прашања беа за држењето на Протогеров, кого што зеде да го напаѓа со најжестоки зборови, нагласувајќи, дека тој е најголемиот виновник, дека целото негово суштествување било една напаст за македонското дело. Тој сметаше, дека е бессмислено да патува во странство; му кажав, дека е полезно точно обратното – да замине; така особено ќе се даде изглед, дека сe е во ред, дека не се прави ништо подозриво од наша страна. И бидејќи мемоарот не беше уште потпишан од Централниот комитет, му кажав, дека потписот на Тодор ќе го фалсификуваме. Како резултат на тоа, така и се случи – Босилков многу успешно го имитираше потписот на Тодор на сите примероци, па тие требаше прво да бидат испратени за потпис од Протогеров.

Решив, дека е добро во тој случај да направиме едно разузнавање за расположението меѓу тројката. Уште преку ноќта испратив да му соопштат на Камен[4] да дојде рано изутрината кај мене. Под чесен збор за запазување на тајната му се доверив, дека Тодор е убиен; му нагласив кои се виновниците и го задолжив тој да го однесе мемоарот кај Протогеров, а преку целото време да набљудува како се однесуваат тројцата спрема него, дали ќе пројават претпазливост, какво е нивното расположение, да запомни точно што би зборувале меѓу себе и него; се разбира, тој требаше да се однесува најприродно, како ништо да не знае за тоа што се случи; затоа и требаше таму да каже, дека го носи мемоарот за потпишување од Протогеров и Тодор. Споделив со него, дека нашата задача сега е да ја отстраниме од патот на македонското дело таа злокобна тројка. Тоа може да се постигне најуспешно со помош на нашите другари, кај коишто тројката нема никакво сомнение. Му објаснив, дека на него сум се запрел да отиде кај нив, затоа што тој е доста млад, знаат дека не учествувал во друго освен во странични поддршки, како многу други младинци, главно се пројавил во легалните студентски средини на ВМРО, помагајќи, како и тие, само во некои технички работи. Бидејќи е син на офицер, тогаш и Протогеров и Атанасов со поголема љубезност и доверба ќе го примат. Тој од своја страна ќе се однесува љубезно кон нив со соодветното внимание, без да претерува со ништо. веднаш се разбравме со него. Кога му реков, дека ако тој носи нешто од татковата крв, и ако лично оцени, дека има сили да направи нешто големо, ретко би можел да ризикува за поголема цел во нашето дело. Тој моментално, без никакво колебање ми изјави, дека се поставува целосно на моја наредба. Тогаш му реков, дека е слободен да реши сам тој на местото, според состојбата, дали не може да упати куршуми на сите тројца, или бар на двајца од нив, коишто ќе му се паднат, по што да се обиде да го фати Пиринот и да прејде кон Дупничко или Самоковско. Претпоставував, дека требаше да гн најде некаде околу Мелник. Ако слично нешто не му појде од рака, тогаш неговата посета пак ќе е од полза и преку самото извидување. Му истакнав, дека сега или неколку дена подоцна расправијата ќе стане најуспешна пак така, кога ќе се испречат нашите другари лице в лице со престапниците, без последните да дозволат таква решителност; тие ќе преземат мерки да не попаднат во заседа по патиштата, ќе одбегнуваат да отседнуваат во пријателски куќи во Софија итн. Нема да се досетат, дека ќе гн удриме таму, каде што сами не повикаа, а особено дека ние ќе ги удриме директно.

Камен тргна. Верував само на половичен успех, затоа што тој одеше сосем сам; одвај би можел да се справи со тројцата, ниту дури со двајцата, ако околу нив има вооружени луѓе. Возможно е да се поколеба, главно кога ќе види, дека неговиот резултат не ќе биде целосен. А може и воопшто да биде тешко да се фати за револверот, ако осети, дека го набљудуваат. Од друга страна, дури и да успее да побегне, пред него се испречуваат стотина километри планински патишта, кои не му се познати и каде што на секој чекор може да биде забележан; подруго би било ако со него имаше еден-двајца другари. Слични расудувања не ми дозволуваа да сметам наполно на успех. Сепак, еден другар, при тоа доста соодветен, беше веќе подготвен за акција.

Без да губам ниту минута, се зафатив со подготовката на другите другари, коишто требаше да учествуваат на средбата со илинденци. Таа требаше да биде мојот главен план. Го сретнав Ѓурков, му открив што се случило со Тодор и го запрашав дали е готов да учествува во борбата против тројката, евентуално во една конспирација против нив, којашто може да изискува и негово лично учество за напад. Тој без колебање одговори, дека е готов на сe, за да им се плати на престапниците. Остануваше да му соопштам што треба да се направи. Во неговата преданост и готовност бев повеќе од сигурен. Му соопштив на Шанданов да се прибере веднаш од Ќустендил; не помнам по каква работа тој се наоѓаше таму од пред неколку дена. Уште со своето пристигање во Софија тој ме најде и ми кажа, дека сигурно нешто важно се случило, за да го викам така задолжително. Му раскажав за сe, што беше потребно и му открив што мислам. Тој со ентузијазам го одобри мојот план за искористување на средбата со илинденци. Своето лично учество и тој го вети безусловно. Уште, при првиот мој разговор со Панчо Михајлов и тој изјави готовност да дејствува, во какви и да е ризици, по планот, кој ќе претставува, како што забележа, дека целата подготовка и реализирање на тој план требало јас да го држам во свои раце, затоа што другите другари, во тој број и тој, не биле добро запознати со состојбата. Му одговорив, дека лица како него дури да би можеле да се заземат со организирањето на работата, тешко ќе биде да го прават тоа, затоа што нивното движење нагоре-надолу обавезно некому ќе му направи впечаток, особено пак неговото движење, откако до сега тој бил во Софија само како гостин и со никакви наши конкретни дела не се занимавал. Од тоа гледиште – да не биде забележано некакво наше раздвижување – се раководев, како што нагласив изрично и пред Ѓурков, и Шанданов, дека и тие со ништо не треба да го променат досегашното темпо и карактер на нивните занимања; исто така никој не треба пред кого и да било да покаже некакво подруго расположение од довчерашното. Особено за Панчо, меѓутоа мислив, дека е неопходно да се преземе и друга мерка – да не му се дозволи во текот на овие денови да ги менува становите, да не се сретне со никого, затоа што се плашев, дека тој може да му се пофали на некој свој пријател што го видел на Пирин, а евентуално и да се издаде, дека нешто ќе се прави; бидејќи беше многу темпераментен и сантиментален, најверојатно беше да истресе некоја закана. А и никогаш не се ослободив од сомнежот, што го имав што се однесува до неговата нестабилност; можеше да го прифати некакво друго размислување, некакво ново расположение, и да се откаже. Со оглед на сето тоа, под изговор на неопходност од полна тајна и тишина од наша страна, тој требаше да биде во моите раце до моментот на нашата акција. На него не му кажав веднаш, дека ќе се искористи средбата со илинденци; тоа тој го дозна два дена пред средбата. Му кажав, дека јас ќе му најдам стан, кој никој од неговите познати нема да го знае, за да не го посетуваат тие денови. И сам го одведов во станот, кај мои пријатели. Му соопштив на Ѓурков и Шанданов како сум постапил со Панчо и тие ги одобрија преземените мерки. Какво беше моето чудење, кога другиот ден, кога отидов да го посетам, кај него најдов една артистка; не можев да допуштам, дека и со неа имал љубовни врски. Но мојата изненаденост идеше од друго – дека по сите клетви и ветувања тој ниту дваесет и четири часа не го зачувал во тајна својот стан; заради повикувањето на госпоѓицата, пред еден четник издаде и каде станува – преку четникот ја повикал и својата љубовница. Се разбира, на четникот му направило впечаток, што Панчо отишол во сосем нов стан, уште повеќе кога момчето требало да биде предупредувано да не ја издаде на никој куќата. Така, моетом убедување, дека со Панчо тешко се вршат сериозни работи, се оправда многу брзо. Сепак, по забележката, којашто му ја направив, тој одново вети никому повеќе да се не јавува.

Ми останаа пет-шест дена на располагање. Јас бев како и до тогаш, во постојано движење низ Софија. Сите мои познати ме гледаа насекаде. Не можеше никој да сфати дали во тие денови јас повеќе талкам или не, отколку порано. А бев постојано на нога и во напнатост; сe требаше да средам покрај другите мои тековни секојдневни работи, коишто не беа малку. Често одев во домот на Лоенгрин[5] , каде што во последно време ме бараа по работа нашите луѓе. А долги часови поминував и во домот на тетка ми, каде што постојано кај мене беше Пламенов[6]. Со него пушев многу цигари; тетка ми исфрлаше цели чинии со покавци и не можеше да се начуди какво е тоа наше пушење. Што од умор, што од голема внатрешна напнатост, не можев преку тие денови да се хранам; ми останало во споменот, дека како да преку десетината денови по погребот на Тодор воопшто не сум јал. Пламенов беше преку целото време исто така во возбуда и мака. До ден денес не сум моминал други такви денови.

Откако веќе и на Панчо му го открив планот, им реков на нив тројцата, дека е добро да дојдат со мене да испробаме неколку револвери. Се согласивме, дека е подобро секој од учесниците во претстојната работа да има по еден парабел и по еден нагант, и неколку полни пачки за парабелумот. Отидовме со автомобилот по самоковското патче зад Панчарево и во долот, кај остриот свиок до мостот, пострелавме со десетина револвери, коишто ги зедов.

Камен веќе се имаше вратено од кај тројката и го донесе потпишаниот мемоар од Протогеров. Тој ми раскажа, дека таа ги превзема сите мерки, за да биде добро чувана; не било возможно сами да ги подреди. Нивното расположение било многу добро. Меѓу себе воделе живи разговори, имале добар апетит и сe покажувало, дека за нив ништо посебно не се случило во македонското дело. Ништо не го запрашале Камен за Прахово[7]. Само ги запрашале како е Брезов.

Незабележано си го обезбедив присуството на 4-5 камиони во Прахово во тие денови, за да бидат на мое располагање при евентуална потреба. Си набележав и десетина откриени автомобили на мои познати; сакав да се послужам и со нив. А ако се наложи, можев да земам и од пазарот уште неколку автомобили. Сите сакаа да ми помогнат за брзото одведување на 100-150 души верни и посмели наши луѓе до Горна Џумаја, коишто закав да ги земам со себеси од Прахово, Перник и Сливово. Во последните две места луѓето во секое време можеа да бидат под рака заедно со старешините на неколку групи. А во Прахово се погрижив пак незабележано да проверам кои погодни луѓе се наоѓаат, кога на тројца – четворица способни да водат групи им реков да не отсуствуваат од градот. Од Прахово сакав да земам околу 40 поизбрани души. Сите тие луѓе можеа да ми помогнат за завладување на положбата во Горничево[8] во два случаји – ако учесниците во нападот отпочнат престрелка и успеат да ја оддржуваат бар три часа, додека да се јави во помош голема група, за да ги спаси и да се наложи; или пак да ја зафати положбата дури кога тие евентуално ќе бидат разбиени. Со таа група, имав на ум да земам големо количество бомби. Во тој момент противникот не би можел да располага со нужното количество бомби во Горничево. Луѓето сакав до таму да ги пренесам како работници, а нивното оружје прикриено; немаше потреба да носат четнички униформи по многу причини. Јас презедов мерки да добијам на време вест ако во Џумаја започне некаква престрелка. По пристигањето на таа голема група, уште погласно сакавме да разгласиме меѓу народот, дека Алековци го убиле Тодор и да ги повикаме сите добри членови на организацијата на наша страна.

Ненадејно во Софија дојде Протогеров и ме повика. Бидејќи петмината посветени другари живеевме во постојан сомнеж, дека тројката може да не испревари, особено преку некакво посегнување врз мене, не посомнева неговото пристигање. На средбата тргнав со Пламенов и уште еден двајца другари. Јас отидов сам во куќата кај него, во домот на Стаматов, на ул. Венелин 16, а Шанданов со другите верни, но непосветени луѓе во нашиот план, остана да чека на аголот на булевар Фердинанд. Се бевме договориле, дека јас по секоја цена ќе излезам после 20 минути, а ако не излезам, Шанданов со другите на сила ќе влезе во куќата да види што се случило со мене. На определеното време јас излегов. Како по чудо Протогеров тогаш се заинтересира за врвежот на работите во софискиот пункт; ми побара доста заповеднички да му го поднесам списокот на оружјето, со кое што располагаме, како и на сите други материјали; ми даде дури и образец за списокот на луѓето, на коишто јас сметам, и кои одговараат за идната работа. Јасно беше, дека тројката сака да се информира со колку луѓе, материјали и пари располагаме – со оглед на нејзините планови, во коишто без сомнение влегувало пред сe моето ослабување. Ни сенка не беше останала од онаа омрлушеност, којашто Протогеров ја покажа пред нас при погребот. Сега тој за Тодор ништо не спомена; Се наметнуваше во изнаоѓање на различни ситни теми за разговор, како човек, кого што го интересираат само претстојните работи, а не тоа кое што е веќе минато. На кратко и во општи црти му одговорив на неговите прашања и побрзав да си излезам под изговор, дека имам некакви определени средби. Му обеќав да ги приготвам бараните списоци. По ден-два тој замина за Горна Џумаја.

Во тоа време јас веќе им доверив нешто од планот на двајца луѓе, кои не влегуваа непосредно во конспирацијата – Прличев и Баждаров. Подробности не им дадов, но ги информирав, дека ќе се дејствува против тројката. И двајцата најенергично настојуваа да не се посега врз Протогеров, затоа што било неопходно да остане бар еден од членовите на Централниот комитет. Инаку би било тешко да се свика конгрес итн. Овој доказ ми се гледаше сосем епитропски – не сме можеле да минеме без најголемиот виновник за убиството на Тодор. Немав време за губене во спорови. Од друга страна, бидејќи бев длабоко убеден, дека најзначајното ќе се сврши и преку отстранувањето само на двајца, се согласив да биде поштеден Протогеров, кој не би можел да игра друга улога, освен таа на играчка во нашите раце, многу повеќе, отколку што беше во рацете на Атанасов и Алеко. Притоа сметав, дека во иднина никој нема да му доверува некакво одговорно место, туку просто ќе биде отстранет од делото. Прличев и Баждаров толку многу настојуваа за неговото запазување, што или требаше да се согласам со нив, или требаше да ги навредам, да прекинам со нив и значи да го дозволам оформувањето на незадоволен кружок помеѓу довчерашните пријатели и блиски луѓе на Тодор. Впрочем, јас не бев и наполно сигурен кои точно од тројката ќе бидат кутнати; можеше да се случи Протогеров и без тоа да се спаси при нападот, па затоа со уште поголемо спокојство реков да биде поштеден. Блиската иднина отлично покажа, дека Прличев и Баждаров си вложувале своја фина сметка, кога настојуваа да не се посегне врз него. Треба да истакнам, дека во тоа време јас верував, како во нивната преданост кон споменот на Тодор, така и во нивните искрени грижи за доброто на делото. Ако некој тогаш би дошол да ми каже, дека тие во даваните мислења вложувале свои неморални сметки, јас би го зел за непријател, којшто цели да внесува интриги и да го растројува нашето дело.

Суштинска точка на планот беше да се подготви една група во самата Горна Џумаја, којашто веднаш би притекла во помош на другарите, кои непосредно ќе дејствуваат. Таа група требаше да биде раководена од верен тамошен човек, кој единствен ќе ја знае тајната и никому од групата нема да му кажува што има да се прави. Најсоодветен за таква задача ми се гледаше Иван Караџов, неодамнешен пунктов началник во Горна Џумаја. Тој беше отстранет од своето место пред неколку недели, затоа што пројавил нетактичност и бруталност при обидот да ги откријат убијците на Турчинот Махмуд ефенди, жител на Горна Џумаја и учесник во организацијата. Махмуд бил убиен – во тоа не се сомневаме – по наредба на Алековци, затоа што ги критикувал и се спротивставил на некои нивни наредби. Тој му беше добар пријател на Караџов, а то беше мразен од тројката, особено од Алеко и Атанасов, на кои не пим опростуваше – ги критикуваше сосем отворено за нивните грешки и направените малверзации од Алеко. Значителен број граѓани во Џумаја, како и многумина храбри луѓе, се вслушуваа во зборовите на Караџов, особено што го знаеја за стар и голем пријател на Тодор. Но точно е, дека тој многу често правеше нетактичности, внесувајќи чудна своеобразност во многу случаи, – и покрај тоа што секогаш беше чесен, со добри намери и апсолутно предан. Тодор, во своето настојување да ги изгладува до последни граници недоразбирањата со тројката, пред големите протести на Алеко и Атанасов против пројавите на Караџов, се беше решил да му го одземе организационото место, кога со едно крајно строго писмо му забрани повеќе да се занимава со македонските работи и му предлагаше, ако сака, да замине како учител во Цариград, каде што ќе му биде издејствувано место. Караџов не замина за Цариград; со голема брзина се потчини на Тодоровата наредба, повторувајќи често, дека Алеко и Атанасов го поткопуваат делото на Тодор. Тврд човек беше Караџов и наоѓаше начин да ја прикрива својата болка.

Убеден, дека Караџов и сега си останува верен на Александров и дека секогаш ќе биде готов за една борба против Алеко и Атанасов, особено кога ќе разбере, дека посегнале против Тодор, јас него имено го најдов за најсоодветен да застане на чело на една месна Горно-Џумајска група. Уште повеќе, што тој секојдневно беше во врска со многумина месни дејци и четници на одмор, па неусетно ќе може да ја организира групата околу себеси и да ја постави во дадениот момент, каде што ќе посака во градот. Притоа сметав, дека ќе ја зачува и тајната. Умееше да молчи. Караџов беше човек, кој прифаќаше ризици – квалитет, којшто малку го поседуваат на неговата возраст дури и меѓу македонските средини, иако тоа е со име на борчка средина. Сметав за сe неопходно на машина да му напишам и да му го испратам преку несомнително лице во Џумаја. Меѓутоа случајно дознав, дека бил во Софија. Веднаш го најдов. Не знаев, дека бил во Варна на летување и од таму сега се враќал. Беше среќна случајност, што можев лично сe да му објаснам. Се позамисли малку Караџов, закрцка два-три пати преку забите во знак на изненадување и на мака за убиството на Тодор, кажувајќи: “Бре, бре, гледај што направиле тие маскари…” и додаде: “Нема друго. Треба да се испотепаат”.

Му објаснив кои другари ќе пристигнат на 12 септември во Џумаја; дека таму ќе дојдат илинденци, дека ќе пристигне и тројката. Тој ќе треба да му каже поодделно на не повеќе од тројца молчаливи и храбри луѓе да имаат под рака по двајца-тројца свои другари. Сите тие десетина души да имаат револвери и пушки, евентуално и по некоја бомба. Нападот од нашите другари ќе биде извршен најверојатно по стемнувањето. Караџов нема да се врти често околу пристигнатите другари од Софија низ градот, но мајсторски ќе ги следи кога тие ќе отидат на средбата со Алековци и илинденци. После тоа самиот тој ќе биде близу, а и неговите луѓе ќе се наоколу, низ улиците или блиските дворишта, кога ќе се стемни. При првиот грмеж од внатре, од куќата, во којашто се нашите другари, групата на Караџов ќе ги фати најудобните агли наоколу, за да не му допушти на никој да им притекне на помош на Алековци, а истовремено ќе дава истрели во воздухот, за да внесе уште поголемо изненадување меѓу тројката; исто така би ги пресреќала другарите на Алеко кои ќе излегуваат од куќата, четници, ако евентуално со него има такви, ќе ги разоружува или ќе пука по нив ако бегаат. При успешното спроведување на акцијата, веднаш ќе им јави на сите наши верни луѓе во градот, дека Тодор бил убиен, за да не биде некој заблуден и да не се препушти на противничките сугестии. Со Караџов се договоривме и кои десет до 15 души ќе се погрижи тој да ги организира. А на тројцата другари, кои требаше да заминат на средбата, реков, дека ќе им биде организирана подобна група во нивна поткрепа.

Караџов замина. Сега веќе требаше да ги повикам Георги Занков и Арсениј Јовков да заминат за Горна-Џумаја, и да земат, ако најдат за потребно, и уште некој друг член од раководното тело на илинденската организација. Ми мина преку умот, дека Алековци може би тајно и да им соопштиле веќе на нив двајцата за убиството на Тодор. Јас во секој случај требаше да ги поканам на средбата и од името на Тодор, кога им истакнав, дека ќе се одржи средба за разјаснување на сите недоразбирања. Го најдов Занков во канцеларијата и му соопштив за упатената покана до нив преку мене. Тој ме запраша дали и Тодор ќе присуствува на средбата. Зачував полно спокојство и му одговорив, дека обавезно и Тодор ќе е таму. Колку што помнам, му додадов, дека ако сака може по телефон и сам да го запраша Алеко за повеќе подробности. Си мислев, дека кога Занков ќе разговара со мене ќе се стреми да долови дали на мене ми е позната тајната за убиството на Тодор. И затоа вложив напор да не му оставам сомнеж, дека нешто знам; ако се издадев преку паника, возможно беше тој од своја страна да се запраша од кои причини го лажам што се однесува до Тодор; не можев да сум сигурен, дека му е познато прифатеното задолжение од нас кај гробот на Тодор да молчиме за неговата смрт. Воопшто, нашиот краток разговор со Занков го водев со полно сомнеж и несигурност. Но тоа, што единствено ме интересираше, се постигна – тој обеќа да тргни со Јовков и П.Ацев, стариот прилепски војвода, член на раководното тело на илинденската организација, и на 12 септември да бидат во Џумаја. За автомобил се погрижив јас.

Тројцата другари – Јосиф,[9] Панчо и Пламенов – тргнаа уште на 11 септември со намера да дејствуваат уште истата ноќ, кога ќе отидат на видување со тројката. Тие требаше да кажат за мене, дека ќе пристигнам другиот ден, бидејќи ме задржале некакви работи. До изутрината рано не добив никакви податоци за каква и да е акција, од што заклучив, дека другарите поради некоја причина не успеале ништо да направат. Тогаш намислив покрај договорената конспирација да прибегнам кон друга, кога испратив друг другар, кој би дејствувал при можност и независно од нив. Соодветниот во случајот беше пак Камен, кому му објаснив што било наредено, но дека една ноќ е веќе изгубена. Тој требаше да отиде во Џумаја, за да им соопшти на тројката, дека јас сум се разболел, па ќе закаснам најмалку за еден-два дена; неговата цел ќе биде да ги суреди Алеко и Атанасов, или бар само првиот. За Протогеров носеше некое неважно писмо.

Природно, Камен би можел најточно да ги возобнови сите подробности околу акцијата, така како што таа се развила на местото. Некои нешта за неа се соопштени во двете книги, издадени од ВМРО во врска со убиството на Тодор и на Протогеров. Тука јас ќе споменам само во општи црти како сe се случи.

Тројцата другари биле на разговор со тројката во домот на Панајот Рајнов. Со умисла еден од нив започнува да го разгледува карактерот на Александров, а Протогеров со задоволство се фаќа за таа тема и остро го критикува Тодор, откривајќи си ги и тој пат своите чувства. Но не само тоа, туку изјавил, дека прекинатите разговори со болшевиците обавезно треба да бидат возобновени.

Во собата влегол Камен. Атанасов пред тоа, меѓутоа излегол и отишол во некоја од соседните соби. Алеко веднаш го прашал Камен каде е Иван Михајлов. Тој му објаснил дека Михајлов не може да дојде поради заболување. Вознемирен, Алеко заканувачки кажува: „Да не мисли тој да се става над нас! Зошто не дојде да ги обвинува илинденци? Дај да видиме какви обвиненија испратил против нив“. Камен објаснува, дека не носи никакви обвиненија и дека не е крив за недоаѓањето на Михајлов; тие можат да го повикаат, иако е болен, да дојде. Алеко го потупал Камен по рамото и тргнал да излегува, а Камен учтиво му дал пат да помине. И уште кога го пречекорувал прагот, веќе свртен со грбот кон Камен, овај го вади пиштолот и го усмерува во тилот на Алеко, кој се струполил пред вратата. Некаде од спротивните соби Атанасов започнал да пука. Другарите одговориле од нивната соба и откај скалите. Таа престрелка продолжила неколку минути, додека четворицата другари успеале, едни преку скалите, други скакајќи преку прозорците, да се извлечат, а и револверот на Атанасов веќе не се слушал. Во тоа време групата на Иван Караџов била наоколу и пукала во воздух; покасно се собрала околу четворицата. Пред да се растрча војската или да се јави некој друг, се било завршено.

Откако паднал Алеко, Камен не можел да го задржи својот јад, го фатил за јаката Протогеров и целиот растреперен, со револверот во раката, неколку пати му го упатил преку заби прашањето: „Кажувај, кој го уби Тодор?“ Протогеров останал без душа од страв, возбудено плачел и повторувал некакви несврзани зборови, од којшто Камен го запомнил само ова: „Сме биле пријатели со татко ти“ … Сепак, Камен точно ја исполни наредбата да не се посега врз животот на Протогеров.

Во текот на таа ноќ и другиот ден утрото во Горна Џумаја паднаа уште двајца-тројца Алекови другари, меѓу кои и потполковникот Атанасов. Топј бил откриен во еден двор од седумнаесет годишен член на организацијата, бегалец од Скопје, срчен младич. Потполковникот преку ноќта прескокнувал преку многу огради и дворишта, без да знае што станува и без да може да се извлече вон од градот. Кога младичот го забележал и му викнал да се предаде, Атанасов многи збркан зел да мрмори: „Не плашете се, не плашете се“. Треперејќи го држел својот револвер в рака, без да се обиде да се заштитува. Младиот момок го протера пред себе си и не можеше да се начуди како било возможно тој, познат божем како храбар офицер, да падне во положба на најбеден страшливец. Не може да има сомнеж, дека во случајот свој печат има внатрешниот немир, каењето и песпатицата; тие го здрвија Атанасов, откако го видел безживотниот труп на Алеко, зад кој се криел, и откако почувствувал дека е заобиколен насекаде, и од неизбежната одмазда за извршениот подол и голем престап. Тој немаше возможност да види каква бура од вознемиреност го опфати општеството, кога се дозна што станало со Тодор. Атанасов требаше да остане жив, за да ги каже и најмалите подробности што се однесуваа до заговорот на тројката; да подобјасни на кои министри и офицери сметале во Софија, а од друга страна како заговараа конспирација со комунистите. Но за миг се појавил Асен Даскалов и без мнугу да му ја мисли, му свирнал еден куршум в чело.

Така,на 12 септември 1924 година бешпе спасено сe, што можеше да се спаси после страшното зло, нанесено на 31 август на македонската ослободителна кауза со убиството на Тодор Александров.

1. Брезов – псевдоним на Иван Михајлов.
2. Под името „Алековци“ се има во предвид главно трите души: самиот Алеко Василев, раководител на работите на ВМРО во Пиринска Македонија, со помош на Георги Атанасов, и А. Протогеров кој често се наоѓаше околу нив, кој наскоро се имаше вратено од странство.
3. Маскарлак – турски збор, што означува безобразност.
4. Камен – псевдоним на Кирил Дрангов.
5. Лоенгрин – псевдоним на Наум Томалевски.
6. Пламенов – псевдоним на Перо Шанданов.
7. Прахово – псевдоним на Софија.
8. Горничево – псевдоним на Горна Џумаја.
9. Јосиф – псевдоним на Јордан Ѓурков.