Thursday, 17 August 2017

Зорба одел на спиење со бузуки

Пишува Данило Коцевски – Најдобар играч на сиртаки во Скопје бил Гркот Зорба, а тоа го знаел целиот град, особено посетителите на познатата кафеана “Маргер” на плоштадот. Постојат многу куриозни податоци во врска со неговиот боемски живот. Сe уште се откриваат нови моменти, за кои може да се напише нов роман или да се сними нов филм. Според раскажувањата на потомците на славните боеми и угостители од тој период, Гркот Зорба, во еден дел од својот престој во Скопје, не само што бил гостин и се забавувал во кафеаната “Маргер” туку и живеел на горните катови од таа зграда, кој била и хотел. Хотелот “Ловец”, по сe изгледа, не бил негово единствено живеалиште во градот на Вардар. Поради долгите боемски ноќи, тој, можеби, често преспивал и во кафеаната на плоштадот. Инаку, хотелот “Ловец” се наоѓал малку подалеку, на улицата Принц Ѓорѓе, спроти Железничката станица.

Во еден период, сопственик на кафеаната “Маргер” бил Стојан Воштинаров, познат и популарен меѓу скопјани како газда Стојан. Тој го купил објектот од претходниот газда, кој бил нишлија, а кафеаната и хотелот ги држел од 1939 до 1945 година. Газда Стојан бил исклучително способен човек, поседувал објекти и имоти низ речиси цело Скопје. Угостителскиот бизнис го водел со својот најстар син Јован. Денес, во Скопје живеат повеќемина негови потомци, меѓу кои и неговата сестра (има повеќе од 90 години), неговите внуки, внуци и правнуци, со кои во последно време имав повеќе средби и разговори. Некои од нив многу живо се сеќаваат на раскажувањата на својот дедо Стојан Воштинаров, особено за славната кафена “Маргер” и за уште пославниот Грк Зорба, кој бил нејзин редовен посетител.
Внуката на газдата на “Маргер”, Снежана Стојанова, живо се сеќава на него, а целата таа семејна традиција ја бележи и ја раскажува нејзиниот сопруг Ангеле Стојанов, кој постојано бил со стариот Воштинаров, сe до неговата смрт во 1969 година.
“Еден од најдобрите пријатели на Зорба бил токму газдата на ‘Маргер’. Тие двајца постојано муабетеле и имале специјална маса”, вели Стојанов. “Гркот Зорба цела ноќ играл сиртаки, а во раните зори се случувало она најбитното. Зорба требало да замине на спиење на најгорниот кат од хотелот. Но и тоа свое заминување го изведувал во својот познат, боемски и харизматичен стил. Барал од музикантите кои му свиреле сиртаки, со бузуки да го испратат до собата, искачувајќи се со него по скалите. Но со тоа не завршувало сe. Додека бил седнат среде собата, бузукито се слушало уште некое време. На излегување, музикантите се враќале наназад, не смееле да му го свртат грбот на Зорба при заминувањето”.

Не само во оваа кафеана, и во другите кафеани во Скопје во кои седел, Гркот Зорба знаел да ги чести и познатите и непознатите и да биде дарежлив кон сиромашните. И покрај тоа што поседувал рудници во околината на Скопје, во Драчево и во Зелениково, во Ниш и во Косово, неговата најмала ќерка, Екатерина, со која допатувал во Скопје, и неговите внуци подоцна изјавиле дека не им оставил ништо во наследство. Неговото богатство, едноставно, исчезнало и било потрошено. Не $ оставил ништо ниту на својата љубовница Љуба, која била дваесетина години помлада од него. Се смета дека сите боемски марифетлаци Зорба ги научил уште во раната младост. Најпрвин бил дрвосечач, кој одлично свирел на бузуки, а потоа се вработил во еден рудник на Халкидики, каде што ја запознал својата идна сопруга, Елени, ќерка на газдата. Уште тогаш многу трошел за ноќни седенки и забави. Еден од неговите потомци подоцна изјавил дека на Зорба му се допаѓале “добрата храна и добрите пијалаци, танцувањето, удобниот живот, жените, и тоа оние убавите му биле слабост. Бил згодно, маркантно момче, кое знаело да шармира”. Авторот на романот за Зорба, Казанѕакис, вака го насликал:
“Тој отсекогаш ме опседнуваше неговиот извонреден живот и со несекојдневниот карактер. Никогаш не сум сретнал човек кој знаеше толку да се забавува како што го умееше тоа Зорбас. А како само играше сиртаки”.

И покрај контроверзите во неговите минато и живот, скопјани го обожувале и го почитувале. Особено биле популарни неговите забави во кафеаната “Маргер”, за кои зборувал целиот град. Во вечерните часови, Зорба знаел да ја резервира целата сала само за себе и за своето друштво. Но можеле да присуствуваат и сите други граѓани. Тие забави особено ги сакале скопските студенти. Главна атракција било играњето сиртаки на Гркот Зорба. Познатиот боем и јунак на романот на Казанѕакис живеел во Скопје дваесетина години, каде што и починал во 1943 година. За ова досега имаат пишувано нашите новинари, но и новинарите од Хрватска, Србија и од Грција. Казанѕакис го објавил романот во 1954, а починал во 1957 година. Денес во Скопје повторно постои кафеаната Маргер. Неа ја држат потомците на сопственикот на “Маргер”, Стојан Воштинаров, во близина на Зоолошката градина и на паркот, каде што тој некогаш имал големи имоти. На тој начин се оддава почит на една голема скопска традиција, но и на споменот на Гркот Зорба.