Wednesday, 22 November 2017

Златното теле

Времето поминува и полека, но сигурно ја грицка нашата животна супстанција, а што правиме ние? Дали реагираме на овој неповратен процес со некаква доблесна акција, со креативност и со исполнување на човечките морални и градителски императиви или бараме заборав и бегство во сето она што ќе заврши како отпадок од вистинската вредност на нашите животи…

Да се префрлиме за прикаската за златното теле, која на чуден, но воедно и мошне сугестивен начин ја обработува темата на битното и небитното, на вистината и илузијата, на етиката и страста.

Оваа приказна е сегмент од импресивното житие на пророкот Мојсеј, една од најмаркантните личности во Стариот завет, избраникот од Бога, што го изведе израиловото племе од египетското ропство, и тој што од синајската планина на две камени плочи го донесе законот до народот свој, закон со молња запишан на плочите директно од Јахве, единиот Бог, кого Мојсеј го беше видел во лицето и заедно со Енох се единствените луѓе што го имаа ова искуство. Барем што се однесува до Стариот завет.

И дојде времето Мојсеј да се искачи на Синај по заповед божја. И Мојсеј отиде таму и го сретна богот свој, кој му се појави како огнена грмушка и му се обрати на избраникот свој и законите му ги предаде десетте Божји закони за десетте смртни гревови, за спас на луѓето, доколку не се огрешат од нив. И со молња Господ ги запиша на две камени плочи овие закони и му заповеда на Мојсеј да ги однесе до народот свој за сите да дознаат што му е на Бога мило, а што немило. И Мојсеј ги зеде плочите и се симна од висините синајски и дојде со законите при народот свој страдален, а таму тој затекна голем немир и расправија и раскол меѓу соплемениците. И додека Мојсеј бил на Синајската Планина да се сретне со единиот бог свој, во племето Израилово, дојде до големо колебање и бунт против водството на нивниот пастир, за кого некои почнаа да зборуваат дека е мртов и дека нема да се врати, а веста брзо се разнесе меѓу луѓето и многу од нив се почувствуваа несигурни и расколебани. Па, тие што беа против пастирот израилски почнаа да проповедаат нов бог, кој ќе го замени оној на Мојсеј, кој ќе ги изведе од Египет и со кого многу пострадаа, барајќи ја ветената земја, до која никако да дојдат. И тие почнаа да го собираат златото од народот и со тоа злато, кое го стопија, направија ново божество, идол, во облик на златно теле и фатија да му се клањаат и да принесуваат разни жртви пред оваа скулптура.

Златното теле е изведено од астролошката предлошка на означената епоха, а тоа е ерата на бикот. Затоа, претпоставката на библиските историчари го лоцира постоењето на Мојсеј во вториот милениум пред нашата ера, кога владее астролошкиот знак на бикот. Но, има многу истражувачи на стариот век кои мислат дека Мојсеј, всушност, е староегипетскиот фараон Ехнатон, кој беше голем религиски реформатор и кој го беше укинал многубоштвото на староегипетскиот пантеон и беше прогласил само еден единствен Бог како постоен и вистинит и тој бог го нарече овој фараон Атон. Но, поради бунтот на свештенството, Ехнатон е соборен од власта и со своите следбеници е протеран во синајската пустина, каде што во излолација од остатокот на староегипетската цивилизација можел да го практикува својот култ. Инаку, фараоните во древниот Египет биле сметани за богови и никој на земјата немал право да им го одземе животот. Тоа го објаснува ова собитие на протерување и изолација на Ехнатон, а не негова елиминација.

Та кога Мојсеј го виде ова лудило во племето свое, ова идолопоклонство, во целата своја лутина ги фрли двете плочи со законите божји врз карпите, а овие се искршија и ново проклетство падна врз народот Израилов, а при ова проклетство божјо, тие што ширеа заблуди и лаги, паднаа мртви и со нив падна култот на златното теле, а праведниците ги собраа деловите од скршените плочи на кои беа испишани Божјите закони и се прибраа при Мојсеј, и се вратија во верата на единиот Бог, оној, кој за разлика од идолите кои имаат очи, а ништо не гледаат, нема очи, а гледа с?.

Но, прикаската за златното теле не завршува тука. Овој златен кумир станува синоним за алчноста и страстољубието во времињата што доаѓаат и по пронаоѓањето на ветената земја од племето Израилово.

Сите страсти, а посебно страста по злато и пари, зрачат од култот на златното теле, кој како да е обновен многу одамна, а денес станува појак и помасовен од кога било во историјата на човештвото. Да се има повеќе, за да се господари со сите можни конформизми, а пред се’ со душите на другите луѓе, е императив за многумина во нашиве дни. Мрежата што ја плетат наоколу поклониците на златното теле е мрежата на пропаста инспирирана од самиот нечестив и неговите паднати ангели. Станува с? потешко за моралните луѓе да се извлечат од овие стапици. Денес слободата бара натчовечка борба за да се оствари, борба со самиот себе.