Sunday, 22 October 2017

Денови ли се, денови…

Како на вратот ѓердани

ниски камења студени,

така на плешки денови

легнале та натежнале.

Денови ли се – денови
аргатски маки големи!
Стани си утре порано
Дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси –
ај, пусти да е, пуст да би
остана живот кучешки!
Роди се човек – роб биди
роди се човек – скот умри,
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.
За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!
За себе само р’гај си
за себе маки тргај си –
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,
нижи си синџир железен
околу вратот навезен!