Sunday, 19 October 3845

Декларација на ВМРО од 1927ма

ДЕКЛАРАЦИЈА бр. 172

Во борбата меѓу Македонија и нејзините поробувачи Срби, со крвта на невини луѓе беше регистриран еден нов факт, кој е единствен во историјата на ослободителните национални движења, воопшто и на македонското ослободително движење во целост. На 30 октомври вечерта во градот Штип беа убиени Михаил Гаврилов на 65 годишна возраст, тако на членот на Централниот комитет на Внатрешната македонска револуционерна организација, Иван Михајлов, и неговиот брат – Христо Михајлов, 36 годишен[1]. Обидите на српскиот печат да го префрлат тоа злосторство еднаш на некаква си македонска федеративна фракција, друг пат на самата ВМРО, се така збркани, плитко скроени, криво измислени, да тој атентат е замислен, организиран од самата српска власт и извршен од лица на српската државна служба.

Соопштението, дека било наредено гонење и фаќање на убиците, сигурно предизвикало горчлива иронија кај упатените луѓе и тие се запрашале: „Дали самите убици не се меѓу прогонувачите?“

Убиството на Михаил Гаврилов и неговиот син Христо Михајлов е извршено како одмазда за револуционерните акции на ВМРО; српската власт, немоќна да ги уништи членовите на Централниот комитет, сметала за најлесно да ги убие таткото и братот на едниот од нив.

Ние го познаваме најдобро менталитетот на српските властодршци и на српската шовинистичка интелегенција. Извесно осветлување ќе дадат следните редови:

Уште во почетокот на првата српска окупација во Македонија, зимата 1912 година, Црната рака – истата таа организација, која што го уби кралот Александар Обренович и кралицата Драга, за да го качи на испрсканиот со крв престол Петар Караѓорѓевич и по него син му Александар, сегашниот крал – ги уништи интелигентните Бугари, за да ги заплаши македонските славјани да не се нарекуваат Бугари, туку да се кажуваат како Срби. А пак, за време на Балканската војна, српската армија отепа масовно со митралески оган многу Албанци во Тетовско, со мотив, дека се бунтувале. Примери за српските жестокости преку тоа време има во изветајот на анкетната комисија од Карнегиевата фондација за меѓународен мир – 1914 година. Оправдувањето тогаш беше – состојбата на војна!

Од склучувањето на мирот по светската војна (1919 г.) српската власт го продолжи системот на терор во Македонија. Апсени и тепани беа Македонци, затоа што не ги праќале децата во српските училишта или затоа што не гласале за официјалните кандидати при изборите за парламентот.

Убивани од заседа беа Македонци, затоа што биле откриени, дека се членови на ВМРО.

Има исчезнати Македонци без трага, затоа што биле сомнителни во пропагандата против српскиот режим.

Има групно отепани Македонци, затоа што не знаеле да кажат каде се „комитаџиите“ – како што е со 29-те жители на с. Гарван, Радовишко, март 1923 г.

Има и опожарувани куќи и цели села, затоа што таму се криеле македонските револуционери.

Но да се убијат предомислено – организирано од власта – Македонци, мирни, лојални, обезоружани граѓани, само затоа што се роднини на македонски револуционери, тоа е најновото во курсот на српската терористичка политика.

Владата на кралот Александар Караѓорѓевич ја надмина владата на Абдул Хамид, кој беше жигосан од големи трибуни на европската демократија, како Жорес, Пресансе и др. со прекарот црвениот султан!

Владата на црвениот султан ги апсеше, измачуваше и осудуваше на заточение и смрт, заробените македонски револуционери во конспиурација.

Владата на црвениот султан ги следеше, апсеше и тепаше роднините на македонските револуционери, за да кажат каде се, – но не ги убиваше, само затоа што се роднини на членови на Централниот комитет, на војводи или четници.

Владата на црвениот султан нареди да биде изгорена куќата на Тодор Александров, – стариот македонски вожд и бивш член на Централниот комитет – но не посегна на мајка му, неговите сестри и неговите мирни роднини.

Владата на Абдул Хамид гореше цели села, турските башибозуци вршеа и клања, но преку цело време на масовни востанија или непосредно по возбудувањето од некој голем настан; но тоа се оправдуваше пред светот, дека се прави од неодговорни фанатизирани толпи во моментот на возбудата и тоа спрема кого и да им се падне – борба на освојувачи спрема непокорни завојувани; – органите на црвениот султан, меѓутоа, не посегнаа на поединечни лица без суд, макар и привиден.

Владата на кралот Александар Караѓорѓевич ја надмина владата на црвениот султан: таа самата организира убиства над мирни граѓани, во ништо неосомничени, без истрага, без суд, само затоа што се роднини на македонски револуционери!

Големата француска револуција со декларацијата за правата на човекот и гртаѓанинот го призна правото на народот да востанува против тиранската власт. Резолуциите во Германија, Австрија, Унгарија, Италија и др. во 19-от век тоа право на народите го инагоуираа. Ослободителните борби на балканските народи во истиот век беа оправдани и потпомагани од владите на европските држави, дури и од таа на автократска Русија. ВМРО, т.е. боречка Македонија – оди по истиот пат.

Акциите на ВМРО имаат секогаш длабока политичка смисла и се продукт од незадржливиот стремеж кон слободата. ВМРО не е држава – таа се бори, за да создаде држава од Македонија, автономна или наполно независна, ако и седаде можност, но се води од своите закони и по општоприфатливиот морал. Таа е во своето право да го смета секој дошлак од Србија во Македонија за непријател и да го уништува, но не го прави тоа. ВМРО дигна големо масовно востание, какво што беше Илинденското од 1903 година, но со специјална наредба се забрануваше посегнувањето врз животот на невиното турско население. И ако понекогаш се случува да гинат и невини луѓе во виорот на борбата, тоа не е во методите на ВМРО, туку затоа што било неизбежно и таа најмногу жали за тоа. ВМРО нема редовна војска со сите родови на модерно оружје и жандармерија; таа нема јавни судови, – и покрај тоа таа ги почитува своиоте закони и почитува заповедите на човечката совест при борбата со српската државна власт.

Со организирањето на убиство во Штип, српската држава ги задуши своите закони, го задуши и општочовечкиот морал. Српската власт сака да не убеди, дека незаконието и лагата се раководните принципи на човештвото. Македонското ослободително движење преку својата крајна победа ќе докаже, колку српската власт се мами.

Централниот комитет на ВМРО, кога го изнесува тоа пред светската совест, изјавува, дека го прифаќа гестот од најновиот курс на српската терористичка политика и го прифаќа цивилизираното човештво за судија меѓу поробувачите на Македонија и нас, во нашата нерамноправна борба за слобода и самоуправување.

Централен комитет на
Внатрешната македонска револуционерна организација
А. Протогеров, И. Михајлов, Г. П. Христов

1. Убиството се случува на 30 октомври 1927 година, околу осум часот навечер, на мостот на реката Отиња, непосредно до Ново-село, Штипско, на враќање од градот.