Дали шареното турбе криело богатство

Пишува Данило Коцевски – Шареното турбе при Алаџа џамијата во Скопје е едно од најубавите, не само на нашите простори туку и пошироко, во рамките на поранешното Османлиско Царство. Постојат факти кои се малку познати, а уште помалку е познато дека поблиската околина во која се наоѓа турбето е многу значајна за историјата на Скопје во првата половина на 15 век, но и подоцна. Тука се оформувало едно од главните урбани јадра на градот, со оглед на тоа дека Исхак-бег бил моќен заповедник на војската и краишки управител, лично протежиран од султанот во Цариград.

Нашите специјалисти за овој период, вака ја имаат опишано богатата архитектоника на турбето, кое како да е резбано во камен, и поседува ретка естетика која ја сочинуваат фајансови плочки. Тие откриваат богата декорација од бои и форми во вид на розети и шестокраки ѕвезди: “Покрај Алаџа џамија се наоѓа едно турбе кое претставува убав архитектонски споменик. Од типот е на затворените турбиња со купола. Шестострано е, градено прецизно од добро обработен камен… Поседува и извонредна фајансна декорација. Преовладуваат сината и зелената боја, и тоа светлосина и тиркизнозелена… По оштетувањето во земјотресот од 1963 година на турбето е извршена целосна реконструкција. Треба да нагласиме дека фајансната декорација била реконструирана во 1972 година со керамички плочки кои, според дадените примероци, биле изработени во конзерваторската лабораторија во Варшава. На одделни места на турбето се зачувани автентичните фајансни плочки” (Л.Б. Кумбараџи).
Посебно е интересен податокот дека не е познато кој е погребан во турбето. Исхак- бег почива во турбето под Саат-кулата, кое неодамна беше реконструирано. Но загатката не ги остава истражувачите на мир. За кого е градено така убаво и раскошно турбе? Дали за синовите на бегот? И тоа не е сигурно. Според документите, Исхак-бег имал тројца синови – Мустафа, Иса, и Паша-бег. Евлија Челебија претпоставувал дека во него е закопан Паша-бег, познат како Дели-бег. Но и тоа не е сигурно. Љубителите на возбудливите приказни и на малку познатите факти велат дека во турбето е погребан никој друг туку благајникот или хазнадарот, моќниот човек што ги водел финансиите и го чувал богатството на Исхак-бег. Но и тука приказната повторно се заплеткува. Скопскиот бег имал двајца хазнадари, верни чувари на богатството. Едниот бил од тетовската вакуфија по име Хаџи-Кемал, син на Абдула, а другиот Чери баши Мехмед Јусуф. Кој од нив двајцата бил погребан во турбето? Не се знае.
Токму поради богатството и хазнадарите, се раскажуваат најразлични легенди и приказни меѓу народот, дека турбето криело големо азно, и оти често низ годините, било кршено и оштетувано. Но легендите си се легенди, и тие не мора да ја кажуваат вистината. Исто како и приказните, тие само ја разгоруваат фантазијата. Се разбира, тоа се само претпоставки. Сепак, упорните љубители на таквите приказни ќе речат: А што ако во сето тоа има вистина? Во Првата светска војна, во 1915 година турбето доживеало необично оштетување. Еден германски офицер зел сe што му се бендисало, а со себе ја однел и камената плоча со натписот на турбето. Така се изгубила секаква трага што пишувало и кој бил внатре погребан.
Околината на турбето била многу богата со објекти и со артефакти, и таа директно е поврзана и со овој објект и со Исхак-бег. Ќе наведеме само некои кои се помалку познати. Тоа скопско маало се нарекувало и маало на беговит”, бидејќи “тука сигурно се наоѓале дворците и сараите на краишкиот војвода Исхак-бег, како и на неговите наследници”. Имало раскошни куќи и бројни верски објекти. Околу турбето се наоѓала една од најпознатите тогашни медреси, не само во Скопје туку и во Османлиското Царство. На неа предавале познати професори, кои станале прочуени во целиот свет. Исак Челебија бил професор и скопски поет, кој ја напишал една од најубавите песни за Скопје, под наслов “Шехренгиз” (Тајната на градот). Професор бил и прочуениот Ибн Кемал, автор на “Историјата на Османовата династија”, како и Ахмед Ефенди, наречен османски енциклопедист.
Во поблиската или подалечната околина на турбето се наоѓале, а и денес се наоѓаат конаците и куќите на некои од потомците на Исхак-бег, особено на познатото семејство Кумбараџи. Тоа зад себе има богата традиција. Да споменеме само некои од еминентните претставници: Емин-бег Јашар, Екрем-бег, Кемал и Осман-бег, Ќамил и Рефик-бег, и др. Маалото Големите куќи се простирало од двете страни на реката Серава. Некои личности од ова семејство се спомнуваат и во натписот на скопскиот Безистен во Старата скопска чаршија, како негови обновувачи од крајот на 19 век.
Во последно време постои тенденција за реставрација на некои од најрепрезентативните турбиња во Скопје. Едно од најубавите – шареното турбе, очигледно, веќе е разјадено од забот на времето, а на некои негови делови потребна им е темелна реставрација. Само така може да се зачува овој вреден архитектонски објект и споменик од првата половина на 15 век. Посебно што со него се поврзани многу загатки и тајни, многу интересни личности, приказни и настани.

Leave a Reply